Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се бориш со негативните чувства?

Како да се бориш со негативните чувства?

Како да се бориш со негативните чувства?

ДАЛИ некогаш се бориш со негативни чувства? Всушност, секој води таква борба. Нашево време е полно со економски проблеми, насилство и големи неправди. Не изненадува што безброј луѓе ги обзема несовладлива тага, претерано чувство на вина и силно чувство на безвредност.

Овие чувства можат да бидат опасни. Може да ни ја поткопаат самодовербата, да ни ја парализираат способноста логично да размислуваме и да ни ја одземат радоста. Во Библијата пишува: „Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе ослаби твојата сила“ (Изреки 24:10). За да издржиме во ова тешко време, потребна ни е сета наша сила и енергија. Затоа, многу е важно да ги држиме под контрола негативните чувства. a

Библијата ни открива некои ефикасни начини да се одбраниме од негативните чувства. Јехова Бог, кој го создал и го одржува животот, не сака никој од нас да потклекне на очајот или на безнадежноста (Псалм 36:9). Затоа, да разгледаме три начини на кои неговата Реч може да ни помогне да се бориме со негативните чувства.

Не заборавај дека Бог е заинтересиран за тебе

Некои луѓе мислат дека Бог е премногу зафатен со други работи за да обрне внимание на нивните чувства. Дали и ти го мислиш истото? Меѓутоа, Библијата нѐ уверува дека на нашиот Творец му е важно како се чувствуваме. Псалмистот рекол: „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“ (Псалм 34:18). Колку е утешна мислата дека Севишниот, кој е семоќен, е близу до нас кога ни е тешко!

Бог не е бесчувствителен и незаинтересиран. Во Библијата пишува дека „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Тој ги сака луѓето и сочувствува со оние што страдаат. На пример, кога Израелците биле робови во Египет пред околу 3.500 години, тој рекол: „Ја видов неволјата на мојот народ во Египет, чув како се жалат од оние што ги тераат на работа и добро ги знам нивните болки. Затоа слегов да ги избавам“ (2. Мојсеева 3:7, 8).

Бог добро ја знае нашата емоционална градба. Впрочем, ‚тој нѐ направил, а не ние самите‘ (Псалм 100:3). Затоа, дури и кога ни се чини дека другите луѓе не нѐ разбираат, можеме да бидеме уверени дека Бог нѐ разбира. Во Библијата пишува: „Бог не го гледа она што го гледа човекот, зашто човекот го гледа она што го гледаат очите, а Јехова го гледа она што е во срцето“ (1. Самоилова 16:7). За Бог не се тајна дури ни нашите најдлабоки чувства.

Се разбира, Јехова ги гледа и нашите грешки и маани. Но, можеме да бидеме благодарни што нашиот Создател со љубов ни простува. Библискиот писател Давид, воден од светиот дух, рекол: „Како што е таткото милосрден кон своите синови така Јехова е милосрден кон оние што се бојат од него. Зашто, тој добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:13, 14). Бог нѐ гледа онака како што можеби и ние самите не се гледаме. Кога се каеме за нашите гревови, тој го бара доброто во нас и не мисли на лошото (Псалм 139:1-3, 23, 24).

Затоа, ако нѐ тиштат чувства на безвредност, треба да бидеме решени да се бориме против нив. Не смееме да заборавиме како нѐ гледа Бог! (1. Јованово 3:20).

Стекни блиско пријателство со Бог

Како ќе ни помогне тоа што ќе гледаме на себе онака како што нѐ гледа Бог? Ќе ни биде полесно да го направиме следниот чекор во борбата против негативните чувства — да станеме блиски пријатели со Бог. Дали е тоа навистина можно?

Како грижлив Татко, Јехова Бог многу сака да стекнеме блиско пријателство со него. Библијата нѐ поттикнува: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8). Ова е една зачудувачка вистина: Иако сме слаби и грешни, можеме да изградиме блиско пријателство со Севишниот владетел на вселената.

Бог ни се открил преку Библијата за да го запознаеме како личност. Ако ја читаме редовно, можеме да ги дознаеме убавите особини на Бог. b Додека размислуваме за она што сме го научиле, ќе стануваме сѐ поблиски со Јехова. Појасно ќе го гледаме таков каков што е — како нежен, сочувствителен Татко.

Има уште една корист од тоа што длабоко ќе размислуваме за она што го читаме во Библијата. Ќе се зближиме со нашиот небесен Татко ако го полниме нашиот ум и срце со неговите мисли кои нѐ исправаат, тешат и водат во животот. Особено треба да го правиме тоа кога се бориме со мисли и чувства што нѐ измачуваат и нѐ вознемируваат. Псалмистот рекол: „Кога ќе се соберат грижи во моето срце, Твоите утехи ми ја веселат душата“ (Псалм 94:19, Превод на д-р Д. Х. Константинов). Божјата Реч може многу да нѐ утеши. Ако понизно ја прифатиме Божјата порака на вистината, може да откриеме дека нашите негативни чувства малку по малку се повлекуваат и се заменуваат со утехата и мирот што може да ни ги даде само Бог. Така, Јехова нѐ теши како што еден нежен родител го теши своето повредено или исплашено дете.

Друга работа што ќе ни помогне да станеме Божји пријатели е редовно да зборуваме со него. Библијата нѐ уверува дека „што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јованово 5:14). Сите стравови и грижи што ги имаме, можеме да му ги кажеме на Бог во молитва барајќи да ни помогне. Ако му го отвориме срцето, ќе почувствуваме душевен мир. Апостол Павле напишал: „Во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7).

Ако редовно ја читаш Библијата, длабоко размислуваш за неа и искрено се молиш, ќе увидиш дека постепено се зближуваш со твојот небесен Татко. Тоа пријателство е силно оружје против негативните чувства. Што друго може да ти помогне?

Мисли на сигурната надеж за иднината

Дури и во најтешките моменти, можеме да мислиме на убави работи. Како? Бог ни дава една сигурна надеж за иднината. Апостол Павле покажал во што се состои таа прекрасна надеж кога рекол: „Но според [Божјето] ветување очекуваме нови небеса и нова земја во кои ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:13). Што значи тоа?

Изразот „нови небеса“ се однесува на една влада — Божјето небесно Царство на чие чело е Исус Христос. „Нова земја“ се однесува на едно ново човечко општество овде на Земјата, кое му служи на Бог. Кога ќе владеат ‚новите небеса‘, во новото општество на Земјата нема да постои ниедна работа што создава негативни чувства. Во врска со верните луѓе што ќе живеат во тоа време, Библијата нѐ уверува дека Бог „ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:4).

Сигурно ќе се согласиш дека ова се убави и охрабрувачки мисли. Затоа, кога во Библијата се зборува за иднината што Бог им ја обезбедил на вистинските христијани, се вели дека таа е „прекрасна надеж“ (Тит 2:13). Кога размислуваме за Божјите ветувања за иднината — и за причините зошто тие ветувања сигурно ќе се исполнат — ги растеруваме негативните мисли (Филипјаните 4:8).

Библијата ја споредува нашата надеж за спасение со шлем (1. Солуњаните 5:8). Во старо време, еден војник не би се осмелил да оди во битка без шлем. Знаел дека тој ќе ублажи многу удари и од него ќе се одбијат многу стрели. Како што шлемот ја штити главата, така надежта го штити умот. Ако размислуваме за работите што ни влеваат надеж, ќе се заштитиме од негативните, песимистички мисли што ни предизвикуваат страв.

Значи, можно е да се избориме со негативните чувства. И ти можеш да ја добиеш таа битка! Размислувај за тоа како гледа Бог на тебе, зближи се со него и мисли на надежта за иднината. Така можеш да бидеш сигурен дека ќе го дочекаш денот кога негативните чувства ќе исчезнат засекогаш! (Псалм 37:29).

[Фусноти]

a Оние што се борат со долготрајна или тешка депресија можеби ќе треба да се обратат кај медицинско лице (Матеј 9:12).

b Во Стражарска кула од 1 август 2009 год. е даден еден практичен и корисен распоред за читање на Библијата.

[Истакната мисла на страница 19]

„Добро ги знам нивните болки“ (2. МОЈСЕЕВА 3:7, 8)

[Истакната мисла на страница 20]

„Кога ќе се соберат грижи во моето срце, Твоите утехи ми ја веселат душата“ (ПСАЛМ 94:19, ПРЕВОД НА Д-Р Д. Х. КОНСТАНТИНОВ)

[Истакната мисла на страница 21]

„Мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум“ (ФИЛИПЈАНИТЕ 4:7)

[Рамка/слика на страници 20 и 21]

Стихови за Јехова Бог кои ни даваат утеха

„Јехова! Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина“ (2. МОЈСЕЕВА 34:6)

„Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. ЛЕТОПИСИ 16:9)

„Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“ (ПСАЛМ 34:18)

„Ти, Јехова, си добар и спремен да простиш“ (ПСАЛМ 86:5)

„Јехова е добар кон сите и неговото милосрдие почива над сите негови суштества“ (ПСАЛМ 145:9)

„Јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата и ти велам: ‚Не плаши се! Јас ќе ти помогнам‘“ (ИСАИЈА 41:13)

„Нека е благословен... Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 1:3)

„Ќе го увериме своето срце дека тој нѐ сака, ако тоа нѐ осудува за што и да било, бидејќи Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ“ (1. ЈОВАНОВО 3:19, 20)

[Рамка/слики на страница 22]

Тие успешно се борат со негативните чувства

„Татко ми е алкохоличар и многу страдам поради тоа. Откако знам за себе, ме измачуваат чувства на безвредност. Но, кога почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, дознав дека Бог ветил вечен живот на Земјата. Таа надеж ме исполни со радост. Почнав редовно да ја читам Библијата. Секогаш имам Библија крај себе. Кога ќе ме притиснат негативни чувства, почнувам да читам утешни стихови од неа. Кога читам за Божјите убави особини, се уверувам дека сум многу скапоцена во негови очи“ (Катја, 33 години). c

„Бев зависник од алкохол, марихуана, кокаин, крек кокаин и дував лепак. Бидејќи изгубив речиси сѐ, станав просјак. Но, откако почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, животот ми се смени од корен. Го запознав Бог како личност. Иако сѐ уште морам да се борам со чувства на вина и безвредност, научив да имам доверба во Божјата милост и доброта. Уверен сум дека Бог и понатаму ќе ми дава сила да се борам со негативните чувства. Најубавото нешто што ми се случило досега е тоа што ја дознав вистината од Библијата“ (Ренато, 37 години).

„Уште од мала се споредував со мојот постар брат. Секогаш имав чувство дека вредам помалку од него. Сѐ уште се борам со силни чувства на несигурност и немам доволно самодоверба. Но, решена сум да ја добијам таа битка. Постојано го молам Јехова, и тој ми помага да ги совладам чувствата на безвредност. Ме теши мислата дека Бог навистина ме сака и се грижи за мене!“ (Роберта, 45 години).

[Фуснота]

c Некои имиња се сменети.