Родители, грижете се како пастири за своите деца
„Треба добро да знаеш какво е твоето стадо“ (ИЗР. 27:23)
1, 2. а) Какви одговорности имале пастирите во древниот Израел? б) Во кој поглед родителите се слични на пастири?
ПАСТИРИТЕ во древниот Израел воделе тежок живот. Не само што биле изложени на студ и горештини туку морале и да ги штитат своите стада од грабливи животни и од крадци. Пастирите секојдневно ги прегледувале овците, и ги негувале болните и повредените. Но, особено внимание им посветувале на јагнињата кои биле кревки и послаби од овците (1. Мој. 33:13).
2 Во некој поглед, и христијанските родители се како пастири бидејќи мора да покажуваат слични особини на дословните пастири. Тие се должни да ги воспитуваат децата ,со стега од Јехова и да им помагаат да го усвојат неговиот начин на размислување‘ (Еф. 6:4). Ова воопшто не е лесна задача. Децата се бомбардирани од сите страни со сатанска пропаганда, а мора постојано да се борат и со своите несовршени склоности (2. Тим. 2:22; 1. Јов. 2:16). Како би можел да им помогнеш на своите деца? Да разгледаме на кој начин можеш да се грижиш како пастир за нив, така што добро ќе ги запознаеш, ќе ги храниш и ќе им го даваш потребното водство.
ЗАПОЗНАЈ ГИ ДОБРО СВОИТЕ ДЕЦА
3. Како можат родителите добро да ги запознаат своите деца?
3 Добриот пастир внимателно ја прегледува секоја овца за да види дали е здрава. Во симболична смисла, ти можеш да го правиш истото со твоите деца. Библијата вели: „Треба добро да знаеш какво е твоето стадо“ (Изр. 27:23). Ќе можеш добро да ги запознаеш своите деца ако обрнеш внимание не само на нивните постапки туку и на нивните мисли и чувства. Како можеш да го правиш тоа? Првенствено така што често ќе разговараш со нив.
4, 5. а) Што можат да направат родителите за децата да бидат поотворени со нив? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Како ти им помагаш на твоите деца отворено да зборуваат со тебе?
4 Некои родители увиделе дека е потешко да разговараат со децата кога тие ќе дојдат во тинејџерски години. Тогаш обично се повлекуваат во себе и не им е секогаш пријатно да зборуваат за своите мисли и чувства. Што можеш да сториш ако ова е случај и со твоите деца? Немој да мислиш дека секогаш мора да одвојуваш многу време за да ги седнеш и долго и сериозно да разговараш со нив. Наместо тоа, користи ги за разговор разните прилики во текот на денот (5. Мој. 6:6, 7). Можеби ќе треба да вложиш поголем труд за да правите нешто заедно. Би можеле да се прошетате, да играте некоја игра или да работите нешто низ дома. Веројатно во тие моменти децата ќе бидат поопуштени и ќе им биде полесно да ти се отворат.
5 Што ако и покрај тоа твоето дете не сака да зборува? Тогаш би можел да се обидеш да му пристапиш на поинаков начин. На пример, наместо да ја потпрашуваш ќерка ти што правела во текот на денот, кажи ѝ што ти се случувало тебе тој ден. Можеби тогаш ќе биде поспремна и самата да каже како си поминала. Или, ако сакаш да дознаеш што мисли таа за некоја работа, немој директно да ја прашуваш за мислење. Прашај ја што мисли некоја нејзина другарка за тоа. А потоа поттикни ја да ти каже каков совет би ѝ дала на таа другарка.
6. Како ќе им покажеш на децата дека секогаш имаш време за нив и дека си спремен да ги сослушаш?
6 Се разбира, ако сакаш децата да бидат отворени со тебе, треба да им покажеш дека секогаш имаш време за нив и дека си спремен да ги сослушаш. Ако родителите постојано изгледаат презафатени, веројатно децата нема да им кажат што ги мачи. А како можеш да покажеш дека си спремен за разговор? Не е доволно само да кажеш: „Може да зборуваме во секое време“. Твоите деца мора да бидат уверени дека нема да ги омаловажиш нивните проблеми ниту, пак, дека ќе реагираш бурно кога ќе ти се доверат. Многу родители се добар пример во овој поглед. Деветнаесетгодишната Кајла вели: „Можам да разговарам со татко ми за сѐ. Тој не ме прекинува и не ме суди, туку едноставно ме слуша. На крајот, секогаш ми го дава најдобриот совет“.
7. а) Како еден родител може да покаже дека е урамнотежен кога разговара со детето на тема како што е врска со некој од спротивниот пол? б) Како би можеле родителите несвесно да ги огорчуваат своите деца?
7 Дури и кога зборувате за осетлива тема, како што е излегувањето со некој од спротивниот пол, внимавај да не го преплавиш детето со предупредувања и да пропуштиш да го поучиш како е најдобро да постапи во таква ситуација. Да наведеме една споредба: Замисли дека одиш во ресторан и гледаш дека до секоја храна на менито стои предупредување дека можеш да добиеш труење од неа. Веројатно ќе си заминеш од таму и ќе појдеш во друг ресторан. Детето може да постапи на сличен начин ако, секогаш кога ќе побара совет од тебе, на твоето „мени“ нема ништо друго освен строги предупредувања. (Прочитај Колошаните 3:21.) Наместо тоа, труди се да бидеш урамнотежен. Една 25-годишна сестра која се вика Емили вели: „Кога разговарам со родителите за врски со спротивниот пол, тие не зборуваат како тоа да е нешто лошо. Напротив, нагласуваат колку е убаво да запознаеш некого и да стапиш во брак со него. Ова ми помага слободно да разговарам со нив на таа тема. Всушност, ако имам врска со некого, не сакам да го кријам тоа од нив“.
8, 9. а) Зошто е добро да ги слушаш децата без да ги прекинуваш? б) Што ти помага стрпливо да ги слушаш твоите деца?
8 Покажи дека си спремен за разговор така што стрпливо ќе слушаш кога твоето дете зборува со тебе. На тој начин ќе види дека навистина имаш време за него. (Прочитај Јаков 1:19.) Една самохрана мајка по име Катја вели: „Порано бев многу нестрплива со ќерка ми. Не ѝ дозволував да се доискаже. Или бев премногу уморна за да ја слушам, или едноставно не сакав да ме оптоварува. Откако го сменив мојот однос кон неа, и таа го подобри својот однос кон мене. Почна поотворено да зборува за своите чувства“.
9 Еден татко по име Роналд имал слично искуство со својата ќерка која е тинејџерка. „Кога ми кажа дека е заљубена во еден дечко од училиштето, во почетокот многу се налутив“, вели тој. „Но, кога помислив колку Јехова е стрплив и разумен со своите слуги, одлучив да ѝ дадам шанса да ми каже како се чувствува пред да ја советувам. И многу сум среќен што го сторив тоа! За првпат сфатив со какви чувства се бори таа. Откако отворено ми кажа сѐ, ми беше многу полесно да разговарам со неа смирено и љубезно. Се зачудив колку добро реагираше на советот што ѝ го дадов. А потоа ми рече дека искрено сака да се промени“. Ако често разговараш со децата, многу подобро ќе разбереш што мислат и како се чувствуваат. Тоа, пак, ќе ти помогне да имаш поголемо влијание врз одлуките што ги донесуваат во животот. *
ХРАНИ ГИ ТВОИТЕ ДЕЦА
10, 11. Како можеш да им помогнеш на децата да не залутаат во духовен поглед?
10 Добриот пастир знае дека која и да било овца од стадото може да залута. Можеби ќе почне да пасе на мало растојание од другите, а потоа малку по малку ќе се оддалечува и на крајот потполно ќе се одвои од стадото. На сличен начин, и детето може постепено да залута на некој пат што е опасен во духовен поглед, така што ќе се најде во лошо друштво или ќе се изложи на штетна забава (Изр. 13:20). Како можеш да спречиш да дојде до вакво нешто?
11 Кога ги поучуваш децата, веднаш преземи нешто ако видиш дека има подрачја на кои треба да се подобрат. Помогни им да ги зајакнат убавите христијански особини што ги имаат, но не ги покажуваат во доволна мера (2. Пет. 1:5-8). Семејната вечер е одлична прилика за тоа. Во Нашата служба за Царството од октомври 2008 год. пишуваше: „Семејните поглавари имаат одговорност пред Јехова редовно и квалитетно да ја проучуваат Библијата со семејството“. Дали мудро го користиш ова време за да им помагаш на своите деца? Биди уверен дека тие многу го ценат трудот што го вложуваш за да ги задоволиш нивните духовни потреби (Мат. 5:3; Фил. 1:10).
12. а) Каква корист извлекле некои млади лица од редовната Семејна вечер? (Вклучи ја и рамката „ Тие ја ценат Семејната вечер“.) б) Како тебе лично ти користи Семејната вечер?
12 Забележи што рекла една тинејџерка по име Кариса за тоа како Семејната вечер му користи на нејзиното семејство. „Ми се допаѓа што можеме сите да си седиме заедно и да си разговараме. Така се зближуваме еден со друг и уживаме во убави заеднички моменти. Татко ми се труди редовно да ја одржуваме Семејната вечер. Се радувам кога гледам колку му е важна, бидејќи тоа ми помага и јас да гледам така на неа. Исто така, ми помага уште повеќе да го почитувам како родител и како глава на семејството“. Една млада сестра по име Бритни рекла: „Семејната вечер ме зближи со родителите. Ми помогна да сфатам дека навистина се интересираат со какви проблеми се соочувам и дека многу ме сакаат. Освен тоа, ова проучување придонесува нашето семејство да биде цврсто и обединето“. Бидејќи главната цел на родителите е духовно да ги хранат своите деца, Семејната вечер е еден од најдобрите начини на кои можат да го прават тоа. *
ДАЈ ИМ ВОДСТВО НА СВОИТЕ ДЕЦА
13. Како можеш да го поттикнеш своето дете да му служи на Јехова?
13 Добриот пастир има стап со кој го води и го брани своето стадо. Една од неговите главни цели е да ги води овците на „сочни пасишта“ (Езек. 34:13, 14). Како родител, и ти имаш слични духовни цели. Сигурно ти е важно да им го дадеш потребното водство на децата кое ќе им помогне да одлучат да му служат на Јехова. Сакаш тие да се чувствуваат исто како псалмистот, кој напишал: „Задоволство ми е да ја вршам твојата волја, Боже мој, и твојот закон е длабоко во мене“ (Пс. 40:8). Младите кои ќе изградат такво ценење ќе му го заветуваат животот на Јехова и ќе се крстат. Се разбира, мора да бидат доволно зрели за да ја донесат таа одлука и да имаат искрена желба да му служат на Бог.
14, 15. а) Каква цел треба да имаат родителите? б) Зошто некој тинејџер би можел да има сомнежи во врска со вистината?
14 Но, што ако ти се чини дека твоите деца не напредуваат во духовен поглед? Можеби дури и не се сигурни дали она што го веруваат Јеховините сведоци е точно. Што би можел да направиш? Труди се и понатаму да всадуваш во нивното срце љубов кон Јехова и благодарност за сето она што го направил тој (Отк. 4:11). Потоа, кога ќе бидат спремни, ќе можат да донесат лична одлука да му служат на Бог.
15 Ако твоите деца имаат сомнежи во врска со вистината, биди стрплив со нив. Помогни им да сфатат дека ќе бидат најсреќни ако му служат на Јехова и дека тоа ќе им донесе трајни користи. Исто така, обиди се да откриеш каде лежи коренот на нивните сомнежи. На пример, дали син ти навистина не се согласува со она што го вели Библијата или, пак, само му недостига храброст за да ги брани своите верувања пред врсниците? Дали ќерка ти навистина не верува дека Божјите заповеди се мудри или, пак, едноставно се чувствува осамено и отфрлено?
16, 17. Како можат да им помогнат родителите на своите деца да изградат личен однос со Бог?
16 Сеедно која е причината, ти можеш да им помогнеш на своите деца да ги искоренат сомнежите од срцето. Како? Многу родители успеале во тоа така што им ги поставиле следниве прашања: „Што мислиш, дали е лесно да се биде христијанин? Каква корист имаш ти од тоа што си христијанин? Дали мислиш дека губиш нешто ако му служиш на Јехова? Како гледаш на она што го добиваш уште сега и на сето она што ќе го добиеш во иднина? Дали сметаш дека добиваш повеќе отколку што губиш? Зошто мислиш така?“ Се разбира, треба да ги поставиш овие прашања со свои зборови и на љубезен и грижлив начин, а не како да го испрашуваш детето. За време на разговорот, би можеле да ги разгледате стиховите од Марко 10:29, 30. На некои млади можеби ќе им биде полесно да направат список на кој ќе запишат што мислат дека добиваат, а што дека губат. Ова може да им помогне да ги препознаат проблемите и да најдат решение за нив. Ако треба да ги проучуваме книгите Што навистина учи Библијата? и Божјата љубов со заинтересираните лица, зарем не треба да го правиме истото и со своите деца? Дали ги проучуваш овие публикации со нив?
17 Ќе дојде време кога децата ќе мора сами да одлучат кому ќе му служат. Немој да мислиш дека автоматски ќе ја прифатат твојата вера само затоа што ти си решил да бидеш Јеховин сведок. Твоите деца мора да изградат личен однос со Јехова (Изр. 3:1, 2). Што ако им е тешко да бидат блиски со Бог? Охрабри ги да ги преиспитаат своите верувања така што ќе се прашаат: „Зошто сум сигурен дека постои Бог? Што ме уверува дека Јехова навистина ме сака? Зошто верувам дека Јеховините мерила се за мое добро?“ Родители, бидете добри пастири и стрпливо давајте им го потребното водство на вашите деца. Помогнете им да сфатат дека ќе бидат најсреќни во животот ако одлучат да му служат на Јехова * (Рим. 12:2).
18. Како можат родителите да го следат примерот на Јехова, Најголемиот Пастир?
18 Сите вистински христијани сакаат да го следат примерот на Најголемиот Пастир (Еф. 5:1; 1. Пет. 2:25). Особено родителите мора добро да го познаваат своето стадо, односно своите скапоцени деца, и да дадат сѐ од себе за тие да можат да ги добијат благословите што Јехова ги има подготвено за нив. Затоа, продолжете да се грижите како пастири за своите деца со тоа што ќе им помогнете да го сакаат Јехова!
^ пас. 9 Повеќе предлози има во Стражарска кула од 1 август 2008, страници 10-12.
^ пас. 12 Нешто повеќе можеш да прочиташ во статијата „Вечерта посветена на Јехова неопходна за преживување!“, која излезе во Стражарска кула од 15 октомври 2009, страници 29-31.
^ пас. 17 Нешто повеќе за ова има во Стражарска кула од 1 февруари 2012, страници 18-21.