Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да им помагаме на нашите разведени соверници?

Како да им помагаме на нашите разведени соверници?

Сигурно познаваш некој што е разведен. Денес, сѐ повеќе бракови завршуваат со развод. На пример, според едно истражување спроведено во Полска, постои голема веројатност луѓето кои имаат 30-ина години и кои се во брак од три до шест години да се разведат. Но, лицата на таа возраст не се единствените што се решаваат на таков чекор.

Во еден извештај од еден институт во Шпанија пишува: „Статистичките податоци покажуваат дека [во Европа] половина од склучените бракови ќе завршат со развод“ (Institute for Family Policy). Ситуацијата е слична и во другите развиени земји.

НАПЛИВ НА ПОМЕШАНИ ЧУВСТВА

Еден брачен советник од Источна Европа вели: „Разводот го открива она што веќе се случило со еден однос. Тој покажува дека брачните партнери ѝ ставиле крај на својата врска и се разделиле. Ова предизвикува неопислива емоционална болка“. Советникот додава дека по разводот следи „бура од болни и силни емоции, како што се гневот, каењето, разочарувањето, очајот и срамот“. Понекогаш се појавуваат и самоубиствени мисли. „Откако сопружниците судски ќе се разведат, започнува следната фаза. Обземени од чувства на празнина и осаменост, разведените сопружници можеби ќе почнат да се прашуваат: ‚Што да правам со животот сега? Како да продолжам сам?‘“

Размислувајќи за тоа како се чувствувала пред неколку години, Ева вели: „Откако се разведов, ми доаѓаше да пропаднам во земја од срам кога соседите и колегите кажуваа дека сум ‚оставена‘. Бев бесна. Останав сама со две дечиња на кои морав да им бидам и мајка и татко“. * Адам, кој служел како старешина 12 години, вели: „[По разводот] ја изгубив речиси сета самопочит што ја имав. Понекогаш вријам од гнев и посакувам да избегам од сите“.

БОРБА ДА СЕ ЗАСТАНЕ НА НОЗЕ

Бидејќи се притиснати од грижа за иднината, некои не успеваат да застанат на нозе дури и со години по разводот. Тие можеби си мислат дека на другите не им е гајле за нив. Еден колумнист вели дека друг предизвик за разведените е тоа што треба да ги „сменат своите навики и да научат сами да се носат со проблемите“.

Станислав кажува: „Кога се разведовме, мојата поранешна жена не ми дозволуваше да ги гледам нашите две ќеркички. Тоа ме натера да мислам дека никој не се грижи за мене и дека дури и Јехова ме напуштил. Ја изгубив волјата за живот. Но, со текот на времето сфатив дека не бев во право“. Откако  се развела, и Ванда се борела со чувства на несигурност и со страв од иднината. Таа вели: „Мислев дека, по некое време, луѓето — меѓу кои беа и соверниците — ќе престанат да се грижат за мене и за моите деца. Сепак, сега сфаќам дека браќата и сестрите постојано беа покрај нас и ми помагаа да ги поучувам децата да го засакаат Јехова“.

Од овие искуства можеме да видиме дека, по разводот, некои лица се преплавени од негативни чувства. Тие можеби ќе стекнат лоша слика за себе и ќе почнат да мислат дека се безвредни и дека не заслужуваат другите да им обрнуваат внимание. Можеби и ќе ги критикуваат оние што се околу нив. Како резултат на тоа, веројатно ќе почнат да мислат дека браќата и сестрите во собранието се ладни и бесчувствителни. Меѓутоа, искуствата на Станислав и Ванда покажуваат дека оние што се развеле на крајот можеби ќе сфатат дека браќата и сестрите искрено се грижат за нив. Всушност, сохристијаните им пружаат посебна грижа на разведените, иако тие на почеток не ја забележуваат.

ЧУВСТВА НА ОСАМЕНОСТ И ОТФРЛЕНОСТ

Имај на ум дека и покрај сѐ што ќе направиш, разведените соверници можеби одвреме-навреме ќе бидат притиснати од чувства на осаменост. Особено разведените сестри можеби ќе имаат впечаток дека другите не се грижат за нив. Алиција признава: „Иако поминаа осум години од разводот, понекогаш се чувствувам безвредно. Во тие мигови, сакам да сум сама, да се исплачам и да се самосожалувам“.

Иако чувствата кои ги спомнавме се вообичаени за оние што се разведени, Библијата нѐ советува да не се изолираме. Оној што не го слуша овој совет „се спротивставува на секоја мудрост“ (Изр. 18:1). Но, лицето што е осамено не треба постојано да бара совет или утеха од некој од спротивниот пол. Така нема да дозволи да се развијат неисправни романтични чувства.

Нашите соверници кои претрпеле развод можеби ќе бидат зафатени од виорот на негативните емоции, како што се стравот од иднината, чувството на осаменост или, пак, чувството на отфрленост. Добро е да се потрудиме да ги разбереме тие браќа и сестри и да сфатиме дека не им е лесно да ги победат овие чувства. Ако правиме сѐ што можеме за да им помогнеме, ќе покажеме дека го следиме примерот на Јехова (Пс. 55:22; 1. Пет. 5:6, 7). Можеме да бидеме сигурни дека тие многу ќе ја ценат нашата помош. Тоа ќе ги увери дека во собранието имаат вистински пријатели! (Изр. 17:17; 18:24).

^ пас. 6 Некои имиња се сменети.