,Хендикепирана сега, но не засекогаш!‘
,Хендикепирана сега, но не засекогаш!‘
Раскажала Сара Ван Дер Монд
Луѓето честопати ми велат: „Сара, имаш прекрасна насмевка. Зошто си секогаш толку радосна?“ Тогаш им кажувам дека имам една посебна надеж. Им велам: „Хендикепирана сум сега, но нема да бидам засекогаш!“
РОДЕНА СУМ во 1974 год. во Париз (Франција). Мајка ми имала проблеми при породувањето, и подоцна лекарите утврдиле дека имам церебрална парализа. Како мала, не можев многу да ги движам рацете и нозете, а кога зборував, на другите им беше тешко да ме разберат. Со текот на времето добив и епилепсија, а бев подложна и на инфекции.
Кога имав две години, моето семејство се пресели во Мелбурн (Австралија). Две години подоцна, татко ми нѐ напушти и останав сама со мајка ми. Се сеќавам дека тоа беше првиот пат кога се почувствував блиска со Бог. Мајка ми, која е Јеховин сведок, редовно ме носеше на христијанските состаноци. Тие ми помогнаа да сфатам дека Бог ме сака и дека се грижи за мене. Благодарение на утехата што ја добив од него, како и на љубовта што ми ја покажуваше мајка ми, се чувствував сигурно, иако нашата ситуација се промени.
Мајка ми ме научи и како да му се молам на Јехова. Всушност, многу полесно ми беше да се молам отколку да зборувам. Кога се молам, не мора да се мачам да ги изговорам зборовите — јасно ‚ги слушам‘ во мислите. Утешно е што знам дека Јехова разбира сѐ, сеедно дали ќе го кажам во себе или ќе се трудам да го изговорам гласно (Пс. 65:2).
Други предизвици
На пет години, веќе не можев да одам без да носам тешки метални протези. Дури и со нив се тетеравев! На 11 години не можев воопшто да одам. Подоцна, не можев сама ни да легнам ни да станам од креветот. Морав да користам електрична дигалка за да се сместам во мојата електромоторна количка, која ја движам со помош на рачен управувач.
Морам да признаам дека понекогаш се обесхрабрувам поради мојата болест. Но, тогаш помислувам на нашето семејно мото: „Не грижи се за она што не можеш да го правиш — прави го она што можеш“. Со ваквиот став, успеав да постигнам многу работи, на пример, да јавам коњ, да едрам на вода, да пловам со кану, да кампувам, па дури и да возам кола на полигон! Освен тоа, со задоволство сликам, шијам, плетам, везам и изработувам глинени садови.
Поради мојата тешка состојба, некои луѓе сметаа дека не сум доволно способна сама да донесам одлука да му служам на
Бог. Кога имав 18 години, една професорка ме убедуваше да си заминам од дома за да „се ослободам“ од религијата на мајка ми. Дури и се понуди да ми најде сместување! Но, јас ѝ кажав дека никогаш нема да ја напуштам мојата религија и дека ќе си заминам од дома тогаш кога ќе можам да живеам посамостојно.Недолго по тој разговор со професорката, се крстив како Јеховин сведок. Две години подоцна, се преселив во помал стан каде што сѐ уште живеам. Овде ми е многу убаво бидејќи ја имам потребната помош, но и извесна мера независност.
Неочекувана брачна понуда
Низ годините, се соочив и со други испити на мојата вера. Еден ден, сосема неочекувано, добив брачна понуда од еден познајник, кој исто така има хендикеп. Во прв момент, се почувствував поласкано. Како и повеќето девојки, и јас би сакала да се омажам. Сепак, нема гаранција дека еден пар ќе има среќен брак само затоа што и двајцата се хендикепирани. Што е најважно, тој младич не му служеше на Јехова. Ние имавме сосема различни верувања, активности и цели. Како воопшто би можеле да бидеме среќни заедно? Бев решена да ја послушам јасната Божја заповед да се омажам само за соверник (1. Кор. 7:39). Затоа, љубезно ја одбив понудата на овој млад човек.
Сѐ уште сум уверена дека донесов исправна одлука. И, воопшто не се сомневам дека ќе бидам среќна во Божјиот нов свет (Пс. 145:16; 2. Пет. 3:13). Дотогаш, ќе сторам сѐ што можам за да му останам верна на Јехова и да бидам задоволна со моите сегашни околности.
Едвај чекам да дојде денот кога ќе скокнам од количката и ќе трчам колку што ме држат нозете! Тогаш ќе извикам на сет глас: „Бев хендикепирана, но сега сум здрава, и тоа засекогаш!“