Добрата религија учи на почит кон Божјата реч
ИСУС покажал голема почит кон Божјата реч, Библијата. Ова е очигледно од начинот на кој одговорил кога Ѓаволот го искушувал (Матеј 4:4-11). На пример, како реагирал Исус кога Сатана му рекол да ги претвори камењата во лебови? Исус не подлегнал на тоа искушение и ги цитирал вдахновените зборови на Мојсеј, кои можеме да ги прочитаме во 5. Мојсеева 8:3. А што одговорил Исус кога Ѓаволот му понудил да владее над сите царства на светот во замена за само еден чин на обожавање? Ја одбил понудата, посочувајќи на библиското начело што е запишано во 5. Мојсеева 6:13.
Размисли за следново: Иако бил Божји Син, Исус се потпирал на Светото писмо кога поучувал. И сигурно никогаш не ги ставил човечките традиции пред Божјата реч (Јован 7:16-18). Меѓутоа, многу верски водачи во времето на Исус немале таква почит кон Божјата реч. Зошто? Дозволиле човечките традиции да го засенат Светото писмо. Исус отворено им рекол на тие религиозни луѓе: „Ја нарушивте заповедта Божја заради вашето предание. Лицемери, добро пророкувал за вас Исаиј, велејќи: ‚Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме почитува, а срцето негово стои далеку од Мене; но напразно Ме почитува, оти проповеда човечки повелби‘“ (Матеј 15:6-9, Превод на МПЦ).
Многу од религиите во светот, христијански и не-христијански, тврдат дека
ја почитуваат Библијата. Меѓутоа, знаеш ли за некоја религија што ги отфрла човечките преданија и традиции ако тие не се во склад со она што го учи Божјата реч? Разгледај само два примера.ТЕМА: Верски титули.
ШТО УЧИ БИБЛИЈАТА: Исус ги осудил верските водачи од негово време затоа што сакале да носат почесни титули и да уживаат голем углед. Рекол дека тие луѓе сакале „прво место на гозбите и предни места во синагогите, и поздрави по улиците, и да им велат луѓето ‚учителе, учителе!‘“ Потоа им рекол на своите ученици: „Немојте да се наречувате учители, зашто еден е вашиот Учител — Христос, а вие сте сите браќа; и никого на земјата не викајте го свој татко, оти еден е вашиот Отец, Кој е на небесата“ (Матеј 23:1-10, Превод на МПЦ).
ПРАШАЊЕ: Дали водачите на оваа религија сакаат да бидат ословувани со почесни титули и да уживаат голем углед, или ја слушаат Исусовата заповед да не го прават тоа?
ТЕМА: Употреба на идоли.
ШТО УЧИ БИБЛИЈАТА: „Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се клањаш, ниту да им служиш“ (2. Мојсеева 20:4, 5, Превод на МПЦ).
Апостол Јован им напишал на христијаните: „Пазете се од идолите“ (1. Јованово 5:21, Превод на МПЦ).
ПРАШАЊЕ: Дали оваа религија ја слуша јасната библиска заповед да не се користат идоли?
Можеш да го најдеш правиот пат
Иако денес има многу религии, можеш да ја најдеш онаа што води во живот. Има многу знаци по кои се препознава која е „чиста и непорочна вера пред Бога“ (Јаков 1:27, Превод на МПЦ). Библиските стихови што ги разгледавме во овие статии можат да ти послужат како патокази што ќе ти помогнат да ја најдеш таа религија.
Би можел да ги замолиш Јеховините сведоци да ти одговорат на прашањата што се поставени во овие статии. Додека размислуваш за она што ќе ти го кажат, следи го добриот пример на луѓето што живееле во 1 век во градот Верија. Откако го чуле апостол Павле како проповеда, ‚го проучувале Светото Писмо за да проверат дали она што тој им го проповеда е вистина‘ (Дела 17:11, Радосна Вест). Ако и ти како Веријците ја почитуваш Божјата реч и марливо ја проучуваш, ќе го најдеш патот што води во живот. Останува на тебе да одлучиш дали ќе одиш по тој пат.
Која религија ги поттикнува луѓето да ја проучуваат Библијата за да видат дали е точно она што го учат?