Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

За иднината на луѓето

За иднината на луѓето

Што учиме од Исус

За иднината на луѓето

Дали Исус ветил живот на небото?

Да, ветил! И самиот Исус воскреснал и се вознел на небото за да биде со својот Татко. Но, пред својата смрт и воскресение, тој им рекол на своите 11 верни апостоли: „Во куќата на мојот Татко има многу живеалишта... А сега одам да ви приготвам место“ (Јован 14:2). Меѓутоа, само малкумина ќе одат на небото. Исус јасно го покажал тоа кога им рекол на своите ученици: „Не плаши се, мало стадо, зашто волјата на вашиот Татко е да ви го даде царството“ (Лука 12:32).

Што ќе прави на небото ‚малото стадо‘?

Таткото сака оваа мала група да влезе во составот на една небесна влада заедно со Исус. Од каде го знаеме тоа? Откако воскреснал, Исус му открил на апостол Јован дека некои верници „ќе царуваат над земјата“ (Откровение 1:1; 5:9, 10). Тоа е добра вест, бидејќи нешто што најмногу им треба на луѓето е да имаат добра влада. Што ќе постигне оваа влада на чие чело ќе биде Исус? Тој рекол: „При повторното создавање, кога Синот човечки ќе седне на својот славен престол, вие што ме следевте ќе седнете на дванаесет престоли“ (Матеј 19:28). Кога ќе владеат Исус и неговите следбеници, ќе има едно ‚повторно создавање‘, односно обновување на совршените услови на Земјата што ги уживале првите луѓе пред да направат грев.

Каква надеж им дал Исус на другите луѓе?

Луѓето биле создадени за да живеат на Земјата, за разлика од Исус, кој бил создаден за да живее на небото (Псалм 115:16). Затоа, тој кажал: „Вие сте одоздола, а јас сум одозгора“ (Јован 8:23). Исус рекол дека луѓето ги очекува прекрасна иднина на Земјата. Во една прилика кажал: „Среќни се кротките, зашто ќе ја наследат земјата“ (Матеј 5:5). Тој се осврнал на вдахновениот псалм, кој гласи: „Кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир. Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:11, 29).

Значи, вечен живот нема да добијат само оние од ‚малото стадо‘, кои ќе одат на небото. Исус покажал дека сите луѓе во светот може да се надеваат на нешто многу убаво. Тој рекол: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).

Како Бог ќе им стави крај на страдањата на луѓето?

Исус зборувал за избавување од два извора на угнетување, кога рекол: „Сега е судењето на овој свет, сега владетелот на овој свет ќе биде исфрлен надвор“ (Јован 12:31). Прво, безбожните луѓе што предизвикуваат страдања ќе бидат осудени и уништени. Второ, Сатана ќе биде исфрлен и повеќе нема да ги заведува луѓето.

А што е со луѓето од минатото кои живееле и умреле без да имаат можност да ги запознаат Бог и Христос и да покажат вера во нив? Еве што му кажал Исус на злосторникот што умирал покрај него: „Ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:43). Тој човек, како и милиони други, ќе може да го запознае Бог кога Исус ќе го воскресне од мртвите за да живее во рај на Земјата. Тогаш тој ќе може да биде меѓу кротките и праведни луѓе што ќе добијат вечен живот на Земјата (Дела 24:15).

Нешто повеќе можеш да прочиташ во 3. и 7. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата? a

[Фуснота]

a Издадена од Јеховините сведоци.

[Слика на страница 23]

„Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29)