Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Помогни им на децата да се справат со притисоците

Помогни им на децата да се справат со притисоците

Помогни им на децата да се справат со притисоците

НАШИТЕ млади се наоѓаат под силен притисок. Изложени се на духот на Сатановиот зол свет, а мора да се борат и со „желбите на младоста“ (2. Тим. 2:22; 1. Јов. 5:19). Освен тоа, бидејќи се трудат да се ‚сеќаваат на својот Величествен Творец‘, мораат да се справат и со исмевање, па дури и со напади од страна на оние што се противат на нивните верувања (Проп. 12:1). Сеќавајќи се на времето кога бил младинец, еден брат по име Винсент вели: „Секогаш ќе се најдеше некој да ме исмејува, да ме напаѓа или да сака да се тепа со мене затоа што бев Сведок. Понекогаш притисокот беше толку силен што не сакав да одам на училиште“. *

Освен со притисоците од светот, нашите синови или ќерки веројатно мора да се борат и со сопствената желба да бидат исти како своите врсници. „Не е лесно да бидеш поинаков од другите“, вели Кетлин, една сестра која има 16 години. Еден млад брат по име Ален признава: „Сокласниците честопати ме викаа да одам некаде со нив за викенд, и јас навистина сакав да одам“. Освен тоа, желбата на младите да учествуваат во спортските настани што ги организира училиштето, каде што лесно можат да се најдат во лошо друштво, може да биде силна. „Многу сакам спорт“, вели една млада сестра која се вика Тања. „Тренерите на училиште секогаш сакаа да бидам во нивниот тим. Не беше лесно да ги одбијам.“

Како можеш да им помогнеш на своите деца да се справат со многуте притисоци? Јехова им заповедал на родителите да им дадат водство на своите деца (Изр. 22:6; Еф. 6:4). Целта на побожните родители е да им помогнат на децата да развијат во срцето желба да му бидат послушни на Јехова (Изр. 6:20-23). На тој начин, младите ќе бидат мотивирани да се спротивстават на притисоците од светот, дури и кога родителите не ги гледаат.

За родителите е предизвик да го издржуваат и да се грижат за семејството, а и да учествуваат во собраниските активности — и сето тоа да го прават истовремено. Некои мораат да ги исполнуваат овие одговорности како самохрани родители или додека се соочуваат со противење од сопружникот кој не е Сведок. Сепак, Јехова бара од родителите да одвојат време за да ги поучат и да им помагаат на своите деца. Според тоа, што можеш да сториш за да им помогнеш на своите деца да се спротивстават на притисокот од врсниците, на искушенијата и на исмевањето со кои се соочуваат од ден на ден?

Личен однос со Јехова

Пред сѐ, Јехова мора да им биде реален на нашите млади. Треба да им се помогне да го ‚гледаат Невидливиот‘ (Евр. 11:27). Винсент, кој беше спомнат погоре, се сеќава како родителите му помогнале да стекне личен однос со Јехова. Тој вели: „Ме научија колку е важно да се молам. Се сеќавам дека, уште како многу мал, му се молев на Јехова пред да си легнам. Јехова ми беше реален“. Дали се молиш со своите деца? Зошто не слушаш што му велат на Јехова кога самите се молат? Дали секогаш повторуваат едни исти зборови или, пак, му кажуваат на Јехова што навистина чувствуваат кон него? Ако ги слушаш како се молат, можеби ќе можеш да видиш дали навистина градат личен однос со Бог.

Личното читање на Божјата Реч е уште еден важен начин на кој младите можат да се зближат со Јехова. Кетлин, која беше спомната погоре, вели: „Многу ми помогна тоа што, уште како мала, ја прочитав целата Библија. Тоа ме увери дека, дури и сите да се против мене, Јехова е секогаш со мене“. Дали твоите деца имаат свој личен распоред за читање на Библијата? (Пс. 1:1-3; 77:12).

Точно е дека децата реагираат на различен начин на водството од родителите. Освен тоа, нивниот духовен напредок може да зависи и од нивната возраст. Сепак, без водство, на младите ќе им биде тешко да го запознаат Јехова како реална Личност. Родителите мораат да ги всадат во своите деца Божјите зборови за тие да знаат што мисли Јехова за некоја работа, сеедно каде се наоѓаат (5. Мој. 6:6-9). Твоите деца мора да веруваат дека Јехова се грижи за нив лично.

Како до смисловна комуникација

Комуникацијата е уште еден важен начин на кој можеш да им помогнеш на своите деца. Се разбира, добрата комуникација не значи само ти да зборуваш. Треба и да им поставуваш прашања и стрпливо да ги слушаш кога одговараат — дури и ако кажуваат нешто што не би сакал да го чуеш. „Им поставувам прашања сѐ додека не се уверам дека разбирам како размислуваат и низ што минуваат во животот“, вели Ен, мајка на два сина. Дали твоите деца имаат чувство дека навистина ги слушаш кога ти зборуваат? Тања, која беше цитирана погоре, вели: „Мајка ми и татко ми навистина ме слушаа и не ги забораваа нашите разговори. Ги знаеја имињата на моите соученици. Прашуваа за нив и за други ситуации за кои имавме разговарано порано“. Слушањето и памтењето на разговорите се неопходни за добра комуникација.

Многу семејства увиделе дека можат да водат многу пријатни разговори за време на заедничките оброци. „Во нашето семејство беше важно да јадеме заедно“, објаснува Винсент. „Од нас се очекуваше да присуствуваме на семејните оброци колку што е можно почесто. За време на оброкот не беше дозволено да се гледа телевизија, да се слуша радио или да се чита. Бидејќи поголемиот дел од времето се водеше неврзан разговор, секој ден во тие мигови можев да здивнам, и тоа ми помагаше да се справам со хаосот и со притисоците на кои бев изложен на училиште.“ Тој додава: „Тоа што бев навикнат да разговарам со родителите на оброците ми помогна слободно да зборувам со нив и кога ми требаше помош за посериозни работи“.

Прашај се: ‚Колку пати во текот на седмицата јадеме заедно како семејство?‘ Дали некои промени на ова поле би ти овозможиле повеќе и подобро да комуницираш со своите деца?

Заедно вежбајте како да постапат во разни ситуации

Седмичната Семејна вечер посветена на Јехова исто така придонесува сите во семејството отворено да разговараат меѓу себе, а на децата им помага да се справат со конкретни проблеми. Ален, кој беше спомнат погоре, вели: „Моите родители го користеа семејното проучување за да ни помогнат отворено да зборуваме со нив за сѐ. Разгледуваа со нас теми што беа поврзани со ситуациите со кои се соочувавме во тој период“. Мајка му на Ален вели: „Дел од времето за проучување користевме за да вежбаме како да постапат. Тоа им помогна на децата да научат како да ја бранат својата вера и да докажат дека она во кое веруваат е вистина. Им помогна и со поголема самодоверба да се соочат со притисоците на кои беа изложени“.

Всушност, кога наидуваат на притисок од врсниците, децата честопати треба да направат нешто повеќе отколку да речат ‚не‘ и да си заминат. Треба да знаат како да одговорат и на прашањата зошто и зошто не. Исто така треба да знаат како да реагираат кога другите ги исмеваат поради нивната вера. Ако не можат да ги бранат своите верувања, ќе им биде тешко непоколебливо да се држат за она што е исправно. Заедничкото вежбање како да постапат во конкретни ситуации може да ја зајакне нивната самодоверба.

Во рамката на страница 18 се наведени неколку сценарија што можат да се вежбаат во текот на Семејната вечер. Направете ги овие ситуации реални така што нема веднаш да го прифатите одговорот што ќе го дадат децата. Освен тоа, можете да разгледате и некои практични поуки од библиските примери. Таквото поучување дома сигурно ќе им помогне на децата да се соочат со притисоците на училиште, но и да се снајдат во други ситуации.

Дали вашиот дом е сигурно засолниште?

Дали вашиот дом е место во кое децата едвај чекаат да се вратат по завршувањето на часовите секој ден? Ако е сигурно засолниште, децата полесно ќе се справат со секојдневните притисоци. Една сестра, која сега служи во Бетел, вели: „Додека растев, една од работите што најмногу ми значеше беше тоа што дома се чувствував сигурно. Сеедно колку лошо беше на училиште, знаев дека, кога ќе се вратам дома, сѐ ќе биде во ред“. Што може да се каже за атмосферата во вашиот дом? Дали во него често доаѓа до „изливи на гнев, судири [и] поделби“ или, пак, е место на „љубов, радост [и] мир“? (Гал. 5:19-23). Ако честопати недостасува мир, дали се трудите со сите сили да видите кои промени треба да ги направите за да биде место каде што вашите деца ќе се чувствуваат згрижено и сигурно?

Можеш да им помогнеш на своите деца да се соочат со притисоците и така што ќе преземеш некои чекори за да си најдат изградувачко друштво. На пример, може ли да се рекреирате заедно со некои духовно настроени браќа и сестри од вашето собрание? Или, пак, да зготвите едноставен оброк на кој ќе го поканите патувачкиот надгледник или некои други полновремени слуги? Познавате ли некои мисионери или бетелски слуги со кои твоите деца би можеле да се спријателат, макар тоа да е само преку писма, имејл или повремени телефонски разговори? Таквите пријателства можат да им помогнат на децата да постапуваат исправно и да си постават духовни цели. Помисли на доброто влијание што апостол Павле го имал врз младиот Тимотеј (2. Тим. 1:13; 3:10). Блиското дружење со Павле му помогнало на Тимотеј да ги задржи мислите на духовни цели (1. Кор. 4:17).

Пофалувај ги децата

Јехова се радува кога гледа како младите се држат за она што е исправно, и покрај притисоците од Сатановиот свет (Пс. 147:11; Изр. 27:11). Без сомнение, и ти се радуваш кога гледаш како нашите млади мудро постапуваат (Изр. 10:1). Кажи им на децата што чувствуваш кон нив и пофалувај ги често и со љубов. Јехова им дава добар пример на родителите. Кога Исус се крстил, Јехова рекол: „Ти си мојот сакан Син! Ти си по мојата волја!“ (Мар. 1:11). Овие зборови на неговиот Татко сигурно го зајакнале Исус да се справи со многуте притисоци што го очекувале! И ти можеш да им кажеш на своите деца дека ги сакаш и да ги пофалиш за она што го прават.

Се разбира, не можеш потполно да ги заштитиш децата од притисоците, напаѓањето и исмевањето. Сепак, можеш многу да им помогнеш. На кои начини? Помогни им да изградат личен однос со Јехова. Дај го својот дел за во семејството да владее атмосфера што ќе ги поттикне да бидат отворени. Направете ја Семејната вечер практична, и вашиот дом нека биде сигурно засолниште. Ако го правите ова, сигурно ќе им помогнете на своите деца успешно да се справат со многуте притисоци.

[Фуснота]

^ пас. 2 Некои имиња во оваа статија се сменети.

[Рамка/слика на страница 18]

ЗАЕДНИЧКОТО ВЕЖБАЊЕ МОЖЕ ДА ПОМОГНЕ

Еве примери за некои ситуации со кои се соочуваат нашите млади. Зошто не вежбате некои од овие сценарија во текот на Семејната вечер?

▸ Тренерот ѝ предлага на твојата ќерка да влезе во училишниот тим.

▸ На твојот син му нудат цигара додека се враќа од училиште.

▸ Некои дечки се закануваат дека ќе го натепаат твојот син ако го видат пак да проповеда.

▸ Додека ќерка ти сведочи од врата до врата во службата, наидува на соученичка.

▸ Пред целиот клас, наставникот ја прашува твојата ќерка зошто не го поздравува знамето.

▸ Едно момче постојано го исмева твојот син затоа што е Сведок.

[Слика на страница 17]

Дали твоите деца имаат личен распоред за читање на Библијата?

[Слика на страница 19]

Дали се рекреирате заедно со духовно настроени личности?