Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Каде се наоѓа рајот што се спомнува во Библијата?

Каде се наоѓа рајот што се спомнува во Библијата?

Читателите прашуваат...

Каде се наоѓа рајот што се спомнува во Библијата?

▪ На еден човек што храбро покажал вера додека умирал, Исус му ветил: „Ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:43). Каде ќе биде тој човек? Дали рајот е на небото, на Земјата или на некое друго место каде што луѓето чекаат да им се изрече пресуда?

Во минатото, нашите прародители живееле во рај. Библијата ни кажува: „Јехова Бог насади и градина во Еден, кон исток, и таму го смести човекот што го беше направил. И Јехова Бог го зеде човекот и го смести во градината Еден за да ја обработува и да се грижи за неа“ (1. Мојсеева 2:8, 15). Кога тие зборови биле преведени на грчки јазик, зборот „градина“ бил наречен „рај“.

Исто како што една брачна двојка си го проширува домот кога ќе имаат повеќе деца, така и од нашите прародители се очекувало да го прошират рајот надвор од границите на еденската градина кога ќе се зголемел бројот на луѓе. Бог им рекол: „Наполнете ја земјата и потчинете ја“ (1. Мојсеева 1:28).

Значи, намерата на нашиот Творец била луѓето да живеат и да имаат деца во рај овде, на Земјата. Тие ќе живееле вечно на Земјата, каде што немало да има потреба од гробишта. Таа требало засекогаш да им биде дом. Не е чудо што природните убавини на нашата планета нѐ исполнуваат со восхит! Човекот бил создаден за да живее во прекрасни услови на Земјата.

Дали Божјата намера се променила? Не. Јехова нѐ уверува: „Така ќе се исполни мојата реч што излегува од мојата уста. Нема да се врати кај мене без плод, туку ќе го направи она што го сакам“ (Исаија 55:11). Повеќе од 3.000 години по создавањето на човекот, во Библијата било запишано дека „оној што ја обликува и ја направи земјата... не ја создаде залудно, туку ја обликува за да биде населена“ (Исаија 45:18). Божјата волја не се променила. Земјата навистина ќе стане рај.

Интересно е што во многу библиски стихови во кои се зборува за рајот, дадени се описи на животот на Земјата. На пример, едно пророштво на Исаија гласи: „Тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род“ (Исаија 65:21). Каде се градат куќи и каде се садат лозја? Каде се јадат плодови? На Земјата. Во Изреки 2:21 јасно е речено: „Праведниците ќе живеат на земјата“.

И Христос зборувал за рај на Земјата. Точно е дека ветил и небесен рај, но тоа ветување важи само за мал број луѓе што се избрани (Лука 12:32). По смртта, тие воскреснуваат во небесен рај и заедно со Христос ќе владеат над Земјата (Откровение 5:10; 14:1-3). Овие небесни совладетели ќе се погрижат сѐ во рајот на Земјата да биде во склад со Божјите мерила.

Исус знаел каква била Божјата намера со оваа планета. Тој бил на небото со својот Татко кога била создадена еденската градина. Сите што во денешно време покажуваат вера, еден ден ќе можат да живеат во рај на Земјата (Јован 3:16). За нив важи ветувањето на Исус: „Ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:43).

[Извор на слика на страница 25]

© FORGET Patrick/SAGAPHOTO.COM/Alamy