Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

6. Ќе помогне ли молитвата?

6. Ќе помогне ли молитвата?

6. Ќе помогне ли молитвата?

ДАЛИ има некаква полза од молитвите? Библијата покажува дека е така, дека молитвите навистина им помагаат на верните Божји слуги (Лука 22:40; Јаков 5:13). Всушност, молитвата може многу да ни помогне — во духовен, емоционален, па дури и во физички поглед. Како?

Па, да речеме дека имаш дете што добило подарок. Дали ќе го научиш дека е доволно само да чувствува благодарност? Или ќе го поучиш и да покажува благодарност? Кога длабоките чувства ќе ги преточиме во зборови, тие добиваат поголемо значење и стануваат посилни. Дали истото важи и кога зборуваме со Бог? Секако! Да спомнеме неколку примери.

Молитви на благодарност. Кога му се заблагодаруваме на нашиот Татко за убавите работи што ни се случуваат, вниманието ни е свртено кон нашите благослови. Како резултат на тоа, се чувствуваме поблагодарни, посреќни и попозитивни (Филипјаните 4:6).

Пример: Исус покажал благодарност за начинот на кој неговиот Татко ги чул и одговорил на неговите молитви (Јован 11:41).

Молитви за простување. Кога го молиме Бог да ни прости, ја изоструваме нашата совест, му покажуваме колку многу се каеме и стануваме посвесни за сериозноста на гревот. Исто така, наоѓаме олеснување од чувството на вина.

Пример: Давид во молитва го искажал своето каење и својот јад (Псалм 51).

Молитви за водство и мудрост. Кога го молиме Јехова да нѐ води или да ни ја даде мудроста што ни е потребна за да донесуваме добри одлуки, тоа ни помага да бидеме навистина понизни. Ваквите молитви може да нѐ потсетат на нашите ограничувања и да ни помогнат да си ја зајакнеме довербата во нашиот небесен Татко (Изреки 3:5, 6).

Пример: Соломон понизно барал водство и мудрост за да може да владее со Израел (1. Царевите 3:5-12).

Молитви кога ни е тешко. Ако му го излееме срцето на Бог кога сме вознемирени, ќе почувствуваме големо олеснување и ќе се потпреме на Јехова наместо на себе (Псалм 62:8).

Пример: Цар Аса се молел кога пред себе имал еден посилен непријател (2. Летописи 14:11).

Молитви за доброто на другите. Таквите молитви ни помагаат да се бориме против себичноста, да ги разбереме другите и да бидеме посочувствителни.

Пример: Исус се молел за своите следбеници (Јован 17:9-17).

Молитви на фалба. Кога го фалиме Јехова за неговите прекрасни дела и особини, се зголемува нашата почит и ценење кон него. Освен тоа, таквите молитви можат да ни помогнат да станеме поблиски со нашиот Бог и Татко.

Пример: Давид искрено го фалел Бог за сѐ што создал (Псалм 8).

Друг благослов поврзан со молитвата е „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Филипјаните 4:7). Да се биде спокоен во овој немирен свет е навистина редок благослов. Тоа е добро дури и за нашето физичко здравје (Изреки 14:30). Но, дали благословот доаѓа само како резултат на нашите напори? Или е вклучено нешто поважно?

[Истакната мисла на страница 10]

Молитвата може многу да ни помогне — во духовен, емоционален, па дури и во физички поглед