Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Биди решен да ги избегнеш Сатановите стапици!

Биди решен да ги избегнеш Сатановите стапици!

Биди решен да ги избегнеш Сатановите стапици!

‚Спротивставете се на Ѓаволовите сплетки‘ (ЕФ. 6:11)

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

Како еден слуга на Јехова би можел да ја избегне замката на материјализмот?

Што ќе им помогне на христијаните што се во брак да не паднат во јамата на прељубата?

Зошто си уверен дека треба да се спротивставиш на материјализмот и на неморалот?

1, 2. а) Зошто Сатана ги мрази помазаниците и ‚другите овци‘? б) Кои стапици на Сатана ќе ги разгледаме во оваа статија?

 САТАНА ЃАВОЛОТ не ги сака луѓето, а особено ги мрази оние што му служат на Јехова. Всушност, тој води војна против остатокот од помазаници (Отк. 12:17). Овие христијани храбро предводат во проповедањето и им кажуваат на луѓето дека Сатана е владетелот на овој свет. Ѓаволот ги мрази и ‚другите овци‘, кои им помагаат на помазаниците и имаат надеж за вечен живот (Јован 10:16). За разлика од нив, Сатана ја изгубил можноста да живее вечно, и затоа е многу гневен. Тој ни е непријател на сите и единствена цел му е да станеме негов плен (1. Пет. 5:8).

2 За да ја постигне таа цел, тој поставил различни замки, односно стапици. Бидејќи ‚ги заслепил умовите‘ на неверниците, тие не ја прифаќаат добрата вест и не можат да ги видат тие стапици. Но, Ѓаволот ги лови и оние што ја прифатиле пораката за Царството (2. Кор. 4:3, 4). Во претходната статија видовме како може да избегнеме три од неговите замки: 1) неконтролираниот говор, 2) стравот и притисокот од околината и 3) претераното чувство на вина. Да видиме сега како може да избегнеме уште две сатански стапици — материјализмот и искушението да направиме прељуба.

МАТЕРИЈАЛИЗАМ — ЈАМКА ШТО МОЖЕ ДА НЀ ЗАДУШИ

3, 4. Како грижите од овој свет би можеле да нѐ турнат во замката на материјализмот?

3 Во една своја споредба, Исус зборувал за семе што било посеано меѓу трње. Тој објаснил дека некој може да ја слуша пораката за Царството, „но грижите од овој свет и примамливото богатство ја задушуваат речта, па тој останува без плод“ (Мат. 13:22). Според тоа, една стапица што ја користи нашиот непријател Сатана е материјализмот.

4 Гледаме дека речта можат да ја задушат две работи. Едната работа се „грижите од овој свет“. Во овие „особено тешки времиња“, би можеле да бидеме загрижени за сѐ и сешто (2. Тим. 3:1). Поради големите животни трошоци и сѐ поголемата невработеност, можеби тешко врзуваме крај со крај. Можеби и ти си загрижен за иднината и се прашуваш: ‚Ќе можам ли да си ги покривам трошоците кога ќе отидам во пензија?‘ Поради ваквите грижи, некои работат напорно за да се збогатат, мислејќи дека, ако имаат пари, ќе имаат сѐ што им е потребно.

5. Колку опасно може да биде „примамливото богатство“?

5 Исус го спомнал и „примамливото богатство“ кое, заедно со грижите, може да ја задуши речта. Библијата признава дека „парите се заштита“ (Проп. 7:12). Но, не е мудро човек да трча по пари. Мнозина сфатиле дека, колку повеќе се трудат да се збогатат, толку повеќе јамката на материјализмот им се стега околу вратот. Некои дури станале и робови на богатството (Мат. 6:24).

6, 7. а) Како некој би можел да се фати во замката на материјализмот? б) За што треба да размисли еден христијанин кога му се нуди дополнителна работа?

6 Без да бидеш свесен, кај тебе би можела да се развие желба да се збогатиш. На пример, можеби веќе имаш постојана работа, но ти се укажува можност да работиш уште нешто после работното време и да спечалиш повеќе пари. Што ќе направиш? Се разбира, важно е да се грижиш за материјалните потреби на семејството, но тоа не е твојата единствена одговорност (1. Тим. 5:8). Треба да размислиш уште за некои работи. Колку често и колку долго ќе работиш дополнително? Дали тоа ќе влијае врз твоите духовни активности, како што се собраниските состаноци и вашата Семејна вечер?

7 Што ќе ти биде најважно кога донесуваш одлука дали да прифатиш некоја дополнителна работа — парите што ќе ги заработиш или твојот однос со Јехова? Дали ќе дозволиш желбата да спечалиш повеќе пари да те спречи да го ставиш Царството на прво место во животот? Можеш ли да видиш како материјализмот ќе влијае врз тебе ако ја занемариш својата духовност, како и духовните потреби на своето семејство? Ако вакво нешто ти се случува сега, како можеш да му се спротивставиш на материјализмот кој може да те задуши? (Прочитај 1. Тимотеј 6:9, 10.)

8. Кои библиски примери можат да ни помогнат да го преиспитаме својот живот?

8 За да не те задуши материјализмот, добро е одвреме-навреме да се преиспиташ како живееш. Никогаш да не бидеме како Исав, кој со своите постапки покажал презир кон духовните работи (1. Мој. 25:34; Евр. 12:16). И во никој случај не треба да бидеме како богатиот човек кому Исус му кажал да го продаде својот имот, да ги раздаде парите на сиромасите и да оди по него. Наместо да направи така, човекот ‚си отишол нажален, зашто имал голем имот‘ (Мат. 19:21, 22). Фатен во стапицата на материјализмот, тој изгубил една посебна чест — да биде следбеник на најголемиот човек што некогаш живеел! Внимавај и ти да не ја изгубиш честа да бидеш ученик на Исус Христос.

9, 10. Во склад со Библијата, како би требало да гледаме на материјалните работи?

9 За да не се преокупираш со материјалните работи, послушај го следниов совет на Исус: „Немојте да бидете загрижени и да велите: ‚Што ќе јадеме?‘ — или: ‚Што ќе пиеме?‘ — или: ‚Што ќе облечеме?‘ Зашто, со сето ова се преокупирани луѓето од светот. А вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа“ (Мат. 6:31, 32; Лука 21:34, 35).

10 За да не се фатиш во замката на примамливото богатство, труди се да гледаш на работите како библискиот писател Агур, кој рекол: „Не давај ми ниту сиромаштија ниту богатство. Храни ме со леб колку што ми треба“ (Изр. 30:8). Очигледно, Агур сфаќал дека парите можат да бидат заштита, но и дека богатството може да биде опасно. Мора да бидеме свесни дека грижите од овој свет и примамливото богатство можат да нѐ уништат во духовен поглед. Претераната грижа за материјалните работи може да ни го украде времето, да ни ја исцрпи силата и да ни ја уништи речиси секоја желба да го ставиме Царството на прво место. Затоа, биди решен да не се фатиш во Сатановата замка на материјализмот! (Прочитај Евреите 13:5.)

ПРЕЉУБА — ЛУКАВО ПРИКРИЕНА ЈАМА

11, 12. Како некој христијанин би можел да се најде во опасност да направи прељуба на работното место?

11 За да уловат некое големо животно, ловџиите обично копаат јама на патот каде што честопати поминува пленот и ја прикриваат со тенок слој прачки и земја. Една од најуспешните стапици на Сатана личи на овој вид замка. Тоа е неморалот (Изр. 22:14; 23:27). Некои христијани паднале во таа јама со тоа што дозволиле да се најдат во ситуации кои многу лесно воделе до прељуба. Некои мажени или женети христијани извршиле неморал откако развиле романтични чувства кон некој друг и започнале врска со него.

12 Вакво нешто би можело да се случи на работното место. Всушност, една анкета покажала дека над 50 отсто од жените и речиси 75 отсто од мажите кои извршиле прељуба го направиле тоа со колега или колешка од работа. Дали на работното место минуваш многу време со лица од спротивниот пол? Ако да, каков е твојот однос со нив? Дали си им поставил јасни граници за да знаат дека сте само колеги и дека не можете да бидете ништо повеќе од тоа? На пример, ако редовно разговара со некој колега, една христијанка би можела да почне да му се доверува, па дури и да му зборува за своите брачни проблеми. Или, пак, откако ќе се спријатели со некоја колешка, еден христијанин би можел да си мисли: „Таа го цени моето мислење и навистина слуша кога ѝ зборувам. Се гледа дека ме почитува. Камо и жена ми да е таква со мене!“ Дали сфаќаш во колку голема опасност се овие христијани да направат прељуба?

13. Како некој би можел да се најде во опасност да направи прељуба со соверник?

13 Дури и во собранието некој што е во брак би можел да се најде во ваква опасност. Да видиме што му се случило на еден брачен пар. Даниел и жена му, Сара, * биле општи пионери. Даниел бил старешина кој никогаш не знаел да каже ‚не‘ — ја прифаќал секоја задача што ќе ја добиел во собранието. Тој ја проучувал Библијата со пет млади луѓе, од кои тројца се крстиле. На овие новокрстени браќа им била потребна емоционална поддршка. Кога Даниел бил зафатен со разни теократски задачи, честопати Сара им била рамо за плачење. Но, и на Сара ѝ било потребно внимание кое, наместо од Даниел, го добивала од нив. Оваа ситуација била како смртоносна стапица. Даниел вели: „Жена ми со месеци со сета сила се трудеше да им помага на другите, и на крајот и самата се исцрпи — и духовно и емоционално. А во тој период и јас пропуштив да ѝ обрнам доволно внимание. Последиците беа катастрофални. Жена ми направи прељуба со еден од оние со кои претходно ја проучував Библијата. Толку бев зафатен со моите теократски обврски, што воопшто не забележав дека таа духовно тоне пред мои очи“. Како би можел да избегнеш ваква трагедија?

14, 15. Што може да им помогне на христијаните кои се во брак да не се фатат во стапицата на прељубата?

14 За да не се фатиш во стапица да направиш прељуба, размислувај за значењето на брачниот завет. Исус рекол: „Бог што составил, човек да не разделува!“ (Мат. 19:6). Никогаш немој да мислиш дека твоите теократски задачи се поважни од твојот брачен другар. Освен тоа, ако не минуваш доволно време со својот сопружник поради некои неважни причини, ова може да го поткопа вашиот брак и да води до искушение, па дури и до тежок грев.

15 Но, што ако си старешина и треба да се грижиш за стадото? Апостол Петар напишал: „Пасете го Божјето стадо кое ви е доверено — не со сила, туку доброволно; не поради нечесна добивка, туку горливо“ (1. Пет. 5:2). Сигурно не би било во ред да ги занемариш членовите на собранието кои ти се доверени. Сепак, не треба до таа мера да се посветиш на својата улога на пастир што ќе ја запоставиш својата улога на сопруг. Би немало никаква смисла, па дури и би било опасно, да се трудиш со сите сили да „го храниш“ собранието, додека твојата жена дома „гладува“. Даниел, кој беше спомнат погоре, вели: „Никогаш не треба да дозволиш твоето семејство да страда затоа што си презафатен со теократските одговорности“.

16, 17. а) Како можат христијаните кои се во брак јасно да им стават до знаење на своите колеги на работа дека се решени да му останат верни на својот сопружник? б) Кои статии од нашите списанија можат да им помогнат на христијаните да не направат прељуба?

16 Во списанијата Стражарска кула и Разбудете се! има многу добри совети кои можат да им помогнат на христијаните кои се во брак да ја избегнат стапицата на прељубата. На пример, во Стражарска кула од 15 септември 2006 год., излезе следниов совет: ‚На работното место или на кое и да е друго место, внимавај на ситуациите што би можеле да водат до блискост. На пример, кога прекувремено се останува на работа со некое лице од спротивниот пол, можат да се создадат услови за искушение. Ако си во брак, треба и со своите зборови и со своето однесување јасно да им дадеш до знаење на колегите дека си решен да му останеш верен на својот сопружник. Како личност што му е оддадена на Бог, сигурно не би сакал да привлекуваш непотребно внимание со тоа што ќе флертуваш или ќе се облекуваш нескромно. Ако на работното место ставиш фотографии од својот сопружник и од децата, тие постојано ќе те потсетуваат и тебе и другите колку ти е важно семејството. Биди решен ниту да флертуваш, ниту да дозволиш некој да флертува со тебе‘.

17 Во статијата со наслов „Што значи да се биде верен брачен другар?“, која излезе во Разбудете се! од април 2009 год., беше кажано дека е многу опасно да фантазираме за сексуални односи со некој што не ни е брачен другар, бидејќи така постои поголема веројатност да направиме прељуба (Јак. 1:14, 15). Ако си во брак, добро е заедно со својот сопружник одвреме-навреме да ги разгледате ваквите статии. Бракот е свет затоа што го основал самиот Јехова. Ако одвоиш време да разговараш со својот сопружник за вашиот брак, ќе покажеш дека ги цениш светите работи (1. Мој. 2:21-24).

18, 19. а) Кои се последиците од прељубата? б) Кои се користите ако му останеме верни на брачниот другар?

18 Ако си во брак и ако се најдеш на искушение да развиеш романтични чувства кон некој што не ти е сопружник, размислувај за страшните последици од блудот и прељубата (Изр. 7:22, 23; Гал. 6:7). Оние што вршат неморал го разочаруваат Јехова, и го повредуваат својот брачен другар, а и себеси. (Прочитај Малахија 2:13, 14.) Наместо тоа, размислувај за користа што ја имаат оние што остануваат чисти во морален поглед. Тие не само што имаат надеж за вечен живот, туку уште денес имаат чиста совест и живеат на најдобар можен начин. (Прочитај Изреки 3:1, 2.)

19 Псалмистот рекол: „Голем мир имаат оние што го сакаат [Божјиот] закон, за нив не постои камен за спрепнување“ (Пс. 119:165). Затоа, сакајте ја вистината и „внимавајте како живеете“ во овие тешки времиња — „не како немудри, туку како мудри“ (Еф. 5:15, 16). Денес, Сатана поставил многу стапици за да ги фати слугите на вистинскиот Бог. Но, ние сме добро опремени за да се заштитиме. Јехова ни го дал сето она што ни е потребно за да му се спротивставиме на Ѓаволот и ‚да ги изгаснеме сите огнени стрели на Злобниот‘ (Еф. 6:11, 16).

[Фуснота]

^ Имињата се сменети.

[Прашања]

[Слика на страница 26]

Не дозволувај материјализмот да те задуши во духовен поглед

[Слика на страница 29]

Флертувањето може да води до прељуба