Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Колкав прилог да дадам?

Колкав прилог да дадам?

Читателите прашуваат

Колкав прилог да дадам?

„Бог го сака веселиот дарител“ (2. Коринќаните 9:7). На милиони луѓе во светот им се познати овие зборови. Меѓутоа, некои побожни луѓе се чувствуваат обврзани да дадат повеќе отколку што можат. Всушност, во некои религии се бара од верниците да приложат точно одредена сума. Овој обичај се нарекува давање десеток, што значи да ѝ се даде на црквата 10 отсто од својот приход.

Дали Библијата навистина бара да дадеме одредена сума пари како прилог? Колку треба да приложи секој од нас?

Барања и доброволни прилози во минатото

Библијата содржи јасни упатства за тоа колкава сума барал Бог да приложат Израелците (3. Мојсеева 27:30-32; 4. Мојсеева 18:21, 24; 5. Мојсеева 12:4-7, 11, 17, 18; 14:22-27). Овие барања не биле неразумни. Јехова ветил дека, како награда за тоа што народот ги слушал неговите закони, тој ќе му даде „изобилство од сѐ“ (5. Мојсеева 28:1, 2, 11, 12).

Во други случаи, Израелците можеле доброволно да приложат онолку колку што сакале. На пример, кога цар Давид планирал да му изгради храм на Јехова, неговите поданици приложиле „пет илјади таланти... злато“ a (1. Летописи 29:7). Да ја споредиме оваа сума со она што го видел Исус во една прилика кога бил на Земјата. Тој здогледал „една сиромашна вдовица како пушта... две парички“ во ковчежињата за прилози во храмот. Колку вредел нејзиниот прилог? Само 64-ти дел од една дневница. Сепак, Исус рекол дека оваа мала сума била сосема во ред (Лука 21:1-4).

Дали од христијаните се бара да даваат одредена сума?

Христијаните не се под сојузот на Законот што бил склучен со Израел. Затоа, тие не се обврзани да му даваат одредена сума на Бог. Меѓутоа, во вистинското христијанско собрание, давањето е извор на голема радост. Самиот Исус Христос рекол: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).

Јеховините сведоци го финансираат со доброволни прилози делото на проповедање што се извршува во целиот свет. Овие прилози се користат за да се печати литература, како што е ова списание, и за да се градат и одржуваат местата каде што го обожаваме Бог, познати како Сали на Царството. Ништо од средствата што се собрани не се користи за да се плати некој. Некои што сето свое време доброволно го посветуваат на делото на правење ученици добиваат помош за да ги покријат своите патни и други лични трошоци. Но, никој не инсистира на таква помош. Всушност, повеќето Јеховини сведоци не добиваат никаква финансиска помош за тоа што го поддржуваат делото на проповедање. Наместо тоа, поголемиот број од нив работат световна работа за да се издржуваат, исто како што апостол Павле заработувал со изработка на шатори (2. Коринќаните 11:9; 1. Солуњаните 2:9).

Ако некој сака да приложи за делото што го извршуваат Јеховините сведоци, колку треба да даде? Апостол Павле напишал: „Секој нека направи како што одлучил во своето срце, не без волја, ниту со сила, зашто Бог го сака веселиот дарител“ (2. Коринќаните 8:12; 9:7).

[Фуснота]

a Во 2008 год., просечната цена на златото беше 871 долар за унца, што значи дека тој прилог вредел околу 4.794.855.000 долари.