„Вие сте мои пријатели“
„Вие сте мои пријатели“
„Вие сте мои пријатели ако го правите она што ви го заповедам“ (ЈОВАН 15:14)
1, 2. а) Какви разлики постоеле меѓу пријателите на Исус? б) Зошто е многу важно да бидеме пријатели со Исус?
МАЖИТЕ што седеле во една горна соба заедно со Исус многу се разликувале еден од друг. Браќата Петар и Андреј биле рибари. Матеј порано бил даночник — професија што Евреите ја презирале. Други, пак, како Јаков и Јован, веројатно се знаеле со Исус од деца. А некои од нив, на пример, Натанаел, можеби го познавал само три-четири години (Јован 1:43-50). Сепак, сите што биле таму таа значајна пасхална вечер во Ерусалим биле уверени дека Исус е ветениот Месија, Синот на живиот Бог (Јован 6:68, 69). Сигурно многу им значеле неговите зборови: „Ве нарекувам пријатели, бидејќи ви објавив сѐ што чув од мојот Татко“ (Јован 15:15).
2 Овие зборови, кои Исус им ги кажал на своите верни апостоли, во принцип се однесуваат на сите помазани христијани денес и, пошироко, на нивните придружници, ‚другите овци‘ (Јован 10:16). Без разлика кои сме и што сме, можеме да ја имаме честа да бидеме пријатели на Исус. Многу е важно да бидеме негови пријатели бидејќи така ќе му бидеме пријатели и на Јехова. Всушност, невозможно е да се зближиме со Јехова ако прво не станеме блиски со Христос. (Прочитај Јован 14:6, 21.) Тогаш, што мора да правиме за да станеме и да останеме пријатели на Исус? Пред да го разгледаме одговорот на ова важно прашање, да го разгледаме примерот на Исус кој на дело покажал што значи да се биде добар пријател. Освен тоа, ќе видиме и што можеме да научиме од начинот на кој неговото пријателство влијаело врз неговите ученици.
Исус — пример за добар пријател
3. По што бил познат Исус?
3 „Богаташот има многу пријатели“, напишал мудриот цар Соломон (Изр. 14:20). Во оваа изјава, со неколку збора е опишана склоноста на несовршените луѓе да склопуваат пријателства со лица од кои можат да добијат нешто наместо со лица на кои самите можат да им даваат. Исус немал таква слабост. Врз него немале никакво влијание богатството или општествената положба на поединците. Точно, тој почувствувал наклоност кон еден богат млад поглавар и го повикал да појде по него. Но, му рекол дека, пред тоа, треба да продаде сѐ што има и парите да им ги раздаде на сиромасите (Мар. 10:17-22; Лука 18:18, 23). Исус не бил познат како човек што се дружи со богати и угледни луѓе, туку како пријател на понизните и презрените (Мат. 11:19).
4. Зошто може да се каже дека пријателите на Исус не биле совршени?
4 Се разбира, пријателите на Исус не биле совршени. Петар не гледал секогаш на работите од Божја гледна точка (Мат. 16:21-23). Јаков и Јован покажале дека се амбициозни кога побарале од Исус да им даде висока положба во своето Царство. Тоа ги налутило другите апостоли, а прашањето за тоа кој треба да биде поголем останало да тлее. Сепак, Исус стрпливо се обидел да го исправи размислувањето на своите пријатели и не им се лутел брзо (Мат. 20:20-28).
5, 6. а) Зошто Исус останал пријател со повеќето свои апостоли? б) Зошто Исус му ставил крај на пријателството со Јуда?
5 Исус не останал пријател со овие несовршени луѓе затоа што бил премногу попустлив или слеп за нивните слабости. Мат. 26:41).
Наместо тоа, тој бил решен да ги гледа нивните добри намери и убавите особини. На пример, Петар, Јаков и Јован заспале наместо да му дадат поддршка на Исус кога минувал низ најтешките мигови од својот живот. Тој со право бил разочаран од нив. Но, и покрај тоа, признал дека имале добри мотиви кога рекол: „Духот, навистина, е спремен, но телото е слабо“ (6 Меѓутоа, Исус му ставил крај на своето пријателство со Јуда Искариот. Иако навидум Јуда му бил пријател на Исус, Исус увидел дека овој порано близок пријател дозволил да му се расипе срцето. Бидејќи му станал пријател на светот, Јуда му станал непријател на Бог (Јак. 4:4). Затоа, Исус веќе го имал отпуштено пред да им каже на останатите 11 верни апостоли дека ги смета за свои пријатели (Јован 13:21-35).
7, 8. Како Исус покажал дека ги сака своите пријатели?
7 Исус гледал зад грешките на своите верни пријатели и го правел она што е најдобро за нив. На пример, го молел својот Татко да ги заштити во неволјите што ги очекувале. (Прочитај Јован 17:11.) Покажал обѕир кон нивните физички ограничувања (Мар. 6:30-32). И, не сакал само да им каже што тој мисли, туку сакал и да слуша и да разбере што мислат и што чувствуваат тие (Мат. 16:13-16; 17:24-26).
8 Исус живеел и умрел за своите пријатели. Точно, знаел дека мора да го принесе својот живот за да го задоволи законското мерило за правда кое го поставил неговиот Татко (Мат. 26:27, 28; Евр. 9:22, 28). Но, го дал својот живот за да ја покаже својата љубов. Тој рекол: „Никој нема поголема љубов од оваа: да го даде својот живот за своите пријатели“ (Јован 15:13).
Како влијаело пријателството на Исус врз неговите ученици?
9, 10. Како реагирале луѓето на великодушноста на Исус?
9 Исус великодушно го давал своето време, љубов и материјални средства. Како резултат на тоа, луѓето биле привлечени кон него и со радост му возвраќале (Лука 8:1-3). Од лично искуство, Исус можел да каже: „Давајте, и ќе ви се даде. Ќе ви сипат во скутот добра мера, набиена, натресена и преполна. Зашто, со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери“ (Лука 6:38).
10 Се разбира, некои сакале да се дружат со Исус само за да добијат нешто од него. Овие лажни пријатели го оставиле кога не разбрале што сакал да каже во една прилика. Наместо да покажат доверба во него, тие брзо дошле до погрешен заклучок и му го свртеле грбот. За разлика од нив, апостолите биле лојални. Нивното пријателство со Христос честопати било ставено на испит, но тие дале сѐ од себе за да бидат со него и во добро и во зло. (Прочитај Јован 6:26, 56, 60, 66-68.) Во текот на последната ноќ што ја поминал како човек на Земјата, Исус покажал колку многу ги цени своите пријатели кога рекол: „Вие останавте со мене во моите искушенија“ (Лука 22:28).
11, 12. Во што ги уверил Исус своите ученици, и што направиле тие?
11 Набрзо откако Исус ги пофалил своите ученици за нивната лојалност, истите овие луѓе го оставиле. За кратко, дозволиле стравот од човек да биде посилен од нивната љубов кон Христос. Исус повторно им простил. Откако умрел и воскреснал, тој им се појавил и ги уверил дека сѐ уште им е пријател. Освен тоа, им доверил една света задача — да им помагаат на „луѓето од сите народи“ да станат негови ученици и да сведочат за него „сѐ до крајот на земјата“ (Мат. 28:19; Дела 1:8). Што направиле учениците?
12 Тие со сета душа и срце се посветиле на ширењето на пораката за Царството. Со помошта од Јеховиниот свет дух, набрзо го наполниле Ерусалим со своето учење (Дела 5:27-29). Ниту заканата со смрт не можела да ги спречи да ѝ бидат послушни на Исусовата заповед да ги поучуваат луѓето. За само неколку децении откако ја добиле оваа задача од Исус, апостол Павле можел да напише дека добрата вест се проповеда „меѓу сите суштества под небото“ (Кол. 1:23). Овие ученици докажале дека пријателството со Исус навистина многу им значело!
13. Во кој поглед учениците на Исус дозволиле неговите учења да влијаат врз нив?
13 Оние што станале ученици дозволиле поуките на Исус да влијаат и врз нивниот личен живот. Мнозина од нив морале да направат големи промени во својот карактер и однесување. Некои од новите ученици пред тоа биле хомосексуалци, прељубници, пијаници или крадци (1. Кор. 6:9-11). Други морале да го сменат својот став кон луѓето од другите народи (Дела 10:25-28). Сепак, му биле послушни на Исус. Ја соблекле старата личност и ја облекле новата (Еф. 4:20-24). Го запознале „Христовиот ум“, односно сфатиле како размислува тој, и почнале и самите да размислуваат и да постапуваат како него (1. Кор. 2:16).
Пријатели на Христос денес
14. Што ветил Исус дека ќе направи во текот на „свршетокот на овој поредок“?
14 Мнозина од христијаните во првиот век лично го познавале Исус или, пак, го виделе откако воскреснал. Но, ние ја немаме таа чест. Тогаш, како можеме да му бидеме пријатели на Христос? Еден начин е така што ќе бидеме послушни на упатствата од верниот и разборит роб, кој го сочинуваат помазаните браќа на Исус што сѐ уште живеат на Земјата. Исус ветил дека, во текот на „свршетокот на овој поредок“, ќе го постави овој роб „над целиот свој имот“ (Мат. 24:3, 45-47). Денес, повеќето од оние што сакаат да бидат пријатели со Христос не спаѓаат во „верниот и разборит роб“. Како нивната реакција на упатствата што ги добиваат од верниот роб влијае врз нивното пријателство со Христос?
15. По што се одредува дали некој ќе биде овца или јарец?
15Прочитај Матеј 25:31-40. Исус ги нарекол членовите на верниот роб свои браќа. Во споредбата за одвојувањето на овците од јарците, тој јасно кажувал дека сѐ што им се прави на неговите браќа исто како да му се прави нему. Всушност, Исус рекол дека пресуден фактор по кој ќе се одреди дали некој е овца или јарец ќе биде начинот на кој тоа лице постапувало макар и со ‚еден од неговите најмали браќа‘. Според тоа, оние што имаат надеж дека ќе живеат на Земјата покажуваат дека сакаат да му бидат пријатели на Христос главно со тоа што го поддржуваат верниот роб.
16, 17. Како ќе покажеме дека сме им пријатели на Христовите браќа?
16 Ако имаш надеж дека ќе живееш на Земјата под Божјето Царство, како ќе покажеш дека си им пријател на Христовите браќа? Да разгледаме само три начини. Прво, така што со сета душа ќе учествуваш во проповедничкото дело. Христос им заповедал на своите браќа да ја проповедаат добрата вест низ целиот свет (Мат. 24:14). Сепак, за преостанатите Христови браќа на Земјата денес би било многу тешко да ја исполнат таа задача без помошта од своите придружници, другите овци. Всушност, секогаш кога некој од другите овци учествува во проповедањето, им помага на Христовите браќа да ја исполнат својата света задача. Верниот и разборит роб, а и Христос, навистина многу го ценат овој доказ за пријателство.
17 Втор начин на кој другите овци им помагаат на Христовите браќа е тоа што го поддржуваат проповедничкото дело со материјални прилози. Исус ги охрабрил своите следбеници да си стекнат пријатели со „неправедното богатство“ (Лука 16:9). Ова во никој случај не значи дека можеме да го купиме пријателството на Исус или на Јехова. Напротив, со тоа што ќе ги користиме своите материјални средства за да ги поддржуваме активностите поврзани со Јеховиното Царство и христијанското собрание ќе им докажеме дека сме им пријатели и дека ги сакаме, не само со збор туку и „со дела и со вистина“ (1. Јов. 3:16-18). Ваква финансиска помош даваме кога на свој трошок учествуваме во проповедањето, кога даваме парични прилози за изградба и одржување на објектите каде што се состануваме, како и кога даваме прилози за меѓународното дело. Сеедно дали е тоа малку или многу, и Јехова и Исус сигурно многу го ценат нашето радосно давање (2. Кор. 9:7).
18. Зошто треба послушно да ги следиме библиските упатства што ни ги даваат собраниските старешини?
18 Трет начин на кој сите покажуваме дека сме му пријатели на Христос е така што соработуваме со собраниските старешини кога тие ни даваат одредени упатства. Овие мажи се именувани од светиот дух под водство на Христос (Еф. 5:23). „Бидете им послушни на оние што ве предводат и бидете им подложни“, напишал апостол Павле (Евр. 13:17). Понекогаш не ни е лесно да ги слушаме библиските упатства што ни ги даваат старешините од нашето собрание. Веројатно сме свесни за нивните слабости, и поради тоа можеби нема да имаме исправен став кон нивниот совет. Сепак, Христос, Главата на собранието, сака да ги користи овие несовршени луѓе. Според тоа, начинот на кој реагираме на нивниот авторитет директно влијае врз нашето пријателство со Христос. Кога преминуваме преку грешките на старешините и радосно ги следиме нивните упатства, докажуваме дека го сакаме Христос.
Каде може да најдеме добри пријатели
19, 20. Што може да најдеме во собранието, и што ќе разгледаме во следната статија?
19 Исус и понатаму се грижи за нас, не само со тоа што ни поставил љубезни пастири за да нѐ надгледуваат туку и со тоа што ни дал духовни мајки и браќа и сестри во собранието. (Прочитај Марко 10:29, 30.) Како реагираа твоите роднини кога почна да се дружиш со Јеховините сведоци? Се надеваме дека немаа ништо против тоа што се трудеше да се зближиш со Бог и со Христос. Но, Исус предупредил дека некогаш „непријатели на човекот ќе му бидат неговите домашни“ (Мат. 10:36). Колку е утешно што знаеме дека во собранието можеме да најдеме лица што ќе ни бидат поприврзани и од телесен брат! (Изр. 18:24).
20 Како што се гледа од поздравите што ги праќа во своето писмо до собранието во Рим, Павле стекнал голем број блиски пријатели (Рим. 16:8-16). Апостол Јован го завршил своето трето писмо со следниве зборови: „Поздрави ги пријателите по име“ (3. Јов. 14). Очигледно и тој стекнал многу долгогодишни пријатели. Како може, по примерот на Исус и на неговите први ученици, да станеме и да останеме добри пријатели со нашите духовни браќа и сестри? Во следната статија ќе биде разгледан одговорот на ова прашање.
Како би одговорил?
• Како покажал Исус што значи да се биде добар пријател?
• Како влијаело пријателството на Исус врз неговите ученици?
• Како ќе докажеме дека сме му пријатели на Христос?
[Прашања]
[Слика на страница 14]
Исус сакал да знае што размислуваат и како се чувствуваат неговите пријатели
[Слики на страница 16]
Како ќе покажеме дека сакаме да му бидеме пријатели на Христос?