Дали одиш во чекор со Јеховината организација?
„Очите на Јехова ги гледаат праведниците“ (1. ПЕТ. 3:12)
1. Кого го избрал Јехова за свој народ во првиот век? (Види ја сликата погоре.)
ЈЕХОВА е тој што го основал христијанското собрание во првиот век и го обновил вистинското обожавање во поново време. Како што видовме во претходната статија, Израелците биле Божји избран народ. Но, бидејќи му свртеле грб на Јехова, тој си избрал нов народ кој го сочинувале првите христијани. Поради тоа што ја имале Божјата милост, тие го преживеале уништувањето на Ерусалим во 70 год. од н.е. (Лука 21:20, 21). Она што им се случувало на првите христијани покажува што ќе се случува со слугите на Јехова денес. На Сатанскиот поредок наскоро ќе му дојде крај, но Божјиот организиран народ ќе ги преживее последните денови (2. Тим. 3:1). Зошто можеме да бидеме сигурни во ова?
2. Што рекол Исус за ‚големата неволја‘, и кога ќе започне таа?
2 Во врска со својата невидлива присутност и со свршетокот на овој поредок, Исус рекол: „Ќе има голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега, ниту повеќе ќе има“ (Мат. 24:3, 21). Оваа страшна неволја ќе започне кога Јехова ќе ги искористи политичките сили за да го уништи „Големиот Вавилон“, односно светското царство на лажната религија (Отк. 17:3-5, 16). Што ќе се случува потоа?
НАПАДОТ НА САТАНА ЌЕ ВОДИ ДО АРМАГЕДОН
3. Што ќе се случи со Јеховиниот народ откако ќе биде уништена лажната религија?
3 Откако ќе биде уништена лажната религија, Сатана и неговиот свет ќе ги нападнат Јеховините слуги. На пример, во врска со „Гог од земјата Магог“ во Библијата е проречено: „Ќе се подигнеш и ќе навалиш [на нив] како бура. Ќе бидеш како облаци кога ја покриваат земјата, ти и сите твои чети и многу народи со тебе“. Бидејќи Јеховините сведоци немаат вооружена војска и се најмирољубивиот народ на Земјата, ќе изгледаат како лесен плен. Но, оние што ќе се кренат против Божјиот народ горко ќе зажалат (Езек. 38:1, 2, 9-12).
4, 5. Како ќе реагира Јехова кога Сатана ќе се обиде да ги истреби Божјите слуги?
4 Како ќе реагира Бог кога Сатана ќе го изведе овој напад? Тој ќе се заземе за својот народ и ќе покаже дека е Севишен Владетел. Јехова го смета нападот врз своите слуги како напад врз себе. (Прочитај Захарија 2:8.) Затоа, нашиот небесен Татко веднаш ќе преземе нешто. Тој ќе ја започне војната Армагедон во која ќе нѐ спаси и ќе го уништи светот на Сатана (Отк. 16:14, 16).
5 Во едно библиско пророштво за Армагедон, пишува: „,Јехова има спор со народите. Лично тој ќе му суди на секој човек. Злите ќе му ги предаде на мечот‘, вели Јехова. Вака вели Јехова над војските: ‚Еве, неволја оди од народ на народ, голема бура ќе се подигне од најоддалечените делови на земјата. Во тој ден ќе има погубени од Јехова од едниот крај на земјата до другиот. Нема да бидат оплакувани, ниту некој ќе ги собере и ќе ги погребе. Ќе бидат како гној по земјата‘“ (Ерем. 25:31-33). Во војната Армагедон ќе му биде ставен крај на овој злобен поредок. Сатанскиот свет ќе биде уништен, но земниот дел на Јеховината организација ќе преживее.
СЀ ПОВЕЌЕ ЛУЃЕ СТАНУВААТ ДЕЛ ОД ЈЕХОВИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА
6, 7. а) Кој го сочинува големото мноштво? б) Каков пораст имаше во изминатите години?
6 Поради тоа што земниот дел на Божјата организација е составен од луѓе кои го имаат Божјиот благослов, сѐ повеќе лица стануваат Јеховини сведоци. Библијата нѐ уверува: „Очите на Јехова ги гледаат праведниците и ушите негови ги слушаат нивните сесрдни молитви“ (1. Пет. 3:12). Во праведниците спаѓа едно „големо мноштво луѓе“ кои „доаѓаат од големата неволја“ (Отк. 7:9, 14). Овие преживеани не се само „мноштво“. Тие се едно „големо мноштво“ — огромен број луѓе. Можеш ли да се замислиш себеси меѓу оние што ја преживеале „големата неволја“?
7 Кој го сочинува ова големо мноштво? Тоа се луѓе од сите народи кои обединето му служат на вистинскиот Бог затоа што ја прифатиле добрата вест која се проповеда во овие последни денови. Исус прорекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Мат. 24:14). Денес, проповедањето е најважното дело што го извршува Божјата организација. Благодарение на тоа што Јеховините сведоци проповедаат и поучуваат, милиони луѓе во целиот свет научиле да му служат на Бог „со дух и со вистина“ (Јован 4:23, 24). На пример, од 2003 до 2012 год., повеќе од 2.707.000 лица му го заветуваа својот живот на Бог и се крстија. Низ целиот свет, сега има повеќе од 7.900.000 Сведоци. Освен тоа, заедно со нив и неколку милиони други лица секоја година ја одбележуваат Спомен-свеченоста. Се радуваме што од година во година големото мноштво станува сѐ побројно. Свесни сме дека ова не е наша заслуга, туку дека Бог е тој што нѐ благословува (1. Кор. 3:5-7).
8. Зошто во Јеховината организација има толку голем пораст?
8 Тоа што сѐ повеќе лица почнуваат да му служат на Бог ни покажува дека Јехова ги поддржува Сведоците. (Прочитај Исаија 43:10-12.) Во Библијата, ваквиот пораст бил проречен со следниве зборови: „Од малиот ќе стане илјада, и од незначителниот — силен народ. Јас, Јехова, ќе го забрзам тоа кога ќе дојде време“ (Иса. 60:22). Во почетокот, помазаниците биле малку на број, но со текот на времето сѐ повеќе духовни Израелци станувале дел од Божјата организација (Гал. 6:16). Низ годините, Јехова продолжил да го излева својот благослов. Поради тоа, и милиони луѓе кои имаат надеж да живеат вечно на Земјата ја прифатиле вистината.
ШТО БАРА ЈЕХОВА ОД НАС
9. Што треба да правиме за да ја доживееме убавата иднина што ни ја ветува Божјата Реч?
9 Без разлика дали сме помазани христијани или сме дел од големото мноштво, имаме можност да ја доживееме прекрасната иднина која ни ја ветува Божјата Реч. Но, за да ги добиеме тие благослови, мора да ги слушаме Јеховините заповеди (Иса. 48:17, 18). На пример, Јехова барал од Израелците да живеат според Мојсеевиот закон. Тој Закон требало да ги заштити и да им покаже како да имаат среќен семеен живот и добри пријатели, како да бидат чесни во работата и како да бидат љубезни со другите (2. Мој. 20:14; 3. Мој. 19:18, 35-37; 5. Мој. 6:6-9). Божјите заповеди може да ни помогнат на сличен начин и нам денес. Тие се за наше добро и воопшто не ни претставуваат товар. (Прочитај 1. Јованово 5:3.) Всушност, тоа што ги слушаме Божјите закони и начела не само што нѐ штити туку и ни помага да бидеме „здрави во верата“ (Тит 1:13).
10. Зошто треба да одвојуваме време редовно да ја проучуваме Библијата и да ја одржуваме Семејната вечер?
10 Земниот дел на Јеховината организација се движи напред на различни начини. На пример, нашето разбирање на библиските вистини станува сѐ појасно. Ова не нѐ изненадува затоа што во Библијата пишува: „Патеката на праведниците е како блескава светлина, која свети сѐ посилно додека сосема не се раздени“ (Изр. 4:18). Но, добро е секој од нас да се праша: ‚Дали сум во тек со најновите разбирања на библиската вистина? Дали имам навика да ја читам Библијата секој ден? Дали едвај чекам да ги прочитам новите публикации? Дали редовно ја одржувам Семејната вечер посветена на Јехова?‘ Повеќето од нас ќе се согласат дека не е толку тешко да се прават овие работи. Но, потребно е да одвоиме време за нив. Многу е важно да ја проучуваме Божјата Реч, да го применуваме тоа што го учиме и да одиме во чекор со Божјата организација. Мораме да го правиме ова особено сега кога големата неволја е многу близу.
11. Зошто Јеховиниот народ оди на состаноци, собири и конгреси?
11 Јеховината организација нѐ советува да ги следиме зборовите на апостол Павле: „Да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела, и да не ги пропуштаме нашите состаноци, како што некои имаат обичај, туку да се храбриме еден со друг, толку повеќе колку што гледате дека се приближува денот“ (Евр. 10:24, 25). Годишните празници и другите собири во чест на Јехова им помагале на Израелците да си ја зајакнат верата. Освен тоа, таквите настани, како што бил Празникот на сениците, биле радосни прилики за сите (2. Мој. 23:15, 16; Неем. 8:9-18). И ние денес имаме состаноци, собири и конгреси. Треба да се трудиме редовно да одиме на нив затоа што тие ни помагаат да останеме блиски со Јехова и радосно да му служиме.
12. Каков став треба да имаме кон делото на проповедање?
12 Бидејќи сме дел од Јеховината организација, имаме чест да учествуваме во „светото дело на проповедање на Божјата добра вест“ (Рим. 15:16). Кога го вршиме ова ‚свето дело‘ ние соработуваме со нашиот свет Бог, Јехова (1. Кор. 3:9; 1. Пет. 1:15). Со тоа што ја проповедаме добрата вест, го славиме неговото свето име. Радосни сме што можеме да ја објавуваме „славната добра вест“ за нашиот среќен Бог (1. Тим. 1:11).
13. Како може да останеме духовно јаки, и од што зависи нашиот живот?
13 Бог сака да останеме духовно јаки со тоа што ќе бидеме блиски со него и ќе ја поддржуваме неговата организација во секој поглед. Мојсеј им рекол на Израелците: „Ги земам денес за сведоци против вас небото и земјата: дека пред вас ставам живот и смрт, благослов и проклетство. Затоа избери го животот за да останеш жив, ти и твоето потомство, така што ќе го сакаш Јехова, својот Бог, ќе го слушаш неговиот глас и ќе се држиш за него, зашто тој ти дава живот и долговечност за да можеш да живееш на земјата за која Јехова им се заколна на твоите прататковци Авраам, Исак и Јаков дека ќе им ја даде“ (5. Мој. 30:19, 20). Нашиот живот зависи од тоа дали ја вршиме волјата на Јехова, дали го сакаме и дали сме му послушни и верни.
14. Што напишал еден брат во врска со видливиот дел на Божјата организација?
14 Брат Прајс Хјуз, кој му останал верен на Јехова и на неговата организација до крајот на својот живот, напишал: „Многу сум благодарен што можев да ја дознаам Јеховината намера уште пред да дојде 1914 год... Најважно од сѐ ми беше да му останам лојален на видливиот дел на Јеховината организација. Од лично искуство научив колку е неразумно да се потпирам на човечко размислување. Кога го сфатив ова, решив никогаш да не ѝ свртам грб на оваа организација. Зар има друг начин на кој би можеле да ги добиеме Јеховиниот благослов и одобрување?“
ОСТАНИ ВО ЧЕКОР СО БОЖЈАТА ОРГАНИЗАЦИЈА
15. Кој пример од Библијата ни покажува како треба да гледаме на промените во разбирањето на библиските вистини?
15 Јехова ќе нѐ благослови како поединци само ако ја поддржуваме неговата организација и ако ги прифаќаме промените во разбирањето на библиските вистини. На пример, по смртта на Исус, имало илјадници еврејски христијани кои сѐ уште ревносно го држеле Законот (Дела 21:17-20). Но, Павле им напишал писмо со кое им помогнал да го прифатат фактот дека не се посветени со жртвите што се ‚принесувале според Законот‘, туку „со принесувањето на телото на Исус Христос еднаш засекогаш“ (Евр. 10:5-10). Без сомнение, многу од тие христијани кои имале еврејско потекло го смениле своето гледиште и продолжиле да растат во духовен поглед. И ние треба внимателно да проучуваме и спремно да ги прифаќаме промените во разбирањето на Божјата Реч и во начинот на кој проповедаме.
16. а) Зошто животот во рајот ќе биде прекрасен? б) Кој благослов со душа чекаш да го доживееш во новиот свет?
16 Сите што ќе им останат верни на Јехова и на неговата организација ќе бидат благословени. Помазаните христијани ќе имаат чест да владеат со Христос од небото (Рим. 8:16, 17). А другите христијани ќе живеат вечно во рај на Земјата. Сите Јеховини слуги имаат посебна чест да им кажуваат на другите за новиот свет кој го ветил Бог (2. Пет. 3:13). Во Псалм 37:11 пишува: „Кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“. Тогаш, луѓето „ќе градат куќи и ќе живеат во нив“ и „ќе уживаат во плодовите на своите раце“ (Иса. 65:21, 22). Нема да има угнетување, сиромаштија и глад (Пс. 72:13-16). Големиот Вавилон ќе биде уништен и веќе нема да ги заведува луѓето (Отк. 18:8, 21). Мртвите ќе воскреснат и ќе можат да живеат вечно (Иса. 25:8; Дела 24:15). Колку прекрасна иднина стои пред оние што му се заветувале на Јехова! За да го доживееме сето ова, мора да продолжиме духовно да напредуваме и да одиме во чекор со Божјата организација.
17. На што треба да бидеме решени?
17 Бидејќи крајот на овој свет само што не дошол, да задржиме цврста вера и од сѐ срце да ја поддржуваме Јеховината организација. Ваков став имал и Давид, кој рекол: „За едно го молам Јехова, само тоа го барам, да живеам во Јеховиниот дом во сите денови на мојот живот, за да гледам колку е добар Јехова и да се восхитувам на неговиот храм“ (Пс. 27:4). Да бидеме решени да останеме блиски со Бог и да продолжиме да одиме во чекор со неговата организација.