Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Покажи обѕир кон самохраните родители

Покажи обѕир кон самохраните родители

Покажи обѕир кон самохраните родители

РЕТКО кој друг треба да вложува толку време и напори како самохраните родители. Тие наидуваат на безброј предизвици додека ги исполнуваат многубројните одговорности во семејството. Освен тоа што треба да одат на работа, треба и да пазаруваат, да готват, да чистат и да ги воспитуваат децата. Исто така, треба да се грижат за здравјето и рекреацијата на децата, да им даваат емоционална поддршка, а ако е можно, да најдат и некоја минута слободно време за себе.

Иако денес бројот на семејства со еден родител постојано расте, лесно може да се случи да ги запоставиме. Една мајка искрено рекла: „Сѐ додека и самата не станав самохран родител, не размислував како им е на таквите семејства“. Што можеш да направиш за да покажеш обѕир кон родителите кои сами ги подигаат своите деца? Треба ли да мислиш на нив? Да разгледаме од кои три причини треба да обрнеме внимание на нивните потреби.

Зошто да покажуваме обѕир

Многу самохрани родители сакаат да им се помогне. Една вдовица со две деца, која има 41 година, рекла: „Понекогаш не знам што е најмудро да направам и се чувствувам притисната од многуте одговорности што ги имам“. Откако сопружникот ќе им почине, ќе ги напушти или, пак, ќе се најдат во други тешки околности, многу родители може да се чувствуваат како една мајка, која рекла: „Молиме за помош, која очајно ни е потребна!“

Кога помагаш, и ти си посреќен. Дали некогаш си му помогнал некому да носи товар што бил претежок за него? Тогаш веројатно си се чувствувал задоволен затоа што си му ја дал потребната помош. Слично на тоа, самохраните родители носат товар што понекогаш може да биде претежок за нив. Ако им се најдеш кога им е потребна твојата помош, ќе ја почувствуваш на своја кожа вистинитоста на зборовите запишани во Псалм 41:1: „Среќен е оној што постапува обѕирно со бедниот“.

Тоа го радува Бог. Во Јаков 1:27 пишува: „Почитувањето кое е чисто и неизвалкано пред нашиот Бог и Татко е ова: да се грижиш за сираците и за вдовиците во нивната неволја“. Тоа вклучува да им се обрне внимание на самохраните родители. a Во Евреите 13:16 пишува: „Не заборавајте да правите добро и да делите со другите, зашто со таквите жртви му се угодува на Бог“.

Имајќи ги на ум овие три причини зошто да покажуваме обѕир кон самохраните родители, да видиме што можеш ти да направиш за нив и како може твојата помош да им ја олесни ситуацијата.

Забележи што им е потребно

На прв поглед можеби изгледа дека најлесно е директно да го прашаш самохраниот родител: „Како да ти помогнам?“ Но, реалноста е дека ретко се случува некој слободно да ти каже што му треба. Како што спомнавме, во Псалм 41:1 сме поттикнати да ‚постапуваме обѕирно‘. Во еден речник е објаснето дека хебрејскиот збор што е употребен овде може да значи „процес на размислување со кој темелно се средуваат мислите за да може да се постапува мудро“.

Значи, за да го најдеш најдобриот начин да помогнеш, треба сериозно да размислиш за проблемите со кои се соочува еден самохран родител. Наместо само површно да гледаш на ситуацијата, внимателно набљудувај. Прашај се: ‚Да бев јас на негово или нејзино место, што ќе ми помогнеше?‘ Се разбира, многу самохрани родители ќе ти кажат дека, колку и да се обидуваш, никогаш нема да можеш потполно да сфатиш како им е сѐ додека не се најдеш во истата ситуација. Сепак, ако се потрудиш да се ставиш во нивна кожа, ќе ти биде полесно да ‚постапуваш обѕирно‘ со самохраните родители.

Следи го совршениот пример на Бог

Никој не се грижи за самохраните родители подобро и со поголема љубов од Јехова Бог. Во многу библиски стихови се нагласени обѕирот и грижата што Јехова Бог ги покажува кон вдовиците и децата без татко, што значи и кон самохраните родители. Ако сфатиме како Бог се грижи за потребите на таквите лица, ќе научиме многу за тоа како да им помогнеме. Да спомнеме четири битни работи.

Внимателно слушај

Во законот што им го дал на древните Израелци, Јехова рекол дека ‚сигурно ќе го чуе викот‘ на оние што се во незавидна ситуација (2. Мојсеева 22:22, 23). Како да се угледаш на тој убав пример? Самохраните родители честопати се борат со силни чувства на осаменост бидејќи им недостига разговор со возрасна личност. „Кога ќе си легнат децата, понекогаш не можам да престанам да плачам“, рекла една самохрана мајка. „На моменти ми се чини дека не можам повеќе да ја поднесам осаменоста.“ Ако е на место, можеш ли ‚да го чуеш викот‘ на самохраниот родител што има потреба да си ги каже чувствата? Доколку го направиш тоа во соодветни околности и како што доликува, многу ќе му помогнеш да се носи со предизвиците што ги има како самохран родител.

Охрабрувај со зборови

Јехова го водел пишувањето на светите песни, или псалми, што Израелците требало да ги пеат додека му служеле. Замисли си колку биле охрабрени вдовиците и децата без татко кога ги пееле песните кои ги потсетувале дека Јехова им е „татко“ и „судија“ и дека ќе им помага (Псалм 68:5; 146:9). И ние можеме да користиме охрабрувачки зборови што самохраниот родител никогаш нема да ги заборави. Иако поминале 20 години, на Рут, која е самохрана мајка, сѐ уште ѝ навираат пријатни чувства кога ќе се сети што ѝ рекол еден искусен татко: „Навистина многу добро ги воспитуваш твоите два сина. Само продолжи така“. Рут раскажува: „Тие зборови многу ми помогнаа“. Значи, „љубезните зборови се добар лек“ и можат да ги охрабрат самохраните родители повеќе отколку што сме свесни (Изреки 15:4, Contemporary English Version). Можеш ли да се сетиш на некоја работа за која искрено можеш да го пофалиш самохраниот родител?

Кога е потребно, помогни материјално

Законот што Јехова му го дал на древниот Израел вклучувал прописи според кои вдовиците и децата без татко можеле да дојдат до храна без да се чувствуваат понижени. На тој начин тие имале доволно „да јадат... и да се наситат“ (5. Мојсеева 24:19-21; 26:12, 13). И ние можеме дискретно и со почит да им помогнеме материјално на семејствата со еден родител. Би можел ли да им зготвиш или да им купиш нешто за јадење? Имаш ли облека што би можеле да ја носат самохраниот родител или неговите деца? Би можел ли да им помогнеш финансиски за да го купат она што им е потребно?

Дружи се со нив

Јехова заповедал вдовиците и децата без татко да присуствуваат на годишните празници за да се дружат со другите Израелци. Всушност, им било речено: „Радувајте се“ (5. Мојсеева 16:10-15). Слично и денес, христијаните се опоменати ‚гостољубиво да се примаат еден со друг‘ и радосно да се дружат (1. Петрово 4:9). Тогаш, зошто не поканиш на оброк некое семејство со еден родител? Не мора да подготвиш кој знае што. „Малку е потребно, или само едно“, рекол Исус кога отишол кај своите пријатели (Лука 10:42).

Твојата обѕирност нема да се заборави

Кетлин, која сама ги одгледала своите три деца, вели дека никогаш нема да го заборави мудриот совет: „Не очекувај ништо, а биди благодарен за сѐ“. Следејќи го нејзиниот пример, многу самохрани родители се свесни дека тие лично се одговорни за подигањето на своите деца. Затоа, не очекуваат другите да го прават за нив она што мора тие сами да го направат. Сепак, сигурно се благодарни за секоја помош што ќе ја добијат. Ако покажеш обѕир кон самохраните родители, многу ќе им помогнеш и ќе бидеш радосен. Имај доверба дека Јехова Бог ‚ќе ти плати за твоите дела‘ (Изреки 19:17).

[Фуснота]

a Иако во Библијата го нема изразот „самохран родител“, често се користат зборовите „вдовица“ и „дете без татко“. Тоа покажува дека дури и во библиски времиња имало самохрани родители (Исаија 1:17).

[Слика на страница 24]

Кога последен пат си поканил на оброк некое семејство со еден родител? Можеш ли тоа да го направиш што поскоро?