Мора да бидеме свети во сѐ што правиме
„Бидете свети во сѐ што правите“ (1. ПЕТ. 1:15)
1, 2. а) Што очекува Јехова од своите слуги? б) Кои прашања ќе бидат одговорени во оваа статија?
ПОД водство на светиот дух, апостол Петар цитирал неколку стихови од книгата 3. Мојсеева, и објаснил дека Јехова бара од христијаните да бидат свети исто како што и Израелците морале да бидат свети. (Прочитај 1. Петрово 1:14-16.) Јехова, кој е свет Бог, очекува од помазаниците и од ‚другите овци‘ да дадат сѐ од себе за да бидат свети во сите, а не само во некои свои постапки (Јован 10:16).
2 Во оваа статија ќе разгледаме уште неколку духовни бисери од книгата 3. Мојсеева кои ќе ни помогнат да бидеме свети во сѐ што правиме. Ќе го дознаеме одговорот и на следниве прашања: Што ќе ни помогне да не ги погазиме библиските начела? Што учиме од 3. Мојсеева за начинот на кој можеме да го поддржиме Јехова како Севишен Владетел? Што може да научиме од жртвите кои ги принесувале Израелците?
ВНИМАВАЈ ДА НЕ ГИ ПОГАЗИШ БИБЛИСКИТЕ НАЧЕЛА
3, 4. а) Зошто христијаните мора да внимаваат да не ги погазат библиските закони и начела? б) Зошто не треба да се одмаздуваме ниту да држиме лутина?
3 Ако сакаме да му угодиме на Јехова, мора да бидеме послушни на неговите закони и начела, и да не си мислиме дека не е страшно ако понекогаш ги погазиме. Иако денес не сме под Мојсеевиот закон, тој ни помага да разбереме што е прифатливо, а што е неприфатливо за Бог. На пример, на Израелците им било заповедано: „Не одмаздувај се и не држи лутина кон синовите на својот народ. Сакај го својот ближен како самиот себе. Јас сум Јехова“ (3. Мој. 19:18).
4 Јехова не сака да се одмаздуваме ниту да држиме лутина (Рим. 12:19). Ако ги занемариме овие Божји начела, Ѓаволот ќе се радува, а ние би можеле да му нанесеме срам на нашиот небесен Татко. Дури и ако некој намерно нѐ повреди, не треба да дозволиме да станеме садови кои се полни со огорченост. Бог ни дал чест да бидеме „земјени садови“ во кои ставил богатство — службата на проповедање (2. Кор. 4:1, 7). Во такви садови нема место за огорченост која може да има разорни последици!
5. Што учиме од извештајот за Арон и за смртта на неговите синови? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
5 Во 3. Мојсеева 10:1-11, се зборува за една ситуација која им нанела голем удар на Арон и на неговото семејство. Тие сигурно биле скршени од болка кога излегол оган од небото и ги изгорел Ароновите синови Надав и Авиуд. Но, Бог им забранил да покажат дека жалат за нив. Тоа сигурно бил голем испит за нивната вера! Дали и ти покажуваш дека си свет со тоа што не се дружиш со членови на семејството или други кои биле исклучени од собранието? (Прочитај 1. Коринќаните 5:11.)
6, 7. а) За што треба добро да размислиме кога одлучуваме дали да присуствуваме на венчавка во црква? (Види ја фуснотата.) б) Што би можел да му кажеш на некој роднина кој не е Сведок ако одлучиш да не присуствуваш на венчавката во црква?
6 Можеби ние нема да доживееме толку тежок испит каков што доживеале Арон и неговото семејство. Но, што ако некој роднина кој не е Сведок те покани да присуствуваш на венчавка во црква? Иако во Божјата Реч нема заповед со која директно се забранува да присуствуваме на таков настан, кои библиски начела можат да ти помогнат да решиш дали да одиш или не? *
7 Можеби роднините ќе бидат збунети кога ќе видат колку цврсто си решен да му угодиш на Јехова и да останеш свет и во една ваква ситуација (1. Пет. 4:3, 4). Се разбира, треба да внимаваш да не ги навредиш. Сепак, најдобро е да зборуваш со нив љубезно и отворено. Ако е можно, треба да го сториш тоа доволно време однапред. Би можел да им заблагодариш што ти укажуваат таква чест, и да им кажеш дека сакаш да бидат среќни на тој посебен ден, но дека не би сакал да ги засрамиш нив и нивните гости со тоа што нема да учествуваш во религиозните обреди. На тој начин можеш да избегнеш да ги погазиш своите верувања.
ДАЈ МУ ПОДДРШКА НА ЈЕХОВА КАКО СЕВИШЕН ВЛАДЕТЕЛ
8. Како библиската книга 3. Мојсеева нагласува дека само Јехова има право да биде Севишен Владетел?
8 Книгата 3. Мојсеева нагласува дека само Јехова има право да биде Севишен Владетел. Повеќе од 30 пати е кажано дека законите дадени во неа се од Бог. Мојсеј го знаел ова, и правел сѐ како што му заповедал Јехова (3. Мој. 8:4, 5). Слично на него, и ние треба секогаш да го правиме она што нашиот Севишен Владетел, Јехова, го бара од нас. Божјата организација многу ни помага во тоа. Но, би можеле да се соочиме со испит на верата кога ќе бидеме сами, исто како што се соочил Исус кога Ѓаволот го искушал во пустината (Лука 4:1-13). Ако имаме доверба во Бог, и ако најважно од сѐ ни е да го поддржиме како Севишен Владетел, никој не може да нѐ наведе да ги погазиме библиските начела. Нема да дозволиме стравот од човек да нѐ парализира (Изр. 29:25).
9. Зошто луѓето низ целиот свет ги мразат Божјите слуги?
9 Како Христови следбеници и Сведоци на Јехова, ние доживуваме прогонство во разни земји во светот. Ова не треба да нѐ изненади бидејќи Исус им рекол на своите ученици: „Од луѓето ќе трпите неволји и ќе ве убиваат, и сите народи ќе ве мразат поради моето име“ (Мат. 24:9). И покрај таквата омраза, продолжуваме да проповедаме за Царството и се трудиме да останеме свети во Јеховини очи. Ние сме чесни и чисти, и во физички и во морален поглед. Освен тоа, живееме како примерни граѓани. Тогаш зошто луѓето нѐ мразат? (Рим. 13:1-7). Затоа што за нас Јехова е Севишен Владетел. Ние му служиме „само нему“ и никогаш нема да ги погазиме неговите праведни закони и начела! (Мат. 4:10).
10. Што се случило со еден брат кој не останал неутрален?
10 Бидејќи ‚не сме дел од светот‘, ние сме неутрални, односно не учествуваме во војни и не се мешаме во политика. (Прочитај Јован 15:18-21; Исаија 2:4.) Некои што му го заветувале својот живот на Бог не ја зачувале својата неутралност. Мнозина од нив се покајале и повторно станале блиски со нашиот милостив небесен Татко (Пс. 51:17). Но, неколкумина не се покајале. На пример, во текот на Втората светска војна, 160 наши браќа од Унгарија на возраст под 45 години, кои неправедно биле фрлени во разни затвори во таа земја, биле доведени во еден град каде што властите им наредиле да ѝ се приклучат на војската. Верните браќа решително одбиле да го сторат тоа, но деветмина од групата дале воена заклетва и прифатиле да носат војничка униформа. Две години подоцна, еден од овие деветмина се нашол во стрелачки вод кој требало да ги погуби верните Сведоци. Меѓу нив бил и неговиот роден брат! На крајот овие верни Сведоци сепак не биле стрелани.
ДАЈ МУ ГО СВОЕТО НАЈДОБРО НА ЈЕХОВА
11, 12. Што учиме од жртвите кои му биле принесувани на Јехова во древниот Израел?
11 Мојсеевиот закон точно пропишувал какви жртви требало да принесуваат Израелците (3. Мој. 9:1-4, 15-21). Овие жртви требало да бидат без маана затоа што укажувале на совршената жртва на Исус. Освен тоа, секој вид жртва требало да се принесува на точно одреден начин. На пример, во врска со мајките кои имале новороденче, во 3. Мојсеева 12:6 пишува: „Штом ќе поминат деновите на нејзиното чистење — било за син било за ќерка — нека му донесе на свештеникот на влезот во шаторот на средбата машко јагне старо до една година како жртва паленица, и млад гулаб или грлица како жртва за грев“. Иако во Законот биле наведени конкретни барања, од него јасно можела да се види Божјата љубов и разумност. Ако мајката не можела да набави јагне, ѝ било дозволено да принесе за жртва две грлици или два млади гулаба (3. Мој. 12:8). И покрај тоа што била сиромашна, Јехова ја сакал и ја прифаќал исто како и оние што му принесувале поскапи жртви. Што учиме од ова?
12 Апостол Павле ги поттикнал соверниците да му принесуваат на Бог „жртва на фалба“ (Евр. 13:15). Ние му принесуваме ваква жртва на Јехова кога им зборуваме на другите за Неговото свето име. Браќата и сестрите кои се глувонеми го фалат Бог на знаковен јазик. Христијаните кои не можат да излезат од дома го фалат Јехова со тоа што пишуваат писма, сведочат по телефон и им проповедаат на оние што доаѓаат кај нив. Нашата жртва на фалба во голема мера зависи од нашето здравје и способности. Сепак, секој од нас треба да го дава своето најдобро додека ги објавува Божјето име и добрата вест (Рим. 12:1; 2. Тим. 2:15).
13. Зошто треба да даваме извештај од службата на проповедање?
13 Ние спремно му принесуваме на Јехова жртви на фалба затоа што многу го сакаме (Мат. 22:37, 38). Од нас исто така се очекува секој месец да даваме извештај од службата на проповедање. Како треба да гледаме на ова? Овој извештај е израз на нашата оддаденост на Бог (2. Пет. 1:7). Се разбира, никој од нас не треба да се чувствува принуден да поминува многу часови во служба само за да даде поголем извештај. Всушност, ако некој објавител не може да помине многу време во службата затоа што е стар или болен, може да извести и само 15 минути. Бог се радува бидејќи знае дека тоа е најдоброто што тој негов слуга можел да го даде. Освен тоа, Јехова е свесен дека тие наши браќа го сакаат и дека се многу среќни што се негови Сведоци. Исто како што во минатото Израелците можеле да му принесат дар иако биле сиромашни, така и денес Божјите скапоцени слуги кои имаат слабо здравје можат да дадат извештај. Личните извештаи стануваат дел од вкупниот светски извештај за службата, кој ѝ помага на организацијата однапред да ги планира проповедничките активности. Затоа е добро редовно да го даваме својот извештај.
НАШИТЕ НАВИКИ НА ПРОУЧУВАЊЕ И ЖРТВИТЕ НА ФАЛБА
14. Објасни зошто треба да ги преиспитаме нашите навики на проучување.
14 Откако ги разгледавме овие скапоцени поуки од библиската книга 3. Мојсеева, дали разбираш подобро зошто таа е дел од Божјата Реч? (2. Тим. 3:16). Дали си уште поодлучен да останеш свет? Јехова очекува да му го дадеме нашето најдобро, и тој навистина го заслужува тоа. Веројатно она што го научи од овие статии за книгата 3. Мојсеева кај тебе разгори желба уште подлабоко да ја истражуваш целата Библија. (Прочитај Изреки 2:1-5.) Размисли под молитва за своите навики на проучување. Сигурно сакаш да го радуваш Јехова со своите жртви на фалба. Но, дали можеби дозволуваш телевизијата, видеоигрите, спортските активности или некое хоби да ти го одземат времето и да те спречат духовно да напредуваш? Ако е така, добро е сериозно да размислиш за она што Павле го напишал во своето послание до Евреите.
15, 16. Зошто Павле бил толку директен во посланието што им го напишал на еврејските христијани?
15 Павле бил многу директен во посланието што им го напишал на своите еврејски соверници. (Прочитај Евреите 5:7, 11-14.) Тој отворено им кажал дека ‚станале мрзливи да слушаат‘. Зошто Павле зборувал без заобиколување? Затоа што, исто како Јехова, тој ги сакал и бил загрижен за нив бидејќи се обидувале да преживеат хранејќи се само со духовно „млеко“. Иако е важно да ги знаеме основните христијански учења, потребно е да земаме „тврда храна“ ако сакаме духовно да растеме.
16 Наместо самите веќе да бидат учители, еврејските христијани имале потреба некој да ги поучува нив. Зошто? Затоа што не се хранеле со „тврда храна“. Прашај се: ‚Дали јас имам исправен став кон подлабоките библиски вистини? Дали сакам да ги проучувам или, пак, немам некоја голема желба подлабоко да истражувам и да се молам? Дали можеби проблемот е во тоа што немам добри навики на проучување?‘ За да ги поучуваме луѓето да станат следбеници на Исус, најпрво мора ние длабоко да проучуваме (Мат. 28:19, 20).
17, 18. а) Зошто редовно треба да се храниме со тврда духовна храна? б) Како треба да гледаме на пиењето алкохол пред да одиме на собраниските состаноци?
17 На мнозина од нас можеби не им е лесно да ја проучуваат Библијата. Се разбира, Јехова не сака да нѐ натера да проучуваме така што ќе ни наметне чувство на вина. Сепак, сеедно дали сме се крстиле неодамна или со години му служиме на Бог, треба постојано да се храниме со тврда духовна храна. Тоа е неопходно ако сакаме да останеме свети.
18 За да бидеме сигурни како гледа Јехова на одредена работа, мора внимателно да ја истражуваме Библијата. На пример, да го разгледаме повторно извештајот за Ароновите синови, Надав и Авиуд. Тие биле погубени затоа што принеле „недозволен оган“, веројатно додека биле под дејство на алкохол (3. Мој. 10:1, 2). Забележи што му рекол Бог во таа прилика на Арон. (Прочитај 3. Мојсеева 10:8-11.) Дали од овие стихови треба да заклучиме дека не смееме да пиеме никаков алкохол пред да одиме на собраниските состаноци? Добро е да размислиме за следниве неколку работи: Ние не сме под Законот (Рим. 10:4). Во некои земји, нашите соверници на ручек пијат по малку алкохол пред да одат на состанок. Освен тоа, при прославата на Пасхата се пиело од четири чаши вино. Кога ја воспоставил Господаровата вечера, Исус им ја подал на своите апостоли чашата со вино кое ја претставувало неговата крв (Мат. 26:27). Всушност, Библијата го осудува прекумерното пиење и пијанството (1. Кор. 6:10; 1. Тим. 3:8). Сепак, на многу христијани совеста не им дозволува да пијат алкохол пред да учествуваат во какви и да било теократски активности. Иако околностите се поинакви од земја до земја, за христијаните е најважно ‚да го разликуваат она што е свето од она што не е свето‘ за да можат да останат неизвалкани и да му угодат на Јехова.
19. а) Што ќе ни помогне да извлечеме поголема корист од Семејната вечер и од личното проучување? б) Како можеш да покажеш дека си решен да останеш свет?
19 Ако длабоко ја проучуваме Божјата Реч, ќе откриеме многу духовни бисери. Користи ги алатките за истражување за да извлечеш поголема корист од Семејната вечер и од личното проучување. Запознај го подобро Јехова и неговите намери. Зближи се уште повеќе со него (Јак. 4:8). Моли се како псалмистот, кој пеел: „Отвори ми ги очите за да ги видам убавините на твојот закон“ (Пс. 119:18). Немој никогаш да ги погазиш библиските закони и начела. Спремно подложувај се на врховниот закон на светиот Бог, Јехова, и ревносно учествувај во „светото дело на проповедање на Божјата добра вест“ (1. Пет. 1:15; Рим. 15:16). Со сите сили да се трудиме да бидеме свети во сѐ што правиме, и на тој начин да докажеме дека нашиот свет Бог, Јехова, е единствениот кој има право да биде Севишен Владетел.
^ пас. 6 Види во „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 мај 2002.