ОД НАШАТА АРХИВА
Зората самнува во „земјата на изгрејсонцето“
НА 6 септември 1926 год., еден пилгрим (патувачки надгледник) со јапонско потекло, кој живеел во САД, се вратил во својата родна земја за да служи како мисионер. Таму го пречекал единствениот претплатник на Стражарска кула, кој имал основано група за проучување на Библијата во Кобе. Во тој град, на 2 јануари 1927 год., Истражувачите на Библијата го одржале својот прв собир. Присуствувале вкупно 36 лица, а осум се крстиле. Ова навистина бил убав почеток. Но, како можела оваа мала група да им проповеда на 60 милиони Јапонци на кои им била потребна духовната светлина од Библијата?
Во мај 1927 год., ревносните Истражувачи на Библијата започнале акција за сведочење чија цел била да се најави еден циклус библиски предавања. За да го најават првото предавање, кое требало да се одржи во Осака, браќата поставиле рекламни табли и големи плакати низ целиот град, и им испратиле 3.000 покани на угледни граѓани. Поделиле 150.000 летоци, а го рекламирале говорот и во најпознатите весници во Осака, како и на 400.000 билети за воз. На денот на предавањето, два авиона пуштиле 100.000 летоци над градот. Околу 2.300 луѓе дошле во преполната сала Асахи во Осака да го слушнат говорот со наслов „Се приближи Божјето Царство“. За околу 1.000 други немало место. По предавањето, повеќе од 600 присутни останале во вториот дел од програмата во кој се одговарало на нивните библиски прашања. Во следните месеци, биле одржани библиски предавања во Кјото и во други градови во западна Јапонија.
Во октомври 1927 год., Истражувачите на Библијата организирале говори и во Токио. Повторно им биле испратени покани на угледни личности — меѓу кои биле премиерот и членови на парламентот, како и на верски водачи и воени лица. Предавањата биле најавени со плакати, реклами во весниците и со 710.000 летоци. Во главниот град на Јапонија се одржале три говори на кои присуствувале вкупно 4.800 луѓе.
РЕВНОСНИ КОЛПОРТЕРИ
Колпортерите (пионерите) имале голем удел во пренесувањето на пораката за Царството од куќа до куќа. Мацуе Иши, една од првите колпортери во Јапонија, и нејзиниот сопруг, Џизо, поминале три четвртини од земјата проповедајќи од Сапоро на крајниот север, преку Сендаи, Токио, Јокохама, Нагоја, Осака, Кјото, Окајама до Токушима на југ. Таа и една постара сестра по име Сакико Танака носеле формални кимона кога ги посетувале високите државни службеници. Еден од нив побарал 300 комплети од книгите Избавување и Божја харфа за во затворските библиотеки.
Кацуо и Хагино Миура, кои зеле книги од сестра Иши, веднаш сфатиле дека тоа е вистината. Се крстиле во 1931 год. и станале колпортери. Харуичи и Тане Јамада, и многу нивни роднини, ја прифатиле пораката за Царството некое време пред 1930 год. Тие станале колпортери, а нивната ќерка, Јукико, почнала да служи во Бетелот во Токио.
„КУЌИ НА ТРКАЛА“ НАРЕЧЕНИ „ЈУЈ“
Во тоа време, автомобилите биле многу скапи, а патиштата биле во лоша состојба. Затоа Казуми Миноура и други млади колпортери користеле „куќи на тркала“. Овие „куќи“ биле наречени „Јуј“, како што се викал еден израелски цар, кој бил познат по тоа што брзо ја возел својата бојна кола (2. Цар. 10:15, 16). Поголемата од нив била долга 2,2 метра, широка 1,9 метри и висока 1,9 метри, и во секоја од нив можеле да спијат најмногу шест пионери. Освен тоа, во јапонската подружница биле направени 11 помали вакви коли кои можеле да се влечат со велосипед. Кичи Ивасаки, кој помогнал да се направат овие „куќи на тркала“ рекол: „Секоја од нив имаше и шатор [со кој беше покривана], како и акумулатор кој служеше како извор на електрична енергија за светилките“. Колпортерите ја ширеле светлината на вистината низ цела Јапонија, патувајќи по планините и низ долините — од Хокаидо на север до Кјушу на југ.
Колпортерот Икумацу Ота изјавил: „Кога ќе стигневме во некој град, ќе го паркиравме нашиот ‚Јуј‘ на брегот на некоја река или во некое поле. Најпрво ги посетувавме угледните лица, како што беше градоначалникот, а потоа одевме во домовите на луѓето за да им понудиме литература. Откако ќе проповедавме на целото подрачје, заминувавме во следниот град“.
Денот кога малата група од 36 Истражувачи на Библијата го одржала својот прв собир во Кобе бил ‚ден на скромни почетоци‘ (Зах. 4:10). Само пет години подоцна — во 1932 год. — 103 пионери и објавители во Јапонија дале извештај од службата. Сите заедно поделиле повеќе од 14.000 книги. Денес во поголемите градови во Јапонија се извршува добро организирана служба на јавни места, а речиси 220.000 објавители пуштаат нивната светлина да свети низ целата „земја на изгрејсонцето“. (Од нашата архива во Јапонија.)