Дали луѓето во библиски времиња живееле толку долго?
Дали луѓето во библиски времиња живееле толку долго?
ЖАН ЛУИЗ КАЛМАН умрела на 4 август 1997 год. во своето родно место во југоисточна Франција. Имала 122 години!
Благодарение на напредокот во науката, медицината и на други полиња, денес животниот век на луѓето е подолг. Сепак, малкумина доживуваат или живеат повеќе од 100 години. Можеби тоа е една причина зошто понекогаш се придава толкав публицитет кога некој ќе дочека длабока старост, како што било случај со госпоѓа Калман.
Од Библијата дознаваме дека во минатото луѓето живееле многу подолго, во некои случаи дури и до илјада години. Дали тоа е точно и реално? Дали луѓето во библиски времиња навистина живееле толку долго? Зошто е важно да го знаеме тоа?
Луѓе што живееле многу долго
Во библиската книга 1. Мојсеева се спомнуваат седум души што живееле подолго од 900 години. Сите тие се родиле пред Потопот во времето на Ное. Нивните имиња се: Адам, Сет, Енос, Кенан, Јаред, Метузалем и Ное (1. Мојсеева 5:5-27; 9:29). Повеќето луѓе денес можеби не чуле за сите тие личности, кои живееле меѓу првите десет поколенија од човечката историја. Метузалем е познат по тоа што живеел најдолго — неверојатни 969 години!
Библијата спомнува уште најмалку 25 лица што живееле подолго од кој и да е друг човек денес. Некои од нив достигнале старост од 300, 400, па дури и над 700 години (1. Мојсеева 5:28-31; 11:10-25). Но, повеќето луѓе сметаат дека библиските извештаи за лица што живееле толку долго се само обични бајки. Дали е навистина така?
Бајки или веродостојни извештаи?
Според еден документ што го издаде институтот за демографска статистика Макс Планк во Германија, истражувачите
ја утврдиле возраста на госпоѓа Калман на темел на некои нејзини „едноставни изјави што можат да се проверат“. Тие се однесувале на неа или на нејзините роднини во времето кога се случиле извесни настани. Потоа, она што го рекла било споредено со информации потврдени со граѓански, нотарски и црковни досиеја, како и со статии од весници и со пописи на населението. Интересно е што, иако не било возможно да се провери секој детаљ, со достапните докази директно или индиректно се потврдила должината на нејзиниот живот.Што да речеме за извештаите од Библијата? Дали можеме да имаме доверба во нив? Секако дека можеме! Иако световните извори не ги потврдиле сите детали, доказите секогаш одново покажуваат дека она што е запишано во Библијата е точно од историска, научна и хронолошка гледна точка. a Тоа не треба воопшто да нѐ изненади, бидејќи во неа пишува: „Бог нека се покаже вистинит, а секој човек лажливец“ (Римјаните 3:4). Значи, како книга што е ‚вдахновена од Бог‘, Библијата не содржи никакви измислици (2. Тимотеј 3:16).
Мојсеј, кој бил воден од Јехова Бог да ги напише првите пет книги од Светото писмо, мора да се вброи меѓу највлијателните и најпочитувани луѓе во човечката историја. Евреите го сметаат за најголем од сите нивни учители. За муслиманите тој е еден од најголемите пророци. А за христијаните, пак, Мојсеј е претходник на Исус Христос. Дали би било разумно да заклучиме дека не треба да имаме доверба во она што го напишала една толку важна историска личност?
Дали времето се мерело поинаку?
Некои велат дека во тие денови времето се мерело поинаку и дека она што се нарекува година било, всушност, месец. Меѓутоа, една анализа на извештајот од 1. Мојсеева не остава место за сомнеж дека тогаш луѓето имале ист концепт за времето како денес. Да наведеме два примера. Во извештајот за Потопот читаме дека поплавата почнала кога Ное имал 600 години, односно „во вториот месец, на седумнаесеттиот ден од тој месец“. Потоа пишува дека водите ја покривале Земјата 150 дена и дека ‚во седмиот месец, на седумнаесеттиот ден од тој месец, арката запрела на Араратските Планини‘ (1. Мојсеева 7:11, 24; 8:4). Значи, за периодот од пет месеци — од 17-тиот ден од вториот месец до 17-тиот ден од седмиот месец од таа година — се вели дека траел 150 дена. Според тоа, нема никаква основа да се тврди дека она што се нарекува година било, всушност, месец.
Да го наведеме и вториот пример. Според 1. Мојсеева 5:15-18, на Малелеил му се родил син кога имал 65 години, а потоа живеел уште 830 години и умрел на возраст од 895 години. И неговиот внук Енох имал 65 години кога му се родил син (1. Мојсеева 5:21). Ако една година навистина траела еден месец, тогаш тоа би значело дека овие двајца мажи станале татковци кога имале само 5 години! Дали тоа е логично?
И археологијата игра важна улога, бидејќи го поткрепува она што го вели Библијата за луѓето кои живееле многу долго. На пример, во Библијата пишува дека Авраам бил од градот Ур, дека подоцна се населил во градот Харан, а потоа во областа Ханаан. Исто така, се борел со Ходолгомор, царот на Елам, и го поразил (1. Мојсеева 11:31; 12:5; 14:13-17). Ископувањата потврдиле дека тие места и тие луѓе навистина постоеле. Археологијата открила и многу поединости за земјите и обичаите на луѓето што се спомнуваат во поврзаност со Авраам. Бидејќи она што е запишано во Библијата во врска со Авраам е точно, тогаш зошто би го доведувале во прашање фактот дека живеел 175 години? (1. Мојсеева 25:7).
Значи, немаме никаква причина да се сомневаме во она што го вели Библијата за необично долгиот живот на некои луѓе во старо време. Но, можеби ќе се прашаш:
‚Зошто е важно да знам дали тие луѓе навистина живееле толку долго?‘Можеш да живееш подолго отколку што мислиш!
Необично долгиот животен век на луѓето пред Потопот докажува дека човечкото тело има неверојатен потенцијал. Современата технологија им овозможила на научниците подетално да го испитаат човечкото тело и неговата чудесна градба, вклучувајќи ја и извонредната способност самото да се обновува. До каков заклучок дошле? Дека телото може да живее бесконечно долго. Професорот по медицина Том Кирквуд вели: „[Стареењето] останува една од најголемите загатки на медицината“.
Но, за Јехова Бог стареењето не е ниту загатка ниту проблем што не може да се реши. Тој го создал првиот човек, Адам, како совршено суштество и имал намера луѓето да живеат вечно. За жал, Адам не му останал верен на Бог. Направил грев и станал несовршен. Одговорот што го бараат научниците лежи во следниве зборови: „Како што преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Луѓето денес се разболуваат, стареат и умираат поради гревот и несовршенството.
Меѓутоа, намерата на нашиот грижлив Творец не се променила. Како силен доказ за тоа, Јехова ја обезбедил откупната жртва на својот Син, Исус Христос, која ќе овозможи луѓето да станат совршени и да живеат вечно. Во Библијата пишува: „Како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе оживеат“ (1. Коринќаните 15:22). Луѓето пред Потопот биле поблиску до совршенството отколку ние денес и затоа живееле долго — многу подолго од нас. Но, денес ние сме поблиску до времето кога ќе се исполни она што го ветил Бог. Наскоро, сите траги од гревот и од несовршенството ќе бидат избришани и луѓето нема да се разболуваат, да стареат и да умираат (Исаија 33:24; Тит 1:2).
Како можеш да добиеш такви благослови? Немој да си мислиш дека тоа што го ветил Бог е само сон. Исус рекол: „Кој ја слуша мојата реч и му верува на оној што ме испрати, има вечен живот“ (Јован 5:24). Затоа, дознај што вели Библијата и применувај го тоа. Така ќе се угледаш на луѓето за кои Павле рекол дека „го собираат она богатство што е добар темел за иднината, за да го освојат вистинскиот живот“ (1. Тимотеј 6:19). Биди уверен дека истиот Бог што овозможил луѓето спомнати во Библијата да живеат толку долго, може да ти овозможи да живееш вечно!
[Фуснота]
a Нешто повеќе во врска со ова можеш да прочиташ во книгата Библијата — Реч Божја или човечка?, издадена од Јеховините сведоци.
[Графикон на страница 12]
(Види во публикацијата)
1000*
969* МЕТУЗАЛЕМ
950* НОЕ
930* АДАМ
900*
800*
700*
600*
500*
400*
300*
200*
100* ЧОВЕКОТ ДЕНЕС
*СТАРОСТ