Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Праведниците ќе светат како сонце“

„Праведниците ќе светат како сонце“

„Праведниците ќе светат како сонце“

„Тогаш праведниците ќе светат како сонце во царството на својот Татко“ (МАТ. 13:43)

1. Кои различни аспекти на Царството ги објаснил Исус користејќи споредби?

 ИСУС ХРИСТОС кажал многу споредби за да објасни различни аспекти на Царството. Тој ‚му зборувал на народот користејќи споредби. Секогаш им зборувал со споредби‘ (Мат. 13:34). Кога ги навел споредбите за сеењето на семето на вистината за Царството, Исус ја нагласил улогата што ја има нечија состојба на срцето врз тоа дали ќе ја прифати пораката, како и улогата што ја има Јехова во неговиот духовен раст (Мар. 4:3-9, 26-29). Во една друга споредба, Исус укажал дека ќе има извонреден пораст на луѓе што ќе ја прифаќаат пораката за Царството, иако тоа во почетокот не е секогаш толку видливо (Мат. 13:31-33). Освен тоа, нагласил дека нема сите што ја прифаќаат оваа порака и да станат поданици на тоа Царство (Мат. 13:47-50). a

2. Што претставува доброто семе во Исусовата споредба за пченицата и каколот?

2 Една од споредбите што ги кажал Исус се однесува и на собирањето на оние што ќе владеат со него во неговото Царство. Таа обично се нарекува споредба за пченицата и каколот, а запишана е во Матеј 13. поглавје. Иако во една друга споредба објаснил дека семето што се сее е „речта за царството“, Исус кажува дека доброто семе во оваа споредба претставува нешто друго — „синовите на царството“ (Мат. 13:19, 38). Тие не се поданици на Царството, туку „синови“, односно наследници на Царството (Рим. 8:14-17; прочитај Галатите 4:6, 7).

Споредбата за пченицата и каколот

3. Објасни со каков проблем се соочил човекот во оваа споредба, и како одлучил да го реши.

3 Еве како гласи оваа споредба: „Со царството небесно е како со човек кој посеа добро семе на својата нива. Додека луѓето спиеја, дојде неговиот непријател, посеа какол меѓу пченицата и си отиде. А кога посевот изникна и даде плод, тогаш се појави и каколот. Тогаш дојдоа робовите кај домаќинот и му рекоа: ‚Господару, зарем не посеа добро семе на својата нива? Тогаш, од каде е овој какол во неа?‘ А тој им рече: ‚Тоа го направил некој непријател‘. Тогаш тие му рекоа: ‚Сакаш ли да одиме и да го собереме?‘ А тој одговори: ‚Не, за да не се случи, собирајќи го каколот, да ја откорнете со него и пченицата. Нека растат двете заедно до жетвата, а во времето на жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови за да се изгори, а потоа соберете ја пченицата во мојот амбар‘“ (Мат. 13:24-30).

4. а) Кого го претставува човекот во споредбата? б) Кога и како Исус почнал да го сее ова семе?

4 Кој е човекот што го посеал доброто семе на својата нива? Исус подоцна го дал одговорот кога им кажал на своите ученици: „Сејачот на доброто семе е Синот човечки“ (Мат. 13:37). „Синот човечки“, односно Исус, ја подготвил нивата за сеење во текот на три и полте години од својата служба на Земјата (Мат. 8:20; 25:31; 26:64). Потоа, од Педесетница 33 год. од н.е. наваму, тој почнал да го сее доброто семе — „синовите на царството“. Очигледно ова сеење настапило кога Исус, како Јеховин застапник, почнал да го излева светиот дух врз учениците и на тој начин ги помазал како Божји синови b (Дела 2:33). Од доброто семе пораснала зрела пченица. Според тоа, ова семе било посеано со цел на крајот да се собере целокупниот број на оние што ќе бидат сонаследници со Исус и ќе владеат со него во неговото Царство.

5. Кој е непријателот во споредбата, и кого го претставува каколот?

5 Кој е непријателот, и што е каколот? Исус ни кажува дека непријателот „е Ѓаволот“. Каколот ги претставува „синовите на Злобниот“ (Мат. 13:25, 38, 39). Дословниот какол кој го спомнал Исус веројатно бил влакнестиот бурјан. Кога уште е младо и несозреано, ова отровно растение многу личи на пченицата. Колку соодветен симбол за лажните христијани, кои тврдат дека се синови на Царството, но не даваат вистински плодови! Овие лицемерни христијани, кои тврдат дека се следбеници на Христос, всушност се дел од ‚семето‘, односно потомството на Сатана Ѓаволот (1. Мој. 3:15, фус.).

6. Кога почнал да се појавува каколот, и во која смисла луѓето ‚заспале‘ во тоа време?

6 Кога се појавиле овие христијани слични на какол? Исус вели: „Додека луѓето спиеја“ (Мат. 13:25). Кога било ова? Одговорот го наоѓаме во зборовите што апостол Павле им ги кажал на старешините во Ефес: „Знам дека по моето заминување меѓу вас ќе влезат свирепи волци, кои ќе немаат обѕир кон стадото. И меѓу вас самите ќе се појават луѓе кои ќе изнесуваат искривени учења за да ги повлечат по себе учениците“ (Дела 20:29, 30). Потоа ги советувал тие старешини да останат духовно будни. Откако апостолите — кои ‚го задржувале‘ отпадништвото — почнале да заспиваат во смртен сон, многу христијани западнале во духовен сон. (Прочитај 2. Солуњаните 2:3, 6-8.) Тогаш се појавил големиот отпад.

7. Дали дел од пченицата станал какол? Објасни.

7 Исус не рекол дека пченицата ќе стане какол туку дека низ неа ќе биде посеан какол. Според тоа, оваа споредба не ги опишува ни вистинските христијани кои отпаѓаат од вистината. Напротив, со неа се укажува на намерните обиди од страна на Сатана да го расипе христијанското собрание со тоа што меѓу христијаните ќе вовлече злобни луѓе. До времето кога последниот апостол, Јован, остарел, било очигледно дека овој отпад веќе постои (2. Пет. 2:1-3; 1. Јов. 2:18).

„Нека растат двете заедно до жетвата“

8, 9. а) Зошто упатствата што им ги дал Господарот на своите робови им звучеле разумно на оние што го слушале Исус? б) Во исполнувањето на споредбата, во која смисла пченицата и каколот растат заедно?

8 Робовите доаѓаат кај господарот да му кажат за проблемот, и го прашуваат во врска со каколот: „Сакаш ли да одиме и да го собереме?“ (Мат. 13:27, 28). Неговиот одговор можеби ќе нѐ изненади. Тој им кажува да остават пченицата и каколот да растат заедно сѐ до жетвата. Оваа заповед им била разумна на учениците на Исус. Тие сигурно знаеле колку е тешко да се направи разлика меѓу пченицата и влакнестиот бурјан. Оние што донекаде се разбирале од земјоделие исто така знаеле дека корењата на влакнестиот бурјан обично се испреплетуваат со корењата на пченицата. c Не е чудо што господарот им заповедал да чекаат!

9 Слично на ова, низ вековите, разните секти на христијанскиот свет дале прилично обилен род од какол — прво кај римокатоличката и православната црква, а подоцна и кај бројните протестантски групи што се развиле по нив. Истовремено, во нивата, односно по целиот свет, било посеано и малку семе на вистинска пченица. Домаќинот од споредбата стрпливо чекал во текот на подолгиот период на созревање сѐ додека не дошло релативно краткото време за жетва.

Долгоочекуваната жетва

10, 11. а) Кога е време за жетвата? б) На кој начин симболичната пченица се собира во Јеховиниот амбар?

10 Исус ни кажува: „Жетвата е свршетокот на овој поредок, а жетварите се ангелите“ (Мат. 13:39). Во последните денови на овој злобен поредок, настапува едно одвојување — синовите на Царството треба да бидат собрани и одвоени од сите што личат на какол. Во врска со ова, апостол Петар ни кажува: „Време е да започне судот — и тоа од домот Божји. А ако започнува од нас, каков ли ќе им биде крајот на оние што не ѝ се послушни на Божјата добра вест?“ (1. Пет. 4:17).

11 Кратко откако почнуваат да течат последните денови, или „свршетокот на овој поредок“, започнува и судот над оние што тврделе дека се вистински христијани — сеедно дали навистина биле ‚синови на царството‘ или, пак, ‚синови на Злобниот‘. Во почетокот на жетвата, „најнапред“ паѓа Големиот Вавилон, а „потоа“ се врши собирањето на синовите на Царството (Мат. 13:30). Но, како симболичната пченица се собира во Јеховиниот амбар? Ожнеаните синови на царството се собираат во амбарот на два начина — или така што стануваат дел од обновеното христијанско собрание каде што ја имаат Божјата милост и заштита, или така што ја добиваат својата небесна награда.

12. Колку долго трае жетвата?

12 Колку долго ќе трае судот? Исус зборувал за „времето на жетвата“, што значи дека таа ќе трае одреден период (Отк. 14:15, 16). Според тоа, судот над поединечните помазаници трае во текот на целото време на крајот сѐ додека сите помазаници не бидат конечно запечатени (Отк. 7:1-4).

13. Во која смисла оние што се претставени со каколот ги наведуваат другите на грев, и како вршат беззаконие?

13 Кој ќе биде собран од Царството, и како тие ги наведуваат другите на грев и вршат беззаконие? (Мат. 13:41). Низ вековите, свештениците во христијанскиот свет, кои личат на какол, успеале да заведат милиони луѓе. Ова го правеле со помош на учења кои го срамотат Бог — односно работи со кои „ги наведуваат другите на грев“ — како што е учењето за вечно мачење во пекол или збунувачкото и таинствено учење за Света Троица. Многу верски водачи им даваат лош пример на своите стада со тоа што одржуваат прељубничка врска, односно пријателство со овој свет, а во некои случаи и со своето бесрамно неморално однесување (Јак. 4:4). Освен тоа, христијанскиот свет сѐ повеќе го толерира и неморалот на своите членови. (Прочитај Јуда 4.) И покрај сето ова, тие и понатаму се преправаат дека се побожни и богобојазливи. Колку се среќни синовите на Царството што се одвоени од таквото расипано влијание и искривени учења кои наведуваат на грев!

14. Како оние што личат на какол плачат и чкртаат со забите?

14 Во која смисла оние што личат на какол плачат и чкртаат со забите? (Мат. 13:42). „Синовите на Злобниот“ ги измачува тоа што „синовите на царството“ ја разоткриваат нивната духовно отровна состојба. Исто така кукаат поради сѐ помалата поддршка што ја добиваат од членовите на своите цркви, како и поради тоа што ја губат контролата над верниците. (Прочитај Исаија 65:13, 14.)

15. Во која смисла оние што личат на какол ќе бидат изгорени во оган?

15 Во која смисла каколот се собира и се гори во оган? (Мат. 13:40). Ова се однесува на крајниот исход на оние што личат на какол. Тоа што симболично ќе бидат фрлени во вжарена печка укажува дека ќе бидат уништени засекогаш (Отк. 20:14; 21:8). Лажните христијани, кои се слични на каколот, односно измамниците, ќе бидат уништени во текот на ‚големата неволја‘ (Мат. 24:21).

Тие „ќе светат како сонце“

16, 17. Што прорекол Малахија во врска со Божјиот храм, и како почнало да се исполнува тоа?

16 Кога „ќе светат како сонце“ оние што се претставени со пченицата? (Мат. 13:43). Во врска со очистувањето на Божјиот храм, Малахија прорекол: „,Одненадеж во својот храм ќе дојде Господарот, кого вие го барате, и гласникот на сојузот, кому му се радувате. Еве, сигурно ќе дојде‘, вели Јехова над војските. ‚Но кој ќе го поднесе денот на неговото доаѓање и кој ќе опстане кога тој ќе се појави? Зашто, тој ќе биде како огнот на леарот и како лужината на белачите на алишта. И ќе седне како оној што топи и пречистува сребро, па ќе ги очисти синовите на Леви. Ќе ги пречисти како злато и како сребро, и тие ќе му принесуваат на Јехова жртвен дар во праведност‘“ (Мал. 3:1-3).

17 Во нашево време, ова пророштво очигледно почнало да се исполнува во 1918 год. кога Јехова, заедно со „гласникот на сојузот“, Исус Христос, го прегледал духовниот храм. Малахија ни кажува што се случува откако завршило ова пречистување: „Повторно ќе ја видите разликата меѓу праведникот и злиот, меѓу оној што му служи на Бог и оној што не му служи“ (Мал. 3:18). Големата активност на повторно заживеаните вистински христијани покажува дека во тоа време започнала жетвата.

18. Што претскажал Даниел во врска со нашево време?

18 Пророкот Даниел зборувал за нашево време кога претскажал: „Оние што се разборити ќе блескаат како сјајниот небесен свод, и оние што доведуваат мнозина до праведност ќе сјаат како ѕвездите довека, во сета вечност“ (Дан. 12:3). Кои се тие што сјаат толку силно? Токму помазаните христијани, односно вистинската пченица за која зборувал Исус во својата споредба за пченицата и каколот! Сѐ побројното големо мноштво од кротки луѓе јасно ја гледа разликата помеѓу нив и лажните христијани слични на какол, од кои биле одвоени. Со тоа што им се придружуваат на преостанатите членови на духовниот Израел, овие идни поданици на Царството исто така пуштаат нивната светлина да свети во овој мрачен свет (Зах. 8:23; Мат. 5:14-16; Фил. 2:15).

19, 20. Што чекаат со душа „синовите на царството“, и што ќе разгледаме во следната статија?

19 Денес, „синовите на царството“ со душа ја чекаат својата величествена, небесна награда (Рим. 8:18, 19; 1. Кор. 15:53; Фил. 1:21-24). Но, дотогаш мора да му останат верни на Бог, да продолжат силно да светат и да се разликуваат од „синовите на Злобниот“ (Мат. 13:38; Отк. 2:10). Колку среќни треба да бидеме сите што ја имаме честа да ги гледаме резултатите од симболичното одвојување на каколот од пченицата во нашево време!

20 Но, во каква врска се овие синови на Царството и сѐ побројното големо мноштво луѓе кои имаат надеж да живеат засекогаш на Земјата како поданици на Царството? Ова прашање ќе биде одговорено во следната статија.

[Фусноти]

a Детално објаснување на овие споредби можеш да најдеш во Стражарска кула од 15 јули 2008, страници 12-21.

b Во оваа споредба, сеењето не го претставува проповедањето и поучувањето на луѓето, со кои се пронаоѓаат нови лица што стануваат помазани христијани. Во врска со доброто семе што се посејува на нивата, Исус рекол: „Доброто семе се [а не: „ќе бидат“] синовите на царството“. Сеењето на нивата се однесува на помазувањето на овие синови на Царството низ целиот свет.

c Корењата на влакнестиот бурјан толку многу се испреплетуваат со корењата на пченицата што, ако се искорне пред жетвата, со него ќе се искорне и доста пченица. (Види Увид во Светото писмо, том 1, страница 1178, [англ.].)

Се сеќаваш ли?

Во Исусовата споредба за пченицата и за каколот, што претставуваат следниве работи:

• доброто семе

• човекот што го посеал семето

• сеењето на семето

• непријателот

• каколот

• времето на жетвата

• амбарот

• плачењето и чкртањето со заби

• вжарената печка

[Прашања]

[Слики на страница 20]

На Педесетница 33 год. од н.е. започнало сеењето на доброто семе

[Слика на страница 23]

Во текот на жетвата, симболичната пченица се собира во Јеховиниот амбар

[Извор на слика]

Pictorial Archive (Near Eastern History) Est