Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Живеј во склад со молитвата Оченаш — прв дел

Живеј во склад со молитвата Оченаш — прв дел

„Да се свети името твое“ (МАТ. 6:9)

1. Како можеби ја користиме молитвата запишана во Матеј 6:9-13 кога проповедаме?

МНОГУ луѓе ја знаат напамет молитвата позната како Оченаш. Кога проповедаме од врата до врата, честопати им ја спомнуваме на станарите за да им помогнеме да разберат дека Божјето Царство е вистинска влада која ќе направи прекрасни промени на Земјата. А понекогаш можеби се осврнуваме само на првото барање од таа молитва за да им покажеме дека Бог има лично име, кое треба да се свети (Мат. 6:9).

2. Од каде знаеме дека Исус не сакал секогаш да ја повторуваме од збор до збор молитвата Оченаш?

2 Дали Исус сакал да каже дека оваа молитва треба секогаш да ја повторуваме од збор до збор, како што прават мнозина во црквите на христијанскиот свет? Не. Тој рекол: „Кога се молите, не кажувајте секогаш едно исто“ (Мат. 6:7). Во друга прилика, ја повторил истата молитва, но со поинакви зборови (Лука 11:1-4). Според тоа, Исус ја дал молитвата Оченаш како пример за да ни помогне да сфатиме за кои работи е најважно да се молиме.

3. За кои прашања треба да размислуваме додека ја разгледуваме молитвата Оченаш?

3 Во оваа и во следната статија подетално ќе ја разгледаме молитвата Оченаш. Додека го правиме тоа, прашај се: ‚Како оваа молитва може да ми помогне да ги подобрам моите лични молитви? И, што е уште поважно, дали живеам во склад со неа?‘

„ТАТКО НАШ, КОЈ СИ НА НЕБЕСАТА“

4. а) На што нѐ потсетува изразот „Татко наш“? б) Во која смисла Јехова им е „Татко“ на христијаните кои имаат надеж за вечен живот на Земјата?

4 Изразот „Татко наш“, а не „Татко мој“, нѐ потсетува дека сме дел од едно меѓународно братство во кое сите вистински се сакаат (1. Пет. 2:17). Тоа е огромна чест! Помазаните христијани, кои се усвоени како Божји синови и имаат надеж за живот на небото, со право го нарекуваат Јехова свој „Татко“ (Рим. 8:15-17). Но, и христијаните кои се надеваат дека ќе живеат вечно на Земјата можат да му се обраќаат на Бог со „Татко“. Зошто? Затоа што тој им дава живот и со љубов се грижи за потребите на сите свои слуги. Оние што имаат земна надеж ќе бидат Божји деца во вистинска смисла на зборот откако ќе станат совршени и ќе ја докажат својата верност во последниот испит (Рим. 8:21; Отк. 20:7, 8).

5, 6. Кој прекрасен дар можат да им го дадат родителите на децата, и што треба секое дете да прави со овој дар? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

5 Родителите им даваат на своите деца прекрасен дар кога им помагаат да сфатат дека Јехова е нивни небесен Татко и кога ги учат да му се молат. Еден брат кој сега служи како покраински надгледник во Јужноафриканската Република вели: „Од денот кога нашите ќерки се родија, се молев заедно со нив секоја вечер, освен кога не бев дома. Тие велат дека не можат да се сетат што точно кажував во молитвите, но се сеќаваат колку свети беа тие мигови кога разговаравме со нашиот Татко, Јехова, и колкаво спокојство и сигурност чувствуваа. Веднаш штом и самите беа способни да се молат, ги поттикнував да кажуваат молитва на глас за да слушам како му ги изразуваат своите мисли и чувства на Јехова. Ова беше одлична можност да ѕирнам во нивното срце. Така можев постепено да ги поучам да вклучуваат и делови од молитвата која ја кажал Исус, и на тој начин да почнат да се молат за вистински важните работи“.

6 Ќерките на овој брат продолжиле духовно да напредуваат. Тие денес се среќно омажени и, заедно со своите сопрузи, му служат полновремено на Бог. Најголемиот дар што родителите можат да им го дадат на децата е да им помогнат да станат блиски пријатели со Јехова. Се разбира, како што расте, секое дете мора само да се труди да зачува близок однос со Бог. За таа цел, мора да научи да го сака Божјето име, и да покажува длабока почит кон него (Пс. 5:11, 12; 91:14).

„ДА СЕ СВЕТИ ИМЕТО ТВОЕ“

7. Каква чест имаме како Божји народ, но што мора да правиме?

7 За нас е огромна чест што го знаеме Божјето име и што сме ‚народ за неговото име‘ (Дела 15:14; Иса. 43:10). Ние го молиме нашиот небесен Татко: „Да се свети името твое“. Ова нѐ поттикнува да бараме од Јехова да ни помогне да не кажеме или да не направиме нешто што би можело да му нанесе срам на неговото свето име. Не сакаме да бидеме како некои во првиот век кои не живееле во склад со она што го проповедале. Во врска со нив, апостол Павле напишал: „Поради вас се хули на Божјето име меѓу незнабошците“ (Рим. 2:21-24).

8, 9. Наведи пример за тоа како Јехова им помага на оние што сакаат да го светат неговото име.

8 Ние сакаме да го светиме Божјето име. Една сестра од Норвешка, која останала сама со своето двегодишно синче откако ѝ починал сопругот, вели: „Тоа беше многу тежок период од мојот живот. Се молев секој ден, речиси и секој час, да останам емоционално стабилна за да не донесам некоја немудра одлука или да му бидам неверна на Јехова. Не сакав да му дадам на Сатана никаква причина да му се подбива на Бог. Сакав да го посветам Јеховиното име, и сакав мојот син повторно да го види татко му во рајот“ (Изр. 27:11).

9 Дали Јехова одговорил на нејзините несебични молитви? Да. Оваа сестра била многу охрабрена од редовното дружење со грижливите соверници. Пет години подоцна, се омажила за еден старешина. Нејзиниот син, кој сега има 20 години, е крстен слуга на Јехова. Таа вели: „Многу сум среќна што сопругот ми помогна да го одгледам“.

10. Кога потполно ќе се посвети Божјето име?

10 Јехова потполно ќе го посвети своето име кога ќе ги отстрани сите оние што го срамат и намерно го отфрлаат како Севишен Владетел. (Прочитај Езекиел 38:22, 23.) Луѓето постепено ќе станат совршени. Со душа го чекаме времето кога сите суштества обдарени со разум ќе го светат Јеховиното име! Конечно, нашиот грижлив небесен Татко ќе „им биде сѐ на сите“ (1. Кор. 15:28).

„ДА ДОЈДЕ ЦАРСТВОТО ТВОЕ“

11, 12. Каков увид им дал Јехова на вистинските христијани при крајот на 19 век?

11 Пред Исус да се вознесе на небото, неговите апостоли го прашале: „Господару, дали во ова време ќе му го обновиш царството на Израел?“ Исус им одговорил дека не е време да знаат кога Божјето Царство ќе почне да владее. Наместо тоа, требало да се концентрираат на важното дело на сведочење што стоело пред нив. (Прочитај Дела 1:6-8.) Сепак, Исус ги поучил да го очекуваат Божјето Царство. Затоа, уште од првиот век досега, христијаните се молат: „Да дојде царството твое“.

12 Кога наближило времето Божјето месијанско Царство да биде воспоставено на небото, Јехова му помогнал на својот народ да разбере кога ќе почнат да се случуваат одредени важни настани. Во 1876 год., во списанието Истражувач на Библијата, Чарлс Расел ја објавил статијата со наслов „Кога завршуваат времињата на незнабошците?“, во која напишал дека 1914 ќе биде значајна година. Тој објаснил дека „седумте времиња“ од пророштвото на Даниел и „одредените времиња на незнабошците“ за кој зборувал Исус се однесуваат на еден ист период * (Дан. 4:16; Лука 21:24).

13. Што се случило во 1914 год., и што покажуваат настаните кои оттогаш се случуваат во светот?

13 Во 1914 год., во Европа избувнала војна која наскоро се раширила и го зафатила целиот свет. До 1918 год., кога завршила војната, многу земји биле погодени од глад, како и од еден смртоносен грип од кој умреле повеќе луѓе отколку што загинале на бојните полиња. На тој начин почнал да се исполнува „знакот“ што го дал Исус во врска со својата невидлива присутност (Мат. 24:3-8; Лука 21:10, 11). Исполнувањето на овој знак е доказ дека тој станал небесен Цар во 1914 год. Тогаш Исус ‚тргнал во конечна победа‘ (Отк. 6:2). Тој го исчистил небото кога повел војна против Сатана и неговите демони. Откако тие биле исфрлени во близина на Земјата, почнало да се исполнува следново пророштво: „Тешко вам, земјо и море, зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време!“ (Отк. 12:7-12).

14. а) Зошто сѐ уште е важно да се молиме да дојде Божјето Царство? б) Кое важно дело мора да го извршуваме?

14 Пророштвото од Откровение 12:7-12 ни помага да разбереме зошто на Земјата почнале да се случуваат ужасни настани отприлика во истото време кога се родило Божјето Царство. Исус, Царот на ова Царство, почнал да владее среде своите непријатели. Сѐ додека не ја доврши својата победа и не му стави крај на злото на Земјата, ќе продолжиме да се молиме да дојде Божјето Царство. Но, истовремено мора да живееме во склад со таа молитва така што ќе учествуваме во исполнувањето на едно од најважните обележја на „знакот“. Исус претскажал: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Мат. 24:14).

„ДА БИДЕ ВОЛЈАТА ТВОЈА... НА ЗЕМЈАТА“

15, 16. Дали е доволно само да се молиме Божјата волја да се врши на Земјата? Објасни.

15 Пред околу 6.000 години, Божјата волја се вршела на Земјата. Затоа Јехова рекол дека сѐ ‚било многу добро‘ (1. Мој. 1:31). Потоа Сатана се побунил, и оттогаш релативно мал број луѓе ја вршеле Божјата волја. Но, денес живееме во време кога околу осум милиони Јеховини сведоци не само што се молат да се врши Божјата волја на Земјата туку се трудат и да постапуваат во склад со таа молитва. Тие живеат на начин кој го радува Бог и ревносно ги поучуваат другите за неговото Царство.

Дали им помагаш на своите деца да живеат во склад со барањето Божјата волја да се врши на Земјата? (Види во пасус 16)

16 На пример, една 80-годишна сестра која се крстила во 1948 год. и служела како мисионерка во Африка, вели: „Често го молам Јехова да ги најдеме сите кротки луѓе и да им помогнеме да го запознаат пред да биде предоцна. Освен тоа, кога сакам да сведочам некому, се молам за мудрост за да допрам до неговото срце. А во врска со кротките луѓе кои веќе сме ги нашле, го молам Јехова да нѐ благослови додека се грижиме за нив“. Ништо чудно што оваа постара сестра има успех во службата! Со поддршка од другите, таа им помогнала на многумина да станат Јеховини сведоци. Сигурно и ти познаваш некои постари лица кои ревносно продолжуваат да ја вршат Божјата волја и покрај поодминатите години. (Прочитај Филипјаните 2:17.)

17. Што мислиш за она што Јехова ќе го направи во иднина за сите луѓе на Земјата?

17 Ќе продолжиме да се молиме Божјата волја да се врши на Земјата сѐ додека непријателите на Божјето Царство не бидат отстранети од неа. Тогаш нашата планета ќе биде претворена во рај, и ќе бидат воскреснати милијарди луѓе. Исус рекол: „Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат [мојот] глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Замисли си колку ќе бидеме среќни кога ќе ги пречекаме нашите најмили кои починале! Бог „ќе ја избрише секоја солза од [нашите] очи“ (Отк. 21:4). Повеќето од воскреснатите ќе спаѓаат во „неправедните“, кои живееле и умреле без да ја дознаат вистината за Јехова Бог и за неговиот Син. Со радост ќе ги поучуваме за Божјата волја и за неговата намера со цел да им помогнеме да добијат „вечен живот“ (Дела 24:15; Јован 17:3).

18. Што е најважно за луѓето?

18 Кога ќе дојде, Божјето Царство ќе го посвети Јеховиното име и сите суштества обдарени со разум обединето ќе му служат на Бог. Според тоа, најважното нешто за луѓето е да бидат потполно исполнети првите три барања од молитвата Оченаш. Во следната статија, ќе разгледаме за кои други важни барања нѐ поучил Исус да се молиме.

^ пас. 12 Во книгата Што навистина учи Библијата?, на страници 216-218, е објаснето од каде знаеме дека ова пророштво се исполнило во 1914 год., кога Божјето месијанско Царство било воспоставено на небото.