Кога „срце скршено и здробено“ бара прошка
Приближи му се на Бог
Кога „срце скршено и здробено“ бара прошка
СИТЕ ние често грешиме. Колку и да ни е жал потоа, можеби се прашуваме: ‚Дали Бог ги слуша моите искрени молитви за прошка? Дали ќе ми прости?‘ Во Библијата ја наоѓаме оваа утешна вистина: Иако Јехова не одобрува ниеден грев, тој е спремен да му прости на грешникот што се кае. Ова јасно се гледа од она што му се случило на цар Давид од древниот Израел, а е запишано во 2. Самоилова, 12. поглавје.
Замисли си ги настаните. Давид бил виновен за сериозни гревови. Направил прељуба со Витсавеа и, кога не успеал да го прикрие гревот, наместил да биде убиен нејзиниот сопруг. Неколку месеци не кажувал никому за тоа и се правел како ништо да не се случило. Меѓутоа, Јехова гледал. Тој знаел какви гревови направил Давид. Но, видел и дека неговото срце не било непоправливо (Изреки 17:3). Што направил Јехова?
Тој го испратил кај Давид пророкот Натан (стих 1). Воден од светиот дух, Натан разговарал со Давид тактично, знаејќи дека мора внимателно да ги избере зборовите. Како да го спречи да не падне во стапицата на самозалажувањето и да му помогне да види колку биле големи неговите гревови?
За да не му остави на Давид простор да се брани, Натан раскажал една приказна што бил сигурен дека ќе допре до срцето на овој поранешен овчар. Се работело за двајца луѓе. Едниот бил богат, а другиот сиромав. Богаташот имал „многу овци и говеда“, а сиромавиот имал само „една овчичка“. На богатиот му дошол гостин и сакал да му подготви јадење. Наместо да земе некоја од своите овци, му ја зел единствената овчичка на сиромавиот. Бидејќи си помислил дека тоа навистина се случило, Давид се налутил и извикал: „Човекот што го направил тоа заслужува смрт!“ Зошто? „Затоа што немал милост“, рекол тој a (стихови 2-6).
Споредбата на Натан ја постигнала својата цел. Со она што го кажал, Давид, всушност, се осудил себеси. Тогаш Натан отворено му рекол: „Ти си тој човек!“ (стих 7). Со оглед на тоа што Натан зборувал во името на Бог, јасно е дека Јехова гледал на постапките на Давид како да му се направени лично нему. Со тоа што го прекршил Божјиот закон, Давид покажал непочитување кон Законодавецот. Ти „ме презре“, рекол Бог (стих 10). На Давид срцето му се кинело од огромна болка. Тој признал: „Му згрешив на Јехова“. Натан го уверил дека Јехова му простил, но Давид морал да живее со последиците од своите постапки (стихови 13, 14).
Откако бил разоткриен гревот, Давид го напишал 51. Псалм. Во него кажал што му лежело на срце, откривајќи колку длабоко се кае. Со своите гревови Давид го презрел Јехова. Но, штом овој покајнички цар почувствувал големо олеснување поради тоа што Бог му простил, можел да му рече на Јехова: „Срце скршено и здробено, о Боже, нема да презреш“ (Псалм 51:17). Ова се едни од најутешните зборови кои може да ги чуе грешникот што се кае и бара милост од Јехова.
[Фуснота]
a Да му се зготви на гостинот јадење од овчо месо било чин на гостопримство. Но, да се украде овца било престап, и таа требало да се надомести четирикратно (2. Мојсеева 22:1). Во очите на Давид, богатиот човек постапил безмилосно со тоа што му ја зел на сиромавиот овцата и така го лишил од животното што можеби го снабдувало неговото семејство со млеко и волна, па дури и му било потребно за да оформи стадо овци.