Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова — нашиот најдобар Пријател

Јехова — нашиот најдобар Пријател

„[Авраам] беше наречен ‚Јеховин пријател‘“ (ЈАК. 2:23)

1. Што можеме да правиме затоа што сме создадени според Божјиот лик?

ЛУЃЕТО честопати ги користат изреките „Каков татко, таков син“ или „Каква мајка, таква ќерка“ за да ги опишат децата кои многу личат на своите родители. И нормално е децата да бидат слични на родителите бидејќи наследуваат гени и од таткото и од мајката. Јехова, нашиот небесен Татко, е Извор на животот (Пс. 36:9). Затоа и ние, како негови деца на Земјата, во некоја мера сме слични на него. Бидејќи сме создадени според неговиот лик, можеме да размислуваме, да донесуваме заклучоци и да градиме пријателства со другите (1. Мој. 1:26).

2. На што се темели нашето пријателство со Јехова?

2 Јехова може да ни биде најдобар Пријател. Темел на тоа пријателство е неговата љубов кон нас и нашата вера во него и во неговиот Син. Исус рекол: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Многу луѓе биле блиски пријатели со Јехова. Да го разгледаме примерот на двајца од нив.

„АВРААМ, МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ“

3, 4. а) Какво пријателство изградил Авраам со Јехова, и зошто? б) Што се случило со пријателството меѓу потомците на Авраам и Бог, и зошто?

3 Јехова рекол дека Авраам е ‚негов пријател‘ (Иса.  41:8). И во фуснотата на 2. Летописи 20:7 стои дека Авраам бил Божји пријател. Што му овозможило на овој верен човек да изгради толку цврсто и трајно пријателство со својот Творец? Неговата силна вера (1. Мој. 15:6; прочитај Јаков 2:21-23).

4 Јехова им бил Татко и Пријател и на потомците на Авраам, од кои потекнал израелскиот народ. За жал, со текот на времето, тие го изгубиле своето пријателство со Бог. Зошто? Затоа што престанале да покажуваат вера во Јеховините ветувања.

5, 6. а) Како Јехова ти станал Пријател? б) Кои прашања е добро да си ги поставиме?

5 Колку повеќе учиме за Бог, толку посилна станува нашата вера и нашата љубов кон него. Да се потсетиме како го запознавме Јехова. На почетокот, сфативме дека тој е вистинска Личност и дека може да бидеме блиски пријатели со него. Исто така, дознавме дека сите ние сме наследиле грев поради непослушноста на Адам, и дека целото човештво е отуѓено од Бог (Кол. 1:21). Потоа разбравме дека нашиот небесен Татко не е некоја далечна личност која не е заинтересирана за луѓето. Напротив, тој толку многу нѐ сака што го жртвувал својот Син за нас. Кога поверувавме во откупнината што ја дал, почнавме да градиме пријателство со Јехова.

6 Добро е да се прашаме: ‚Дали сега сум уште поблизок со Бог? Дали имам цврста доверба во мојот сакан Пријател, Јехова, и дали мојата љубов кон него расте од ден во ден?‘ Друг човек кој живеел во минатото и бил близок пријател со Бог е Гедеон. Да го разгледаме и неговиот пример и да видиме што може да научиме од него.

„ЈЕХОВА Е МИР“

7-9. а) Какво необично искуство имал Гедеон, и каков бил резултатот? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Како може да го зајакнеме нашето пријателство со Јехова?

7 Судијата Гедеон му служел на Јехова во текот на еден бурен период во историјата на Израелците, откако тие се населиле во Ветената земја. Во тоа време, Мадијамците им биле непријатели, и повеќепати навлегувале на нивната територија и ги напаѓале. Од таа причина, Гедеон не ја чукал пченицата на полето, туку во винско гмечало каде што можел брзо да ја скрие од Мадијамците. Од Книгата за судиите, поглавје 6, дознаваме дека еден Јеховин ангел му се појавил на Гедеон во Офра. Овој човек многу се изненадил кога ангелот му се обратил со зборовите: „Јехова е со тебе, храбар јунаку!“ Гедеон се прашувал дали Бог, кој ги избавил Израелците од Египет, навистина ќе им помогне и во оваа ситуација. Зборувајќи во името на Творецот, ангелот го уверил дека Јехова сигурно ќе му помогне да го ‚избави Израел од мадијамските раце‘.

8 Гедеон не сфаќал како би можел тој, ‚најмалиот во татковиот дом‘, да го избави својот народ од непријателите. Но, Јехова јасно му рекол: „Јас ќе бидам со тебе и затоа ќе ги поразиш Мадијамците како да се еден човек“ (Суд. 6:11-16). Очигледно Гедеон сѐ уште не бил сигурен во она што го чул, и затоа побарал знак од Бог. Сепак, од овој разговор се гледа дека тој ни за миг не се посомневал дека Јехова е вистинска Личност.

9 Она што се случило потоа, му ја зајакнало верата на Гедеон и го зближило со Бог. Тој приготвил јадење и го послужил ангелот со него. Но, наместо да јаде, ангелот направил чудо. Ги допрел месото и лебовите со врвот од стапот што го држел, и тие изгореле за миг. Тогаш Гедеон сфатил дека овој ангел навистина бил испратен од Јехова. Тој исплашено извикал: „Леле, Севишен Господару Јехова! Го видов твојот ангел лице в лице, Јехова!“ (Суд. 6:17-22). Иако ова необично искуство отпрвин го преплашило Гедеон, сепак тоа не го оддалечило од Бог. Напротив, му помогнало да го запознае Јехова на посебен начин и да почувствува дека е во мир со  Него. Ова се гледа и од името што му го дал на жртвеникот кој го подигнал на тоа место — „Јехова-Шалом“, што значи „Јехова е мир“. (Прочитај Судии 6:23, 24; фус.) Ако размислуваме како и нам Јехова ни помага секој ден, ќе сфатиме дека тој е вистински Пријател. Кога редовно му се обраќаме во молитва, имаме уште поголем душевен мир и нашето пријателство со него станува уште поцврсто.

КОЈ ЌЕ БИДЕ ‚ГОСТИН ВО ЈЕХОВИНИОТ ШАТОР‘?

10. Според Псалм 15:3, 5, што очекува Јехова од оние кои сакаат да бидат негови пријатели?

10 Секој што сака да биде пријател со Јехова мора да исполнува одредени услови. Во Псалм 15, Давид кажал што се очекува од оние кои сакаат да бидат ‚гости во Јеховиниот шатор‘, односно да бидат пријатели со Бог (Пс. 15:1). Да разгледаме две од овие барања — да не клеветиме и да постапуваме чесно со другите. Давид го рекол следново во врска со оној што сака да биде Божји пријател: „Тој не клевети со јазикот... и не зема поткуп против невиниот“ (Пс. 15:3, 5).

11. Зошто не смееме да клеветиме никого?

11 Во еден друг псалм, Давид предупредил: „Чувај го јазикот од зло“ (Пс. 34:13). Ако не го послушаме овој совет, тоа ќе нѐ оддалечи од нашиот праведен небесен Татко. Всушност, клеветењето е одлика на Сатана, Јеховиниот најголем непријател. Зборот „Ѓавол“ е изведен од еден грчки збор што значи „клеветник“. Ако внимаваме што зборуваме за другите, ќе останеме блиски со Јехова. Особено треба да пазиме каков став имаме кон браќата што Бог ги поставил да предводат во собранието. (Прочитај Евреите 13:17; Јуда 8.)

12, 13. а) Зошто треба да бидеме чесни во сѐ? б) Како може нашата чесност да влијае врз другите?

12 Јеховините слуги се познати по својата чесност. Апостол Павле напишал: „Молете се за нас, зашто сме уверени дека имаме чиста совест, бидејќи сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евр. 13:18). Затоа што сме решени „во сѐ да постапуваме чесно“, ние не ги искористуваме нашите соверници. На пример, ако се вработени кај нас, се трудиме да постапуваме праведно со нив и да им ја даваме платата за која сме се договориле. Како христијани, ние постапуваме чесно и со оние што работат за нас и со сите други. А ако ние сме вработени кај некој сохристијанин, не очекуваме посебен третман само затоа што сме браќа.

13 Луѓето во светот често ги пофалуваат Јеховините сведоци поради нивната чесност. На пример, директорот на една голема градежна компанија забележал дека Сведоците си стојат на зборот. Тој рекол: „Вие секогаш се држите за договореното“ (Пс. 15:4). Кога се однесуваме на ваков начин, остануваме пријатели со Јехова и, што е најважно, му носиме фалба на нашиот грижлив небесен Татко.

ПОМАГАЈ ИМ НА ДРУГИТЕ ДА СТАНАТ ПРИЈАТЕЛИ СО ЈЕХОВА

Им помагаме на другите да станат Јеховини пријатели (Види во пасуси 14-15)

14, 15. Како можеме да им помагаме на оние што ги среќаваме во службата да станат Јеховини пријатели?

14 Иако некои од оние што ги среќаваме во службата веруваат дека постои Бог, многумина од нив не го сметаат за свој најдобар Пријател. Како може да им помогнеме? Забележи какви упатства им дал Исус на 70 свои ученици кога ги испратил да проповедаат двајца по двајца: „Кога ќе влезете во некоја куќа, најпрво речете: ‚Мир на оваа куќа!‘ И ако таму има пријател на мирот, вашиот мир ќе остане на него. А ако нема, ќе се врати кај вас“ (Лука 10:5, 6). Може да им помогнеме на луѓето да се заинтересираат за вистината ако сме пријателски настроени кон нив. Ако сме љубезни дури и со оние што ни се  противат, тоа може да ги смири и можеби ќе бидат поспремни да слушаат во некоја друга прилика.

15 Ние сме мирољубиви и кога се среќаваме со лица кои припаѓаат на лажната религија и ревносно се држат за многу небиблиски обичаи. Освен тоа, срдечно ги пречекуваме на нашите состаноци луѓето кои се разочарани од она што се случува во светот и сакаат да дознаат нешто повеќе за Богот на кој му служиме. Во рубриката „Библијата менува животи“ има многу убави искуства на вакви луѓе.

ДА СОРАБОТУВАМЕ СО НАШИОТ НАЈДОБАР ПРИЈАТЕЛ

16. Во која смисла може да се каже дека сме и Јеховини пријатели и негови „соработници“?

16 Луѓето што работат заедно обично стануваат добри пријатели. Слично е и со оние што му се заветувале на Јехова. Сите тие имаат чест да бидат и Божји пријатели и негови „соработници“. (Прочитај 1. Коринќаните 3:9.) Кога проповедаме и поучуваме, ние уште подобро се запознаваме со прекрасните особини што ги има нашиот небесен Татко. Исто така, чувствуваме како светиот дух ни помага да ја проповедаме добрата вест.

17. Како Јехова покажува дека е наш Пријател со духовната храна која ни ја обезбедува на нашите собири и конгреси?

17 Колку повеќе учествуваме во проповедањето, толку поблиски стануваме со Јехова. На пример, гледаме на кој начин тој ги спречува противниците да го запрат проповедничкото дело. Сфаќаме дека ни дава јасно водство, и воодушевени сме што и понатаму добиваме изобилна духовна храна. Програмата на нашите конгреси и собири покажува дека нашиот Татко многу добро знае какви се нашите потреби и со какви проблеми се соочуваме. Во едно писмо во кое го изразиле своето ценење за конгресот на кој присуствувале, едно семејство Сведоци го напишале следново: „Програмата навистина нѐ допре до срце. Чувствувавме колку многу Јехова го сака секого од нас и колку сака да бидеме среќни“. Една брачна двојка Сведоци од Германија, кои присуствувале на еден специјален конгрес во Ирска, биле многу благодарни за срдечното добредојде што им го укажале домаќините и за грижата што ја покажале кон нив. Тие рекле: „Сепак, најмногу им благодариме на Јехова и на неговиот Цар, Исус Христос. Тие ни овозможија да бидеме дел од еден навистина обединет народ. Ние не само што зборуваме за единство туку и уживаме во него секој ден. Она што го доживеавме на специјалниот конгрес во Даблин секогаш ќе нѐ потсетува на посебната чест која ја имаме да му служиме на нашиот величествен Бог заедно со сите вас“.

 ПРИЈАТЕЛИТЕ КОМУНИЦИРААТ

18. Што треба да се прашаме во врска со нашата комуникација со Јехова?

18 Пријателите стануваат уште поблиски кога меѓу нив има добра комуникација. Во оваа ера на Интернет и телекомуникации, луѓето постојано контактираат едни со други преку социјални мрежи и СМС-пораки. А каква е нашата комуникација со нашиот најдобар Пријател, Јехова? Точно е дека ‚тој ги слуша молитвите‘, но колку често ние одвојуваме време да зборуваме со него? (Пс. 65:2).

19. Што може да ни помогне ако ни е тешко да му го отвориме своето срце на нашиот небесен Татко?

19 На некои Божји слуги не им е лесно да си го отворат срцето и да зборуваат за своите најдлабоки чувства. Сепак, Јехова сака да го правиме токму тоа кога му се молиме (Пс. 119:145; Плач 3:41). Дури и ако ни е тешко да го изразиме со зборови она што го чувствуваме, не сме оставени без помош. Павле им го напишал следново на христијаните во Рим: „Не знаеме за што да молиме кога треба да се молиме, но самиот дух се зазема за нас кога во молитва не можеме ни да ги искажеме своите воздишки. А оној што ги истражува срцата знае на што укажува духот, бидејќи духот, по Божја волја, се зазема за светите“ (Рим. 8:26, 27). Ако размислуваме за она што е напишано во библиските книги како што се Јов, Псалмите и Изреките, ќе можеме да му ги искажеме нашите најдлабоки чувства на Јехова.

20, 21. Каква утеха содржат зборовите на Павле во Филипјаните 4:6, 7?

20 Кога се соочуваме со тешки ситуации, да го послушаме советот што Павле им го дал на Филипјаните: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог“. Таквата отворена комуникација со нашиот најдобар Пријател сигурно ќе ни донесе голема утеха бидејќи Павле понатаму вели: „Мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“ (Фил. 4:6, 7). Секогаш да го цениме неспоредливиот ‚Божји мир‘ кој навистина ги чува нашето срце и нашиот ум!

Како молитвата го зацврстува нашето пријателство со Бог? (Види во пасус 21)

21 Молитвата ни помага да го градиме нашето пријателство со Јехова. Затоа, ‚да се молиме непрестајно‘ (1. Сол. 5:17). Да продолжиме и понатаму да го зацврстуваме нашиот скапоцен однос со Бог, и да бидеме решени да постапуваме во склад со неговите праведни барања. Освен тоа, да одвојуваме време за да размислуваме за благословите што ги имаме затоа што Јехова навистина е наш Татко, наш Бог и наш Пријател.