Како да останеме чесни во еден нечесен свет
Како да останеме чесни во еден нечесен свет
ИСТО како воздухот што го дишеме, и нечесноста ја има насекаде околу нас. Луѓето лажат, крадат, наплаќаат повеќе отколку што треба, не враќаат долгови и се фалат со своето нечесно работење. Бидејќи живееме во ваков свет, честопати ќе се најдеме во ситуации кога ќе биде ставена на испит нашата решеност да бидеме чесни. Што ќе ни помогне да му се спротивставиме на притисокот да постапуваме нечесно? Да разгледаме три многу важни работи: стравот од Јехова, изострената совест и тоа што ќе бидеме задоволни со она што го имаме.
Здрав страв од Јехова
Пророкот Исаија напишал: „Јехова е наш Судија, Јехова е наш Законодавец, Јехова е наш Цар“ (Иса. 33:22). Ако го признаваме авторитетот што го поседува Бог, ќе имаме страв од него, а тоа ќе ја зајакне нашата решеност да останеме чесни по секоја цена. Во Изреки 16:6 стои: „Од страв од Јехова човекот се трга од злото“. Овде не станува збор за некој болен страв дека Бог ќе нѐ казни, туку за страв кој влијае позитивно врз нас, за разумна загриженост да не предизвикаме незадоволство кај нашиот небесен Татко, кој е многу заинтересиран за нашето добро (1. Пет. 3:12).
Една вистинска случка потврдува колку добро влијание има ваквата оправдана загриженост, односно страв од Бог. Рикардо и неговата жена, Фернанда, извадиле пари од својата банковна сметка во противвредност од 500 евра. * Фернанда го ставила купчето пари во ташната без да ги преброи. Откако платиле неколку сметки и се вратиле дома, се изненадиле кога виделе дека во паричникот на Фернанда останала речиси истата сума што ја зеле од банка. „Сигурно службеничката ни исплатила повеќе пари“, заклучиле. Во почетокот биле на искушение да ги задржат, бидејќи имале уште многу други неплатени сметки. Рикардо објаснува: „Го молевме Јехова да ни даде сила да ги вратиме парите. Бидејќи сакавме да му угодиме, во склад со поттикот од Изреки 27:11, го вративме вишокот“.
Совест изострена според Библијата
Можеме да си ја остриме совеста ако ја проучуваме Библијата и ако се трудиме да го применуваме она што го учиме. На тој начин, ‚речта Божја која е жива и делотворна‘ ќе ни продре и во срцето, а не само во умот. Ова ќе нѐ поттикне „во сѐ да постапуваме чесно“ (Евр. 4:12; 13:18).
Размисли за Жоао, кој должел сума во вредност од 3.600 евра. Без да го врати долгот, тој се преселил во друг град. Осум години подоцна, ја дознал библиската вистина, и неговата совест, изострена според Библијата, го поттикнала да му се јави на заемодавецот за да му ги врати парите што му ги должел! Бидејќи Жоао има мали примања со кои мора да ја издржува жената и четирите деца, заемодавецот се согласил долгот да му биде исплатен на месечни рати.
Задоволни со она што го имаме
Апостол Павле напишал: „Оддаденоста на Бог е извор на голема добивка, кога човек е задоволен со она што го има... Ако имаме храна, облека и покрив над главата, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тим. 6:6-8). Овој мудар совет може да ни помогне да не бидеме алчни и да не паднеме во замка да склучуваме сомнителни деловни зделки или да прифатиме некои нереални понуди за брзо збогатување (Изр. 28:20). Ако го послушаме советот на Павле, ќе можеме да го ставиме Божјето Царство на прво место, потполно уверени дека Јехова ќе се грижи за нашите основни потреби (Мат. 6:25-34).
Сепак, затоа што ‚богатството е примамливо‘, секогаш постои опасност да станеме алчни или лакоми (Мат. 13:22). Сети се на Ахан. Тој бил меѓу оние што со чудо ја преминале реката Јордан. И покрај тоа, се полакомил и не можел да ѝ одолее на желбата да украде малку сребро и злато, како и скапоцена наметка од пленот што го зеле од градот Ерихон. За тоа платил со својот живот (Ис. Нав. 7:1, 20-26). Ништо чудно што со векови подоцна Исус го дал следново предупредување: „Бидете претпазливи, чувајте се од секаква лакомост“! (Лука 12:15).
Чесни на работното место
Да разгледаме сега некои околности што можат да ја стават на испит нашата решеност да бидеме чесни во сѐ. За да бидеме чесни на работното место не смееме да ‚поткраднуваме‘ — дури и ако сите други го прават тоа (Тит 2:9, 10). Журандир, кој работи за една владина агенција, секогаш поднесувал точен извештај за своите патни трошоци. Но, неговите колеги обично не ја прикажувале точната сума, туку известувале дека потрошиле повеќе. Тоа го правеле со знаење и дозвола на шефот на одделот. Всушност, тој човек го укорил Журандир поради неговата чесност и престанал да го испраќа на службени патувања! Но, по некое време во агенцијата била извршена финансиска контрола, и Журандир бил пофален затоа што бил чесен. Освен тоа, добил и унапредување.
Андре, кој работел како продавач, добил упатство од својот работодавач да им наплаќа на муштериите двапати за иста услуга. Нашиот брат го молел Јехова да му даде храброст да се држи за библиските начела (Пс. 145:18-20). Освен тоа, се обидел да му објасни на работодавачот зошто не може да го послуша, но залудно. Затоа Андре решил да даде отказ, иако таа работа била добро платена. Но, околу една година подоцна, неговиот поранешен работодавач повторно го викнал да работи кај него и го уверил дека веќе не постапуваат со муштериите на нечесен начин. Андре бил унапреден во раководител.
Враќај ги долговите
Апостол Павле им го дал следниов совет на христијаните: „Не должете никому ништо“ (Рим. 13:8). Би можеле да се обидеме да си најдеме изговор за да не вратиме некој долг, велејќи си дека оној што ни дал заем е богат и дека не зависи од тие пари. Но, Библијата предупредува: „Злиот зема на заем и не враќа“ (Пс. 37:21).
Но, што ако некој ‚непредвиден настан‘ нѐ спречи да вратиме нешто што должиме? (Проп. 9:11). Франциско позајмил од Алфредо пари во вредност од 5.000 евра за да ја исплати својата хипотека. Но, бидејќи имал некои проблеми во бизнисот, не можел да ги врати парите во договорениот рок. Тој му пристапил на Алфредо за да разговараат во врска со тоа, и Алфредо се согласил да му го отплати долгот на неколку рати.
Немој да оставаш погрешен впечаток
Сети се на лошиот пример на Ананија и Сапфира, брачна двојка од христијанското собрание во првиот век. Откако продале една нива, тие однеле само дел од парите кај апостолите, тврдејќи дека тоа е целата сума. Го направиле ова затоа што сакале да ги воодушеват другите со својата „голема“ дарежливост. Но, под водство на Божјиот свет дух, апостол Петар ја разоткрил нивната измама, и Јехова ги погубил (Дела 5:1-11).
За разлика од Ананија и Сапфира, писателите на Библијата биле искрени и чесни. Мојсеј отворено признал дека во една ситуација пропуштил да го контролира својот гнев, и поради тоа Јехова не му дозволил да влезе во Ветената земја (4. Мој. 20:7-13). И пророкот Јона не ги скрил пропустите што ги направил пред и откако им проповедал на жителите на Ниневија, туку ги запишал во својата книга (Јона 1:1-3; 4:1-3).
Се разбира, потребна е храброст за да се каже вистината. Понекогаш тоа може да има непријатни последици, како што се гледа од она што ѝ се случило на 14-годишната ученичка Наталија. Откако ја разгледала писмената работа што ѝ била оценета, видела дека наставникот не забележал дека еден одговор е погрешен и го означил како точен. Наталија веднаш решила да му го покаже тоа иако знаела дека така ќе има помала оценка. „Родителите отсекогаш ме поучуваа да бидам чесна за да го радувам Јехова. Совеста ќе ме печеше ако не му кажев на мојот наставник“, рекла таа. Наставникот ја пофалил за нејзината чесност.
Нашата чесност го слави Јехова
Жизел, која има 17 години, нашла паричник со документи и со пари во вредност од 25 евра. Таа им го предала на претпоставените во училиштето за да му го вратат на сопственикот. Еден месец подоцна, заменик-директорот прочитал писмо пред целиот клас во кое Жизел била пофалена за нејзината чесност, а нејзиното семејство за тоа што добро ја воспитало и ѝ всадило религиозни вредности. Со своите „добри дела“, таа му донела слава на Јехова (Мат. 5:14-16).
Не е лесно да се биде чесен меѓу луѓе што се ‚себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени и нелојални‘ (2. Тим. 3:2). Сепак, можеме да постапуваме чесно во овој нечесен свет ако имаме здрав страв од Јехова, совест изострена според Библијата и ако сме задоволни со она што го имаме. Така ќе стануваме сѐ поблиски со Јехова, кој е ‚праведен и ги сака праведните дела‘ (Пс. 11:7).
[Фуснота]
^ пас. 5 Некои имиња се сменети.
[Слики на страница 7]
Ако имаме здрав страв од Јехова, ќе бидеме уште порешени да постапуваме чесно
[Слика на страница 8]
Со нашата чесност му носиме слава на Јехова