Дали Јеховините сведоци веруваат дека само тие ќе се спасат?
Читателите прашуваат
Дали Јеховините сведоци веруваат дека само тие ќе се спасат?
Јеховините сведоци сметаат дека ја пронашле вистинската религија. Да не се уверени во тоа, тие би ги промениле своите верувања. Исто како што е случај со припадниците на многу религии, и Јеховините сведоци се надеваат дека ќе се спасат. Меѓутоа, сметаат дека не е нивна работа да судат кој ќе биде спасен, туку дека Бог е врховниот Судија и тој го одлучува тоа (Исаија 33:22).
Божјата реч открива дека оние што ќе се спасат мора не само да сакаат да бидат спасени туку треба и да соработуваат со својот Спасител. Еве еден пример: Да речеме дека некој излетник се изгубил. Очајнички го бара патот. Ќе настрада или ќе преживее? Тоа зависи од начинот на кој ќе реагира на помошта што ќе му се даде. Од гордост, може да се случи да ја одбие помошта што му ја дава некој спасител. Но, може и понизно да ја прифати и да се спаси.
Слично на тоа, спасени ќе бидат оние што соработуваат со Спасителот на луѓето, Јехова Бог. Спасението е дар од Бог, но сепак, нема да го добијат сите луѓе. Божјиот Син, Исус Христос, рекол: „Не секој што ми вели: ‚Господару, Господару‘, ќе влезе во небесното царство, туку оној што ја врши волјата на мојот Татко, кој е на небесата“ (Матеј 7:21).
Јеховините сведоци веруваат дека Бог ги спасува само оние што покажуваат вера во откупната жртва на Исус и тесно се држат за Исусовите учења (Дела 4:10-12). Размисли за следниве три важни барања за спасение што се изнесени во Божјата реч.
1) „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“, им рекол Исус на своите ученици (Јован 13:35). Примерот што го оставил Исус со тоа што го положил својот живот за другите истакнува колку е важна љубовта. Оние што ги сакаат другите покажуваат особина која е многу важна за спасение.
2) „Им го објавив твоето име“, рекол Исус кога му се молел на својот Татко (Јован 17:26). Исус знаел колку му е важно на неговиот Татко Неговото лично име, Јехова. Исус се молел „да се свети“ името на неговиот Татко (Матеј 6:9). Да се свети Божјето име значи да го знаеме тоа име и да ни биде важно и свето. Оние што сакаат да се спасат треба да го користат Божјето име, исто како што правел Исус. Освен тоа, треба да им кажуваат и на другите за името и особините на Бог (Матеј 28:19, 20). Всушност, ќе бидат спасени само оние што го повикуваат Божјето име (Римјаните 10:13).
3) „Моето царство не е дел од овој свет“, му рекол Исус на Понтиј Пилат (Јован 18:36). Малкумина денес покажуваат вера во Божјето Царство, односно влада, чиј Цар е Исус. Наместо тоа, имаат доверба во човечките институции. Спротивно на тоа, оние што ќе се спасат го поддржуваат лојално Божјето Царство и ги поучуваат другите дека тоа ќе ги ослободи сите верни луѓе (Матеј 4:17).
Откако чуле неколку барања за спасение, Исусовите ученици рекле: „Кој може да се спаси?“ Исус одговорил: „Она што не е можно за луѓето, можно е за Бог“ (Лука 18:18-30). Јеховините сведоци се трудат да ги исполнат овие барања за спасение. Исто така, прават сѐ што можат за да им помогнат и на другите да се спасат.