Божјата милост води до вечен живот
Божјата милост води до вечен живот
„Ти, Јехова, ќе го благословиш праведникот. Како со голем штит ќе го закрилиш со својата милост“ (ПС. 5:12)
1, 2. Што побарал Илија од вдовицата во Сарепта, и што ѝ ветил?
ВДОВИЦАТА од Сарепта и нејзиниот син биле гладни, а гладен бил и Божјиот пророк Илија. Додека таа собирала дрва за да запали оган и да зготви нешто, Илија ја замолил да му донесе вода и леб. Вдовицата била спремна да му даде вода, но сметала дека нема доволно храна за да ја подели со него. Му кажала дека има „само грст брашно во ќупот и малку масло во грнето“ (1. Цар. 17:8-12).
2 Но, Илија бил упорен. „Направи од тоа мала погачка за мене и донеси ми ја“, ѝ рекол, „а потоа можеш да зготвиш нешто за себе и за син ти. Зашто, вака вели Јехова, Богот на Израел: ‚Брашното во ќупот нема да се потроши и маслото во грнето не ќе го снема‘“ (1. Цар. 17:13, 14).
3. Пред која важна одлука стоиме сите ние?
3 Вдовицата стоела пред важна одлука. Не се работело само за тоа што ќе прави со храната што ѝ преостанала туку дали ќе покаже доверба дека Јехова може да ја спаси неа и нејзиниот син. Што ќе ѝ биде поважно — да ги задоволи материјалните потреби или да ја стекне Божјата милост? Сите ние се соочуваме со слична одлука. Дали ќе ни биде поважно да бидеме пријатели со Јехова и да ја стекнеме неговата милост или да бидеме материјално обезбедени? Имаме добри причини да положиме доверба во Бог и да му служиме. Освен тоа, постојат и неколку работи што може да ги направиме за да ја стекнеме неговата милост.
‚Достоен си да ја примиш славата и честа‘
4. Зошто Јехова заслужува да го славиме и да му служиме?
4 Јехова со право очекува од луѓето да му служат како што бара тој. Една група небесни духовни суштества го потврдиле ова кога во еден глас рекле: „Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ, и поради твојата волја сѐ постои и е создадено“ (Отк. 4:11). Значи, Јехова заслужува да го славиме и да му служиме затоа што е наш Творец.
5. Зошто Божјата љубов кон нас треба да нѐ поттикне да му служиме?
5 Треба да му служиме на Јехова и затоа што никој друг не нѐ сака повеќе од него. Библијата вели: „Бог го создаде човекот според својот лик, го создаде според Божјиот лик — ги создаде машко и женско“ (1. Мој. 1:27). Тој ни дал слободна волја, како и способност да размислуваме и да донесуваме одлуки. Со тоа што го создал првиот човек, Јехова им станал Татко на сите луѓе (Лука 3:38). Како и секој добар татко, тој прави сѐ што е потребно за неговите синови и ќерки да имаат убав живот. Бог „дава неговото сонце да изгрева“ и „да паѓа дожд“ за да може Земјата да раѓа изобилство храна и да биде прекрасен дом за нас (Мат. 5:45).
6, 7. а) Какво зло им нанел Адам на сите свои потомци? б) Каква корист ќе имаат од Христовата жртва оние што ќе ја стекнат Божјата милост?
6 Јехова се погрижил и да нѐ избави од страшните последици на гревот. Со тоа што згрешил, Адам станал како коцкар кој краде од семејството за да ги троши парите на својот порок. Кога се побунил против Јехова, тој им ја украл на своите деца прекрасната можност да бидат среќни и да живеат вечно. Поради неговата себичност, луѓето станале робови на еден суров господар — несовршеноста — и како резултат на тоа, сите се разболуваме, страдаме и на крајот умираме. Сепак, робовите можат да бидат ослободени, под услов некој да плати откуп за нив. Токму тоа го сторил Јехова за нас. Тој платил откуп за да нѐ ослободи од ужасните последици на гревот. (Прочитај Римјаните 5:21.) Постапувајќи во склад со волјата на својот Татко, Исус Христос го дал „својот живот како откупнина за мнозина“ (Мат. 20:28). Наскоро, оние што ќе ја стекнат Божјата милост ќе извлечат потполна корист од Христовата откупна жртва.
7 Според тоа, нашиот Творец, Јехова, направил сѐ што е потребно за да ни пружи среќен и исполнет живот. Никој друг не направил толку многу за нас. Ако ја стекнеме неговата милост, ќе можеме со свои очи да видиме како Тој ќе ја надомести сета штета што му била нанесена на човечкиот род. Секој од нас ќе почувствува на своја кожа дека Јехова „ги наградува оние што ревносно го бараат“ (Евр. 11:6).
„Твојот народ спремно ќе се понуди“
8. Што учиме во врска со служењето на Бог од она што го доживеал Исаија?
8 За да ја стекнеме Божјата милост, треба да ја користиме слободната волја на исправен начин. Јехова не присилува никого да му служи. На пример, во времето на пророкот Исаија, Бог прашал: „Кого да испратам? Кој ќе оди за нас?“ Јехова покажал почит кон пророкот со тоа што му дал право самиот да одлучи дали ќе ја прифати задачата. Замисли си колку се радувал Исаија што можел да одговори: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ (Иса. 6:8).
9, 10. а) Со каков став треба да му служиме на Бог? б) Зошто треба да ја вршиме Божјата волја со сета душа?
9 Луѓето можат сами да изберат дали ќе му служат на Бог или не. Тој сака да му служиме доброволно. (Прочитај Исус Навин 24:15.) На Јехова не му е мило кога некој го прави тоа сосила или, пак, само ‚за да им угодува на луѓе‘, односно за да го гледаат другите (Кол. 3:22). Освен тоа, и ако дозволиме работите од светот да нѐ спречат да му служиме на Јехова „со сето срце“, нема да ја стекнеме неговата милост (Пс. 119:2). Тој знае дека за нас е добро да ја вршиме неговата волја со сета душа. Мојсеј ги поттикнал Израелците да го изберат животот ‚така што ќе го сакаат Јехова, својот Бог, ќе го слушаат неговиот глас и ќе се држат за него‘ (5. Мој. 30:19, 20).
10 Цар Давид од древниот Израел му пеел на Јехова: „Твојот народ спремно ќе се понуди во денот кога ќе ја поведеш во војна својата војска. Украсени со светост, од утробата на зората, покрај тебе се твоите млади воини, кои се како капките роса“ (Пс. 110:3). Многу луѓе денес гледаат само материјално да се обезбедат или, пак, да се забавуваат. За разлика од нив, оние што го сакаат Јехова ја ставаат Неговата волја на прво место. Тие јасно покажуваат што им е најважно во животот со тоа што ревносно ја проповедаат добрата вест. Имаат потполна доверба дека Јехова може да се грижи за нивните секојдневни потреби (Мат. 6:33, 34).
Жртви со кои можеме да ја стекнеме Божјата милост
11. Што се надевале Израелците дека ќе постигнат со жртвите што му ги принесувале на Јехова?
11 Додека биле под сојузот на Законот, Израелците како Божји народ принесувале прифатливи жртви за да ја стекнат неговата милост. Во 3. Мојсеева 19:5 се вели: „Ако му принесувате на Јехова жртва на заедништвото, принесете ја така, што ќе стекнете милост“. Во истата библиска книга стои: „Ако му жртвувате на Јехова жртва благодарница, жртвувајте ја за да стекнете милост“ (3. Мој. 22:29). Кога Израелците му принесувале животински жртви на Јехова на прифатлив начин, чадот што се кревал од неговиот жртвеник бил како „успокојувачки мирис“ за него (3. Мој. 1:9, 13). Со таквите жртви народот ја покажувал својата љубов кон вистинскиот Бог и затоа тие му биле пријатни и угодни (1. Мој. 8:21). Овие обележја на Законот содржат едно начело што важи и денес. Јеховината милост ја стекнуваат оние што му принесуваат прифатливи жртви. Но, кои се тие жртви што се прифатливи за него? Да разгледаме две полиња од животот: нашето однесување и нашиот говор.
12. Поради кои постапки Бог не би ги прифатил ‚нашите тела како жртва‘?
12 Во своето послание до Римјаните, апостол Павле напишал: „Ве молам... да ги дадете своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог, да му служите на Бог, користејќи го својот разум“ (Рим. 12:1). За некој да ја стекне Божјата милост, мора да внимава неговото тело да биде прифатливо за Бог. Ако си го валка телото со тоа што пуши, џвака бетелов орев, зема дрога или прекумерно пие, неговата жртва нема да има никаква вредност (2. Кор. 7:1). Освен тоа, Библијата вели дека и оној што „прави блуд, греши против своето сопствено тело“, па затоа жртвата на секој што врши каков и да било неморал исто така му е одвратна на Јехова (1. Кор. 6:18). За да му угодиме на Бог, мора ‚да бидеме свети во сѐ што правиме‘ (1. Пет. 1:14-16).
13. Зошто треба да го фалиме Јехова?
13 Друга жртва што Јехова многу ја цени е поврзана со нашиот говор. Оние што го сакаат Бог зборуваат добро за него, и со своите домашни и со другите луѓе. Така било во минатото, а така е и денес. (Прочитај Псалм 34:1-3.) Прочитај ги Псалми 148-150 и обрни внимание на колку места во овие три псалми сме поттикнати да го фалиме Јехова. Навистина, „на справедливите им прилега да упатуваат фалби“ (Пс. 33:1). Нашиот Пример, Исус Христос, нагласил колку е важно да го фалиме Бог со тоа што ќе ја проповедаме добрата вест (Лука 4:18, 43, 44).
14, 15. Кои жртви требало да ги принесуваат Израелците, и како гледал Јехова на оние што го правеле тоа?
14 Кога ревносно проповедаме, покажуваме дека го сакаме Јехова и дека ни е важно да ја стекнеме неговата милост. Размисли за она што им го кажал пророкот Осија на Израелците кои почнале да им служат на туѓи богови и ја изгубиле Божјата милост (Оси. 13:1-3). Тој ги поттикнал да го молат Јехова со зборовите: „Прости ни ја вината и прими го она што е добро, а ние ќе ти принесеме за возврат плод [„јунци“, фус.] од усните свои!“ (Оси. 14:1, 2).
15 Јунецот бил најскапото животно што еден Израелец можел да му го принесе на Јехова. Затоа, изразот ‚јунци од усните‘ ги означувал искрените, внимателно избрани зборови со кои бил фален вистинскиот Бог. Како гледал Јехова на оние што принесувале вакви жртви? Тој рекол: „Ќе ги сакам со задоволство“ (Оси. 14:4). На тие Израелци Јехова им простувал, им покажувал милост и им бил пријател.
16, 17. Како гледа Јехова на фалбата од оние што, поттикнати од вера, почнуваат да ја проповедаат добрата вест?
16 Слугите на вистинскиот Бог Јехова отсекогаш му оддавале слава пред другите. Псалмистот толку многу сакал да го фали Бог што му се обратил со зборовите: „Те молам, Јехова, нека ти бидат пријатни доброволните жртви од мојата уста“ (Пс. 119:108). А како е денес? Во врска со едно големо мноштво луѓе во нашево време, Исаија го прорекол следново: „Фалбите на Јехова ќе ги објавуваат... [Нивните дарови] ќе дојдат на [Божјиот] жртвеник како пријатна жртва“ (Иса. 60:6, 7). Во исполнување на ова пророштво, милиони му принесуваат на Бог „жртва на фалба, односно плод на усните кои го објавуваат неговото име“ (Евр. 13:15).
17 Дали и ти му принесуваш прифатливи жртви на Бог? Ако не, ќе ги направиш ли потребните промени за да почнеш да го фалиш Јехова пред другите? Кога верата во Јехова ќе те поттикне да ја проповедаш добрата вест, твојата жртва ‚ќе му биде помила од јунец‘. (Прочитај Псалм 69:30, 31.) Можеш да бидеш уверен дека „успокојувачкиот мирис“ од твојата жртва на фалба ќе стигне до Бог и дека ќе ја стекнеш неговата милост (Езек. 20:41). Тогаш ќе чувствуваш неопислива радост.
‚Јехова ќе го благослови праведникот‘
18, 19. а) Каков став имаат многу луѓе денес кон служењето на вистинскиот Бог? б) Што се случува со оние што ја губат Божјата милост?
18 Денес многу луѓе размислуваат исто како некои Израелци во времето на Малахија, кои велеле: „Залудно е да му се служи на Бог. Каква корист имаме од тоа што го вршиме она што сме должни да му го вршиме?“ (Мал. 3:14). Бидејќи материјалните работи им се најважни од сѐ, тие не сакаат да веруваат дека Бог може да преземе нешто за да ја оствари својата намера и сметаат дека денес човек нема никаква корист ако ги држи Божјите закони. Мислат дека со тоа што проповедаме само си го губиме времето и им досадуваме на луѓето.
19 Таквиот став не е ништо ново. Всушност, Сатана бил тој што уште во еденската градина ја навел Ева да ја потцени вистинската вредност на прекрасниот живот што ѝ го дал Јехова и со презир да ја отфрли неговата милост. Денес Сатана ги тера луѓето да веруваат дека е залудно да ја вршиме Божјата волја. Но, Ева и нејзиниот маж сфатиле дека оној што ќе ја изгуби Божјата милост на крајот ќе го изгуби и својот живот. Оние што денес го следат нивниот лош пример наскоро и самите ќе се соочат со оваа горчлива вистина (1. Мој. 3:1-7, 17-19).
20, 21. а) Што направила вдовицата од Сарепта, и што се случило со неа? б) Како и зошто треба да го следиме нејзиниот пример?
20 Спореди го несреќниот крај на Адам и Ева со она што ѝ се случило на вдовицата од Сарепта која беше спомната во почетокот. Откако ги слушнала охрабрувачките зборови на Илија, таа испекла леб, и прво му дала парче на пророкот. Тогаш Јехова го исполнил она што го ветил преку својот пророк. Извештајот вели: „Многу денови имаа што да јадат таа, тој и нејзиниот дом. Брашното во ќупот не се потроши и маслото во грнето не го снема, според речта што ја кажа Јехова преку Илија“ (1. Цар. 17:15, 16).
21 Вдовицата од Сарепта направила нешто што малкумина од милијардите луѓе денес би биле спремни да го направат. Таа покажала потполна доверба во Богот на спасението и тој не ја изневерил. Овој и други библиски извештаи потврдуваат дека Јехова навистина ја заслужува нашата доверба. (Прочитај Исус Навин 21:43-45; 23:14.) И од животот на денешните Сведоци на Јехова јасно се гледа дека Тој никогаш не ги напушта оние што ја имаат неговата милост (Пс. 34:6, 7, 17-19). a
22. Зошто мора без одложување да се трудиме да ја стекнеме Божјата милост?
22 Божјиот ден на суд, кој „ќе дојде врз сите што живеат по целата земја“, сега е на прагот (Лука 21:34, 35). Никој нема да му побегне. Сите што ја имаат Божјата милост ќе го слушнат Судијата поставен од Бог како вели: „Дојдете, благословени од мојот Татко, наследете го царството кое е подготвено за вас“ (Мат. 25:34). Никакво богатство ни материјални удобности не можат да се споредат со тој благослов! Да, ‚Јехова ќе го благослови праведникот и како со голем штит ќе го закрили со својата милост‘ (Пс. 5:12). Тогаш, зарем не треба да се трудиме да ја стекнеме Божјата милост?
[Фуснота]
a Види во Стражарска кула од 15 март 2005, страница 13, пасус 15; и во Стражарска кула од 1 август 1997, страници 20-25.
Се сеќаваш ли?
• Зошто Јехова заслужува да го славиме и да му служиме со сета душа?
• Кои жртви се прифатливи за Јехова денес?
• Што значи изразот ‚јунци на нашите усни‘, и зошто треба да му ги принесуваме на Јехова?
• Зошто треба да се трудиме да ја стекнеме Божјата милост?
[Прашања]
[Слика на страница 13]
Каква одлука требало да донесе една сиромашна мајка?
[Слика на страница 15]
Како ни користи тоа што му принесуваме на Јехова жртви на фалба?
[Слика на страница 17]
Оној што има безрезервна доверба во Јехова, никогаш нема да се разочара