Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

‚Смело зборувај ја Божјата реч‘

‚Смело зборувај ја Божјата реч‘

‚Смело зборувај ја Божјата реч‘

„Се исполнија со свет дух, па смело ја зборуваа Божјата реч“ (ДЕЛА 4:31)

1, 2. Зошто треба да се трудиме делотворно да ја вршиме нашата служба?

 ТРИ дена пред да биде погубен, Исус им рекол на своите ученици: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“. Пред да се вознесе на небото, воскреснатиот Исус им дал задача на своите следбеници ‚да прават ученици од луѓето од сите народи, учејќи ги да држат сѐ што заповедал‘, и им ветил дека ќе биде со нив „во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 24:14; 26:1, 2; 28:19, 20).

2 Како Јеховини сведоци, ние извршуваме едно дело што започнало во првиот век од н.е. Ништо друго не е поважно од ова животоспасувачко дело — да проповедаме за Царството и да им помагаме на луѓето да станат Христови ученици. Затоа, многу е битно делотворно да ја вршиме својата служба! Во оваа статија ќе видиме на кој начин светиот дух нѐ води и ни помага смело да проповедаме. Следните две статии ќе ни покажат како Јеховиниот дух нѐ води за да можеме вешто да ги поучуваме луѓето и без престан да проповедаме.

Потребна ни е смелост

3. Зошто треба да сме смели за да проповедаме за Царството?

3 Бог ни укажал неспоредлива чест со тоа што ни ја доверил задачата да го објавуваме Царството. Сепак, понекогаш не е лесно да го правиме тоа. Иако некои спремно ја прифаќаат добрата вест за Божјето Царство, мнозина се како луѓето што живееле во времето на Ное. Исус рекол дека тие ‚не обрнувале внимание додека не дошол потопот и ги однел сите‘ (Мат. 24:38, 39). Освен тоа, има и такви што ни се исмеваат или ни се противат (2. Пет. 3:3). Може да ни се противат властите, соучениците или колегите, па и членовите на потесното семејство. Згора на тоа, многумина од нас се борат и со лични слабости, како што се срамежливоста и стравот да не бидеме одбиени или отфрлени. Многу фактори можат да ни отежнат да ја зборуваме Божјата реч „смело“ и „со сета слобода“ (Еф. 6:19, 20). Сепак, за да истраеме во објавувањето на Божјата порака, смелоста ни е неопходна. Што може да ни помогне да ја стекнеме?

4. а) Што е смелоста? б) Како апостол Павле собрал смелост за да зборува со Солуњаните?

4 Грчкиот збор што е преведен со „смело“ значи „отворено, искрено, јасно“. Овој збор ја пренесува и мислата за „храброст, увереност [и] бестрашност“. Но, да се биде смел не значи да се биде безобѕирен или груб (Кол. 4:6). Иако сме смели, ние сакаме и да бидеме во мир со сите (Рим. 12:18). Затоа, иако смело ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство, треба да бидеме и обѕирни кон луѓето внимавајќи да не кажеме нешто со кое ненамерно би ги навредиле. Всушност, за да бидеме смели во вистинска смисла на зборот, мора да вложиме голем труд да развиеме и други особини. Сепак, за да стекнеме ваква смелост, не можеме да се потпираме само на своите способности или сила. Како успеале апостол Павле и неговите придружници да ‚соберат смелост‘ и да им зборуваат на жителите на Солун откако пред тоа ‚биле малтретирани во Филипи‘? „Со помош на нашиот Бог“, напишал Павле. (Прочитај 1. Солуњаните 2:2.) Јехова Бог може да ги растера нашите стравови и да ни даде слична смелост.

5. Како Јехова им дал смелост на Петар, Јован и на другите ученици?

5 Кога ‚поглаварите, старешините и книжниците‘ им се заканиле, апостолите Петар и Јован рекле: „Пресудете сами дали е праведно пред Бог да ве слушаме вас, а не Бог! Ние не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле“. Наместо да го молат Бог да му стави крај на прогонството, тие и нивните соверници се молеле, велејќи: „Јехова, обрни внимание на нивните закани и дај им на своите слуги и понатаму да ја зборуваат твојата реч со сета смелост!“ (Дела 4:5, 19, 20, 29). Како одговорил Јехова на нивната молба? (Прочитај Дела 4:31.) Со својот дух, тој им помогнал да соберат смелост. Божјиот дух може да ни помогне и нам. Тогаш, како можеме да го добиеме Божјиот дух и тој да нѐ води во службата?

Како да станеш смел

6, 7. Кој е најдиректниот начин на кој може да добиеме свет дух? Наведи примери.

6 Најдиректниот начин да добиеме свет дух од Бог е да го замолиме да ни го даде. Исус им рекол на оние што го слушале: „Ако вие, иако сте зли, знаете да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Таткото, кој е на небото, ќе им даде свет дух на оние што го молат за тоа!“ (Лука 11:13). Всушност, непрестајно треба да молиме за свет дух. Ако нѐ плашат некои видови служба — на пример, да сведочиме на улица, да проповедаме неформално или да обработуваме деловно подрачје — може да го молиме Јехова да ни даде од својот дух и да ни помогне да ја собереме потребната смелост (1. Сол. 5:17).

7 Токму тоа го направила една христијанка по име Роза. a Еден ден, додека била на работа, една учителка со која работи читала извештај од друго училиште за тоа колку лошо се постапувало со децата. Таа учителка била толку вознемирена од она што го читала, што извикала: „Овој свет навистина полудел!“ Роза не можела да испушти ваква можност да сведочи. Што сторила за да собере храброст да зборува? Таа вели: „Му се помолив на Јехова да ми помогне со својот дух“. Успеала да даде убаво сведоштво и се договорила да го продолжи разговорот со учителката во друга прилика. Размисли и за едно петгодишно девојче, кое се вика Милејни и живее во Њујорк. Таа вели: „Пред да излезам за на училиште, јас и мама секогаш му се молиме на Јехова“. За што се молат? За Милејни да има смелост да го прави она што е исправно и да го брани својот Бог! „Ова ѝ помогна да објасни каков став има кон родендените и кон празниците, и да не учествува кога другите ги одбележуваат таквите настани“, вели мајка ѝ. Зарем овие примери не покажуваат дека молитвата навистина помага да собереме смелост?

8. Што учиме од пророкот Еремија за тоа како некој може да стане смел?

8 Размисли и за она што му помогнало на пророкот Еремија да стане смел. Кога Јехова го поставил за пророк на народите, Еремија му одговорил: „Еве, јас не знам да зборувам, зашто уште сум дете!“ (Ерем. 1:4-6). Но, со текот на времето, Еремија проповедал толку упорно и бестрашно што мнозина го сметале за кобен гласник (Ерем. 38:4). Тој смело ги објавувал Јеховините судови повеќе од 65 години. Бил толку познат во Израел по своето бестрашно и храбро проповедање што, кога Исус зборувал смело околу 600 години подоцна, некои мислеле дека Еремија повторно оживеал (Мат. 16:13, 14). Како пророкот Еремија, кој во почетокот се колебал да послуша, ја совладал својата срамежливост? Тој рекол: „Во моето срце [Божјата] реч беше како распламтен оган, затворен во моите коски, па не можев повеќе да молчам“ (Ерем. 20:9). Да, Јеховината реч силно влијаела врз Еремија и го терала да зборува.

9. Зошто може Божјата порака да влијае врз нас исто како и врз Еремија?

9 Во своето писмо до Евреите, апостол Павле напишал: „Речта Божја е жива и делотворна, поостра е од секој меч со две сечила и продира дури дотаму што ги разделува душата и духот, коските и нивната срцевина, па може да ги процени мислите и намерите на срцето“ (Евр. 4:12). Пораката, или речта, на Бог може да влијае врз нас исто како и врз Еремија. Сети се дека, иако Библијата ја пишувале луѓе, таа не е збирка на човечка мудрост, затоа што е вдахновена од Бог. Во 2. Петрово 1:21, читаме: „Пророштво никогаш не било изречено по човечка волја, туку луѓето ги кажуваа зборовите што доаѓаа од Бог така како што ги водеше светиот дух“. Кога одвојуваме време длабоко да ја проучуваме Библијата, нашиот ум се полни со пораката која е вдахновена од светиот дух. (Прочитај 1. Коринќаните 2:10.) Таа порака може да биде како „распламтен оган“ и во нас, така што нема да можеме да ја чуваме само за себе.

10, 11. а) Како треба да ја проучуваме Библијата ако сакаме смело да зборуваме со другите? б) Наведи барем еден чекор што сакаш да го преземеш за да се подобриш во личното проучување на Библијата.

10 За личната студија да има силен ефект врз нас, мора да ја проучуваме Библијата на таков начин што нејзината порака ќе продре длабоко во нас и ќе влијае врз нашата внатрешна личност. На пример, пророкот Езекиел добил видение во кое му било речено да изеде еден свиток, кој содржел силна порака што требало да му ја пренесе на еден неприемлив народ. Езекиел требало целосно да ја впие пораката за таа да стане дел од него и да влијае врз неговите чувства. Ако го направел тоа, задачата да ја пренесува ќе му била пријатна исто како вкусот на мед. (Прочитај Езекиел 2:8 — 3:4, 7-9.)

11 Ние сме во слична ситуација како Езекиел. Денес, мнозина едноставно не сакаат да чујат што вели Библијата. За да можеме истрајно да ја зборуваме Божјата реч, важно е да го проучуваме Светото писмо така што целосно ќе ја впиеме неговата порака. Тоа треба да го правиме редовно, а не само одвреме-навреме. Треба да имаме иста желба како и псалмистот, кој пеел: „Зборовите на мојата уста и размислувањето на моето срце нека ти бидат пријатни, о Јехова, Карпо моја и Откупителу мој“ (Пс. 19:14). Колку е важно да одвоиме време длабоко да размислуваме за она што го читаме за да може библиската вистина да ни продре длабоко во срцето! Значи, треба многу да се трудиме да се подобруваме во нашето лично проучување на Библијата. b

12. Зошто христијанските состаноци ни помагаат да нѐ води светиот дух?

12 Друг начин на кој може да дозволиме светиот дух да ни помогне е ако „размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела, и [ако] не ги пропуштаме нашите состаноци“ (Евр. 10:24, 25). Ако се трудиме редовно да присуствуваме на христијанските состаноци и внимателно да слушаме, но и да го применуваме она што го учиме, ќе дозволиме духот да нѐ води. Впрочем, зарем Јеховиниот дух не нѐ води преку собранието? (Прочитај Откровение 3:6.)

Како ќе ни користи тоа што сме смели

13. Што учиме од она што христијаните во првиот век го постигнале со проповедањето?

13 Светиот дух е најголемата сила во вселената и може да им помогне на луѓето да ја вршат Јеховината волја. Под нејзиното влијание, христијаните во првиот век извршиле едно огромно проповедничко дело — им ја проповедале добрата вест на „сите суштества под небото“ (Кол. 1:23). Кога ќе помислиме дека повеќето од нив биле „неуки и обични“, станува уште поочигледно дека мора да ги водела многу голема сила (Дела 4:13).

14. Што може да ни помогне да бидеме ‚пламени во духот‘?

14 Ако живееме на начин што ќе му овозможи на светиот дух да нѐ води во животот, тоа исто така може да нѐ поттикне смело да ја извршуваме нашата служба. Кога постојано се молиме за свет дух, кога трудољубиво и длабоко ја проучуваме Библијата, кога под молитва размислуваме за она што го читаме и редовно одиме на христијанските состаноци, духот сигурно ќе ‚нѐ поттикнува на ревност‘ (Рим. 12:11). Во врска со некој „Евреин по име Аполо, родум од Александрија, речовит човек“, кој пристигнал во Ефес, Библијата вели: „Бидејќи духот го поттикнуваше на горливост, точно зборуваше и поучуваше за Исус“ (Дела 18:24, 25). Ако сме ‚пламени во духот‘, и ние ќе бидеме уште посмели во службата од куќа до куќа и кога сведочиме неформално (Рим. 12:11, Превод на д-р Д. Х. Константинов).

15. Каква корист имаме ако зборуваме посмело?

15 Ако сведочиме посмело, тоа позитивно ќе влијае врз нас. Нашиот став ќе се подобри затоа што ќе сфатиме уште подобро колку е важно и корисно нашето дело. Ќе се зголеми и нашата воодушевеност бидејќи чувствуваме уште поголема радост кога имаме успех во службата. А и нашата ревност се зајакнува бидејќи стануваме уште посвесни за тоа колку е итно проповедањето.

16. Што треба да сториме ако нашата ревност за службата се намалила?

16 Што ако сме ја изгубиле ревноста за службата или, пак, не проповедаме со таков жар како порано? Тогаш е на место искрено да се преиспитаме. Павле напишал: „Испитувајте дали сте во верата, проверувајте се самите себе“ (2. Кор. 13:5). Прашај се: ‚Дали духот сѐ уште ме поттикнува на ревност? Дали го молам Јехова да ми го даде? Дали моите молитви покажуваат дека се потпирам на Бог за да ја извршам неговата волја? Дали во нив му благодарам за службата што ни ја доверил? Какви ми се навиките за проучување? Колку време одвојувам за да размислувам за она што го читам и слушам? Во колкава мера учествувам на собраниските состаноци?‘ Ако размислуваш за овие и слични прашања, ќе можеш да увидиш на кои полиња треба да се поправиш и да сториш нешто околу тоа.

Божјиот дух нека ти помогне да бидеш смел

17, 18. а) Во колкави размери се извршува проповедничкото дело денес? б) Како може да ја објавуваме добрата вест за Божјето Царство „со сета слобода“ на говорот?

17 Воскреснатиот Исус им рекол на своите ученици: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде врз вас, и ќе ми бидете сведоци во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Делото што започнало тогаш денес се извршува во невидени размери. Над седум милиони Јеховини сведоци ја објавуваат пораката за Царството во повеќе од 230 земји, поминувајќи речиси 1,5 милијарда часови годишно во оваа служба. Колку е возбудливо со ревност да учествуваме во ова дело кое никогаш нема да се повтори!

18 Исто како и во првиот век, меѓународното проповедничко дело денес се врши под водство на светиот дух. Ако го следиме водството на духот, ќе ја вршиме службата „со сета слобода“ на говорот (Дела 28:31). Затоа, да сториме сѐ што е потребно за да може духот да нѐ води додека ја објавуваме добрата вест за Божјето Царство!

[Фусноти]

a Имињата се сменети.

b За да извлечеш најголема корист од своето читање на Библијата и од личното проучување, види ги поглавјата со наслов „Посветувај се на читањето“ и „Проучувањето наградува“, на страници 21-32, од книгата Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба.

Што научи?

• Зошто треба смело да зборуваш за Божјата реч?

• Што им помогнало на првите ученици смело да зборуваат?

• Како може да станеме смели?

• Како ни користи тоа што стекнуваме смелост?

[Прашања]

[Слика на страница 7]

Како можат родителите да им помогнат на децата да бидат смели?

[Слики на страница 8]

Една кратка молитва може да ти помогне да собереш смелост кога си во служба