ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Благословени затоа што се потпиравме на Јехова
Понекогаш животот може да биде несигурен, непредвидлив, па дури и тежок. Но, Јехова ги благословува оние што се потпираат на него, а не на својот разум. Јас и жена ми лично се уверивме во тоа во текот на нашиот долг и исполнет живот. Да ви раскажеме нешто за нас.
ТАТКО МИ и мајка ми се запознале во 1919 год., на конгресот на Истражувачите на Библијата кој се одржал во Седар Поинт (Охајо, САД). Се венчале истата година. Јас сум роден во 1922 год., а брат ми, Пол, се роди две години подоцна. Жена ми, Грејс, е родена во 1930 год. Нејзините родители, Рој и Рут Хауел, пораснале во семејства на Истражувачи на Библијата, а баба ѝ и дедо ѝ биле пријатели на брат Чарлс Тејз Расел.
Јас и Грејс се запознавме во 1947 год., и се зедовме на 16 јули 1949 год. Пред да се венчаме, отворено разговаравме за нашата иднина. Одлучивме да се посветиме на полновремената служба и да немаме деца. На 1 октомври 1950 год., почнавме заедно да служиме како пионери. Потоа, во 1952 год., бевме поканети да служиме во покраинското дело.
ПАТУВАЧКОТО ДЕЛО И ШКОЛАТА ГИЛЕАД
И двајцата сметавме дека ни треба голема помош за да ја вршиме оваа нова задача. Иако јас имав прилика да учам од зрели браќа, сакав и Грејс да ја добие потребната обука. Затоа му пристапив на Марвин Холин, наш долгогодишен семеен пријател кој имаше искуство како патувачки надгледник, и му реков: „Грејс е млада и неискусна. Можеш ли да ми препорачаш некој што би можел да ѝ помогне подобро да ја врши службата?“ „Да“, одговори тој. „Сестра Една Винкл е искусна пионерка која може многу да ѝ помогне“. Подоцна Грејс го рече следново во врска со Една: „Со неа се чувствував пријатно и опуштено кога одевме во служба од врата до врата. Знаеше како да им одговори на станарите кога имаа некој приговор и ме научи да ги слушам луѓето за да можам добро да проценам што да им кажам. Добив помош од вистинската личност!“
Јас и Грејс служевме во две покраини во Ајова, како и во делови од Минесота и Јужна Дакота. Потоа бевме префрлени во Покраина бр. 1 во Њујорк, во која спаѓаа и населбите Бруклин и Квинс. Никогаш нема да заборавам колку несигурни се чувствувавме
во поглед на таа задача. Во оваа покраина припаѓаше и собранието Бруклин Хајтс, кое одржуваше состаноци во Салата на Царството во Бетел и во кое служеа долгогодишни членови на бетелското семејство. Откако го одржав мојот прв говор во тоа собрание, ми пристапи брат Натан Нор и ми рече: „Малком, ни даде некои совети кои треба да ги примениме, и тоа беше на место. Не заборавај, ако не ни помагаш со љубезни совети, нема да придонесеш многу за организацијата. Само продолжи така“. По состанокот, ѝ го кажав ова на Грејс. Кога се качивме во нашата соба во Бетел, се расплакавме од преголемиот стрес.„Не заборавај, ако не ни помагаш со љубезни совети, нема да придонесеш многу за организацијата. Само продолжи така“
По неколку месеци, добивме писмо во кое бевме поканети да присуствуваме на 24. клас на Школата Гилеад, кој требаше да дипломира во февруари 1955 год. Пред да појдеме на школата, ни беше кажано дека по обуката што ќе ја добиеме можеби нема да бидеме испратени како мисионери. Наместо тоа, таа требаше да ни помогне да бидеме поделотворни во патувачката служба. Гилеад беше незаборавно искуство кое нѐ научи на понизност.
Откако дипломиравме на школата, добивме задача да служиме во обласното дело. Во нашата област спаѓаа државите Индијана, Мичиген и Охајо. Потоа, на наше изненадување, во декември 1955 год., добивме писмо од брат Нор во кое пишуваше: „Ве молам, бидете искрени со мене и слободно кажете дали би сакале да служите во Бетел и да останете овде... или би сакале некое време да бидете во Бетел, а потоа да служите во друга земја. Дали можеби повеќе би сакале да служите во обласното и во покраинското дело?“ Одговоривме дека со задоволство ќе ја вршиме која и да било задача што ќе ни биде дадена. Речиси веднаш бевме повикани да појдеме во Бетел!
ПРЕКРАСНИ ГОДИНИ ВО БЕТЕЛ
Додека служевме во Бетел, добив задача да држам предавања во разни собранија, како и на собири и конгреси кои се одржуваа на многу места во САД. Имав можност да обучувам и да им помагам на многу млади луѓе кои низ годините добија поголеми одговорности во Јеховината организација. Подоцна му бев секретар на брат Нор во одделението кое се грижеше за организирање на проповедничкото дело низ целиот свет.
Особено уживав во годините што ги поминав во Службеното одделение. Таму соработував со Т. Џ. (Бад) Саливен. Тој со години беше надгледник на ова одделение. Но, научив
многу и од други браќа. Еден од нив беше и Фред Раск, кој беше задолжен да ми ја даде потребната обука. Се сеќавам како еднаш го прашав: „Фред, зошто правиш толку корекции на некои мои писма?“ Тој се насмеа, но сериозно додаде: „Малком, кога нешто ќе кажеш усно, можеш лесно да го дообјасниш со повеќе зборови. Но, кога пишуваш нешто, особено ако доаѓа од Бетел, мора да биде колку што е можно појасно и попрецизно“. А потоа љубезно ми рече: „Не се секирај, добро ти оди. А со текот на времето, ќе биде уште подобро“.Додека бевме во Бетел, Грејс имаше различни задачи. Меѓу другото, ги чистеше и собите. Навистина уживаше во својата работа. Дури и сега, кога ќе се сретнеме со некои од браќата кои во тоа време беа млади и служеа заедно со нас во Бетел, тие со насмевка ѝ велат на Грејс: „Навистина добро ме научи како да си го местам креветот, и мајка ми ти беше благодарна за тоа“. Грејс служеше и во одделенијата за списанија, кореспонденција и снимање касети. Службата во различните одделенија ѝ помогна да сфати дека, сеедно каде служиме во Јеховината организација, тоа е голема чест и благослов за нас. Таа го мисли истото до ден-денес.
ПРАВИМЕ ПРОМЕНИ
Некаде околу 1975 год., ни стана јасно дека на нашите остарени родители ќе им биде потребна поголема помош. Стоевме пред тешка одлука. Не сакавме да го напуштиме Бетел и нашите браќа и сестри кои многу ги засакавме. Сепак, сметав дека имам одговорност да се грижам за нашите родители. Затоа по некое време излеговме од Бетел, со надеж дека ќе се вратиме кога ќе ни се сменат околностите.
Подоцна почнав да работам како агент во осигурителна компанија. Нема да заборавам што ми кажа еден од шефовите додека бев на обука: „За оваа работа е многу битно да се оди кај луѓето навечер. Тогаш можеш да ги најдеш дома. Ништо друго не треба да ти биде поважно од тоа да одиш кај нив секоја вечер“. Јас му реков: „Знам дека зборувате од лично искуство и многу го ценам тоа. Но, како христијанин, јас имам и други одговорности за кои секогаш одвојувам време, и не сакам тоа да се промени“. Се согласив да одам кај луѓето навечер другите денови, но му кажав дека секој вторник и четврток треба да одам на состаноци кои се многу важни. Јехова многу ме благослови што не ги пропуштав состаноците поради световната работа.
Во јули 1987 год., бевме покрај постелата на мајка ми кога таа почина во старечкиот дом. Главната сестра ѝ пријде на Грејс и ѝ рече: „Госпоѓо Ален, одете дома и одморете се. Сите знаат дека цело време бевте тука и се грижевте за вашата свекрва. Имајте мирна совест, направивте сѐ што можевте“.
Во декември 1987 год., дадовме молби повторно да служиме во Бетел — местото кое многу го сакавме. Но, по само неколку дена, на Грејс ѝ беше дијагностициран рак на дебелото црево. По операцијата таа закрепна и лекарите ѝ рекоа дека ракот е целосно отстранет. Во меѓувреме, добивме писмо од Бетел во кое бевме замолени да продолжиме да служиме во нашето локално собрание. Бевме решени и понатаму да даваме сѐ од себе во службата за Јехова.
Подоцна, ми се пружи прилика да се вработам во Тексас. Мислевме дека ќе ни одговара топлата клима таму, и навистина е така. Овде, во Тексас, веќе 25 години сме опкружени со грижливи браќа и сестри со кои многу се зближивме.
ШТО НАУЧИВМЕ
Низ годините, Грејс се бореше со рак на дебелото црево и на тироидната жлезда, а од неодамна доби и рак на градите. Сепак, таа никогаш не се жали за она што ѝ се случува во животот. Секогаш е спремна на соработка и ме почитува како свој поглавар. Другите честопати ја прашуваат: „Која е тајната на вашиот среќен брак?“ Таа им наведува четири причини за тоа: „Ние сме најдобри пријатели. Секој ден разговараме. Многу сакаме да минуваме време заедно. И никогаш не заспиваме лути еден на друг“. Се разбира, одвреме-навреме имаме несогласувања, ама секогаш ги надминуваме затоа што си простуваме и забораваме.
„Секогаш имај доверба во Јехова и прифати го она што тој го дозволува“
Од предизвиците со кои се соочивме низ годините научивме неколку важни поуки:
-
Секогаш имај доверба во Јехова и прифати го она што тој го дозволува. Никогаш не се потпирај на сопствениот разум (Изр. 3:5, 6; Ерем. 17:7).
-
Барај водство од Божјата Реч во секоја ситуација. Многу е важно да му бидеш послушен на Јехова и на неговите закони. Нема средина — или си послушен или не си (Рим. 6:16; Евр. 4:12).
-
Најважното нешто во животот е да си стекнеме добро име кај Бог. На прво место нека ти биде службата за Јехова, а не материјалните работи (Изр. 28:20; Проп. 7:1; Мат. 6:33, 34).
-
Моли го Јехова да ти помогне да го даваш најдоброто во службата. Размислувај за она што можеш да го правиш, а не за она што не можеш (Мат. 22:37; 2. Тим. 4:2).
-
Никогаш не заборавај дека ниедна друга организација го нема Јеховиниот благослов и одобрување (Јован 6:68).
Јас и Грејс сме во брак речиси 65 години, а му служиме на Јехова повеќе од 75 години. Навистина сме пресреќни што можевме заедно да служиме во текот на сите тие децении. Се молиме сите наши браќа и сестри и самите да ги почувствуваат благословите кои Јехова им ги дава на оние што се потпираат на него.