Прашања од читателите
Прашања од читателите
Штом Јехова забранува идолопоклонство, зошто не го казнил Арон кога го направил златното теле?
Кога го направил златното теле, како што е запишано во 2. Мојсеева, 32. поглавје, Арон го прекршил Божјиот закон во врска со идолопоклонството (2. Мој. 20:3-5). Како последица на тоа, ‚Јехова многу се разгневил на Арон, така што сакал да го погуби. Но, тогаш Мојсеј се помолил сесрдно за Арон‘ (5. Мој. 9:19, 20). Дали сесрдната молитва на праведниот Мојсеј ‚имала голема сила и направила многу добра‘ во случајот на Арон? (Јак. 5:16). Да. Поради ваквата молитва и поради најмалку две други причини, се чини дека Јехова го услишил Мојсеј и не го казнил Арон.
Едната причина по сѐ изгледа е тоа што Арон дотогаш верно му служел на Бог. Кога Мојсеј добил задача да се појави пред фараонот и да ги изведе Израелците од Египет, Јехова одредил Арон да го придружува Мојсеј и да зборува во негово име (2. Мој. 4:10-16). Тие двајцата повеќепати послушно доаѓале пред египетскиот цар, иако морале да ја трпат неговата бездушност. Така, уште во Египет, Арон се покажал како лојален, непоколеблив слуга на Јехова (2. Мој. 4:21).
Да видиме и што го навело Арон да го направи златното теле. Мојсеј веќе 40 дена бил на планината Синај. Кога Израелците ‚виделе дека Мојсеј долго време не слегува од планината‘, го убедиле Арон да им направи идол. Тој се согласил и направил златен кип на теле (2. Мој. 32:1-6). Меѓутоа, од она што подоцна го сторил се гледа дека Арон не го одобрувал идолопоклонството. Изгледа дека едноставно попуштил на притисокот. На пример, кога Мојсеј на еден драматичен начин го разрешил проблемот со идолопоклонството, сите синови на Леви — вклучувајќи го и Арон — цврсто застанале на страната на Јехова. Но, три илјади идолопоклоници кои ја носеле главната одговорност биле убиени (2. Мој. 32:25-29).
Потоа, Мојсеј му рекол на народот: „Направивте голем грев“ (2. Мој. 32:30). Според тоа, Арон не бил единствениот кој сносел вина за тој грев. Јехова покажал голема милост и кон него и кон народот.
По случката со златното теле, Јехова заповедал Арон да биде поставен за првосвештеник. На Мојсеј му рекол: „Облечи му ја на Арон светата одежда, помажи го и посвети го за да ми служи како свештеник“ (2. Мој. 40:12, 13). Очигледно, Јехова му простил на Арон за она што го направил во момент на слабост. Длабоко во срцето Арон бил лојален слуга на Јехова, а не идолопоклоник и бунтовник.