Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ќе живееме непорочно!

Ќе живееме непорочно!

Ќе живееме непорочно!

„Јас ќе живеам непорочно“ (ПС. 26:11)

1, 2. Што рекол Јов за својата непорочност и што можеме да заклучиме за овој човек на темел на 31. поглавје од Книгата за Јов?

 ВО СТАРО време, за да се измери тежината на некој предмет, најчесто се користела терезија. Тоа е вага што обично има една хоризонтална шипка која на средината е закачена на друга шипка. На двата краја од хоризонталната шипка виси по еден тас. На едниот тас се става предметот што се мери, а на другиот се ставаат тегови. Божјиот народ морал да користи точни ваги и тегови (Изр. 11:1).

2 Кога страдал поради неволјите што му ги нанел Сатана, верниот Божји слуга Јов рекол: „[Јехова] ќе ме измери на точна вага, Бог ќе ја сознае мојата непорочност“ (Јов 31:6). Јов навел некои ситуации кои можат да бидат искушение за оние што сакаат да останат непорочни и да му бидат верни на Бог. Но, тој успеал да им се спротивстави на тие искушенија, како што се гледа од неговите зборови запишани во 31. поглавје од Книгата за Јов. Неговиот добар пример може да нѐ поттикне да постапуваме на сличен начин и да можеме со уверување да го кажеме она што го кажал и псалмистот Давид: „Јас ќе живеам непорочно“ a (Пс. 26:11).

3. Зошто е важно да му бидеме верни на Бог и во големи и во мали работи?

3 Иако претрпел тешки искушенија, Јов му останал верен на Бог. Некои дури сметаат дека тој бил вистински херој! Ние ги немаме истите искушенија што ги имал Јов. Сепак, за да покажеме дека сме непорочни и дека го поддржуваме Јехова како Севишен Владетел, мора да му бидеме верни и во големи и во мали работи. (Прочитај Лука 16:10.)

Мора да останеме морално чисти

4, 5. Што не сакал да прави Јов затоа што бил решен да му остане непорочен и верен на Бог?

4 За да останеме непорочни и верни на Јехова, исто како Јов, и ние мора да се држиме за Неговите морални мерила. Јов рекол: „Склучив сојуз со своите очи, па како би можел тогаш да гледам по девица?.. Ако го завела моето срце некоја жена и ако сум демнел на вратата на својот ближен, мојата жена нека му меле жито на друг и други нека клечат над неа“ (Јов 31:1, 9, 10).

5 Бидејќи со цело срце сакал да биде непорочен, Јов не гледал по други жени. Како женет човек, тој не флертувал со немажени жени ниту, пак, сакал да развие романтични чувства кон туѓа жена. Во Проповедта на гората, Исус дал една силна изјава во врска со моралната чистота која треба да ја имаат на ум сите оние што сакаат да му останат верни на Бог. (Прочитај Матеј 5:27, 28.)

Немој никогаш да се служиш со лаги и со измама

6, 7. а) На кој начин, како и во случајот со Јов, Бог утврдува дали сме непорочни? б) Зошто не смееме да ги наведуваме другите на погрешни заклучоци или да се обидуваме да ги измамиме?

6 Ако сакаме да останеме непорочни и верни на Бог, не смееме да бидеме расипани, односно да се служиме со лаги и со измама. (Прочитај Изреки 3:31-33.) Јов рекол: „Ако сум се дружел со луѓе што зборуваат невистина и ако трчала мојата нога кон измама, [Јехова] ќе ме измери на точна вага, Бог ќе ја сознае мојата непорочност“ (Јов 31:5, 6). Јехова ги мери сите луѓе на „точна вага“. Како и во случајот на Јов, на темел на своите совршени мерила за правда, Бог утврдува дали сме непорочни.

7 Ако почнеме да ги наведуваме другите на погрешни заклучоци и да се обидуваме да ги измамиме, Бог повеќе нема да не смета за непорочни. Оние што сакаат да бидат беспрекорни и верно да му служат ‚се одрекле од срамните тајни‘ и ‚не се служат со лукавство‘ (2. Кор. 4:1, 2). Но, што ако со своите зборови или постапки ги доведуваме другите во заблуда и поради тоа некој наш соверник бара помош од Бог? Тогаш тешко нам! „Го повикав Јехова во својата неволја, и тој ме услиши“, рекол псалмистот. „О Јехова, избави ми ја душата од лажливи усни, од лукав јазик!“ (Пс. 120:1, 2). Никогаш да не заборавиме дека Бог може да види какви сме во душата и дека може ‚да ги испита нашето срце и бубрези‘ за да утврди дали навистина сме му верни (Пс. 7:8, 9).

Внимавај како постапуваш со другите

8. Како Јов постапувал со другите?

8 За да останеме непорочни и верни на Бог, треба да бидеме како Јов, кој бил праведен, понизен и обѕирен кон другите. Тој рекол: „Ако го лишував од правдата својот роб или својата робинка во нивната парница со мене, што ќе направам кога ќе се крене Бог? Кога ќе ме повика на одговорност, што ќе му одговорам? Оној што ме направи во утробата мене, не го направи ли и него, зар не нѐ создаде во мајчината утроба истиот творец?“ (Јов 31:13-15).

9. Кои особини ги покажувал Јов во односите со своите слуги, и како треба ние да постапуваме со другите?

9 По сѐ изгледа, судските случаи во времето на Јов се решавале доста едноставно. Се воделе на уреден начин, и дури и робовите можеле да ги бранат своите права на суд. Јов бил праведен и милосрден кон своите слуги. Ако сакаме да останеме непорочни, и ние мора да покажуваме такви особини, особено ако служиме како старешини во собранието.

Биди великодушен, немој да бидеш лаком

10, 11. а) Од каде знаеме дека Јов бил великодушен и дека им помагал на другите? б) На кои библиски совети би можеле да нѐ потсетат зборовите од Јов 31:16-25?

10 Јов бил великодушен и им помагал на другите. Не бил ни себичен ни лаком. Тој рекол: „Ако сум дозволил да венеат очите на вдовицата, ако сум го јадел сам својот залак, а да не јадело со мене и детето без татко... ако сум гледал како гине човек затоа што нема облека или... ако сум мавтал заканувачки со раката против дете без татко, кога сум видел на портата дека му е потребна мојата помош, рамото од плешка нека ми се измести, раката од рамо нека ми се откине!“ Освен тоа, Јов немало да остане непорочен и кога би му рекол на златото: „Довербо моја!“ (Јов 31:16-25).

11 Овие поетски зборови можат да нѐ потсетат на она што ученикот Јаков го напишал во своето послание: „Почитувањето кое е чисто и неизвалкано пред нашиот Бог и Татко е ова: да се грижиш за сираците и за вдовиците во нивната неволја и да се чуваш од валканоста на овој свет“ (Јак. 1:27). Можеби ќе се сетиме и на следново предупредување од Исус: „Бидете претпазливи, чувајте се од секаква лакомост, бидејќи, дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“. Потоа тој ја раскажал споредбата за лакомиот богат човек кој умрел, но ‚не бил богат пред Бог‘ (Лука 12:15-21). За да му останеме верни на Јехова, не смееме да дозволиме со нас да завладее лакомоста или алчноста бидејќи тоа би било грев. Лакомството е идолопоклонство затоа што, кога човек незаситно копнее по нешто, тоа му го одвраќа вниманието од Јехова и на тој начин му станува идол (Кол. 3:5). Не е можно да бидеме непорочни и верни на Бог, а истовремено да бидеме лакоми!

Не отстапувај од вистинскиот Бог

12, 13. Како гледал Јов на идолопоклонството, и каков пример ни дал со тоа?

12 Оние што сакаат да му останат верни на Бог не дозволуваат ништо да ги одвлече од него. Ни Јов не дозволил да му се случи такво нешто, бидејќи го рекол следново: „Ако сум гледал како светнала светлината или како патува убавата месечина, па моето срце потајно дозволило да биде заведено, та со раката сум им испраќал бакнежи од своите усни, почитувајќи ги како богови, и тоа би било престап кој би требало да дојде пред судии, зашто би се одрекол од вистинскиот Бог, кој е во висините“ (Јов 31:26-28).

13 Јов не им оддавал почит на неживи предмети и природни појави. Ако неговото срце потајно дозволело да биде заведено кога ги набљудувал небесните тела, како што е месечината, и ако со ‚раката им испраќал бакнежи од своите усни, почитувајќи ги како богови‘, тој би бил идолопоклоник кој отстапил од Бог (5. Мој. 4:15, 19). За да му останеме верни на Јехова, мора да се чуваме од секаков облик на идолопоклонство. (Прочитај 1. Јованово 5:21.)

Немој да бидеш одмаздољубив ни лицемерен

14. Од каде знаеме дека Јов не бил злобен?

14 Јов не бил злобен и немилосрден. Знаел дека таквите особини би покажале дека не е беспрекорен. Од неговите зборови јасно се гледа дека не ‚ѝ се радувал на пропаста на оној што многу го мразел и не се веселел кога таквиот го снашло нешто лошо‘. „На своето непце не му дозволив да греши и да повика проклетство врз неговата душа“, изјавил Јов (Јов 31:29, 30).

15. Зошто не е во ред да се радуваме ако го снајде неволја оној што нас нѐ мрази?

15 Праведниот Јов не се радувал кога неговиот непријател ќе го снајдела неволја. Подоцна, во Изреките било запишано следново предупредување: „Кога ќе падне твојот непријател, не радувај се, и кога ќе се сопне, нека не се весели срцето твое, за да не види Јехова и за да не го земе тоа за зло и да го тргне својот гнев од него“ (Изр. 24:17, 18). Бидејќи може да ни го чита срцето, Јехова забележува дали потајно се радуваме кога некој ќе се најде во неволја, и тоа воопшто не му се допаѓа (Изр. 17:5). Тој може и да нѐ казни поради таквиот лош став, бидејќи рекол: „Мои се одмаздата и казната“ (5. Мој. 32:35).

16. Како можеме да покажеме гостољубивост дури и ако немаме многу во материјален поглед?

16 Јов бил гостољубив (Јов 31:31, 32). И ние можеме да ‚бидеме гостољубиви‘ макар и да немаме многу во материјален поглед (Рим. 12:13). На пример, би можеле да поканиме некого на скромен оброк, имајќи на ум дека „подобро е јадење од зеленчук таму каде што има љубов отколку згоен јунец таму каде што има омраза“ (Изр. 15:17). Ќе уживаме дури и во едноставно јадење ако сме во пријатното друштво на нашите соверници со кои можеме духовно да се изградуваме.

17. Зошто не би смееле да се обидуваме да скриеме некој тежок грев?

17 Сите што уживале во гостољубивоста на Јов сигурно биле охрабрени во духовен поглед бидејќи тој не бил лицемер. Не бил како безбожниците што во првиот век се вовлекле во собранието и ‚им ласкале на истакнати поединци заради сопствена корист‘ (Јуда 3, 4, 16). Тој не ги прикривал своите гревови, односно не ‚го криел својот престап во пазувите‘ од страв дека другите ќе го презираат ако дознаат за тоа. Сакал да биде испитан од Бог, кому бил спремен да му го признае секој свој грев (Јов 31:33-37). Ако направиме тежок грев, да не се обидуваме да го скриеме за да си го зачуваме образот пред другите. Како би можеле во таков случај да покажеме дека се трудиме да му останеме верни на Бог? Така што ќе го признаеме гревот, ќе се покаеме, ќе побараме духовна помош и ќе правиме сѐ што можеме за да ја надоместиме штетата што сме им ја нанеле на другите (Изр. 28:13; Јак. 5:13-15).

Спремен да ја брани својата непорочност

18, 19. а) Од каде знаеме дека Јов не искористувал никого? б) Што бил спремен да стори Јов ако се докажело дека е виновен?

18 Јов бил праведен и чесен. Затоа можел да рече: „Ако викала за помош мојата земја поради моите дела и ако плачеле заедно нејзините бразди, ако сум го јадел нејзиниот род, а не сум го платил, и сум ја навел да воздивнува душата на нејзините сопственици, наместо пченица нека ми роди трнлив плевел, наместо јачмен — смрдлив плевел!“ (Јов 31:38-40). Јов никогаш не приграбил туѓа земја ниту, пак, ги искористувал работниците. И ние, исто како него, мора да му бидеме верни на Јехова и во големи и во мали работи.

19 Јов им раскажал на своите тројца пријатели и на младиот Елиу како постапувал во животот. Тој ги повикал сите што сакале да поднесат тужба против него да ги изнесат своите обвиненија кои би ја побиле неговата „потпишана изјава“ за тоа дека бил непорочен целиот свој живот. Ако се докажело дека е виновен, Јов бил спремен да ги сноси последиците. Затоа го изнел својот случај пред Бог и чекал Тој да му изрече пресуда. Така ‚завршиле зборовите на Јов‘ (Јов 31:35, 40).

И ти можеш да му останеш верен на Бог

20, 21. а) Што му помогнало на Јов да остане непорочен и верен на Бог? б) Како можеме да ја продлабочиме нашата љубов кон Бог?

20 Јов останал верен и непорочен затоа што го сакал Јехова Бог, а Тој го сакал него и му помагал. Затоа Јов му рекол: „Ми подари живот и лојална љубов. Твојата грижливост го чува мојот дух“ (Јов 10:12, фус.). Освен тоа, Јов ги сакал и другите луѓе бидејќи бил свесен дека секој што не покажува лојална љубов кон своите ближни, со текот на времето ќе престане да чувствува страхопочит кон Семоќниот (Јов 6:14, фус.). Оние што се непорочни ги сакаат Бог и ближните (Мат. 22:37-40).

21 Нашата љубов кон Бог ќе биде сѐ посилна ако секој ден ја читаме неговата Реч и ако длабоко размислуваме за она што таа ни го открива за него. Освен тоа, можеме да му се молиме од срце така што ќе го фалиме и ќе му благодариме за сето добро што го прави за нас (Фил. 4:6, 7). Нашата љубов кон Јехова исто така расте кога го фалиме со песна и кога редовно се состануваме со неговиот народ (Евр. 10:23-25). А се продлабочува и кога одиме во служба и ја објавуваме „добрата вест за неговото спасение“ (Пс. 96:1-3). Сето ова може да ни помогне да му останеме верни на Бог исто како што бил псалмистот кој напишал: „Мене ми е добро да бидам близу до Бог, Севишниот Господар Јехова е моето засолниште“ (Пс. 73:28).

22, 23. Како покажувале верните Божји слуги во минатото дека го поддржуваат Јехова како Севишен Владетел, и како го покажуваме тоа ние денес?

22 Низ историјата, Јехова им давал разни задачи на своите верни слуги. Ное изградил арка и бил ‚проповедник на праведноста‘ (2. Пет. 2:5). Исус Навин ги предводел Израелците кога влегле во Ветената земја, но успеал во тоа само затоа што ја читал ‚книгата на законот дење и ноќе‘ и постапувал во склад со она што го пишувало во неа (Ис. Нав. 1:7, 8). А христијаните во првиот век правеле ученици и редовно се состанувале за да ги проучуваат светите списи (Мат. 28:19, 20).

23 Ние го поддржуваме Јехова како Севишен Владетел и покажуваме дека сме му верни со тоа што сме ‚проповедници на праведноста‘, со тоа што правиме ученици, ги применуваме библиските совети и се состануваме со соверниците на собраниските состаноци, на собирите и на конгресите. Сето ова ни помага да бидеме храбри, духовно јаки и да ја вршиме Јеховината волја. Тоа не ни е претешко бидејќи нашиот небесен Татко и неговиот Син ни ја даваат потребната помош (5. Мој. 30:11-14; 1. Цар. 8:57). А ја имаме и поддршката на нашите браќа од целиот свет, кои заедно со нас верно му служат на Јехова и му искажуваат чест како на Севишен Господар (1. Пет. 2:17).

[Фуснота]

a Изворниот збор што овде е преведен со „непорочно“ е богат со значење и, во разни контексти, може да се преведе со различни поими. За некој што е непорочен може да се каже дека е „беспрекорен, без маана, совршен, примерен, искрен, чист, справедлив, чесен, верен (на Бог)“.

Како би одговорил?

• Како треба да гледаме на Јеховините морални мерила?

• Кои особини на Јов особено ти се допаѓаат?

• Што ни откриваат за постапувањето на Јов зборовите запишани во Јов 31:29-37?

• Зошто е можно да останеме непорочни и да му бидеме верни на Бог?

[Прашања]

[Слика на страница 29]

Јов му останал верен на Јехова, а можеме да му останеме и ние

[Слика на страница 32]

Можеме да останеме непорочни и да му бидеме верни на Бог!