Вечен живот на Земјата — повторно откриена надеж
Вечен живот на Земјата — повторно откриена надеж
„Ти, Даниеле, затвори ги овие зборови... до времето на крајот! Многумина ќе пребаруваат, и вистинското знаење ќе се умножи“ (ДАН. 12:4)
1, 2. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?
МИЛИОНИ луѓе денес јасно го разбираат она што Библијата го вели во врска со надежта за вечен живот во Рај на Земјата (Отк. 7:9, 17). Уште во почетокот на човечката историја, Бог открил дека човекот не бил создаден да живее само неколку години и да умре, туку да живее вечно (1. Мој. 1:26-28).
2 Меѓу другото, Израелците верувале дека еден ден луѓето повторно ќе бидат совршени како што бил Адам пред да згреши. И во Христијанските грчки списи е објаснето на кој начин Бог ќе им овозможи на луѓето да живеат вечно во Рајот на Земјата. Тогаш, зошто оваа надеж требало да биде повторно откриена? Како излегла на видело, и како им била објавена на милиони луѓе?
Надежта била скриена
3. Зошто не нѐ изненадува тоа што надежта за вечен живот на Земјата била скриена?
3 Исус прорекол дека лажни пророци ќе ги искриват неговите учења и дека повеќето луѓе ќе бидат заведени (Мат. 24:11). Апостол Петар ги предупредил христијаните: „Меѓу вас ќе има лажни учители“ (2. Пет. 2:1). Апостол Павле напишал дека „ќе дојде време кога луѓето нема да го поднесуваат здравото учење, туку, според своите желби, ќе си насоберат учители, кои ќе им го зборуваат она што им годи на ушите“ (2. Тим. 4:3, 4). Сатана е тој што ги заведува луѓето и што го користи отпадничкото христијанство за да ја скрие прекрасната вистина за Божјата намера со човекот и со Земјата. (Прочитај 2. Коринќаните 4:3, 4.)
4. Која надеж ја отфрлиле отпадничките верски водачи?
4 Библијата објаснува дека Божјето Царство е небесна влада која ќе ги сотре и ќе ги уништи сите човечки влади (Дан. 2:44). Во текот на Христовото илјадагодишно владеење, Сатана ќе биде затворен во бездна, мртвите ќе воскреснат, а луѓето на Земјата ќе бидат доведени до совршенство (Отк. 20:1-3, 6, 12; 21:1-4). Но, отпадничките верски водачи на христијанскиот свет прифатиле други идеи. На пример, Ориген од Александрија, црковен отец кој живеел во 3 век од н.е., ги осудил оние што верувале дека илјадагодишното царство ќе донесе благослови на Земјата. Католичкиот теолог Августин од Хипон (354-430 год. од н.е.) „ја поддржувал идејата дека нема да има никакво илјадагодишно царство“, вели една енциклопедија (The Catholic Encyclopedia). *
5, 6. Зошто Ориген и Августин се противеле на учењето дека Божјето Царство ќе владее илјада години со дословен Рај на Земјата?
5 Зошто Ориген и Августин биле против учењето дека Божјето Царство ќе владее илјада години над дословен Рај на Земјата? Ориген му бил ученик на Клемент од Александрија, кој ја презел идејата за бесмртна душа од грчките преданија. Бидејќи бил под силно влијание на Платоновата идеја за душата и за нејзината судбина, Ориген „ја вметнал во христијанските учења“, вели теологот Вернер Јегер. Како резултат на ова, почнал да поучува дека благословите од илјадагодишното Царство нема да се излеат на Земјата, туку на небото.
6 Пред да се преобрати во „христијанството“, на возраст од 33 години, Августин бил неоплатонист — следбеник на една гранка на Платоновата филозофија која ја развил Плотин во 3 век. Иако Августин се преобратил, неговите убедувања останале неоплатонистички. „Тој одиграл клучна улога во спојувањето на учењата од Новиот завет и Платоновите идеи земени од грчката филозофија“, се вели во една енциклопедија (The New Encyclopædia Britannica). Августин дал „алегорично толкување“ на илјадагодишното владеење кое е опишано во Откровение 20. поглавје, вели една друга енциклопедија (The Catholic Encyclopedia). А потоа додава: „Ова толкување... го прифатиле следните генерации теолози на Западот, и повеќе не ја поддржувале првобитната идеја за илјадагодишно царување над Земјата“.
7. Со кое лажно верување била поткопана надежта за вечен живот на Земјата, и како?
7 Значи, надежта на луѓето за вечен живот на Земјата била поткопана од една идеја што постоела уште во древниот Вавилон и оттаму се раширила низ целиот свет — дека човекот има бесмртна душа или дух што само привремено престојува во тело од крв и месо. Кога христијанскиот свет ја прифатил таа идеја, теолозите го извртеле Светото писмо за да изгледа дека стиховите што зборуваат за небесна надеж учат дека сите добри луѓе одат на небото. Според ова гледиште, човекот живее на Земјата само привремено за да се види дали е достоен да живее на небото. Речиси истото се случило и со првобитната надеж за вечен живот на Земјата што ја имале Евреите. Тие постепено ја прифатиле грчката идеја за бесмртност на душата, и нивната надеж за живот на Земјата постепено избледела. Колкава разлика од начинот на кој е опишан човекот во Библијата! Човекот е материјално суштество, а не дух. Јехова му рекол на првиот човек: „[Ти] си прав“ (1. Мој. 3:19). Земјата, а не небото, е вечен дом на човекот. (Прочитај Псалм 104:5; 115:16.)
Вистината блеснува во мракот
8. Што кажале некои изучувачи од 17 век во врска со надежта на човекот?
8 Иако повеќето религии што тврдат дека се христијански не поучуваат дека човекот ќе живее вечно на Земјата, Сатана не успеал потполно да ја скрие вистината. Низ вековите, некои внимателни читатели на Библијата виделе блесоци на светлина кога успеале донекаде да разберат како Бог ќе им го врати совршенството на луѓето (Пс. 97:11; Мат. 7:13, 14; 13:37-39). До 17 век, Библијата станала подостапна за луѓето благодарение на преводите и на печатењето. Во 1651 год., еден изучувач напишал дека, како што преку Адам луѓето „го изгубиле Рајот и вечниот живот на Земјата“, така преку Христос „сите луѓе ќе оживеат на Земјата; зашто, во спротивно, споредбата [меѓу нив двајца] би била бесмислена“. (Прочитај 1. Коринќаните 15:21, 22.) Еден од најпознатите англиски поети, Џон Милтон (1608-1674), го напишал делото Изгубениот рај и неговото продолжение Обновениот рај. Во двете свои дела, тој зборува за наградата што верните ќе ја добијат во Рајот на Земјата. Иако поголемиот дел од својот живот го проучувал Светото писмо, сфатил дека вистината од Библијата нема потполно да се разјасни сѐ до присутноста на Христос.
9, 10. а) Што напишал Исак Њутн во врска со надежта на луѓето? б) Зошто на Њутн му се чинело дека Христовата присутност е во далечна иднина?
9 Познатиот математичар Исак Њутн (1642-1727) исто така многу се интересирал за Библијата. Тој сфатил дека светите ќе бидат воскреснати на небото и ќе владеат невидливо со Христос (Отк. 5:9, 10). А во врска со поданиците на Царството, тој напишал: „Смртниците и понатаму ќе останат да живеат на Земјата по денот на судот, и тоа не само 1.000 години туку вечно“.
10 Њутн сметал дека Христовата присутност е многу далеку. „Меѓу другото, за него Божјето Царство било толку далеку во иднина затоа што бил многу разочаран кога гледал дека учењето за тројството, за кое поучувале отпадниците, било толку раширено и утврдено“, напишал историчарот Стивен Сноубелен. Добрата вест сѐ уште била покриена. А Њутн не видел дека постои некоја христијанска група што можела да ја проповеда. Тој напишал: „Овие пророштва на Даниел и на Јован [второто е запишано во книгата Откровение] нема да бидат разбрани сѐ до времето на крајот“. Њутн објаснил: „Даниел рекол: ‚Многумина ќе пребаруваат, и вистинското знаење ќе се умножи‘. Добрата вест мора да им се проповеда на сите народи пред да дојде големата неволја и крајот на светот. Мноштвото луѓе со палмини гранки во рацете, кои излегуваат од оваа голема неволја, не можат да бидат толку многу и да потекнуваат од сите народи, ако не се проповеда добрата вест пред да дојде крајот“ (Дан. 12:4; Мат. 24:14; Отк. 7:9, 10).
11. Зошто надежта на човештвото останала скриена за повеќето луѓе од времето на Милтон и Њутн?
11 Во времето на Милтон и на Њутн било опасно да се застапуваат идеи спротивни на официјалното учење на Црквата. Затоа, поголемиот дел од нивните дела кои биле резултат на истражувањето на Библијата биле издадени дури по нивната смрт. Реформаторското движење во 16 век не успеало да внесе промени во учењето за бесмртност на душата, и главните протестантски цркви продолжиле да поучуваат за идејата на Августин дека илјадагодишното царство е минато, а не иднина. Дали знаењето се умножило во времето на крајот?
„Вистинското знаење ќе се умножи“
12. Кога требало да се умножи вистинското знаење?
12 Што се однесува до „времето на крајот“, Даниел прорекол нешто многу убаво. (Прочитај Даниел 12:3, 4, 9, 10.) „Тогаш праведниците ќе светат како сонце“, рекол Исус (Мат. 13:43). Како се умножило вистинското знаење во времето на крајот? Да разгледаме неколку значајни настани што се случиле во децениите пред да започне времето на крајот, во 1914 година.
13. Што напишал Чарлс Тејз Расел откако го разгледал прашањето за повторно враќање кон совршенство?
13 Кон крајот на 19 век, многу искрени лица имале горлива желба да ги разберат „здравите зборови“ (2. Тим. 1:13). Еден од нив бил и Чарлс Тејз Расел. Во 1870 год., тој и неколку други трагачи по вистината основале една група за проучување на Библијата. Во 1872 год., го разгледале прашањето за повторното враќање на човекот во состојбата на совршенство што ја имал Адам. Подоцна, Расел напишал: „Сѐ дотогаш немавме сфатено дека има голема разлика помеѓу наградата што ќе ја добие црквата [собранието од помазаници], која сега е ставена на испит, и наградата на верните луѓе од светот“. Вториве ќе бидат „наградени со човечко совршенство, кое во почетокот, во градината Еден, го имал Адам, нивниот зачетник и поглавар“. Расел признал дека во неговото проучување на Библијата му помогнале и други лица. Кои биле тие?
14. а) Како Хенри Дан го разбрал Дела 3:21? б) Според Дан, кој ќе живее вечно на Земјата?
14 Еден од нив бил Хенри Дан. Тој пишувал за ‚времињата кога ќе се обнови сето она за кое Бог зборувал преку своите свети пророци од старо време‘ (Дела 3:21). Дан знаел дека во оваа обнова било вклучено и повторното враќање на совршенството кај луѓето, кое требало да се постигне на Земјата во текот на Христовото илјадагодишно владеење. Исто така, го истражил прашањето што си го поставувале многумина: Кој ќе живее вечно на Земјата? Тој објаснил дека милиони ќе бидат воскреснати, ќе бидат поучени за вистината и ќе имаат можност да покажат вера во Христос.
15. Што сфатил Џорџ Сторс во врска со воскресението?
15 Во 1870 год., и Џорџ Сторс дошол до истиот заклучок — дека неправедните ќе бидат воскреснати и ќе им се даде можност да живеат вечно. Освен тоа, на темел на Библијата, сфатил дека оној што ќе воскресне, а нема да ја искористи оваа можност, „ќе умре, дури и тој ‚грешник да има сто години‘“ (Иса. 65:20). Сторс живеел во Бруклин, Њујорк, и го издавал списанието со наслов Истражувач на Библијата (Bible Examiner).
16. По што се разликувале Истражувачите на Библијата од христијанскиот свет?
16 Расел разбрал од Библијата дека е дојдено времето насекаде да се објави добрата вест. Затоа, во 1879 год., почнал да го издава списанието Сионска Стражарска кула и гласник на Христовата присутност, сега познато како Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство. Пред тоа, вистинската надеж за луѓето ја знаеле само малкумина, но тогаш цели групи од Истражувачи на Библијата во многу земји ја добивале и ја проучувале Стражарска кула. Овие Истражувачи на Библијата се разликувале од повеќето религии во христијанскиот свет токму по верувањето дека само малкумина ќе одат на небото, додека милиони ќе живеат како совршени луѓе на Земјата.
17. Како се умножило вистинското знаење?
17 Во 1914 год., започна прореченото ‚време на крајот‘. Дали вистинското знаење во врска со надежта на луѓето се умножи? (Дан. 12:4). До 1913 год., проповедите на Расел беа печатени во 2.000 весници кои ги читаа вкупно 15.000.000 луѓе. До крајот на 1914 год., над 9 милиони луѓе на три континенти ја гледаа „Фотодрамата за создавањето“ — програма која содржеше филм и дијапозитиви што го објаснуваа Христовото илјадагодишно владеење. Од 1918 год. до 1925 год., говорот со наслов „Милиони што живеат сега нема никогаш да умрат“, во кој беше објаснета надежта за вечен живот на Земјата, беше одржан од Јеховините слуги на повеќе од 30 јазици во многу делови од светот. Во 1934 год., Јеховините сведоци сфатија и дека оние што имаат надеж да живеат вечно на Земјата треба да се крстат. Ова разбирање ги поттикна со уште поголем жар да ја проповедаат добрата вест за Царството. Денес, надежта за вечен живот на Земјата ги исполнува срцата на милиони луѓе со благодарност кон Јехова.
Ни претстои ‚славна слобода‘!
18, 19. Каков живот нѐ очекува според пророштвото во Исаија 65:21-25?
18 Пророкот Исаија, под водство на светиот дух, пишувал за животот во кој ќе ужива Божјиот народ на Земјата. (Прочитај Исаија 65:21-25.) Некои дрвја што постоеле пред 2.700 години, кога Исаија ги напишал овие зборови, очигледно се живи до ден-денес. Можеш ли да си замислиш да живееш толку долго и да бидеш полн со сила и здрав како дрен?
19 Наместо да биде само кратка прошетка од лулката до гробот, тогашниот живот ќе ни понуди бескрајни можности да градиме, да садиме и да учиме. Помисли само какви пријателства ќе можеш да склопиш! Тие трајни врски полни со љубов ќе се зацврстуваат низ сета вечност. Тогаш „Божјите деца“ на Земјата навистина ќе се радуваат на ‚славна слобода‘! (Рим. 8:21).
[Фуснота]
^ Августин тврдел дека илјадагодишното владеење на Божјето Царство не е во иднина, туку дека тие илјада години почнале кога била основана црквата.
Можеш ли да објасниш?
• Како била скриена надежта на луѓето за вечен живот на Земјата?
• Какво разбирање стекнале некои читатели на Библијата во 17 век?
• На кој начин постепено станувала јасна вистинската надеж на луѓето како што се приближувала 1914 год.?
• Како се умножило знаењето за надежта за живот на Земјата?
[Прашања]
[Слики на страница 13]
Поетот Џон Милтон (лево) и математичарот Исак Њутн (десно) знаеле за надежта за вечен живот на Земјата
[Слики на страница 15]
Првите Истражувачи на Библијата откриле од Светото писмо дека е време да се објави низ целиот свет вистинската надеж за луѓето