Какво богатство дава Бог
Какво богатство дава Бог
АКО си му верен на Бог, ќе те благослови ли со богатство? Можеби, но веројатно не со онакво богатство со какво што очекуваш. Размисли за Марија, мајка му на Исус. Ангелот Гавриел ѝ се појавил и ѝ рекол дека „нашла милост кај Бог“ и дека ќе го роди Божјиот Син (Лука 1:28, 30-32). Сепак, таа не била богата. Кога принела жртва откако се родил Исус, Марија однела „две грлици или два млади гулаба“, жртва што му ја принесувале на Јехова сиромашните (Лука 2:24; 3. Мојсеева 12:8).
Дали тоа што Марија била сиромашна значело дека Бог не ја благословувал? Воопшто не. Напротив, кога отишла да ја посети Елисавета, својата роднина, извештајот вели дека ‚Елисавета се исполнила со свет дух и извикала на сет глас: „Благословена си ти [Марија] меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба!“‘ (Лука 1:41, 42). Марија ја имала честа да му стане мајка на Божјиот сакан Син.
Ниту Исус не бил богат. Не само што се родил и израснал во сиромашни услови туку бил сиромашен сето време додека живеел на Земјата. Еве што му рекол на некој човек што сакал да му биде ученик: „Лисиците имаат дувла и птиците небесни имаат гнезда, а Синот човечки нема каде глава да потпре“ (Лука 9:57, 58). Сепак, со тоа што дошол на Земјата, Исус Христос им овозможил на своите ученици да добијат огромно богатство. Апостол Павле напишал: „Стана сиромашен заради вас, за вие да се збогатите преку неговото сиромаштво“ (2. Коринќаните 8:9). Какво богатство им дал Исус на своите ученици? И какво богатство имаме ние денес?
Какво богатство?
Материјалното богатство честопати претставува пречка за верата, бидејќи еден богат човек може да почне да се потпира на парите наместо на Бог. Исус рекол: „Колку тешко ќе влезат богатите во царството Божје!“ (Марко 10:23). Значи, јасно е дека богатството што Исус им го понудил на своите следбеници не било материјално.
Всушност, повеќето христијани во 1 век биле сиромашни. Кога еден човек што бил сакат од раѓање побарал пари, Петар му рекол: „Сребро и злато немам, но она што го имам, тоа ти го давам: во името на Исус Христос Назареќанецот, оди!“ (Дела 3:6).
И зборовите на ученикот Јаков покажуваат дека христијанското собрание било составено главно од сиромашни луѓе. Тој напишал: „Слушајте, браќа мои сакани. Зарем Бог не ги избра оние што се сиромашни во светот за да бидат богати во верата и наследници на царството, кое им го вети на оние што го сакаат?“ (Јаков 2:5). Освен тоа, и апостол Павле рекол дека не биле повикани да станат дел од христијанското собрание мнозина „мудри според човечките мерила“, ниту „моќни“, ниту „со благородничко потекло“ (1. Коринќаните 1:26).
Ако богатството што им го дал Исус на своите следбеници не било материјално, тогаш какво богатство им дал? Во едно писмо што му го испратил на собранието во Смирна, тој рекол: „Ја знам твојата неволја и сиромаштвото — но ти си богат!“ (Откровение 2:8, 9). Иако христијаните во Смирна биле сиромашни, тие поседувале богатство многу повредно од среброто и златото. Биле богати во таа смисла што имале вера во Бог и му биле лојални. Верата е скапоцен посед затоа што „немаат вера“ сите луѓе (2. Солуњаните 3:2). Оние што немаат вера се, всушност, сиромашни во Божји очи (Откровение 3:17, 18).
Богатство што произлегува од верата
Но, во која смисла верата е скапоцена работа? Оние што имаат вера во Бог Римјаните 2:4). Исто така, ‚простени им се престапите‘ поради верата во Исусовата откупна жртва (Ефешаните 1:7). Освен тоа, ја стекнуваат мудроста што „речта Христова“ им ја носи на оние што имаат вера (Колошаните 3:16). Додека со вера го молат Бог, „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“, ги чува нивните срца и нивниот ум и ги прави задоволни и среќни (Филипјаните 4:7).
извлекуваат корист од „богатството на неговата добрина и воздржливост и долготрпеливост“ (Покрај сите овие користи, оние што веруваат во Бог преку неговиот Син, Исус Христос, имаат и прекрасна надеж дека ќе живеат вечно. Добро се познати зборовите на Исус Христос: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Таквата скапоцена надеж станува уште посилна кога некој добро ќе ги запознае Таткото и Синот, бидејќи Исус го рекол и следново: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3).
Иако Бог главно ни дава духовни благослови, од нив произлегуваат и извесни емоционални и физички користи. Да го наведеме како пример Далидио од Бразил. Пред да ја запознае Божјата намера, имал проблеми со пиењето. Тоа многу лошо се одразило врз неговата фамилија. Освен тоа, и финансиската состојба му била многу несигурна. Но, почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, а тоа довело до драстични промени.
Она што Далидио го научил од Библијата, го мотивирало да ги остави лошите навики. Толку напреднал духовно што рекол: „Порано одев од бар до бар, а сега одам од куќа до куќа“. Станал полновремен проповедник на Божјата реч. Ваквата промена не му го подобрила само здравјето туку и финансиската ситуација. Далидио рекол: „Парите што ги трошев за пиење сега ги трошам за да им помагам на другите што се сиромашни или за да купам нешто што ми треба“. Исто така, стекнал многу вистински пријатели меѓу луѓето што имаат слично духовно гледиште. Далидио сега чувствува душевен мир и задоволство какви што не можел ни да замисли пред да го запознае Бог.
Ренато е уште еден пример кој потврдува дека оние што градат вера во Јехова Бог стекнуваат скапоцени животни искуства. Денес, кога ќе го видиш неговото среќно, насмеано лице, ќе ти биде тешко да поверуваш дека има оправдани причини да мисли дека животот бил многу неправеден со него. Кога бил новороденче, мајка му го напуштила. Го оставила во торба под некоја клупа, целиот со гребаници и модринки, а папочната врвца сѐ уште била на него. Две жени поминувале оттаму и виделе дека нешто мрда во торбата под клупата. Отпрвин си помислиле дека некој оставил маченце. Но, кога виделе дека се работи за новороденче, веднаш го однеле во најблиската болница за да ја добие потребната нега.
Една од жените била Јеховин сведок и ѝ кажала за бебето на Рита, која исто така била Сведок. Рита неколкупати родила мртво дете, а имала само една ќерка. Многу сакала син, па затоа одлучила да го посвои Ренато.
Кога Ренато бил мал, Рита му кажала дека не му е вистинска мајка. Но, го чувала со многу љубов и се трудела да му ги всади библиските мерила. Кога потпораснал, и самиот почнал да се интересира за Библијата. Пораснала и неговата благодарност за неверојатниот начин на кој бил спасен. Очите му се полнат со солзи секој пат кога ќе ги прочита зборовите на псалмистот: „И да ме остават татко ми и мајка ми, Јехова ќе ме прифати“ (Како израз на неговото ценење за сѐ што направил Јехова за него, Ренато се крстил во 2002 год., а следната година станал полновремен христијански проповедник. Сѐ уште не знае кои му се вистинските татко и мајка, и веројатно никогаш нема да дознае. Меѓутоа, Ренато смета дека еден од најскапоцените подароци што ги добил е тоа што го запознал Јехова како свој љубезен и грижлив Татко, и стекнал вера во него.
Можеби копнееш да имаш близок однос со Бог, однос што вистински може да ти го збогати животот. Сите луѓе, и богати и сиромашни, можат да имаат таков однос со Јехова Бог и со неговиот Син, Исус Христос. Можеби на тој начин нема да се здобиеш со материјално богатство, но сигурно ќе имаш внатрешен мир и задоволство кои не се купуваат со пари. Сосема се вистинити зборовите од Изреки 10:22: „Благословот од Јехова збогатува, и Бог не задава никаква болка притоа“.
Јехова Бог е многу заинтересиран за луѓето што го бараат: „О, да внимаваше на моите заповеди! Твојот мир ќе беше како река и твојата праведност како морски бранови“ (Исаија 48:18). Исто така, ветува дека оние што го бараат со исправни мотиви и став ќе бидат богато наградени: „Понизноста и стравот од Јехова донесуваат богатство, чест и живот“ (Изреки 22:4).
[Истакната мисла на страница 6]
Верата во Бог носи мир, задоволство и среќа
[Слика на страница 5]
Иако било материјално сиромашно, семејството на Исус било богато благословено од Бог