Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Што ќе јадеме?“

„Што ќе јадеме?“

„Што ќе јадеме?“

ЈАДЕЊЕ и пиење — за овие работи често се зборувало додека Исус ја извршувал својата служба. Кое било првото чудо што го направил тој? Ја претворил водата во вино. Другпат двапати нахранил мноштва народ со неколку лебови и риби (Матеј 16:7-10; Јован 2:3-11). Исус не бил познат само по тоа што јадел со сиромашните туку и по тоа што одел на гозби кај богатите. Всушност, непријателите го обвинувале дека е ненаситник и пијаница (Матеј 11:18, 19). Се разбира, Исус не бил ниту едното ниту другото. Меѓутоа, знаел дека јадењето и пиењето им се многу важни на луѓето, и вешто ги користел овие две работи за да даде длабоки духовни поуки (Лука 22:14-20; Јован 6:35-40).

Што било вообичаено да се јаде и да се пие во времето на Исус? Како се подготвувала храната? И колкав труд се вложувал во тоа? Одговорот на овие прашања ќе ти помогне подобро да разбереш некои настани и изрази што се спомнати во евангелијата.

Дај ни го „лебот наш за овој ден“

Кога Исус ги поучил своите ученици да се молат, покажал дека е исправно да го молиме Бог да ни го обезбеди она што ни е неопходно за живот — „лебот наш за овој ден“ (Матеј 6:11). Лебот бил толку важен дел од исхраната што и во хебрејскиот и во грчкиот јазик, изразот „да се јаде“ буквално значел „да се јаде леб“. Житните растенија од кои се правел леб, на пример, пченицата и јачменот, како и другите житни култури, меѓу кои биле овесот, крупникот и просото, сочинувале голем дел од исхраната на Евреите во 1 век. Истражувачите проценуваат дека еден човек трошел за исхрана околу 200 килограми житарки годишно, што претставува приближно половина од калориите што му се потребни на едно лице.

Лебот можел да се купи на пазар. Но, повеќето семејства си го печеле сами — што барало доста работа. Во една книга за древна Палестина е објаснето: „Бидејќи брашното не стои долго време без да се расипе, домаќинката сама го мелела житото секој ден“ (Bread, Wine, Walls and Scrolls). Колку долго траело тоа? „За еден час напорно рачно мелење“, вели авторот, „од 1 килограм пченица се добивале само 800 грама брашно. Бидејќи еден човек во просек трошел околу половина килограм брашно секој ден, за да се сомеле доволно за семејство од пет-шест души требало три часа мелење“.

Сега помисли на Исусовата мајка, Марија. Освен што требало да ги заврши вообичаените домашни работи, таа морала да се погрижи да има доволно леб за нејзиниот сопруг и децата — пет сина и најмалку две ќерки (Матеј 13:55, 56). Без сомнение, Марија, како и другите Еврејки, напорно работела за да обезбеди ‚леб за секој ден‘.

„Дојдете, појадувајте!“

Откако воскреснал, Исус им се појавил на некои од своите ученици рано едно утро. Учениците ловеле риба цела ноќ, но ништо не уловиле. „Дојдете, појадувајте“, им довикнал Исус на своите уморни пријатели. Потоа им принел риба и леб (Јован 21:9-13). Иако само на ова место во евангелијата се спомнува појадок, во тоа време било вообичаено луѓето да го започнат денот со оброк од леб, ореви и суво грозје или маслинки.

А, што е со ручекот? Што јаделе работниците? Во една книга што зборува за животот во Израел во библиски времиња пишува: „Ручекот претставувал лесен оброк, кој се состоел од леб, жито, маслинки и смокви“ (Life in Biblical Israel). Веројатно токму вакви прехранбени производи донеле учениците кога се вратиле од Сихар и го нашле Исус на бунарот како зборува со една Самарјанка. Било „околу шестиот час“, односно пладне, и учениците „отишле во градот да купат нешто за јадење“ (Јован 4:5-8).

Навечер, семејствата се собирале за главниот оброк во денот. Една книга опишува од што се состоел овој оброк: „Повеќето луѓе јаделе леб или каши од јачмен, различни житарки и мешунки, а поретко од пченица. Обично додавале сол и масло или маслинки, а понекогаш и зачинет сос, мед или слатки овошни сокови“ (Poverty and Charity in Roman Palestine, First Three Centuries C.E.). На менито веројатно имало и млеко, сирење, зеленчук и свежо или сушено овошје. Во тоа време имало околу 30 вида зеленчук — како што се кромидот, лукот, ротквичките, морковите и зелката — и повеќе од 25 видови овошје, како што се смоквите (1), урмите (2) и калинките (3), кои се одгледувале во тие места.

Можеш ли да си замислиш некои од овие состојки на трпезата кога Исус вечерал со Лазар и неговите сестри, Марта и Марија? Сега замисли си ја миризбата што ја исполнила собата кога Марија му ги намачкала нозете на Исус со „вистински нард“ — миризбата на храна помешана со аромата на скапоценото мирисливо масло (Јован 12:1-3).

„Кога приредуваш гозба“

Во една друга прилика, додека јадел во „куќата на еден фарисејски поглавар“, Исус им дал на присутните една скапоцена поука. Тој рекол: „Кога приредуваш гозба, покани ги сиромашните, сакатите, куците и слепите. И ќе бидеш среќен, бидејќи тие немаат со што да ти возвратат. Ќе ти биде возвратено при воскресението на праведниците“ (Лука 14:1-14). Доколку фарисејот го послушал Исусовиот совет, каква храна би послужил на една таква гозба?

Еден богат човек можеби послужувал специјален леб испечен во различни облици, кој бил подготвен со вино, мед, млеко и зачини. На трпезата веројатно се изнесувале и путер и тврдо сирење. Без сомнение имало и свежи маслинки, маслинки во саламура или маслиново масло. Според една книга за храната во древни времиња, „само во исхраната секој човек користел 20 килограми маслиново масло годишно, плус за козметички цели и за осветлување“ (Food in Antiquity).

Ако фарисејот живеел во близина на морето, тој и неговите гости веројатно јаделе свежа риба. Оние што живееле подалеку од морето обично јаделе риба чувана во маринада или во сол. Домаќинот веројатно послужувал и месо — редок деликатес за еден сиромашен гостин. Почесто се служело јадење со јајца (Лука 11:12). Вкусот на овие производи можеби бил збогатен со тревки и зачини, како што биле нането, копарот, кимот и сенфот (Матеј 13:31; 23:23; Лука 11:42). Подоцна, гостите можеби уживале во десерт од печени пченични зрна подготвени со бадеми, мед и зачини.

Оние што биле на некоја гозба веројатно се служеле со грозје — свежо, сушено или во облик на вино. Во Палестина се пронајдени илјадници вински преси, што потврдува колку бил омилен овој пијалак. На една локација во Гаваон, археолозите откриле 63 визби издлабени во карпа, во кои можело да се складираат 100.000 литри вино.

„Немојте да бидете загрижени“

Додека ги читаш евангелијата, забележи колку пати Исус спомнал храна или пиење во своите споредби или кога давал некоја важна поука при некој оброк. Се разбира, Исус и неговите ученици уживале додека јаделе и пиеле, особено кога биле во друштво на добри пријатели, но тоа не им било најважното нешто во животот.

Исус им помогнал на своите ученици да задржат урамнотежено гледиште за јадењето и пиењето кога рекол: „Немојте да бидете загрижени и да велите: ‚Што ќе јадеме?‘ — или: ‚Што ќе пиеме?‘ — или: ‚Што ќе облечеме?‘ Зашто, со сето ова се преокупирани луѓето од светот. А вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа“ (Матеј 6:31, 32). Учениците ја прифатиле оваа поука, и Бог се грижел за нивните потреби (2. Коринќаните 9:8). Точно е дека твојата исхрана можеби е многу поинаква од исхраната на луѓето во 1 век. Но, биди уверен дека Бог ќе се грижи за тебе ако на прво место во животот ти е службата за него (Матеј 6:33, 34).