Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Цел свет моли за истото

Цел свет моли за истото

Цел свет моли за истото

ЗАМИСЛИ СИ стотици милиони, па дури и милијарди луѓе да молат за една иста работа — да бараат од Севишниот Владетел на вселената да им исполни едно конкретно барање. Меѓутоа, многу мал број од нив знаат за што молат. Дали е можно вакво нешто? Да, можно е, бидејќи се случува секој ден! За што се молат сите тие луѓе? Се молат да дојде Божјето Царство.

Според една проценка, денес има околу 37.000 вери што се нарекуваат христијански и тврдат дека Исус Христос е нивниот Водач. Сите тие вери заедно имаат повеќе од две милијарди членови. Голем број од нивните верници ја знаат напамет и честопати ја рецитираат познатата молитва Оченаш. Дали и ти ја знаеш оваа молитва? Исус ги поучил своите ученици да се молат вака: „Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10, Превод на МПЦ).

Веќе стотици години, верниците побожно ги повторуваат овие зборови кога одат в црква. Но, ги рецитираат и заедно со своите семејства или кога се сами, во добро и во зло. Ги кажуваат искрено, од длабочината на срцето. Многу други, пак, ги научиле напамет и ги изговараат без многу да размислуваат за нивното значење. Но, интересно е тоа што членовите на христијанскиот свет не се единствените што се надеваат на Божјето Царство и се молат тоа да дојде.

Не молат само христијаните

Една позната еврејска молитва е тажачката Кадиш. Иако нема речиси никаква врска со смртта и жалоста, обично се кажува кога некој ќе умре. Дел од молитвата гласи вака: „[Бог] нека го воспостави Царството во текот на твојот живот... што е можно побрзо“. * Во една друга молитва што се кажувала во древните синагоги се спомнува надежта во Царството на Месијата, кој ќе потекнува од Давидовиот дом.

И на други лица од нехристијанските вери им се допаѓа идејата за Божјето Царство. Според весникот The Times of India, еден истакнат верски водач од Индија, кој живеел во 19 век и бил заинтересиран за премостување на разликите меѓу хиндуската, муслиманската и христијанската вера, рекол: „Вистинското Божје Царство нема да дојде сѐ додека не се обединат Истокот и Западот“. А директорот на еден исламски колеџ во Стратфилд (Австралија) неодамна го напишал следново до еден весник: „Исто како и сите други муслимани, и јас верувам [дека] Исус ќе се врати и ќе го воспостави вистинското Божје Царство“.

Нема сомнение, оние што сега се надеваат на Божјето Царство и се молат тоа да дојде бројат милијарди. Сепак, размисли за еден интересен факт.

Веројатно ти е познато дека Јеховините сведоци, односно ние кои го издаваме ова списание, одиме од врата до врата во твоето соседство за да разговараме со луѓето за Библијата. Тоа го правиме низ целиот свет, во 236 земји и на повеќе од 400 јазици. Главната тема на нашето проповедање е Божјето Царство. Всушност, забележи дека целиот наслов на ова списание гласи: Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство. Честопати ги прашуваме луѓето дали се молат за тоа Царство. Мнозина од нив велат дека се молат. Но, кога ќе ги прашаме што е тоа Царство, повеќето одговараат „не знам“ или, пак, нивниот одговор е нејасен или несигурен.

Тогаш, зошто толку многу луѓе се молат за нешто кое не можат ни да си го објаснат? Дали затоа што идејата за Божјето Царство е сложена и не може да се разбере? Не. Царството е јасно и целосно објаснето во Библијата. Освен тоа, библиската порака за Царството може да ти даде вистинска надеж во овие мрачни времиња. Во следната статија ќе видиме што вели Библијата за таа надеж. Потоа ќе разгледаме кога ќе биде исполнета молитвата на Исус да дојде Божјето Царство.

[Фуснота]

^ пас. 6 Исто како во молитвата што Исус им ја кажал како пример на своите ученици, и во тажачката Кадиш се бара да се посвети Божјето име. Иако се дебатира околу прашањето дали оваа молитва е од времето на Христос или постоела и пред тоа, не треба да се изненадиме што таа е слична со Оченаш. Молитвата што ја дал Исус воопшто не била нова и необична. Секое барање во неа цврсто се темели на Писмото што тогаш им било достапно на сите Евреи. Исус ги охрабрил своите еврејски сонародници да се молат за истите работи за кои требало да се молат и дотогаш.