Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова е Бог „што ги открива тајните“

Јехова е Бог „што ги открива тајните“

Јехова е Бог „што ги открива тајните“

„Вашиот Бог навистина е Бог над боговите, Господар над царевите и Оној што ги открива тајните“ (ДАН. 2:47)

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

Кои детали за иднината ни ги открива Јехова?

Што претставуваат првите шест глави на ѕверот?

Кои глави на ѕверот одговараат на различните делови од кипот што го видел Навуходоносор?

1, 2. Што ни открил Јехова, и зошто?

 КОИ влади ќе имаат превласт на Земјата кога Божјето Царство ќе му стави крај на човечкото владеење? Ние го знаеме одговорот затоа што ни го дал Јехова Бог, „Оној што ги открива тајните“. Преку списите на пророкот Даниел и на апостол Јован, Тој ни помага да разбереме кои се тие влади.

2 Јехова им дал на овие двајца луѓе повеќе виденија за неколку ѕверови. Освен тоа, му го објаснил на Даниел значењето на пророчкиот сон за еден огромен кип составен од различни метали. Јехова се погрижил тие извештаи да бидат запишани и зачувани во Библијата за наша поука (Рим. 15:4). Тоа го направил за да ја зацврсти нашата надеж дека наскоро неговото Царство ќе ги уништи сите човечки влади (Дан. 2:44).

3. Што е потребно за да ги разбереме библиските пророштва, и зошто?

3 Пророштвата што ги запишале Даниел и Јован ни даваат информации за осум цареви, односно човечки влади, и откриваат по кој редослед се појавуваат на светската сцена. Сепак, за да ги разбереме овие пророштва, мора да го разбереме значењето на првото пророштво запишано во Божјата Реч. Зошто? Бидејќи неговото исполнување е главната тема на целата Библија и сите други пророштва се поврзани со него.

ПРОРОШТВА ЗА ПОТОМСТВОТО НА ЗМИЈАТА И ЗА ЅВЕРОТ

4. Кој го сочинува потомството на жената, и што ќе направи тоа?

4 Наскоро по побуната во рајската градина, Јехова претскажал дека една ‚жена‘ ќе добие „потомство“. * (Прочитај 1. Мојсеева 3:15.) Нејзиното потомство на крајот требало да ја смачка главата на змијата, односно на Сатана. Подоцна Јехова открил дека ова потомство ќе дојде преку Авраам, дека ќе се роди во израелскиот народ, ќе биде од Јудиното племе и ќе потекнува од цар Давид (1. Мој. 22:15-18; 49:10; Пс. 89:3, 4; Лука 1:30-33). Исус Христос е главниот дел од тоа потомство (Гал. 3:16). Во споредниот дел спаѓаат помазаните христијани (Гал. 3:26-29). Исус и помазаните христијани го сочинуваат Божјето Царство преку кое Бог ќе го сотре Сатана (Лука 12:32; Рим. 16:20).

5, 6. а) Колку големи сили се спомнати во пророштвата на Даниел и на Јован? б) Што претставуваат главите на ѕверот од Откровение?

5 Во првото пророштво изречено во рајската градина било откриено дека и Сатана ќе има „потомство“, кое ќе покаже непријателство и омраза кон потомството на жената. Кој го сочинува потомството на змијата? Сите оние што, исто како Сатана, го мразат Бог и му се противат на Божјиот народ. Низ историјата, Сатана го организирал своето потомство во различни политички уредувања, односно царства (Лука 4:5, 6). Но, само мал број од човечките царства директно се бореле против Божјиот народ — или против израелскиот народ или против собранието од помазани христијани. Зошто е важно да го имаме ова на ум? Бидејќи ни помага да сфатиме зошто Даниел и Јован зборуваат за вкупно осум големи сили.

6 При крајот на првиот век од н.е., воскреснатиот Исус му дал неколку впечатливи виденија на апостол Јован (Отк. 1:1). Во едно од нив, Јован видел како Ѓаволот, претставен со еден змеј, стои на брегот на големо море. (Прочитај Откровение 12:17 — 13:2.) Јован видел како од тоа море излегува еден страшен ѕвер, кој имал седум глави и добил голема власт од Ѓаволот. Подоцна Јован видел и еден црвен ѕвер кој исто така имал седум глави. Тоа бил кип на ѕверот што излегол од морето, спомнат во Откровение 13:1. Еден ангел му кажал на Јован дека седумте глави на црвениот ѕвер претставуваат „седум цареви“, односно влади (Отк. 13:14, 15; 17:3, 9, 10). До времето кога Јован го запишал Откровението, пет од нив веќе паднале, едниот бил на власт, а седмиот „уште не дошол“. Кои се тие царства, односно светски сили? Во оваа статија ќе видиме кое царство го претставува секоја од главите на ѕверот опишан во Откровението. Освен тоа, и од пророштвата на Даниел ќе дознаеме интересни детали за повеќето од тие царства. Некои од нив се појавиле на светската сцена со векови откако Даниел ги напишал своите пророштва за нив!

ЕГИПЕТ И АСИРИЈА — ПРВИТЕ ДВЕ ГЛАВИ

7. Што претставува првата глава, и од каде го знаеме тоа?

7 Првата глава на ѕверот го претставува Египет затоа што Египет бил првата светска сила која покажала непријателство и омраза кон Божјиот народ. Потомците на Авраам, Израелците — преку кои требало да дојде ветеното потомство на жената — отишле да живеат во Египет. Таму многу се намножиле, и Египќаните почнале да ги угнетуваат. Всушност, во обид да го истреби Божјиот народ уште пред да дојде ветеното потомство, Сатана го навел фараонот да ги погуби сите израелски машки новороденчиња. Но, Јехова го спречил во тоа и го ослободил својот народ од египетското ропство (2. Мој. 1:15-20; 14:13). Подоцна им ја дал Ветената земја на Израелците.

8. Што претставува втората глава, и што се обидела да направи?

8 Втората глава на ѕверот ја претставува Асирија. Ова моќно царство исто така се обидело да го уништи Божјиот народ. Јехова ја употребил Асирија да го казни десетплеменското царство Израел поради неговото идолопоклонство и побуна. Но, потоа Асирија го нападнала и Ерусалим. Можеби со тоа Сатана сакал да ја уништи царската лоза во која на крајот требало да се роди Исус. Овој напад не бил дел од Јеховината намера, и затоа со чудо го избавил својот верен народ од канџите на непријателот така што ја погубил асирската војска (2. Цар. 19:32-35; Иса. 10:5, 6, 12-15).

ВАВИЛОН — ТРЕТАТА ГЛАВА

9, 10. а) Што им дозволил Јехова на Вавилонците? б) Што морало да се случи за да се исполнат пророштвата?

9 Третата глава на ѕверот што го видел Јован го претставува царството чиј главен град бил Вавилон. Јехова им дозволил на Вавилонците да го разорат Ерусалим и да ги одведат неговите жители во ропство. Но, пред да бидат понижени на ваков начин, Бог ги предупредил бунтовните Израелци дека ќе ги снајде таа неволја (2. Цар. 20:16-18). Тој претскажал дека на „Јеховиниот престол“ во Ерусалим повеќе нема да седат човечки цареви (1. Лет. 29:23). Но, ветил и дека повторно ќе му ја даде „круната“, односно царската власт, на еден потомок на цар Давид, кој ‚според законот имал право‘ на неа (Езек. 21:25-27).

10 Едно друго пророштво покажувало дека Евреите ќе го обожавале Јехова во храмот во Ерусалим кога ќе пристигнел ветениот Месија (Дан. 9:24-27). А уште пред Израелците да бидат одведени како заробеници во Вавилон, било проречено дека Месијата ќе се роди во Витлеем (Мих. 5:2). Овие пророштва можеле да се исполнат само ако Евреите биле ослободени од ропството, ако се врателе во својата земја и ако повторно го изграделе храмот. Но, Вавилонците немале обичај да ги ослободуваат своите заробеници. Тогаш, како можел Божјиот народ да се врати во родната земја? Јехова им го открил одговорот на своите пророци (Амос 3:7).

11. Кои различни симболи го претставуваат Вавилонското Царство? (Види ја фуснотата.)

11 Пророкот Даниел бил еден од заробениците кои биле одведени во Вавилон (Дан. 1:1-6). Преку него, Јехова открил кои царства ќе дојдат на власт по вавилонската светска сила. Бог ги открил овие тајни служејќи се со различни симболи. На пример, тој предизвикал вавилонскиот цар Навуходоносор да сони сон за еден огромен кип што бил направен од различни метали. (Прочитај Даниел 2:1, 19, 31-38.) Преку Даниел, Јехова открил дека златната глава на тој кип го претставувала Вавилонското Царство. * Сребрените гради и раце на кипот ја претставувале светската сила која требало да дојде по Вавилон. Која била таа, и како постапувала со Божјиот народ?

МЕДО-ПЕРСИЈА — ЧЕТВРТАТА ГЛАВА

12, 13. а) Што открил Јехова во врска со поразот на Вавилон? б) Зошто може да се каже дека Медо-Персија е четвртата глава на ѕверот?

12 Повеќе од еден век пред времето на Даниел, Јехова открил преку својот пророк Исаија некои детали во врска со светската сила која ќе го порази Вавилон. Освен што прорекол на кој начин ќе биде освоен Вавилон, Бог однапред го кажал и името на освојувачот. Тој водач бил Персиецот Кир (Иса. 44:28 — 45:2). Даниел добил уште две виденија во врска со медо-персиската светска сила. Во едното од нив, ова царство било претставено со мечка, која се подигнала од едната страна и на која ѝ било кажано ‚да јаде многу месо‘ (Дан. 7:5). Во другото видение, оваа двојна светска сила била претставена со овен кој имал два рога (Дан. 8:3, 20).

13 Во склад со пророштвото што го дал, Јехова го употребил Медо-персиското Царство за да го порази Вавилон и да ги врати Израелците во родната земја (2. Лет. 36:22, 23). Но, подоцна оваа светска сила и самата за малку ќе го истребела Божјиот народ. Во библиската книга Естира се зборува за еден заговор што го сковал Аман, управителот на целото Персиско Царство. Тој издал писмен налог да бидат истребени сите Евреи кои живееле во тоа огромно царство и одредил точно на кој ден да се изврши овој геноцид. Но, Јехова повторно се погрижил неговиот народ да биде заштитен од омразата на потомството на Сатана (Ест. 1:1-3; 3:8, 9; 8:3, 9-14). Со оглед на сето ова, може да се каже дека Медо-Персија е четвртата глава на ѕверот од Откровението.

ГРЦИЈА — ПЕТТАТА ГЛАВА

14, 15. Кои детали ги открил Јехова во врска со древното Грчко Царство?

14 Петтата глава на ѕверот од Откровение ја претставува Грција. Во сонот за кипот што Даниел му го објаснил на царот Навуходоносор, оваа сила е претставена со стомакот и колковите од бакар. Јехова му дал на Даниел уште две виденија кои содржат значајни детали за ова царство и за неговиот најпознат владетел.

15 Во едно видение што го добил Даниел, Грција била претставена со леопард со четири крилја (Дан. 7:6) Тоа укажувало дека ова царство многу брзо ќе освојува други народи. Во едно друго видение, Даниел видел еден јарец кој имал голем рог, и кој брзо го убил овенот со два рога што ја претставувал Медо-Персија. Јехова му кажал на Даниел дека јарецот ја претставува Грција, и дека големиот рог претставува еден од нејзините цареви. Потоа Даниел запишал дека овој рог ќе биде скршен и на негово место ќе изникнат четири помали рогови. Ова пророштво се исполнило до детали иако било запишано стотици години пред Грција да стане светска сила. Александар Велики, најпознатиот цар на древна Грција, тргнал во поход против Медо-Персија. Но, наскоро овој рог бил скршен, односно овој голем цар умрел кога бил на врвот на својата моќ и имал само 32 години. На крајот, неговото царство било поделено меѓу четворица негови генерали. (Прочитај Даниел 8:20-22.)

16. Што направил Антиох IV?

16 Откако ја победила Персија, Грција владеела над земјата во која живеел Божјиот народ. Дотогаш Евреите повторно се населиле во Ветената земја и го изградиле храмот во Ерусалим. Тие сѐ уште биле Божји избран народ, а обновениот храм сѐ уште бил средиште на обожавањето на вистинскиот Бог. Но, во вториот век пр.н.е., Грција, петтата глава на ѕверот, го нападнала Божјиот народ. Антиох IV, еден од наследниците на генералите што си го поделиле царството на Александар, поставил жртвеник на пагански богови во храмскиот двор во Ерусалим и им забранил на Евреите да му служат на својот Бог. Непослушноста на оваа заповед се казнувала со смрт. На тој начин, потомството на Сатана повторно покажало силна омраза кон Божјиот народ! Но, наскоро Грција била принудена да ѝ го отстапи местото на друга светска сила. Која била шестата глава на ѕверот?

РИМ — ШЕСТАТА ГЛАВА, ‚СТРАШНА И УЖАСНА‘

17. Каква улога одиграла шестата глава во исполнувањето на 1. Мојсеева 3:15?

17 Рим бил светска сила кога Јован го добил видението за ѕверот (Отк. 17:10). Оваа шеста глава имала клучна улога во исполнувањето на пророштвото од 1. Мојсеева 3:15. Преку римските власти, Сатана го ранил потомството на жената „во петицата“. Како? Тие го осудиле Исус на темел на лажни обвиненија дека се бунтува против државата, и го погубиле (Мат. 27:26). Но, таа рана „во петицата“ наскоро оздравела бидејќи Јехова го воскреснал Исус.

18. а) Кој нов народ го избрал Јехова, и зошто? б) Како потомството на змијата продолжило да покажува непријателство кон потомството на жената?

18 Заедно со Римјаните, израелските верски водачи сковале заговор против Исус, а и поголемиот дел од израелскиот народ не го прифатил како Месија. Од тие причини, Јехова ги отфрлил родените Израелци (Мат. 23:38; Дела 2:22, 23). Наместо нив, си избрал за себе нов народ, „Израелот Божји“ (Гал. 3:26-29; 6:16). Тоа е собранието на помазани христијани кое се состои и од Евреи и од не-Евреи (Еф. 2:11-18). По смртта и воскресението на Исус, потомството на змијата продолжило да покажува непријателство кон потомството на жената. Во повеќе наврати Рим се обидел да го уништи христијанското собрание, споредниот дел од потомството на жената. *

19. а) Како Даниел ја опишува шестата светска сила? б) Што ќе разгледаме во статијата на 14. страница?

19 Во сонот што Даниел му го протолкувал на Навуходоносор, Рим е претставен со нозете од железо (Дан. 2:33). Даниел добил уште едно видение во кое, освен Римското Царство, е опишана и следната светска сила што ќе произлезе од Рим. (Прочитај Даниел 7:7, 8.) Со векови, Рим бил како „страшен, ужасен и необично силен“ ѕвер. Меѓутоа, Даниел видел и дека на главата на овој ѕвер кој имал „десет рогови“ пораснал еден мал рог што станал посилен од другите. Што претставуваат овие десет рогови, и кого го претставува малиот рог? На кој дел од огромниот кип што го видел Навуходоносор одговара овој мал рог? Одговорот на овие прашања ќе го разгледаме во статијата на 14. страница.

[Фусноти]

^ Оваа жена ја претставува Јеховината организација на небото, која се состои од духовни суштества и која е како Негова жена (Иса. 54:1; Гал. 4:26; Отк. 12:1, 2).

^ Вавилон е претставен со главата на кипот во книгата Даниел и со третата глава на ѕверот опишан во Откровение. Види ја рамката на страници 12-13.

^ До времето кога Рим го уништил Ерусалим во 70 год. од н.е., Израел веќе не бил Божји избран народ. Според тоа, уништувањето на Ерусалим од страна на Римјаните не било дел од исполнувањето на 1. Мојсеева 3:15.

[Прашања]