Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да останеме заедно додека наближува крајот на овој свет

Да останеме заедно додека наближува крајот на овој свет

„[Ние] сме делови на телото кои си припаѓаат едни на други“ (ЕФ. 4:25)

1, 2. Како сака Бог да го обожаваат сите неговите слуги, сеедно дали се млади или стари?

ДАЛИ си млада личност? Ако да, биди уверен дека си скапоцен член на Јеховината меѓународна организација. Во многу земји, голем број од оние што се крштаваат се млади луѓе. Многу сме охрабрени кога гледаме колку голем број млади одлучуваат да му служат на Јехова!

2 Дали се чувствуваш убаво кога си во друштво на твоите врсници? Веројатно да. Убаво ни е кога сме со своите пријатели. Но, Јехова сака да му служиме заедно со сите наши браќа. Тој сака неговите слуги да бидат обединети, без разлика на нивната возраст или потекло. Апостол Павле напишал дека Божја волја е „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:3, 4). Во Откровение 7:9, за Божјите слуги се вели дека доаѓаат од „сите народи и племиња и народности и јазици“.

3, 4. а) Каков став преовладува меѓу денешните млади? б) Во Ефешаните 4:25, со што го споредил Павле собранието?

3 Има огромна разлика меѓу младите што му служат на Јехова и оние што не му служат. Многу млади во светот мислат само на себе и на своите желби. Всушност, некои  истражувачи велат дека денешните млади се посебични од кога и да било порано. Со начинот на кој зборуваат и се облекуваат, тие воопшто не покажуваат почит кон другите, особено кон постарите.

4 Бидејќи себичноста е навлезена во секоја пора на човечкото општество, на младите слуги на Јехова не им е лесно да бидат несебични и да го задржат Божјето гледиште. Уште во првиот век, Павле сметал дека мора да ги предупреди сохристијаните да се чуваат од ,духот кој дејствувал во непослушните синови‘, кој порано влијаел и врз нив. (Прочитај Ефешаните 2:1-3.) За пофалба се младите во нашите собранија кои успешно му се спротивставуваат на таквиот себичен дух. Тие сакаат да му служат на Јехова заедно со своите браќа. Сфаќаат дека собранието е како тело што се состои од повеќе делови кои складно соработуваат. Како што рекол Павле, ние „сме делови кои си припаѓаат едни на други“ (Еф. 4:25). Додека наближува крајот на овој стар свет, ќе станува сѐ поважно да соработуваме во единство. Да разгледаме неколку библиски примери кои ќе ни помогнат да разбереме зошто мора да бидеме обединети.

ТИЕ ОСТАНАЛЕ ЗАЕДНО

5, 6. Што учиме од Лот и неговите ќерки?

5 Во минатото, Јехова ги штител своите слуги кога биле обединети и кога си помагале еден на друг во тешки ситуации. И ние денес, без разлика дали сме млади или стари, можеме многу да научиме од примерите во Библијата. Да видиме што му се случило на Лот.

6 Лот и неговото семејство се наоѓале во опасност затоа што Јехова решил да го уништи Содом, градот во кој живееле. Божјите ангели го предупредиле овој човек да го напушти градот и да побегне во планините. Тие му рекле: „Бегај за да си ја спасиш душата!“ (1. Мој. 19:12-22). Лот и неговите ќерки го послушале предупредувањето и заминале од градот. За жал, некои од нивните најблиски не тргнале со нив. На младите луѓе што биле свршени со неговите ќерки им се чинело дека Лот „се шегува“. За тоа платиле со животот (1. Мој. 19:14). Преживеале само Лот и неговите ќерки затоа што биле послушни и останале заедно.

7. Како Јехова му помогнал на народот кој обединето излегол од Египет?

7 Да разгледаме уште еден пример. Кога Израелците излегле од Египет, не се поделиле во помали групи, па секоја да тргне по свој пат кон Ветената земја. А кога подоцна Јехова го раздвоил Црвеното Море, Мојсеј не поминал по сувото дно сам или со само неколку Израелци. Целиот народ преминал заедно со него, и Јехова ги заштитил (2. Мој. 14:21, 22, 29, 30). Дури и мнозина кои не биле Израелци одлучиле да му служат на Бог и заминале од Египет заедно со нив. Сите биле обединети (2. Мој. 12:38). Дали ќе било разумно некоја мала група, можеби на млади луѓе, да си тргне по свој пат сметајќи дека тој е најдобар? Секој што ќе го сторел тоа, немало да добие заштита од Јехова (1. Кор. 10:1).

8. На кој начин Божјиот народ во времето на Јосафат покажал дека е обединет?

8 Во времето на цар Јосафат, Божјиот народ се соочил со страшен непријател, едно „големо мноштво“ од околните места (2. Лет. 20:1, 2). Што направиле Израелците кога биле опколени од овие моќни војски? Тие имале доверба во Јехова и побарале водство од него. (Прочитај 2. Летописи 20:3, 4.) Наместо секој Израелец да постапи како што си мислел дека е најдобро, целиот народ се собрал заедно. Библијата вели: „Сите синови на Јуда за сето тоа време стоеја пред Јехова, со малите деца, жените и синовите“ (2. Лет. 20:13). Сиот народ,  млади и стари, покажале вера во Јехова и постапиле како што им било кажано. Тие останале заедно, и Јехова ги заштитил од непријателите (2. Лет. 20:20-27). Ова е добар пример што покажува на кој начин Божјиот народ може обединето да се справи со противење.

9. Што учиме за единството од постапките и ставот на првите христијани?

9 И првите христијани му служеле заедно на Јехова. На пример, откако го прифатиле христијанството, многу Евреи и преобратеници во еврејската вера ,му се посветиле на апостолското учење, меѓусебно делеле сѐ што имале, заедно јаделе и истрајно се молеле‘ (Дела 2:42). Единството што владеело меѓу нив особено било очигледно кога доживувале прогонство. Тогаш најмногу си биле потребни еден на друг (Дела 4:23, 24). Кога сме прогонувани, и ние мора да бидеме обединети и меѓусебно да си помагаме.

ДА БИДЕМЕ ОБЕДИНЕТИ ДОДЕКА НАБЛИЖУВА ЈЕХОВИНИОТ ДЕН

10. Кога ќе биде особено важно да бидеме обединети?

10 Наскоро нѐ очекува најмрачниот период во човечката историја. Пророкот Јоил го опишал како „ден на темнина и мрак“ (Јоил 2:1, 2; Соф. 1:14). Тогаш Божјиот народ ќе треба да биде обединет како никогаш порано. Зошто? Сети се што рекол Исус: „Секое царство кое во себе е разделено, пропаѓа“ (Мат. 12:25).

11. Што може да научи денешниот Божји народ од споредбата запишана во Псалм 122:3, 4? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

11 Во тешките денови кои му претстојат на овој свет, ќе мора да бидеме навистина обединети. Духовното единство што тогаш ќе треба да владее меѓу нас може да се спореди со начинот на кој биле градени куќите во древниот Ерусалим. Тие биле толку близу една до друга што псалмистот рекол дека овој град бил ,слеан како во едно‘. Благодарение на тоа, неговите жители можеле да си помагаат и да се штитат еден со друг. Близината на куќите можеби го потсетувала псалмистот на единството на израелскиот народ кое особено доаѓало до израз кога сите племиња се собирале во Ерусалим за да го слават Јехова. (Прочитај Псалм 122:3, 4.) Слично на тие Израелци, и ние треба да бидеме здружени како еден. Ова единство ни е потребно денес, но и во тешките времиња кои нѐ очекуваат.

12. Што ќе ни помогне да го преживееме претстојниот напад врз Божјиот народ?

12 Зошто ќе биде толку важно да бидеме обединети во тоа време? Во Езекиел поглавје 38 е проречено дека „Гог од земјата Магог“ ќе го нападне Јеховиниот народ. Тогаш нема да смееме да дозволиме ништо да нѐ раздели. Во никој случај нема да бараме заштита од Сатановиот свет. Напротив, ќе мора цврсто да се држиме за нашите браќа. Се разбира, нема да преживееме само затоа што ќе бидеме дел од една група. Секој од нас ќе треба лично да покаже доверба во Јехова и да му биде послушен. Само тогаш Бог и Исус ќе ни помогнат да го преживееме нападот на Сатана (Јоил 2:32; Мат. 28:20). Но дали е разумно да мислиме дека оние што нема да останат заедно со Божјето стадо — кои ќе залутаат по свој пат — ќе бидат спасени? (Мих. 2:12).

13. Што можат да научат младите од примерите што ги разгледавме досега?

13 Ако си млада личност, дали сфаќаш колку е важно да останеш близок со своите браќа? Не е мудро да поминуваш време само со своите врсници или, пак, да се повлечеш во себе и да се изолираш од другите. Наскоро сите ние, сеедно дали сме млади или стари, ќе си бидеме потребни еден на друг повеќе од кога и да е порано. Затоа, сега е време да го зацврстиш своето пријателство  со браќата и сестрите, и радосно да му служиш на Јехова заедно со нив. Во иднина, тоа што ќе останеш обединет со Божјиот народ, за тебе може да значи живот!

„ДЕЛОВИ КОИ СИ ПРИПАЃААТ ЕДНИ НА ДРУГИ“

14, 15. а) За што ги подготвува Јехова и младите и старите денес? б) Како Јехова нѐ поттикнува да го зачуваме единството?

14 Јехова ни помага да му служиме „рамо до рамо“ со нашите браќа и сестри (Соф. 3:8, 9, фус.). Тој нѐ подготвува да се вклопиме во неговата вечна намера. А која е таа? „Да се состави сѐ во Христос“. (Прочитај Ефешаните 1:9, 10.) Според тоа, Јехова сака да ги обедини сите на небото и на Земјата како едно семејство кое ќе му служи. Без сомнение, тој ќе ја оствари својата намера. Млади, и вие можете засекогаш да бидете дел од неговото семејство. Дали ова ви помага да сфатите зошто треба да соработувате со Јеховината организација?

15 Јехова нѐ поучува да бидеме обединети сега за да можеме засекогаш да живееме во мир со нашите браќа и сестри. Библијата секогаш одново нѐ потсетува ,да се грижиме еден за друг‘, ,да се сакаме срдечно еден со друг‘, ,да се тешиме еден со друг‘ и ,да се изградуваме еден со друг‘ (1. Кор. 12:25; Рим. 12:10; 1. Сол. 4:18; 5:11). Јехова знае дека христијаните се несовршени, и дека понекогаш не им е лесно да го зачуваат единството. Затоа тој нѐ поттикнува ,спремно да си простуваме‘ (Еф. 4:32).

16, 17. а) Која е една цел на христијанските состаноци? б) Што можат да научат младите од Исус?

16 Јехова ни помага да живееме во единство и со тоа што нѐ поучува на христијанските состаноци. Честопати сме потсетувани на охрабрувањето дадено во Евреите 10:24, 25. Една цел на овие состаноци е „да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела“. Всушност, додека „се приближува денот“, нашите состаноци ќе стануваат уште поважни.

17 Како млад, Исус покажувал ценење за можноста да го слави Јехова заедно со Неговиот народ. На пример, кога имал 12 години, тој присуствувал на еден голем собир во Божјиот храм заедно со родителите. Но, во еден момент тие не можеле да го најдат. Дали излегол од храмот за да се дружи со други млади? Не. Наместо тоа, Јосиф и Марија го нашле како разговара  за Писмото со учителите во храмот (Лука 2:45-47).

18. Како можеме да го зајакнеме единството со нашите молитви?

18 Освен што треба да се сакаме и меѓусебно да се храбриме на состаноците, можеме да го зајакнеме единството и така што ќе се молиме за нашите браќа. Кога бараме од Јехова да им помага на конкретни начини, всушност, се потсетуваме колку многу тие ни значат. Млади, дали ги правите сите овие работи за да станете уште поблиски пријатели со браќата и сестрите од вашето собрание? За да преживееме кога ќе дојде крајот, треба да бидеме блиски со нашите соверници, а не со светот на Сатана.

Сите можеме да се молиме за нашите браќа (Види во пасус 18)

ДА ПОКАЖЕМЕ ДЕКА СМЕ „ДЕЛОВИ КОИ СИ ПРИПАЃААТ ЕДНИ НА ДРУГИ“

19-21. а) На кој извонреден начин покажуваме дека сите сме делови од едно тело? Наведи примери. б) Што учиш од начинот на кој некои браќа помагале при катастрофи?

19 Јеховиниот народ веќе живее во склад со начелото од Римјаните 12:5 каде што се вели дека сите сме делови од едно тело. Ова јасно се гледа кога ќе дојде до катастрофа. Во декември 2011 год., една тропска бура предизвикала големи поплави на филипинскиот остров Минданао. Прекуноќ биле поплавени повеќе од 40.000 куќи, меѓу кои биле и десетици домови на нашите браќа. Сепак, подружницата извести дека „уште пред да пристигнат одборите за помош, браќата од другите подрачја веќе почнале да ги испраќаат неопходните работи“.

20 Слично на ова, многу браќа и сестри претрпеа голема загуба кога еден силен земјотрес и цунами го погодија источниот дел на Јапонија. Мнозина изгубија сѐ што имаа. Јошико, која го изгубила својот дом, живеела на околу 40 километри од Салата на Царството. Таа вели: „Подоцна се изненадивме кога дознавме дека следниот ден по земјотресот покраинскиот надгледник и еден друг брат дошле да нѐ бараат“. Со широка насмевка, таа додава: „Навистина сме благодарни што преку собранието беа згрижени сите наши духовни потреби. Освен тоа, добивме облека, чевли, торби, па дури и пижами“. Еден член на одборот за помош вели: „Браќата од цела Јапонија се трудеа да помагаат со сплотени сили. Некои дојдоа да помогнат дури и од САД. Кога ги прашавме зошто беа спремни да поминат толкав пат, тие рекоа: ,Ние сме едно со нашите браќа во Јапонија, а ним им е потребна помош‘“. Зарем не си горд што си дел од една организација која толку многу се грижи за своите членови? Замисли си колку се радува Јехова кога го гледа единството меѓу нас!

21 Ако научиме уште денес да се потпираме еден на друг, ќе бидеме подготвени заедно да се соочиме со неволјите кои ни претстојат во иднина. Дури и да изгубиме контакт со нашите браќа во другите делови на светот, ќе останеме обединети со браќата во нашето собрание. Една сестра од Јапонија по име Фумико, која преживеала тајфун, вели: „Крајот е многу близу. Треба и понатаму да им помагаме на соверниците додека го очекуваме времето кога нема да има никакви неволји“.

22. Како нашето единство ќе ни помогне во иднина?

22 Кога младите и старите даваат сѐ од себе да бидат во единство со своите браќа, всушност, се подготвуваат да го преживеат крајот на овој злобен и разединет свет. Слично како во минатото, нашиот Бог ќе ги избави своите верни слуги (Иса. 52:9, 10). Никогаш немој да заборавиш дека и ти можеш да бидеш меѓу избавените ако останеш заедно со Божјиот обединет народ. Во следната статија ќе видиме зошто треба да бидеме благодарни за она што веќе сме го примиле од Јехова.