„Кој е верниот и разборит роб?“
„Кој е верниот и разборит роб кого неговиот господар го поставил над своите слуги?“ (МАТ. 24:45)
1, 2. Кого Исус го користи за духовно да нѐ храни денес, и зошто е важно да го знаеме тоа?
„БРАЌА, не можете да си замислите колку пати се случило во списанијата да излезат статии кои најмногу ми требале токму во тој момент!“ Со овие зборови, една сестра ја изразила својата благодарност во писмо што им го напишала на браќата кои работат во нашето светско седиште. Дали и ти некогаш си се чувствувал како неа? Многумина од нас би рекле ‚да‘. Всушност, тоа не треба да нѐ изненади.
2 Исус, Главата на собранието, ветил дека ќе нѐ храни во духовен поглед. Духовната храна што ја добиваме навреме е доказ дека тој го исполнува ова ветување. Кого го користи за таа цел? Кога го дал знакот за својата присутност, Исус рекол дека ќе го користи „верниот и разборит роб“ за да им дава на своите слуги „храна во вистинско време“. a (Прочитај Матеј 24:45-47.) Според тоа, во ова време на крајот, тој ги храни своите вистински следбеници преку верниот роб. Многу е важно да разбереме кој е верниот роб бидејќи нашето духовно здравје и нашиот однос со Бог зависат од храната што доаѓа преку него (Мат. 4:4; Јован 17:3).
3. Како во минатото беше објаснета споредбата за верниот роб во нашите публикации?
3 Тогаш, како треба да ја разбереме споредбата што ја дал Исус во врска со верниот роб? Во минатото, во нашите публикации беше објаснето дека на Педесетница 33 год. од н.е., Исус го поставил верниот роб над своите слуги. Освен тоа, беше кажано дека робот го сочинуваат сите помазани христијани како група на Земјата во кое и да било време од 33 год. од н.е. наваму, и дека слугите ги претставуваат истите помазаници, но како поединци. Исто така, сметавме дека, во 1919 год., Исус го поставил верниот роб „над целиот свој имот“, односно над сите работи на Земјата кои се поврзани со Царството. Меѓутоа, со понатамошно внимателно истражување и размислување под молитва, сфативме дека се потребни промени во нашето разбирање на она што Исус го кажал за верниот и разборит роб (Изр. 4:18). Да ја разгледаме оваа споредба и да видиме како ние сме вклучени во неа, сеедно дали имаме надеж за вечен живот на небото или на Земјата.
КОГА СЕ ИСПОЛНУВА СПОРЕДБАТА?
4-6. Зошто може да заклучиме дека Исусовата споредба за верниот роб почнала да се исполнува дури по 1914 год.?
4 Од Матеј поглавје 24, каде што е запишана споредбата за верниот и разборит роб, се гледа дека таа не почнала да се исполнува на Педесетница 33 год. од н.е., туку во ова време на крајот. Да видиме како Библијата ни помага да дојдеме до овој заклучок.
5 Споредбата за верниот роб е дел од Исусовото пророштво за ‚знакот на неговата присутност и на свршетокот на овој поредок‘ (Мат. 24:3). Првиот дел од пророштвото, кој е запишан во Матеј 24:4-22, има две исполнувања. Овие стихови првпат се исполниле во периодот од 33 до 70 год. од н.е., а вторпат се исполнуваат во нашево време и тоа во многу поголеми размери. Дали ова значи дека и она што Исус го кажал за верниот роб исто така има две исполнувања? Не.
6 Почнувајќи од Матеј 24:29, Исус главно се осврнал на настани што ќе се одвиваат во нашево време. (Прочитај Матеј 24:30, 42, 44.) На пример, додека зборувал за она што ќе се случува за време на големата неволја, тој рекол дека луѓето „ќе го видат Синот човечки како доаѓа на облаците небесни“. А потоа спомнал нешто што требало да ги поттикне на будност оние што ќе живеат во последните денови, кога рекол: „Не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господар“ и „Синот човечки доаѓа во час кога не се надевате“. b Веднаш откако го кажал ова, Исус ја навел и споредбата за верниот роб. Затоа можеме да заклучиме дека неговите зборови за верниот роб почнале да се исполнуваат дури откако започнале последните денови во 1914 год. Зошто ваквиот заклучок е разумен?
7. Кое важно прашање се наметнало кога почнала жетвата, и зошто?
7 Размисли за момент за следново прашање: „Кој е верниот и разборит роб?“ Во првиот век, воопшто немало причина да се поставува вакво прашање. Како што видовме во претходната статија, апостолите можеле да прават чуда, па дури и да ги пренесуваат даровите на духот на други. Тоа било јасен доказ дека Бог ги поддржува (Дела 5:12). Тогаш, зошто воопшто некој би се прашувал кого Христос го поставил да предводи во делото? Но, за разлика од првиот век, во 1914 год. ситуацијата била многу поинаква. Таа година почнала жетвата, односно свршетокот на овој поредок. Конечно дошло времето каколот да биде одвоен од пченицата (Мат. 13:36-43). Со оглед на тоа што во тој период имало многу лажни христијани кои тврделе дека се вистински следбеници на Исус, се наметнало едно важно прашање: Како ќе можат да се препознаат помазаните христијани претставени со пченицата? Споредбата со верниот роб помага да го дознаеме одговорот на ова прашање. Христовите помазани следбеници ќе бидат оние што се добро нахранети во духовен поглед.
КОЈ Е ВЕРНИОТ И РАЗБОРИТ РОБ?
8. Од каде знаеме дека верниот роб го сочинуваат помазани христијани?
8 Верниот роб го сочинуваат помазани христијани. Зошто сме сигурни во тоа? Па, тие се наречени „царско свештенство“, и нивна задача е ‚„да ги објавуваат доблестите“ на оној што ги повикал од темнината во својата прекрасна светлина‘ (1. Пет. 2:9). Според тоа, разумно е да заклучиме дека оние што ќе ги поучуваат, односно ќе им делат духовна храна на своите соверници, мора да бидат дел од тоа „царско свештенство“ (Мал. 2:7; Отк. 12:17).
9. Објасни дали сите помазани христијани го сочинуваат верниот роб.
9 Дали сите помазаници на Земјата го сочинуваат верниот роб? Не. Факт е дека сите помазаници немаат удел во делењето духовна храна на соверниците во целиот свет. Во „пченицата“ има помазани браќа кои служат како старешини и слуги-помошници во своите собранија. Тие поучуваат од куќа до куќа и во собранието, и верно ги следат упатствата што ги добиваат од главното седиште. Но, не обезбедуваат духовна храна за меѓународното братство. Освен тоа, меѓу помазаниците има и понизни сестри, кои никогаш не би помислиле да поучуваат во собранието (1. Кор. 11:3; 14:34).
10. Кој е верниот и разборит роб?
10 Значи, кој е верниот и разборит роб? Видовме дека во првиот век Исус користел неколкумина за да нахрани мнозина. Слично на тоа, робот што тој го користи денес се состои од мала група помазани браќа кои се директно вклучени во подготовката и делењето на духовна храна за време на неговата присутност. Во текот на овие последни денови, помазаните браќа кои го сочинуваат верниот роб служат заедно во главното седиште. Тој роб во изминативе неколку децении го сочинуваат членовите на Водечкото тело на Јеховините сведоци. Но, забележи дека, иако робот се состои од повеќе лица, во својата споредба Исус сепак се осврнал на него како на еден роб. Според тоа, членовите на Водечкото тело секогаш ги донесуваат одлуките заеднички, како група.
КОИ СЕ СЛУГИТЕ?
11, 12. а) Кои две посебни задолженија ги добива верниот и разборит роб? б) Кога Исус го поставил верниот роб над своите слуги? Кого го избрал за таа улога?
11 Важно е да се забележи дека, во споредбата на Исус, верниот и разборит роб добива посебни задолженија во две прилики. Прво Господарот го поставува над своите слуги, а потоа и над целиот свој имот. Бидејќи оваа споредба се исполнува само во ова време на крајот, тоа значи дека Исус и во двата случаја му ги дава овие задолженија на својот верен роб дури откако почнува да владее како Цар во 1914 год.
12 Кога Исус го поставил верниот роб над своите слуги? За да одговориме на ова прашање, треба да се навратиме на 1914 год., кога започнала жетвата. Како што видовме, во тоа време имало многу групи кои тврделе дека се христијани. Од која група Исус ќе го избере и ќе го постави верниот роб? Ова прашање било одговорено откако тој и неговиот Татко дошле да го прегледаат духовниот храм во периодот од 1914 до првата половина на 1919 год. c (Мал. 3:1). Тие биле задоволни со она што го правела една мала група Истражувачи на Библијата кои покажале дека со сето срце им се верни на Јехова и на неговата Реч. Иако и овие христијани требало да бидат очистени, тие понизно се подложиле на проверката и прочистувањето низ кои минале во тој период (Мал. 3:2-4). Овие верни Истражувачи на Библијата биле вистинските христијани претставени со пченицата. Во 1919 год., од таа група Исус избрал способни помазани браќа за да служат како верен и разборит роб, и ги поставил над своите слуги.
13. Кој спаѓа во ‚слугите‘, и зошто?
13 Тогаш, кои се ‚слугите‘? Едноставно кажано, тие се оние што ја добиваат духовната храна. Во почетокот на последните денови, сите „слуги“ биле помазаници. Подоцна, и големото мноштво од „други овци“ станале дел од овие „слуги“. Сега поголемиот дел од Христовото „стадо“ го сочинуваат „други овци“ (Јован 10:16). И двете групи извлекуваат корист од истата навремена духовна храна што ја дели верниот роб. А што може да се каже за членовите на Водечкото тело кои денес го сочинуваат верниот и разборит роб? И овие браќа треба духовно да се хранат. Затоа, тие понизно признаваат дека, како поединци, и самите се „слуги“ исто како и останатите вистински следбеници на Исус.
14. а) Каква одговорност му е дадена на верниот роб, и што сѐ спаѓа во неа? б) Какво предупредување му дал Исус на верниот и разборит роб? (Види ја рамката „Но, ако тој роб е зол...“)
14 Исус му дал голема одговорност на верниот и разборит роб. Во библиски времиња, еден доверлив роб, или управител, раководел со домаќинството на својот господар (Лука 12:42). На сличен начин, верниот и разборит роб е задолжен да управува со Христовото домаќинство. Тој има одговорност да раководи со материјалните средства, со проповедничкото дело, и со програмата за собирите и конгресите. Освен тоа, се грижи и за производството на библиската литература која ја користиме во службата, како и во личното и собраниското проучување. ‚Слугите‘ зависат од целокупната духовна храна што ја добиваат преку верниот роб.
КОГА РОБОТ Е ПОСТАВЕН НАД ЦЕЛИОТ ИМОТ НА ГОСПОДАРОТ?
15, 16. Кога Исус го поставува верниот роб над целиот свој имот?
15 Кога Исус го поставува робот „над целиот свој имот“? Тој рекол: „Среќен е тој роб ако неговиот господар, кога ќе дојде, го најде да прави така! Вистина, ви велам, ќе го постави над целиот свој имот“ (Мат. 24:46, 47). Забележи дека Исус го поставува робот над целиот свој имот откако доаѓа и утврдува дека робот навистина „прави така“, односно верно дели духовна храна. Според тоа, поминува одредено време од моментот кога Господарот го поставува робот над своите слуги до моментот кога го поставува над целиот свој имот. За да разбереме како и кога Исус го поставува робот над целиот свој имот, треба да знаеме две работи: кога доаѓа и што спаѓа во неговиот имот.
16 Кога доаѓа Исус? Одговорот го дознаваме ако го разгледаме контекстот. Видовме дека во претходните стихови од Матеј поглавје 24, зборот „доаѓа“ се однесува на времето кога Исус ќе дојде да пресуди и да изврши суд на крајот на овој поредок d (Мат. 24:30, 42, 44). Според тоа, Исус ќе го постави верниот роб над целиот свој имот во истиот период — кога ќе дојде за време на големата неволја.
17. Што спаѓа во имотот на Исус?
17 Што спаѓа во ‚целиот имот‘ на Исус? Во тој имот не е вклучено само она што му припаѓа на Земјата. Всушност, Исус има огромна власт и на небото. Тој рекол: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“ (Мат. 28:18; Еф. 1:20-23). Во неговиот имот спаѓа и месијанското Царство, кое му припаѓа од 1914 год. и кое тој ќе го дели со своите помазани следбеници (Отк. 11:15).
18. Зошто Исус со радост ќе го постави робот над целиот свој имот?
18 Според тоа, што може да заклучиме? Кога Исус ќе дојде да суди за време на големата неволја, тој ќе „го најде“ верниот роб како верно им дели навремена духовна храна на Неговите слуги. Тогаш Исус со радост ќе го постави над целиот свој имот. Во која смисла? Така што оние кои го сочинуваат верниот роб ќе ја добијат својата небесна награда, и ќе станат Христови совладетели.
19. Дали верниот роб ќе добие поголема награда на небото отколку другите помазаници? Објасни.
19 Дали верниот роб ќе добие поголема награда на небото од другите помазаници? Не. Понекогаш наградата што ѝ е ветена на една мала група, на крајот може да ја добијат и други. На пример, размисли за она што им го рекол Исус на своите 11 верни апостоли ноќта пред да умре. (Прочитај Лука 22:28-30.) Тој ѝ ветил на оваа мала група мажи прекрасна награда затоа што му останале верни. Тие ќе владеат како цареви заедно со него. Но, со години подоцна, Исус покажал дека сите 144.000 ќе седат на престоли како негови совладетели (Отк. 1:1; 3:21). Слично на тоа, според Матеј 24:47, тој ветил дека една мала група луѓе — помазаните браќа кои го сочинуваат верниот роб — ќе бидат поставени над целиот негов имот. Но, всушност, сите 144.000 ќе имаат удел во неговата огромна небесна власт (Отк. 20:4, 6).
20. Зошто Исус го поставил верниот роб, и на што си решен ти?
20 Со тоа што го користи верниот и разборит роб, Исус постапува на ист начин како и во првиот век — преку неколкумина храни мнозина. Исус го поставил тој верен роб за да се погрижи неговите вистински следбеници, сеедно дали се помазаници или „други овци“, постојано да имаат навремена духовна храна во текот на последните денови. Да бидеме решени да покажеме благодарност така што верно ќе ги поддржуваме помазаните браќа кои го сочинуваат тој верен и разборит роб (Евр. 13:7, 17).
a Пасус 2: Во една претходна прилика, Исус раскажал слична споредба во која „робот“ го нарекол „управител“ (Лука 12:42-44).
b Пасус 6: Христовото „доаѓање“ (грчки, е́рхомаи) се разликува од неговата „присутност“ (паруси́а). Неговата невидлива присутност започнува пред тој да дојде за да изврши суд.
c Пасус 12: Види ја статијата „Еве, јас сум со вас во сите денови“, која се наоѓа во овој број на страници 10-12, пасуси 5-8.
d Пасус 16: Види ја статијата „Кажи ни кога ќе биде тоа?“, која се наоѓа во овој број на страници 7-8, пасуси 14-18.