Јехова отсекогаш ги организирал своите слуги
„Бог не е Бог на нередот, туку на мирот“ (1. КОР. 14:33)
1, 2. а) Кој бил првото создание на Бог, и какви задачи имал? б) Од каде знаеме дека ангелите се добро организирани?
ЈЕХОВА, Творецот на целата вселена, сѐ прави на организиран начин. Тој најпрво го создал својот единороден духовен Син кој служи како негов главен Говорник и кој е наречен „Речта“. Синот ја врши волјата на Јехова веќе милиони години. Библијата за него вели: „Во почетокот беше Речта, и Речта беше кај Бог“. Освен тоа, во неа пишува: „Сѐ настана преку него [Речта], и без него ништо не настана“. Пред повеќе од 2.000 години, Бог го испратил својот Син на Земјата како совршен човек кој се викал Исус Христос. Тој верно правел сѐ што ќе побарал неговиот Татко (Јован 1:1-3, 14).
2 Пред да дојде на Земјата, Синот му служел на Бог како „вешт градител“ (Изр. 8:30). Преку него, Јехова создал милиони други ангели на небото (Кол. 1:16). Во врска со нив, во Библијата пишува: „Илјада илјади му служеа [на Јехова], десет илјади по десет илјади стоеја пред него“ (Дан. 7:10). За овие многубројни духовни суштества се вели дека се добро организирана војска на Јехова (Пс. 103:21).
3. Колку ѕвезди има, и како се групирани тие?
3 Што може да се каже за другите творби на Јехова, како што се безбројните ѕвезди и планети? Во еден весник пишува дека, според едно неодамнешно истражување, научниците дошле до заклучок дека има „300 трилијарди ѕвезди, односно три пати повеќе од нивните досегашни пресметки“. Написот продолжува: „Тоа е тројка по која следат 23 нули, или три билиони по сто милијарди“ (Houston Chronicle, Тексас). Ѕвездите се групирани во галаксии, а во секоја галаксија има милијарди, па дури и билиони ѕвезди, како и многу планети. Повеќето галаксии се групирани во јата или во суперјата.
4. Зошто е логично да заклучиме дека Бог ги организира своите слуги на Земјата?
4 Исто како меѓу ангелите на небото, така и во материјалната вселена владее неверојатен ред и организација (Иса. 40:26). Затоа, логично е да заклучиме дека Јехова ги организира и своите слуги на Земјата. Меѓу нив мора да постои ред затоа што тие имаат многу важни задачи во службата за него. Тоа што Јеховините слуги веќе илјадници години верно му служат на својот Бог е цврст доказ дека тој е со нив и дека „не е Бог на нередот, туку на мирот“. (Прочитај 1. Коринќаните 14:33, 40.)
БОГ ГИ ОРГАНИЗИРАЛ СВОИТЕ СЛУГИ ВО ДРЕВНИ ВРЕМИЊА
5. Како било прекинато исполнувањето на Јеховината намера?
5 Кога Јехова ги создал првите луѓе, им рекол: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја, и владејте над морските риби, над небесните суштества што летаат и над сите суштества што се движат по земјата“ (1. Мој. 1:28). Јехова не ги создал сите луѓе одеднаш. Тој имал намера потомците на Адам и Ева постепено да ја населат Земјата и целата да ја претворат во рај. Но, поради непослушноста на Адам и Ева, исполнувањето на оваа намера било прекинато за одреден период (1. Мој. 3:1-6). Со текот на времето, ‚Јехова видел дека лошотијата на човекот на земјата е голема и дека сите мисли на неговото срце се секогаш насочени само кон зло‘. Бидејќи луѓето толку многу се расипале и Земјата се наполнила со насилство, Бог решил да пушти потоп (1. Мој. 6:5, 11-13, 17).
6, 7. а) Зошто Ное нашол милост во очите на Јехова? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Што се случило со неверните луѓе во времето на Ное?
6 Меѓутоа, Ное бил праведен и непорочен човек кој ‚одел со вистинскиот Бог‘. Бидејќи ‚Ное нашол милост во очите на Јехова‘, тој му кажал да изгради огромна арка (1. Мој. 6:8, 9, 14-16). Луѓето и животните што ќе влегле во арката ќе можеле да го преживеат Потопот. Библијата вели дека ‚Ное направил сѐ така како што му заповедал Јехова‘ и заедно со своето семејство успешно ја завршил изградбата на арката. Откако животните влегле во неа, ‚Јехова ја затворил вратата‘ (1. Мој. 7:5, 16).
7 Кога дошол Потопот во 2370 год. пр.н.е., Јехова ‚го истребил од површината на земјата секое суштество‘, но ги спасил верниот Ное и неговото семејство (1. Мој. 7:23). Секој човек на Земјата денес е потомок на Ное, на неговите синови и на нивните жени. Меѓутоа, сите безверни луѓе надвор од арката загинале бидејќи не сакале да го послушаат Ное, „проповедникот на праведноста“ (2. Пет. 2:5).
8. Што покажува дека Бог ги организирал Израелците пред тие да влезат во Ветената земја?
8 Повеќе од 800 години по Потопот, Бог ги организирал Израелците како народ. Тој им дал јасни упатства за секој аспект од нивниот живот, а особено за тоа како требало да му служат. На пример, поставил мажи кои служеле како свештеници и левити. Освен тоа, поставил и жени ‚што служеле на организиран начин на влезот од шаторот на средбата‘ (2. Мој. 38:8, фус.). Кога Јехова им заповедал на Израелците да се населат во Ханаан, повеќето од нив биле исплашени и не сакале да го послушаат. Затоа, тој им рекол: „Нема да влезете во земјата за која со подигната рака се заколнав дека ќе живеам во неа со вас, освен Халев, синот на Јефониј, и Исус, синот на Навин“. Исус Навин и Халев биле единствените што донеле позитивен извештај откако ја извиделе Ветената земја (4. Мој. 14:30, 37, 38). Подоцна, Бог го поставил Исус Навин како водач на народот наместо Мојсеј (4. Мој. 27:18-23). Пред Исус Навин да ги одведе Израелците во Ханаан, Јехова му рекол: „Биди храбар и силен! Не бој се и не плаши се, зашто со тебе е Јехова, твојот Бог, каде и да појдеш!“ (Ис. Нав. 1:9).
9. Во што била уверена Раав во врска со Јехова и со неговиот народ?
9 Јехова Бог навистина бил постојано со Исус Навин. На пример, да видиме што се случило со Израелците кога се улогориле близу ханаанскиот град Ерихон. Во 1473 год. пр.н.е, Исус Навин испратил двајца мажи да го извидат Ерихон. Тие отишле кај блудницата Раав, која ги скрила на покривот од својата куќа и ги спасила од луѓето што сакале да ги фатат. Раав им рекла: „Знам дека Јехова сигурно ќе ви ја даде оваа земја... Зашто, чувме како Јехова ги исушил водите на Црвеното Море пред вас... и што сте им направиле на двајцата аморејски цареви“. Таа додала: „Зашто Јехова, вашиот Бог, е Бог горе на небото и долу на земјата“ (Ис. Нав. 2:9-11). Раав и нејзиното семејство го поддржувале Божјиот народ, и затоа Јехова се погрижил тие да преживеат кога Израелците го освојувале Ерихон (Ис. Нав. 6:25). Раав покажала дека има силна вера и дека длабоко ги почитува Јехова и неговиот организиран народ.
БОГ ГИ ОРГАНИЗИРАЛ ПРВИТЕ ХРИСТИЈАНИ
10. Што им рекол Исус на верските водачи од негово време, и зошто?
10 Под водство на Исус Навин, Израелците заземале град по град, и така ја освоиле целата ханаанска земја. Но, што се случило подоцна? Низ вековите, тие постојано ги кршеле Божјите закони. Кога Исус Христос дошол на Земјата, Израелците станале толку непослушни што тој рекол дека луѓето кои живееле во Ерусалим ‚ги убивале пророците‘. (Прочитај Матеј 23:37, 38.) Бог ги отфрлил еврејските верски водачи затоа што не му биле верни. Поради тоа, Исус им рекол: „Царството Божје ќе се земе од вас и ќе му се даде на народ кој ги донесува неговите плодови“ (Мат. 21:43).
11, 12. а) Што покажува дека Јехова во првиот век избрал една нова група луѓе наместо Израелците? б) Кој го сочинувал овој нов народ?
11 Во првиот век од н.е., Јехова ги отфрлил Израелците како свој народ. Но, дали ова значело дека Јехова веќе немало да има свои верни слуги на Земјата кои ќе биле организирани? Не. На Педесетница 33 год. од н.е., Јехова избрал нова група луѓе кои ги следеле Исусовите учења. На тој ден, околу 120 следбеници на Исус биле собрани на едно место во Ерусалим кога ‚одеднаш настанал шум од небото, како при налет на силен ветар, и ја исполнил целата куќа‘. Тогаш се појавиле ‚пламени јазици, кои се разделиле, па на секого од нив слегол по еден. И сите се исполниле со свет дух и почнале да зборуваат на разни јазици, како што им давал духот да зборуваат‘ (Дела 2:1-4). Она што се случило на овој неверојатен настан било непобитен доказ дека Јехова го поддржувал и му помагал на овој нов организиран народ составен од Христови следбеници.
12 Истиот ден, „околу три илјади души“ им се придружиле на учениците на Исус. Освен тоа, Јехова продолжил ‚секојдневно да им ги придодава оние што доаѓале на патот на спасението‘ (Дела 2:41, 47). Христијаните што ја проповедале добрата вест во првиот век имале толку голем успех во службата, што ‚Божјата реч сѐ повеќе растела и бројот на учениците во Ерусалим многу се умножувал‘. Голем број искрени луѓе, меѓу кои имало и многу свештеници, ја прифатиле верата (Дела 6:7). Подоцна, Јехова дозволил и луѓе кои не биле Евреи да станат дел од христијанското собрание и повторно покажал дека го води овој нов народ. (Прочитај Дела 10:44, 45.)
13. Каква задача им дал Бог на следбениците на Исус?
13 Било многу јасно каква задача Бог им доверил на Христовите следбеници. Кратко по своето крштавање, Исус почнал да проповеда за „небесното царство“ (Мат. 4:17). Тој ги поучил и своите следбеници да го прават истото. Исус им рекол: „Ќе ми бидете сведоци во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Првите ученици на Христос многу добро знаеле што се барало од нив. На пример, во една прилика, Павле и Варнава храбро им рекле на своите еврејски противници: „Речта Божја требаше најпрво вам да ви биде кажана. Но бидејќи вие ја отфрлате и не се сметате себеси за достојни за вечен живот, еве, одиме кај незнабошците. Зашто, Јехова вака ни заповеда: ‚Те поставив за светлина на народите, да бидеш спасение до крајот на земјата‘“ (Дела 13:14, 45-47). Почнувајќи од првиот век, земниот дел на Божјата организација им објавува на луѓето што прави Јехова за да го спаси човештвото.
БОЖЈИТЕ СЛУГИ ПРЕЖИВЕАЛЕ
14. Што се случило со Ерусалим во првиот век, но кој преживеал?
14 Повеќето Евреи не ја прифатиле добрата вест и не го послушале она што им го кажал Исус во врска со уништувањето на Ерусалим. Тој ги предупредил своите следбеници: „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од улогорени војски, тогаш знајте дека се приближило неговото опустошување! Тогаш оние што ќе бидат во Јудеја, нека бегаат во планините! Оние што ќе бидат во градот, нека го напуштат, а оние што ќе бидат во селата, нека не влегуваат во градот“ (Лука 21:20, 21). Токму како што прорекол Исус, во 66 год. од н.е., римските војски предводени од Цестиј Гал го опколиле Ерусалим за да ја задушат побуната на Евреите. Но, без некоја очигледна причина, Римјаните се повлекле и тоа им дало можност на Исусовите следбеници да ги напуштат Ерусалим и Јудеја. Според историчарот Евзебиј, многу христијани ја преминале реката Јордан и избегале во Пела, која се наоѓала во Переја. Во 70 год. од н.е., римските војски под водство на генерал Тит се вратиле и го уништиле Ерусалим. Меѓутоа, верните христијани преживеале затоа што го послушале предупредувањето на Исус.
15. Кои работи не можеле да го спречат напредокот на делото во првиот век?
15 И покрај тешкотиите, прогонството и другите испити на верата што ги доживувале следбениците на Исус во првиот век, многу луѓе станувале христијани (Дела 11:19-21; 19:1, 19, 20). Зошто имало ваков пораст? Затоа што Јехова го благословувал христијанското собрание (Изр. 10:22).
16. Што требало да прави секој христијанин за да задржи цврста вера и да го зачува единството?
16 Секој христијанин морал да се труди да задржи цврста вера и да го зачува единството. Многу било важно да го проучува Писмото, да оди на состаноците и ревносно да ја проповеда добрата вест за Царството. Овие работи му помагале на Јеховиниот народ тогаш, а и денес, да остане духовно јак и обединет. Собранијата во тоа време биле добро организирани. Имало старешини и слуга-помошници кои биле спремни да им служат на другите христијани (Фил. 1:1; 1. Пет. 5:1-4). Сигурно сите собранија се радувале кога биле посетувани од патувачките надгледници, како што бил Павле (Дела 15:36, 40, 41). Интересно е тоа што постојат големи сличности во начинот на кој ние му служиме на Бог денес и начинот на кој му служеле првите христијани. Многу сме благодарни што Јехова ги организира и ги води своите слуги денес, како што било случај и во минатото. *
17. Што ќе разгледаме во следната статија?
17 Како што се приближува крајот на Сатановиот свет, земниот дел на Јеховината величествена организација се движи напред со сѐ поголема брзина. Дали одиме во чекор со Божјата организација? Дали напредуваме во духовен поглед? Од следната статија ќе дознаеме како можеме да го правиме тоа.
^ пас. 16 Види ги статиите „Христијаните обожаваат со дух и со вистина“ и „Тие продолжуваат да одат во вистината“ кои излегоа во Стражарска кула од 15 јули 2002. Нешто повеќе за земниот дел на Божјата организација во нашево време можеш да прочиташ во брошурата Кој ја врши Јеховината волја денес?