Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Јехова ги познава оние што се негови“

„Јехова ги познава оние што се негови“

„Ако некој го сака Бог, него Бог го познава“ (1. КОР. 8:3)

1. Раскажи како некои Божји слуги се залажувале себеси. (Види ја сликата погоре.)

ЕДНО утро, првосвештеникот Арон застанал на влезот од светиот шатор држејќи кадилница во која имало темјан. Неколку метри подалеку од него стоел Кореј со 250 мажи. И тие во рацете имале кадилници во кои гореле темјан (4. Мој. 16:16-18). На прв поглед, изгледало дека сите верно му служат на Јехова. Но, Кореј и неговите придружници биле горди отпадници кои се побуниле против Арон и се обиделе да му ја одземат свештеничката служба (4. Мој. 16:1-11). Тие биле убедени дека Бог ќе ја одобри нивната постапка. Но, со тоа што го направиле, всушност, многу го навредиле Јехова, кој го видел лицемерството што се криело во нивното срце (Ерем. 17:10).

2. Што прорекол Мојсеј, и на кој начин се исполниле неговите зборови?

2 Претходниот ден, Мојсеј прорекол: „Утре изутрина Јехова ќе покаже кој е негов“ (4. Мој. 16:5). Како Јехова покажал дека знае кој му служи од срце, а кој му служи лицемерно? Така што пуштил оган од небото кој ,ги изгорел Кореј и тие двесте и педесет луѓе што принесувале темјан‘ (4. Мој. 16:35; 26:10). Само Арон останал жив. Јехова  јасно покажал дека свештеничката служба му припаѓа на Арон и дека тој е негов верен слуга. (Прочитај 1. Коринќаните 8:3.)

3. а) Што се случило во христијанското собрание во времето на Павле? б) Што учиме од начинот на кој Јехова постапил со бунтовниците во времето на Мојсеј?

3 Нешто слично се случило околу 1.500 години подоцна, во времето на апостол Павле. Некои што тврделе дека се христијани прифатиле и ширеле лажни учења, а сепак и понатаму биле дел од собранието. Се чинело дека се вистински слуги на Јехова. Но, тие отпадници биле опасни како волци во овча кожа бидејќи им ,ја поткопувале верата на некои‘ христијани (2. Тим. 2:16-18). Павле бил уверен дека Бог е потполно свесен за таа ситуација. Зошто? Затоа што знаел дека, со векови пред тоа, Јехова ги казнил бунтовниот Кореј и оние што застанале на негова страна. И ние можеме да имаме таква доверба во нашиот небесен Татко. Да видиме што можеме да научиме од она што апостол Павле му го напишал на Тимотеј.

„ЈАС СУМ ЈЕХОВА, ЈАС НЕ СЕ МЕНУВАМ“

4. Во што бил сигурен Павле, и како тоа се гледа од зборовите што му ги напишал на Тимотеј?

4 Павле бил сигурен дека Јехова може да види кој му е вистински слуга, а кој е лицемер. Тоа се гледа од зборовите што, под водство на светиот дух, му ги напишал на Тимотеј. Откако кажал каква духовна штета им направиле отпадниците на некои христијани во собранието, Павле додал: „Но Божјиот цврст темел стои неподвижно и на него е овој печат: ,Јехова ги познава оние што се негови‘ и ,Нека се одрече од неправедноста секој што го повикува името Јеховино‘“ (2. Тим. 2:18, 19).

5, 6. Што имал Павле на ум кога го употребил изразот „Божјиот цврст темел“, и како тие зборови влијаеле врз Тимотеј?

5 Во Библијата зборот „темел“ се користи како метафора за различни работи. На пример, овој збор се спомнува во поврзаност со главниот град на древниот Израел, Ерусалим, како и со улогата што ја има Исус во Божјата намера (Пс. 87:1, 2; 1. Кор. 3:11; 1. Пет. 2:6). Но, изразот „Божјиот цврст темел“ се појавува само еднаш во Библијата. Што имал Павле на ум кога го употребил овој израз?

6 Пред да го спомне изразот „Божјиот цврст темел“, Павле ги цитирал зборовите што Мојсеј им ги упатил на Кореј и другите бунтовници, запишани во 4. Мојсеева 16:5. Очигледно тој се осврнал на настаните во времето на Мојсеј со цел да го охрабри Тимотеј и да го потсети дека Јехова го забележува она што го прават бунтовниците и дека им се спротивставува. Исто како што не му дозволил на Кореј да ја осуети неговата намера, Јехова немало да им дозволи ниту на отпадниците во собранието да го сторат тоа. Иако Павле не објаснил во детали што значи изразот „Божјиот цврст темел“, неговите зборови уште повеќе му ја зајакнале довербата на Тимотеј во Јехова.

7. Зошто можеме да бидеме уверени дека Јехова секогаш ќе постапува праведно и верно?

7 Јеховините возвишени начела се непроменливи. Во Псалм 33:11 стои: „Намерата на Јехова останува довека, помислите на неговото срце од поколение во поколение“. На други места во Библијата пишува дека Јеховината власт, лојална љубов, верност и праведност ќе траат засекогаш (2. Мој. 15:18; Пс. 100:5; 112:9). Во Малахија 3:6 стои: „Јас сум Јехова, јас не се менувам“. Исто така, во Јаков 1:17 пишува дека Јехова „не се менува, не е како непостојана сенка“.

 „ПЕЧАТ“ КОЈ НИ ЈА ЗАЈАКНУВА ДОВЕРБАТА ВО ЈЕХОВА

8, 9. Што можеме да научиме од ,печатот‘ кој бил втиснат на „Божјиот цврст темел“?

8 Во споредбата што ја користи во 2. Тимотеј 2:19, Павле спомнува темел на кој е втиснат печат. Во древни времиња, било вообичаено да се вреже натпис на темелот на некоја градба. Најчесто се пишувало кој ја направил или чија сопственост била таа. Павле бил првиот библиски писател што го искористил овој обичај како споредба. * Печатот кој се наоѓа на „Божјиот цврст темел“ се состои од две изјави. Првата е: „Јехова ги познава оние што се негови“, а втората е: „Нека се одрече од неправедноста секој што го повикува името Јеховино“. Овие зборови нѐ потсетуваат на она што е запишано во 4. Мојсеева 16:5. (Прочитај.)

9 Што можат да научат оние што му припаѓаат на Јехова од ,печатот‘ кој бил втиснат на „Божјиот цврст темел“? Јеховините мерила и начела се темелат на две основни вистини: 1) Јехова ги сака оние што му се верни и 2) Јехова ја мрази неправдата. Како е поврзано ова со отпадништвото кое се појавило во собранието?

10. Како се чувствувале верните христијани поради однесувањето на отпадниците во првиот век?

10 Тимотеј и другите верни слуги биле многу вознемирени од однесувањето на отпадниците. Некои христијани можеби се прашувале зошто на таквите поединци им било дозволено да останат во собранието. Можеби дури и се прашувале дали Јехова навистина ја забележува разликата меѓу нивната служба која ја вршеле од чисто срце и лицемерството на отпадниците (Дела 20:29, 30).

Тимотеј не смеел да дозволи да падне под влијание на отпадниците (Види во пасуси 10-12)

11, 12. Како писмото на Павле му ја зајакнало верата на Тимотеј?

11 Без сомнение, со своето писмо Павле му ја зајакнал верата на Тимотеј. Тој го потсетил дека, во минатото, Јехова јасно покажал кој е негов вистински слуга со тоа што ги отфрлил и ги уништил лицемерниот Кореј и неговите придружници, а го прифатил верниот Арон. Всушност, Павле сакал да каже дека, иако во собранието има лажни христијани, Јехова може јасно да покаже кој е негов вистински слуга, исто како што било случај во времето на Мојсеј.

12 Јехова не се менува, и затоа секогаш можеме да се потпреме на него. Тој ја мрази неправедноста и во време  што самиот го одредил ќе ги казни оние што непокајнички прават лоши работи. „Секој што го повикува името Јеховино“ мора да го отфрли злото. Затоа Тимотеј бил потсетен дека има одговорност да му се спротивстави на лошото влијание од лицемерните христијани. *

НИКОГАШ НЕ Е ЗАЛУДНО ДА СЛУЖИМЕ ОД ЧИСТО СРЦЕ

13. Во што можеме да бидеме уверени?

13 Зборовите на Павле можат да нѐ охрабрат и нас. Утешно е тоа што знаеме дека Јехова ја забележува нашата верност. Но, тоа не е сѐ. Јехова е вистински заинтересиран за оние што се негови. Библијата вели: „Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. Лет. 16:9). Затоа, можеме да бидеме апсолутно сигурни дека трудот што го вложуваме за да му служиме на Јехова „од чисто срце“ никогаш не е залуден (1. Тим. 1:5; 1. Кор. 15:58).

14. Кого Јехова го отфрла?

14 Фактот дека Јехова ги отфрла оние што му служат лицемерно ни служи и како предупредување. Додека „ја пребарува со своите очи целата земја“, тој може да ги забележи оние што не му се „оддадени со цело срце“. Во Изреки 3:32 пишува дека „на Јехова му е одвратен расипаниот човек“, како на пример, тој што пред другите се преправа дека му е послушен, а прави гревови кога е сам. Иако некое време таквиот човек може вешто да ги мами луѓето, тоа што Јехова е семоќен и праведен ни е гаранција дека оној „кој ги крие престапите свои, ќе нема успех“ (Изр. 28:13; прочитај 1. Тимотеј 5:24; Евреите 4:13).

15. Што не треба да правиме, и зошто?

15 Поголемиот број Јеховини слуги искрено го сакаат Јехова и му служат со сето срце. Ретко се случува некој да се обиде да го измами Јехова со тоа што ќе му служи лицемерно. Сепак, штом тоа се случило во времето на Мојсеј и во времето на првите христијани, би можело да се случи и денес (2. Тим. 3:1, 5). Дали ова значи дека треба да бидеме сомничави кон нашите соверници и да ја доведуваме во прашање нивната верност кон Јехова? Се разбира дека не! Би било погрешно неосновано да се сомневаме во мотивите на нашите браќа и сестри. (Прочитај Римјаните 14:10-12; 1. Коринќаните 13:7.) Ако сме склони да се сомневаме во соверниците, би можеле да си го нарушиме нашиот однос со Јехова.

16. а) Што треба да правиме за да му служиме на Јехова од исправни мотиви? б) Што можеме да научиме од рамката , Испитувајте се и проверувајте се‘?

16 Секој христијанин треба да си го „испита своето дело“ (Гал. 6:4). Бидејќи сме несовршени, постојано сме во опасност да почнеме да му служиме на Јехова од погрешни мотиви без да бидеме свесни за тоа (Евр. 3:12, 13). Затоа е добро одвреме-навреме да се преиспитаме од кои мотиви му служиме на Јехова. Би можеле да се прашаме: ,Дали му служам на Јехова затоа што го сакам и затоа што го признавам како Севишен Владетел? Или, пак, поважни ми се благословите кои се надевам дека ќе ги добијам во рајот?‘ (Отк. 4:11). Тоа што ќе си поставуваме вакви прашања ќе ни помогне да ја отстраниме и најбледата трага од лицемерство во нашето срце.

ВЕРНОСТА НИ НОСИ РАДОСТ

17, 18. Зошто треба искрено да му служиме на Јехова?

17 Ќе пожнееме многу благослови ако даваме сѐ од себе за да го отстраниме  лицемерството од нашето срце. „Среќен е човекот кому Јехова не му ги става на сметка грешките и во чие срце нема измама“ (Пс. 32:2). Ако го искорениме лицемерството од своето срце, ќе бидеме среќни сега и во сета вечност.

18 Наскоро, Јехова ќе ги разоткрие сите оние што непокајнички постапуваат лошо и водат двоен живот. Тој ќе ја покаже „разликата меѓу праведникот и злиот, меѓу оној што му служи на Бог и оној што не му служи“ (Мал. 3:18). Во меѓувреме, утешно е тоа што знаеме дека „очите на Јехова ги гледаат праведниците и ушите негови ги слушаат нивните сесрдни молитви“ (1. Пет. 3:12).

^ пас. 8 Во книгата Откровение, која била напишана неколку децении откако Павле му ги пратил писмата на Тимотеј, се спомнуваат 12 „камен-темелници“ на кои биле врежани имињата на 12-те апостоли (Отк. 21:14).

^ пас. 12 Во следната статија ќе видиме како можеме да го следиме примерот на Јехова со тоа што ќе се одречеме од неправедноста.