Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто да ја ставиме службата за Јехова на прво место?

Зошто да ја ставиме службата за Јехова на прво место?

Зошто да ја ставиме службата за Јехова на прво место?

„Мојата уста ќе ја објавува твојата праведност, твоето спасение по цел ден“ (ПС. 71:15)

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

Зошто Ное, Мојсеј, Еремија и Павле го ставиле Јехова на прво место во животот?

Што ќе ти помогне да одлучиш на што ќе го посветиш својот живот?

Зошто си решен да ја ставиш службата за Јехова на прво место?

1, 2. а) Што покажуваме кога му се заветуваме на Јехова? б) Како може да ни помогне примерот што го дале Ное, Мојсеј, Еремија и Павле?

 КОГА му се заветуваме на Јехова и стануваме крстени следбеници на Исус, ја донесуваме најважната одлука во животот. Во тој момент како да велиме: ‚Јехова, сакам ти да бидеш мој Господар. Јас сум твој слуга. Сакам ти да одредуваш како ќе го трошам времето, што ќе ми биде најважно во животот и како ќе ги користам моите средства и способности‘.

2 Ако си крстен христијанин, и ти си му го ветил истото на Јехова. Заслужуваш пофалба затоа што си ја донел оваа исправна и мудра одлука. Но, како го користиш времето откако си го прифатил Јехова за свој Господар? Ное, Мојсеј, Еремија и апостол Павле се многу добар пример во овој поглед. Сите тројца му служеле на Јехова со цело срце. Одлуките што ги донеле јасно покажале што им е најважно. Нивниот пример може да ни помогне да размислиме како ние го користиме своето време (Мат. 28:19, 20; 2. Тим. 3:1).

ПРЕД ПОТОПОТ

3. Во која смисла нашето време е слично на времето на Ное?

3 Исус го споредил времето на Ное со нашево време. Тој рекол: „Како што беше во деновите на Ное, таква ќе биде и присутноста на Синот човечки“. Луѓето ‚јаделе и пиеле, се женеле и се мажеле, сѐ до денот кога Ное влегол во арката, и не обрнувале внимание додека не дошол потопот и ги однел сите‘ (Мат. 24:37-39). И денес мнозина не обрнуваат внимание на тоа дека живееме во едно значајно време и не сакаат да ги слушаат предупредувањата што ги разгласуваат Божјите слуги. Многу од нив ни се потсмеваат кога им кажуваме дека наскоро Бог ќе ги уништи злите, исто како што се исмевале и луѓето во деновите на Ное (2. Пет. 3:3-7). Но, како овој Божји слуга го користел своето време иако другите околу него не биле спремни да го слушаат?

4. Како Ное го користел времето откако добил задача од Јехова, и зошто?

4 Откако Бог му ја кажал својата намера и му дал задача, Ное почнал да гради арка со која ќе можеле да се спасат и луѓе и животни (1. Мој. 6:13, 14, 22). Освен тоа, го објавувал и претстојниот суд од Јехова. Апостол Петар вели дека Ное бил ‚проповедник на правдата‘, со што покажува дека Ное давал сѐ од себе за да им помогне на луѓето да сфатат во колку опасна ситуација се наоѓаат. (Прочитај 2. Петрово 2:5.) Што мислиш, дали ќе било разумно Ное и неговото семејство да се посветеле на работа која ќе им донела поголема заработувачка, поудобен живот и поголем углед во тогашното општество? Се разбира дека не! Бидејќи знаеле што ќе се случи, тие не дозволиле ништо да им го одвлече вниманието од задачата што им ја дал Јехова.

ИЗБОРОТ НА ЕДЕН ПРИНЦ ОД ЕГИПЕТ

5, 6. а) Зошто Мојсеј најверојатно бил поучен „за сета египетска мудрост“? б) Зошто Мојсеј ги отфрлил можностите што му се нуделе во Египет?

5 Да го разгледаме сега примерот на Мојсеј. Тој пораснал во египетска палата како посвоен син на фараоновата ќерка. Како млад принц, бил поучен „за сета египетска мудрост“ (Дела 7:22; 2. Мој. 2:9, 10). Најверојатно ова образование требало да го подготви да служи на дворот на фараонот. Мојсеј можел да стане истакната личност во најмоќната влада од тоа време и да ужива во сите можни почести, удобности и задоволства што ги носела таа положба. Но, дали ова му било најважно?

6 Благодарение на поуките што во раното детство ги добил од своите вистински родители, Мојсеј најверојатно знаел што им ветил Јехова на неговите предци Авраам, Исак и Јаков. Тој верувал во тие ветувања. Сигурно многу размислувал за својата иднина и за тоа како да му остане верен на Јехова. На крајот, дошло време да одлучи дали ќе биде принц во Египет или израелски роб. Што избрал тој? Мојсеј повеќе сакал „да биде малтретиран заедно со Божјиот народ отколку да ужива во минливите грешни задоволства“. (Прочитај Евреите 11:24-26.) Подоцна, тој дозволил Јехова да го води во животот (2. Мој. 3:2, 6-10). Зошто? Затоа што имал доверба во Божјите ветувања. Мојсеј заклучил дека во Египет нема иднина за него. Всушност, Бог наскоро ја сотрел таа земја со десетте неволји. Што можат да научат од ова денешните Јеховини слуги? Наместо да ни биде најважно да градиме кариера и да уживаме во задоволствата што ни ги нуди овој свет, на прво место треба да ни бидат Јехова и службата за него.

ЕРЕМИЈА ЗНАЕЛ ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ

7. Во која смисла Еремија бил во слична ситуација како и ние?

7 Пророкот Еремија исто така ја ставил службата за Јехова на прво место во својот живот. Бог го поставил за пророк и му дал задача да им проповеда порака на суд на отпадничките Евреи во Ерусалим и Јуда. Во некоја смисла, и Еремија живеел во „последните денови“ (Ерем. 23:19, 20). Тој многу добро знаел дека тогашниот еврејски поредок го чека неизбежен крај.

8, 9. а) Зошто Бог морал да го исправи Варух? б) За што треба да размислуваме кога правиме планови за иднината?

8 Како постапил Еремија затоа што бил цврсто уверен дека Ерусалим наскоро ќе биде уништен? Тој не планирал да гради иднина во тоа општество на кое му се ближел крајот. Ова би немало никаква смисла. Но, едно време неговиот писар, Варух, не гледал јасно на работите. Затоа, Бог му кажал на Еремија да го предупреди со следниве зборови: „Еве, што изградив, ќе урнам, и што посадив, ќе искорнам, и тоа по целата земја. А ти бараш големи работи за себе. Не барај го тоа!“ (Ерем. 45:4, 5).

9 Не знаеме што точно биле ‚големите работи‘ кои Варух ги барал за себе. * Но, знаеме дека, што и да биле, немало долго да траат затоа што ќе ги изгубел кога Вавилонците го освоиле Ерусалим во 607 год. пр.н.е. Што учиме од ова? Иако мора донекаде да ја планираме иднината за да ги задоволиме основните потреби, дали би било мудро да вложуваме многу време и труд за да стекнеме работи кои немаат трајна вредност? (Изр. 6:6-11). Точно е дека Јеховината организација и понатаму планира да гради нови Сали на Царството, подружници и други проекти. Сепак, овие планови имаат иднина бидејќи со нив се поддржува делото на Царството. Затоа, би било добро како Јеховини слуги секогаш да размислуваме дали нашите планови и цели ќе ни помогнат уште подобро да му служиме на Јехова во иднина. Дали длабоко во своето срце си уверен дека ‚го бараш најнапред царството и Божјата праведност‘? (Мат. 6:33).

„СЕТО ТОА ГО СМЕТАМ ЗА СМЕТ“

10, 11. а) Што му било најважно на Павле пред да стане христијанин? б) Зошто Павле во потполност ги сменил своето гледиште и своите цели?

10 На крајот, да го разгледаме примерот на Павле. Пред да стане христијанин, на Павле му претстоела светла иднина во еврејскиот поредок. Тој бил школуван за еврејскиот закон кај еден од најпознатите учители во тоа време. Добил и овластувања од еврејскиот првосвештеник. Освен тоа, напредувал во јудејството повеќе од многумина свои врсници (Дела 9:1, 2; 22:3; 26:10; Гал. 1:13, 14). Но, неговиот живот тргнал во сосем поинаков правец кога му станало јасно дека Јехова го отфрлил еврејскиот народ.

11 Павле сфатил дека, од Јеховина гледна точка, би било бескорисно да напредува во еврејското општество бидејќи тоа немало никаква иднина (Мат. 24:2). Павле ја разбрал Божјата намера, и сметал дека е огромна чест да ја проповеда добрата вест. Всушност, овој поранешен фарисеј отишол дотаму што рекол дека сето она што порано му било важно е само „смет“, односно ѓубре. Тој го напуштил јудаизмот и ја проповедал добрата вест до крајот на својот живот на Земјата. (Прочитај Филипјаните 3:4-8, 15; Дела 9:15.)

ШТО ТИ Е НАЈВАЖНО ТЕБЕ?

12. Што му било најважно на Исус откако се крстил?

12 Ное, Мојсеј, Еремија, Павле и многу други како нив го трошеле најголемиот дел од своето време и сила во службата за Јехова. Тие се многу добри примери за нас. Се разбира, најдобар пример за верен слуга на Јехова е Исус (1. Пет. 2:21). Откако се крстил, тој до крајот на својот живот на Земјата ревносно ја проповедал добрата вест и го славел Јехова. Според тоа, јасно е дека на секој христијанин што го прифаќа Јехова за свој Господар службата треба да му биде најважна од сѐ. Дали ова може да се каже и за тебе? Како можеме да правиме повеќе за Јехова и истовремено да се грижиме за другите секојдневни обврски? (Прочитај Псалм 71:15; 145:2.)

13, 14. а) На што се поттикнати сите крстени христијани? б) Каква радост можат да почувствуваат Божјите слуги?

13 Низ годините, Јеховината организација постојано ги поттикнува христијаните да размислат дали можат да служат како пионери и да се молат во врска со тоа. Од различни причини, некои верни слуги на Јехова не се во состојба да проповедаат по околу 70 часа месечно. Не треба да се разочаруваат поради тоа (1. Тим. 5:8). Но, како е со тебе? Дали ти би можел да служиш како пионер?

14 Размисли за радоста што ја чувствуваа многу Божји слуги во периодот околу Спомен-свеченоста оваа година. Во текот на март, помошните пионери имаа можност да изберат дали ќе поминат 30 или 50 часа во службата на проповедање (Пс. 110:3). Неколку милиони учествуваа во оваа служба, и во собранијата можеше да се почувствува посебна возбуденост и радост. Дали би можел да направиш некои промени за почесто да бидеш помошен пионер? Кога еден крстен христијанин служи како пионер, многу е среќен што на крајот на денот може да каже: „Јехова, направив сѐ што можев во службата за тебе“.

15. Каква цел треба да си постават младите христијани додека сѐ уште се на училиште?

15 Ако си млад христијанин кој наскоро ќе заврши со школувањето, веројатно имаш добро здравје и немаш многу обврски. Дали сериозно си размислувал да започнеш со општа пионерска служба? Можеби твоите професори со најдобри намери те поттикнуваат да продолжиш на факултет и да најдеш добра работа. Но, тие ги полагаат своите надежи во економски систем и во човечки организации кои немаат никаква иднина. Од друга страна, ако го посветиш својот живот на службата за Јехова, добро ќе го искористиш своето време и ќе можеш да имаш вечна иднина. Така ќе го следиш совршениот пример на Исус. Освен тоа, оваа мудра одлука ќе ти помогне да бидеш среќен и ќе те заштити. Со На тој начин, ќе покажеш дека навистина си решен да живееш во склад со заветот што си му го дал на Јехова (Мат. 6:19-21; 1. Тим. 6:9-12).

16, 17. Кои прашања треба да си ги постават христијаните во врска со нивната служба за Јехова?

16 Денес, многу Божји слуги работат од утро до мрак за да се грижат за основните потреби на своите семејства. Но, можеби некои работат повеќе отколку што навистина е потребно (1. Тим. 6:8). Светот прави сѐ за да нѐ убеди дека не можеме да живееме без најновите производи што постојано излегуваат на пазарот. Но, вистинските христијани не сакаат Сатановиот свет да им диктира што треба да им биде најважно (1. Јов. 2:15-17). А што би можеле да прават пензионерите? Зарем нема најдобро да го искористат своето време ако служат како пионери и ако ја стават службата за Јехова на прво место во животот?

17 Секој крстен Јеховин слуга би можел да се праша: Што ми е најважно во животот? Дали го ставам Царството на прво место? Дали сум самопожртвуван исто како што бил Исус? Дали продолжувам без престан да го следам? Можам ли да направам некои промени за да имам повеќе време за служба или за други теократски активности? Дури и ако околностите моментално ме спречуваат да служам во поголема мера, дали и понатаму се трудам да бидам самопожртвуван?

‚ДА САКАТЕ И ДА ПОСТАПУВАТЕ‘

18, 19. За што би можел да се молиш, и зошто тоа ќе го радува Јехова?

18 Прекрасно е да се види како вистинските христијани со ревност му служат на Бог. Но, некои немаат голема желба да бидат пионери или, пак, мислат дека не се доволно способни за таква служба иако можеби околностите им го дозволуваат тоа (2. Мој. 4:10; Ерем. 1:6). Ако и ти се чувствуваш така, моли го Јехова за помош. Павле рекол дека Јехова е спремен да ‚дејствува во нас за да сакаме и да постапуваме‘ (Фил. 2:13). Моли се и кај тебе да се развие желба да бидеш пионер и да ги стекнеш потребните способности за таа служба (2. Пет. 3:9, 11).

19 Ное, Мојсеј, Еремија, Павле и Исус биле верни Божји слуги. Тие ги користеле своето време и сила да ги објавуваат Јеховините предупредувања. Не дозволиле ништо друго да им го одвлече вниманието од тоа. Бидејќи крајот на сегашниов свет е на прагот, сите ние што сме му се заветувале на Бог треба да даваме сѐ од себе за да ги следиме овие извонредни примери од Библијата (Мат. 24:42; 2. Тим. 2:15). Ако правиме така, ќе го радуваме Јехова и ќе имаме големи благослови. (Прочитај Малахија 3:10.)

[Фуснота]

^ Види во Еремија и Божјата порака за нас, страници 104-106.

[Прашања]

[Слика на страница 21]

Луѓето не обрнале внимание на предупредувањето што им го давал Ное

[Слика на страница 24]

Дали сериозно си размислувал да започнеш со општа пионерска служба?