Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Каква улога имаат жените во Јеховината намера?

Каква улога имаат жените во Јеховината намера?

„Жените што ја објавуваат добрата вест се голема војска“ (ПС. 68:11)

1, 2. а) Какви дарови му дал Бог на Адам? б) Зошто Бог му создал жена на Адам? (Види ја сликата погоре.)

ЗЕМЈАТА била создадена со одредена цел. Јехова ‚ја обликувал за да биде населена‘ (Иса. 45:18). Тој го создал првиот совршен човек, Адам, и му подарил прекрасен дом — градината Еден. Адам уживал во рајската градина каде што се извишувале раскошни дрвја, жубореле бистри потоци и весело трчале разиграни животни. Но, на Адам му недостасувало нешто многу важно. Јехова го знаел тоа, и затоа рекол: „Не е добро човекот да биде сам. Ќе му направам помошничка, како негово дополнение“. Потоа, Бог пуштил длабок сон врз Адам, зел едно негово ребро и ‚од реброто направил жена‘. Кога Адам ги отворил очите, многу се израдувал! Тој рекол: „Најпосле, еве коска од моите коски и месо од моето месо. Нека се вика Жена зашто од мажот е земена!“ (1. Мој. 2:18-23, види ја фуснотата за 23. стих).

2 Жената била уникатен дар кој Јехова му го дал на Адам. Таа му била совршена помошничка. На жената ѝ била укажана посебна чест да раѓа деца. Всушност, ‚Адам ѝ го дал на својата жена името Ева, зашто таа требало да им стане мајка на сите живи‘ (1. Мој. 3:20; фус.). Колку скапоцен дар добил првиот човечки пар од Бог!  Адам и Ева имале можност да ја наполнат Земјата со други совршени луѓе. На тој начин, целата планета требало со текот на времето да стане рај со совршени луѓе кои ќе се грижеле за сите други суштества (1. Мој. 1:27, 28).

3. а) Што требало да направат Адам и Ева за да ги добијат ветените благослови, но што се случило? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

3 За да можеле да ги добијат овие благослови, Адам и Ева требало да му бидат послушни на Јехова и да го почитуваат како Севишен Владетел (1. Мој. 2:15-17). Само така ќе ја исполнеле Божјата намера. За жал, тие паднале под влијанието на „празмијата“, Сатана, и му згрешиле на Бог (Отк. 12:9; 1. Мој. 3:1-6). Како оваа побуна се одразила врз жените? Што направиле некои верни жени во минатото? Зошто за христијанките денес може да се каже дека се „голема војска“? (Пс. 68:11).

ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ПОБУНАТА

4. Кој бил одговорен за гревот што го направиле првите луѓе?

4 Кога требало да поднесе сметка за својата непослушност, Адам се обидел да се оправда со следниве зборови: „Жената што ми ја даде да биде со мене, таа ми даде плод од дрвото, па јадев“ (1. Мој. 3:12). Адам не само што не сакал да ја прифати одговорноста за својот грев туку и се обидел да ѝ ја префрли вината на жената што му ја дал Бог, па дури и го обвинил грижливиот Дарител, Јехова. И Адам и Ева згрешиле, но Адам бил одговорен за тоа што се случило. Затоа, апостол Павле напишал: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта“ (Рим. 5:12).

5. Кои се последиците од владеењето на луѓето?

5 Сатана ги навел Адам и Ева да мислат дека Јехова не им е потребен како Владетел. Со тоа се покренало едно важно прашање: Кој има право да владее со луѓето? За еднаш засекогаш да се даде одговор на ова прашање, Бог дозволил одредено време луѓето да владеат сами. Тој оставил времето да покаже дека нивното владеење е безуспешно. Низ вековите, светските влади го туркале човештвото од неволја во неволја. Само во изминатиот век, околу сто милиони луѓе биле жртви на војни. Многу невини мажи, жени и деца трагично ги изгубиле своите животи. Според тоа, веќе има безброј докази дека „човекот... не може да управува со своите чекори“ (Ерем. 10:23). Бидејќи сме ја сфатиле оваа важна вистина, ние му се подложуваме на Јехова како на наш Владетел. (Прочитај Изреки 3:5, 6.)

6. Како се постапува со жените во многу земји?

6 И мажите и жените доживеале многу страдања во овој свет кој е под власт на Сатана (Проп. 8:9; 1. Јов. 5:19). Но, некои од најсвирепите злосторства се извршени токму врз жени. Во целиот свет, околу 30 отсто од жените пријавиле дека биле физички или сексуално нападнати од својот маж или дечко. Во некои општества луѓето повеќе сакаат да имаат машки деца затоа што се смета дека, кога ќе пораснат, тие ќе ја продолжат семејната лоза и ќе се грижат за своите остарени родители. На други места, девојчињата се сметаат за непожелни и затоа многу повеќе се абортираат женски бебиња, отколку машки.

7. Каков почеток им дал Јехова и на мажите и на жените? Објасни.

7 Тоа што некои луѓе се однесуваат лошо со жените воопшто не му се допаѓа на Бог. Тој постапува праведно и со почит кон нив. Јехова не ја создал Ева за да му биде роб на Адам. Таа била совршена и имала многу  убави особини поради кои требало да му биде вистинско надополнување на својот сопруг. Тоа е една причина зошто на крајот на шестиот ден од создавањето, Бог видел дека „сето“ тоа што го направил било „многу добро“ (1. Мој. 1:31). Тој им дал прекрасен почеток и на мажите и на жените!

ЖЕНИ КОИ ИМАЛЕ ПОДДРШКА ОД ЈЕХОВА

8. а) Како се однесуваат поголемиот број луѓе денес? б) Кој добивал помош и поддршка од Јехова?

8 Почнувајќи од побуната во рајската градина, луѓето стануваат сѐ полоши. Денес злобата е толку многу раширена што навистина може да се каже дека живееме во „особено тешки времиња“, како што е проречено во Библијата (2. Тим. 3:1-5). Сепак, во текот на целата човечка историја, на Земјата имало мажи и жени кои ги држеле Божјите закони и го признавале Бог за свој Владетел. Тие имале доверба во ‚Севишниот Господар Јехова‘, и затоа тој им помагал и ги поддржувал. (Прочитај Псалм 71:5.)

9. Колку луѓе го преживеале Потопот, и зошто?

9 Во времето на Ное, Јехова пуштил Потоп за да ги уништи злобните луѓе. Само неколкумина преживеале. Доколку браќата и сестрите на Ное биле сѐ уште живи во тоа време, и тие загинале во Потопот (1. Мој. 5:30). Но, Потопот го преживеале исто толку жени колку и мажи. Преживеале Ное и неговата жена, нивните три сина и нивните жени. Тие биле спасени затоа што го слушале Јехова и ја вршеле неговата волја. Секој жив човек на Земјата потекнува од овие осум луѓе на кои Јехова им помагал и ги заштитувал (1. Мој. 7:7; 1. Пет. 3:20).

10. Зошто Јехова им помагал на верните жени од минатото?

10 Со години подоцна, Јехова им помагал и на други верни жени. Тие не се жалеле за своите околности во животот и затоа Јехова ги благословил (Јуда 16). Тешко е да си замислиме дека саканата жена на Авраам, Сара, се жалела и кукала поради удобните работи што требало да ги остави во Ур и поради тоа што требало да живее како туѓинец во шатори. Напротив, ‚Сара му била послушна на Авраам, нарекувајќи го господар‘ (1. Пет. 3:6). Размисли и за примерот на Ревека, чиј маж, Исак, ја сметал за скапоцен дар од Јехова. Воопшто не нѐ чуди тоа што Исак многу ја засакал и крај неа ‚нашол утеха по смртта на мајка си‘ (1. Мој. 24:67). И денес сме радосни што меѓу нас има жени кои, како Сара и Ревека, верно му служат на Јехова.

11. Како еврејските бабици Сепфора и Фуа покажале дека се храбри?

11 Додека биле во ропство во Египет, Израелците многу се намножиле. Затоа, фараонот издал наредба сите еврејски машки бебиња да бидат убиени за време на породувањето. Но, што направиле еврејските бабици Сепфора и Фуа? Тие храбро одбиле да ја послушаат таа заповед бидејќи имале страхопочит кон Јехова. Поради тоа, тој ги благословил со семејства (2. Мој. 1:15-21).

12. Што е интересно во врска со Девора и со Јаила?

12 Во времето кога во Израел владееле судии, пророчицата Девора имала поддршка од Јехова. Таа му влеала храброст на судијата Варак и им помогнала на Израелците да се ослободат од своите непријатели. Девора прорекла дека славата за победата над Ханаанците нема да му припадне на Варак. Наместо тоа, ханаанскиот војсководец Сисара требало да биде убиен од „рацете на една жена“. Токму тоа се случило кога Јаила, која не била Израелка, го убила Сисара (Суд. 4:4-9, 17-22).

13. Што ни открива Библијата за Авигеја?

 13 Авигеја била верна жена која живеела во 11 век пр.н.е. Таа била разборита, а нејзиниот маж, Навал, бил груб, зол и бесчувствителен (1. Сам. 25:2, 3, 25). Бидејќи во една прилика ги заштитил слугите на Навал, Давид подоцна ги испратил своите луѓе да побараат храна од него. Но, Навал ‚им се развикал‘ и ги пуштил назад со празни раце. Ова толку многу го разгневило Давид што веднаш сакал да им се одмазди на Навал и на неговите слуги. Кога го чула ова, Авигеја зела храна и други дарови и му ги однела на Давид. Така успеала да спречи да се пролее крв (1. Сам. 25:8-18). Затоа, Давид ѝ рекол: „Нека е благословен Јехова, Богот на Израел, кој денес те испрати да ме пресретнеш!“ (1. Сам. 25:32). По смртта на Навал, Давид се оженил со Авигеја (1. Сам. 25:37-42).

14. Што правеле ќерките на Салум, и како некои христијанки го следат нивниот пример?

14 Многу мажи, жени и деца го изгубиле животот кога Вавилонските војски го уништиле Ерусалим и храмот во 607 год. пр.н.е. Под водство на Неемија, градските ѕидини биле повторно изградени во 455 год. пр.н.е. Меѓу оние кои помагале да се обноват ѕидините биле ќерките на Салум, кнез на половина ерусалимски округ (Неем. 3:12). Тие спремно вршеле физичка работа. И ние денес многу ги цениме христијанките кои со радост учествуваат во градежните проекти на нашата организација!

ВЕРНИ ЖЕНИ ОД ПРВИОТ ВЕК

15. Каква чест ѝ укажал Бог на Марија?

15 Пред и за време на првиот век од н.е., Јехова им дал посебни задачи на голем број жени. Меѓу нив била и една девица по име Марија. Таа била свршена со Јосиф. Но пред да стапи во брак со него, Марија на чудесен начин забременила преку светиот дух. Зошто Бог ја избрал токму неа да го роди Исус? Затоа што била духовна личност и имала убави особини кои ѝ биле потребни за да го воспита својот совршен син. Колку голема чест имала да биде мајка на најголемиот човек кој некогаш живеел на Земјата! (Мат. 1:18-25).

16. Раскажи еден пример од кој се гледа дека Исус бил љубезен со жените.

16 Исус бил многу љубезен со жените. На пример, размисли за жената која страдала од крварење цели 12 години. Таа се пробила низ мноштвото и му пришла одзади на Исус за да ја допре неговата облека. Наместо да ја прекори, Исус милостиво ѝ рекол: „Ќерко, твојата вера те оздраве. Оди си во мир и биди здрава од својата мачна болест“ (Мар. 5:25-34).

17. Какво чудо се случило на Педесетница 33 год. од н.е.?

17 Додека Исус и апостолите патувале од место во место, со нив имало и жени кои се грижеле за нивните потреби (Лука 8:1-3). На Педесетница 33 год. од н.е., Божјиот дух со чудо бил излеан врз околу 120 луѓе, меѓу кои имало и жени. (Прочитај Дела 2:1-4.) Овој настан бил однапред претскажан. Јехова рекол: „Ќе излеам од својот дух на најразлични луѓе, и вашите синови и ќерки ќе пророкуваат... Дури и на слугите и на слугинките ќе излеам од својот дух во оние денови“ (Јоил 2:28, 29). Преку чудото што се случило на Педесетница, Бог покажал дека го отфрлил отпадничкиот Израел, а дека го прифатил „Израелот Божји“, кој бил составен и од мажи и од жени (Гал. 3:28; 6:15, 16). Меѓу христијанките кои учествувале во пренесувањето на добрата вест биле и ќерките на проповедникот Филип (Дела 21:8, 9).

 ЖЕНИТЕ СЕ „ГОЛЕМА ВОЈСКА“

18, 19. а) Каква чест им укажува Бог и на мажите и на жените? б) Како псалмистот ги нарекува жените што ја објавуваат добрата вест?

18 Кон крајот на 1870-тите, неколку мажи и жени биле живо заинтересирани за библиската вистина. Тие биле првите кои во поново време почнале да ја проповедаат добрата вест и да имаат удел во исполнувањето на Исусовите зборови: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Мат. 24:14).

19 Некогашната мала група Истражувачи на Библијата денес достигнува број од околу 8.000.000 Сведоци на Јехова. Во 2013 год., повеќе од 11.000.000 други луѓе присуствуваа на Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт. Во многу земји, поголемиот број присутни се жени. Освен тоа, над 1.000.000 објавители учествуваат во полновремена служба, а поголемиот дел од нив се жени. Бог навистина им укажал голема чест на верните жени со тоа што им дозволил да имаат удел во исполнувањето на зборовите што ги запишал псалмистот: „Јехова испраќа збор — жените што ја објавуваат добрата вест се голема војска“ (Пс. 68:11).

Жените што ја објавуваат добрата вест се „голема војска“ (Види во пасуси 18-19)

ВЕРНИТЕ ЖЕНИ ЌЕ ПОЖНЕАТ ГОЛЕМИ БЛАГОСЛОВИ

20. Кои библиски примери можеме да ги разгледуваме на Семејната вечер или за време на личното проучување?

20 Во оваа статија не можеме да ги разгледаме примерите на сите верни жени запишани во Библијата. Но, можеме да читаме за нив во Божјата Реч и во нашите публикации. На пример, добро е длабоко да размислуваме за верноста на Рут (Рут 1:16, 17). Исто така, можеме многу да си ја зајакнеме верата ако размислуваме и за царицата Естира. Нивните примери може да ги разгледаме на Семејната вечер посветена на Јехова или за време на личното проучување.

21. Како некои верни жени покажале дека му се послушни на Јехова во време на неволја?

21 Јехова многу јасно покажува дека ја благословува службата што ја вршат сестрите и дека ги поддржува во време на неволја. На пример, со негова помош голем број жени успеале да ја зачуваат својата вера за време на нацистичкиот и комунистичкиот режим. Многу од нив претрпеле ужасни страдања, а некои дури и ги изгубиле своите животи затоа што му биле послушни на Бог (Дела 5:29). И денес, нашите сестри заедно со другите христијани му се подложуваат на Јехова како на свој Владетел. Исто како древните Израелци, Јехова секому од нас му вели: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе!“ (Иса. 41:10-13).

22. Какви задачи ќе имаме во иднина?

22 Во блиска иднина, верните мажи и жени ќе ја претворат Земјата во рај и ќе им помогнат на милиони воскреснати да ги дознаат Јеховините намери. Дотогаш, сите ние да покажеме ценење за честа да му служиме на Јехова „рамо до рамо“ (Соф. 3:9, фус.).