Имај доверба во Јехова, кој ги одредува „времињата и раздобјата“
Имај доверба во Јехова, кој ги одредува „времињата и раздобјата“
„Тој ги менува времињата и раздобјата, соборува цареви и поставува цареви“ (ДАН. 2:21)
КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?
Како творештвото и исполнетите пророштва покажуваат дека Јехова е Богот кој одредува кога е вистинското време да се исполни она што го наумил?
Што сме поттикнати да правиме затоа што знаеме дека Јехова е Богот кој ги одредува „времињата и раздобјата“?
Зошто светските настани и човечките планови не влијаат врз Јеховиниот временски распоред?
1, 2. Што покажува дека Јехова потполно го разбира концептот за времето?
ЈЕХОВА БОГ кажал како ќе се мери времето на Земјата долго пред да го создаде човекот. На четвртиот творечки ден, Тој рекол: „Нека настанат извори на светлина на небесниот свод за да го одделуваат денот од ноќта и да служат како знаци за времињата, деновите и годините!“ (1. Мој. 1:14, 19, 26). Во склад со Јеховината волја, токму тоа и се случило.
2 Но, до ден-денес научниците не можат точно да го дефинираат времето. „Времето е една од најголемите мистерии“, стои во една енциклопедија. „Никој не може да каже што точно е тоа.“ Меѓутоа, Јехова потполно го разбира концептот за времето. Тој е „Творецот на небесата... оној што ја обликува и ја направи земјата“. Исто така, Јехова ‚од почетокот го јавува завршетокот, од дамнина го јавува она што уште не било‘ (Иса. 45:18; 46:10). За да ја зајакнеме својата вера во него и во неговата Реч, Библијата, да разгледаме како творештвото и исполнетите пророштва покажуваат дека Јехова е Богот кој одредува кога е вистинското време да се исполни она што го наумил.
ТВОРЕШТВОТО НИ ЈА ЗАЈАКНУВА ВЕРАТА
3. Кои работи во материјалниот свет се многу прецизни во однос на времето?
3 Во материјалниот свет, сѐ се одвива според прецизен временски распоред — и во малите и во големите работи. На пример, секој атом рамномерно вибрира одреден број пати во секунда. Атомските часовници, кои се засноваат на ова својство на атомот, толку точно го мерат времето што во следните 80 милиони години ќе отстапат за само една секунда! Планетите и ѕвездите исто така се движат толку прецизно што може точно да се предвиди каде ќе бидат во даден момент. Во минатото, нивните положби на небото служеле да се одредат годишните времиња, а на морепловците им помагале да се ориентираат на отворено море. Јехова, кој ги создал овие точни „часовници“, навистина има „огромна сила“ и заслужува да го славиме! (Прочитај Исаија 40:26.)
4. Како се гледа Божјата мудрост во временскиот распоред што постои во живиот свет?
4 И биолошките процеси во живиот свет се одвиваат според прецизен временски распоред. Повеќето растенија и животни имаат вградени биолошки часовници. Многу птици инстинктивно знаат кога треба да се преселат (Ерем. 8:7). И кај луѓето постои внатрешен часовник кој го контролира дневниот ритам на телото. На пример, ако некој патува со авион и помине низ неколку временски зони, ќе му требаат денови да се врати во нормалниот биоритам. Од овие и од многу други примери во творештвото се гледа моќта и мудроста на Богот што ги одредува „времињата и раздобјата“. (Прочитај Псалм 104:24.) Бидејќи Јехова има безгранична мудрост и моќ, може да бидеме уверени дека ништо нема да го спречи да ги исполни своите намери!
ИСПОЛНУВАЊЕТО НА ПРОРОШТВАТА НИ ЈА ЗАЈАКНУВА ВЕРАТА
5. а) Само на кој начин можеме да дознаеме што ни носи иднината? б) Зошто Јехова може да ги претскаже настаните и времето кога тие ќе се случат?
5 Од творбите учиме многу за ‚невидливите својства‘ на Јехова, но не добиваме одговор на некои важни прашања како, на пример: „Што им носи иднината на луѓето?“ (Рим. 1:20). Одговорот може да го најдеме на страниците на Божјата Реч, Библијата. Ако ја истражуваме, ќе видиме дека пророштвата што ги дал Бог секогаш се исполнувале токму навреме. Јехова може да ни открие што нѐ очекува бидејќи може точно да предвиди што ќе се случи во иднина. Освен тоа, она што е претскажано во Библијата се исполнува навреме затоа што Јехова Бог може да предизвика настаните да се случат во склад со неговата намера и во времето што тој го одредил.
6. Што покажува дека Јехова сака да го разбереме исполнувањето на библиските пророштва?
6 Јехова сака неговите слуги да ги разберат библиските пророштва и да извлечат поука од нив. Иако има поинаква претстава за времето од нас, кога ќе каже дека нешто ќе се случи во одредено време, тој користи поими што нам ни се познати. (Прочитај Псалм 90:4.) На пример, во Откровение 9:14, 15 се зборува за „четирите ангели“ кои се „подготвени за одредениот час и ден и месец и година“. Во овие стихови се наведени единици за време што ние ги користиме. Кога гледаме како пророштвата се исполнувале во точно одредено време, се зајакнува нашата вера во Богот кој ги одредува „времињата и раздобјата“ и во неговата Реч. Да разгледаме неколку примери.
7. Како исполнувањето на пророштвото на Еремија во врска со Ерусалим и Јуда потврдува дека Јехова секогаш ја остварува својата намера во времето што го одредил?
7 Прво, да видиме што се случило во седми век пр.н.е. „Во четвртата година на Јоаким, синот на Јосија, царот на Јуда“, Јехова зборувал со пророкот Еремија во врска со јудејскиот народ (Ерем. 25:1). Бог прорекол дека Ерусалим ќе биде срамнет со земја и дека жителите на Јуда ќе бидат одведени во ропство во Вавилон. Таму требало да ‚му служат на вавилонскиот цар седумдесет години‘. Вавилонската војска го уништила Ерусалим во 607 год. пр.н.е. и Евреите навистина биле однесени како робови во Вавилон. Но, што требало да се случи кога ќе поминеле 70 години? Еремија претскажал: „Вака вели Јехова: ‚Кога ќе навршат седумдесет години во Вавилон, ќе ве посетам и ќе ви го исполнам својот добар збор дека ќе ве вратам на ова место‘“ (Ерем. 25:11, 12; 29:10). Ова пророштво се исполнило точно навреме — во 537 год. пр.н.е., кога Медијците и Персијците ги ослободиле Евреите од Вавилон.
8, 9. Како пророштвата на Даниел за Месијата и неговото Царство покажуваат дека Јехова е Бог кој ги одредува „времињата и раздобјата“?
8 Да разгледаме уште едно пророштво во врска со Божјиот народ од тоа време. Две години пред Евреите да си заминат од Вавилон, Бог претскажал преку пророкот Даниел дека Месијата ќе се појави 483 години откако ќе биде донесена одредба повторно да се изгради Ерусалим. Царот на Медо-Персија ја издал оваа одредба во 455 год. пр.н.е. Точно 483 години подоцна — во 29 год. од н.е. — Исус од Назарет бил помазан со свет дух кога се крстил и со тоа станал Месијата a (Неем. 2:1, 5-8; Дан. 9:24, 25; Лука 3:1, 2, 21, 22).
9 Да видиме сега што прорекла Библијата во врска со Божјето Царство. Таа јасно покажува дека месијанското Царство требало да завладее на небото во 1914 год. Во таа година требало да „се исполнат одредените времиња на незнабошците“ (Лука 21:24; Дан. 4:10-17). b Во склад со ова, токму од 1914 год. наваму се гледа и исполнувањето на пророштвото за „знакот“ на Исусовата присутност. Оттогаш настапил период на болни неволји за Земјата кои се последица на тоа што Сатана бил исфрлен од небото (Мат. 24:3-14; Отк. 12:9, 12).
10. Кои идни настани сигурно ќе се случат навреме?
10 Наскоро ќе се започне ‚големата неволја‘ која ја претскажал Исус. По неа ќе следи Христовото илјадагодишно Царство. Нема никакво сомнение дека овие работи ќе се исполнат точно навреме. Кога Исус бил на Земјата, Јехова веќе го имал одредено ‚денот и часот‘ кога ќе се случат овие настани (Мат. 24:21, 36; Отк. 20:6).
„ОТКУПУВАЈТЕ СИ ВРЕМЕ“
11. Како треба да влијае врз нас тоа што знаеме дека живееме во времето на крајот?
11 Како треба да влијае врз нас тоа што знаеме дека Царството владее и дека живееме во „времето на крајот“? (Дан. 12:4). Иако мнозина гледаат дека условите на Земјата постојано се влошуваат, сепак не сфаќаат дека со овие настани се исполнуваат библиските пророштва за последните денови. Некои можеби си мислат дека проблемите во светот ќе излезат од контрола, а други веруваат дека луѓето на некој начин ќе успеат да постигнат „мир и сигурност“ (1. Сол. 5:3). Дали ние веруваме дека сме речиси пред самиот крај на Сатановиот свет? Ако да, зарем не треба да го користиме преостанатото време за да му служиме на Богот кој ги одредува „времињата и раздобјата“ и да им помагаме на другите да го запознаат? (2. Тим. 3:1). Мора мудро да одлучиме како ќе го користиме нашето време. (Прочитај Ефешаните 5:15-17.)
12. Што може да научиме од она што го кажал Исус во врска со времето на Ное?
12 Бидејќи многу работи во овој свет можат да ни го одвлечат вниманието, не е лесно мудро да го користиме времето. Исус предупредил: „Како што беше во деновите на Ное, таква ќе биде и присутноста на Синот човечки“. Како било во времето на Ное? Бог му кажал на овој верен слуга дека ќе му стави крај на тогашниот свет и дека злобните луѓе ќе загинат во потоп што ќе ја зафати целата Земја. Како ‚проповедник на праведноста‘, Ное верно им ја објавувал Божјата порака на луѓето во тоа време (Мат. 24:37; 2. Пет. 2:5). Но, тие ‚јаделе и пиеле, се женеле и се мажеле и не обрнувале внимание додека не дошол потопот и ги однел сите‘. Затоа Исус им го дал следново предупредување на своите следбеници: „Бидете подготвени, зашто Синот човечки доаѓа во час кога не се надевате“ (Мат. 24:38, 39, 44). Мора да дадеме сѐ од себе за да бидеме како Ное, а не како луѓето во неговото време. Што ќе ни помогне да бидеме подготвени?
13, 14. Што не смееме да заборавиме во врска со Јехова, и како тоа ќе ни помогне верно да му служиме додека го чекаме доаѓањето на Синот човечки?
13 Иако Синот човечки доаѓа во час кога не се надеваме, не смееме да заборавиме дека Јехова секогаш ја исполнува својата намера навреме. Врз неговиот временски распоред не влијаат светските настани ниту човечките планови. Во склад со својата намера, Јехова одредува кога ќе се случат одредени настани и каков ќе биде нивниот исход. (Прочитај Даниел 2:21.) Во Изреки 21:1 се вели: „Срцето на царот е како вода што тече во раката на Јехова. Тој го насочува таму каде што сака“.
14 Јехова може да влијае врз настаните и да ги темпира работите за да ја оствари својата намера точно навреме. Многу значајни промени што се случуваат во светот, всушност, се исполнување на библиските пророштва. Ова особено важи за проповедањето на добрата вест за Божјето Царство кое се врши низ целиот свет. Размисли што се случи откако се распадна Советскиот Сојуз. Малкумина помислуваа дека такви огромни политички промени можат да настапат речиси прекуноќ. Но, како резултат на тие промени, сега добрата вест се проповеда во многу земји каде што нашето дело пред тоа беше забрането. Затоа, да правиме сѐ што можеме за мудро да го трошиме времето служејќи му верно на Богот кој ги одредува „времињата и раздобјата“.
ИМАЈ ВЕРА ДЕКА ЈЕХОВА НАВРЕМЕ ЌЕ ЈА ИСПОЛНИ СВОЈАТА НАМЕРА
15. Како ќе покажеме вера кога станува збор за некои организациски промени?
15 За да продолжиме да проповедаме за Царството во овие последни денови мора да имаме вера дека Јехова ги исполнува своите намери точно навреме. Бидејќи ситуацијата во светот постојано се менува, можеби ќе мора да правиме некои промени во начинот на кој ја извршуваме службата. Организацијата може одвреме-навреме да направи некои преиначувања за да проповедаме поделотворно. Покажуваме вера во Богот кој ги одредува „времињата и раздобјата“ ако постапуваме во склад со таквите промени, додека верно продолжуваме да служиме под водство на неговиот Син, кој е „глава на собранието“ (Еф. 5:23).
16. Зошто може да имаме вера дека Јехова ќе ни даде помош секогаш кога ќе ни биде потребна?
16 Јехова сака да му се молиме во секое време со целосна доверба дека ќе ни даде помош секогаш кога ќе ни биде потребна (Евр. 4:16). Од тоа многу јасно се гледа колку се грижи за секого од нас и колку многу нѐ сака (Мат. 6:8; 10:29-31). Покажуваме вера во Јехова Бог со тоа што редовно го молиме за помош, а потоа постапуваме во склад со нашите молитви и со неговото водство. Освен тоа, не забораваме да се молиме и за нашите соверници.
17, 18. а) Што ќе преземе наскоро Јехова против своите непријатели? б) Од која опасност треба да се чуваме?
17 Сега не е време ‚ниту да се поколебаме, ниту да изгубиме вера‘ туку, напротив, да ‚се зајакнеме преку својата вера‘ (Рим. 4:20). Божјите непријатели — Сатана и оние што се под негово влијание — се обидуваат да го запрат делото кое Исус им го доверил на своите следбеници, вклучувајќи нѐ и нас (Мат. 28:19, 20). Но, иако Ѓаволот нѐ напаѓа, ние знаеме дека Јехова е „живиот Бог, кој е Спасител на најразлични луѓе, посебно на оние што се верни“. Тој „знае како да ги избави од искушение луѓето што му се оддадени“ (1. Тим. 4:10; 2. Пет. 2:9).
18 Наскоро, Јехова ќе му стави крај на овој злобен свет. Иако не ги знаеме сите детали и не го знаеме точното време кога ќе се случи тоа, знаеме дека Христос ќе ги уништи Божјите непријатели точно навреме и ќе биде докажано дека Јехова има право да владее над сѐ. Навистина би било многу опасно да заборавиме колку се значајни „времињата и раздобјата“ во кои живееме денес! Никогаш да не се залажуваме дека „сѐ си стои како што било од почетокот на создавањето“ (1. Сол. 5:1; 2. Пет. 3:3, 4).
ЧЕКАЈ ГО БОГ
19, 20. Зошто треба да го чекаме Јехова?
19 Во почетокот, Јехова Бог имал намера луѓето бесконечно да учат за него и за неговото прекрасно создание. Во Проповедник 3:11 се вели: „[Јехова] направил сѐ да е убаво во свое време. Дури и вечноста им ја ставил на луѓето в срце, за да не можат да ги сфатат во потполност делата кои вистинскиот Бог ги направил“.
20 Колку сме среќни што Јехова никогаш не ја променил својата намера во врска со човекот! (Мал. 3:6). Бог „не се менува, не е како непостојана сенка“ (Јак. 1:17). Врз неговиот временски распоред не влијае начинот на кој луѓето го мерат времето, како што е, на пример, вртењето на Земјата околу својата оска. Јехова е „Царот на вечноста“ (1. Тим. 1:17). Затоа, ‚да го чекаме Богот на нашето спасение‘ (Мих. 7:7). Библијата нѐ поттикнува: „Бидете храбри, и срцето нека ви биде силно, на сите вас што го чекате Јехова!“ (Пс. 31:24).
[Фусноти]
[Прашања]
[Слика на страница 19]
Даниел имал вера дека Божјите пророштва ќе се исполнат
[Слика на страница 21]
Дали мудро го користиш времето за да ја вршиш Јеховината волја?