Харан — прометен древен град
Харан — прометен древен град
ШТОМ ќе го чујат името Харан, оние на кои им е познато Светото писмо веднаш помислуваат на верниот Божји слуга Авраам. Патувајќи од Ур кон ханаанската земја, тој и жена му Сара, како и татко му Тара и внук му Лот, застанале во Харан. Таму Авраам спечалил прилично големо богатство. По смртта на татко му, повторно тргнал на пат кон земјата што Бог му ја ветил (1. Мој. 11:31, 32; 12:4, 5; Дела 7:2-4). Подоцна, Авраам го испратил својот најстар слуга во Харан или во некое од околните места за да најде жена за Исак. И Јаков, внукот на Авраам, долги години живеел во Харан (1. Мој. 24:1-4, 10; 27:42-45; 28:1, 2, 10).
Кога му се заканувал на јудејскиот цар Езекија, асирскиот цар Сенахирим ги спомнал и Харанците меѓу ‚народите‘ што биле освоени од асирските цареви. Очигледно со називот „Харанците“ не мислел само на жителите на тој град, туку и на околното подрачје (2. Цар. 19:11, 12). Во пророштвото на Езекиел, Харан е спомнат како еден од главните трговски партнери на Тир, што потврдува дека Харан бил значаен трговски центар (Езек. 27:1, 2, 23).
Сега Харан е само мало гратче во близината на Шанлиурфа, во источна Турција. Но, едно време, древниот Харан навистина бил многу прометен град. Харан е едно од малкуте древни населени места кои го задржале името што се користи во Библијата. На асирски се викал Харану, што може да значи „Пат“ или „Пат на каравани“. Ова покажува дека Харан бил сместен на важни трговски патишта кои поврзувале поголеми градови. Според натписите ископани во Харан, мајката на вавилонскиот цар Набонид била првосвештеничка во храмот на Син, кој во Харан се обожавал како бог на месечината. Според кажувањата, токму Набонид го обновил овој храм. Градот бил сведок на подемот и падот на различни царства.
Денешниот Харан многу се разликува од она што некогаш бил. Древниот Харан бил многу развиен и важен град, особено во извесни периоди од историјата. Но, денес во Харан има само неколку куќи со засводени покриви. Во околината на градот стојат урнатините на древните цивилизации. Во Божјиот нов свет, мнозина што некогаш живееле во Харан — вклучувајќи ги Авраам, Сара и Лот — ќе бидат воскреснати. Најверојатно ќе можат многу да ни раскажат за прометниот древен град Харан.
[Слика на страница 20]
Урнатините на Харан
[Слика на страница 20]
Куќи со засводени покриви
[Слика на страница 20]
Панорамски поглед на денешен Харан