Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Бог навистина се грижи за тебе?

Дали Бог навистина се грижи за тебе?

Дали Бог навистина се грижи за тебе?

СЕ ЧУВСТВУВАШ ЛИ сакан? Или понекогаш ти се чини дека никому не му е грижа за тебе? Во овој себичен свет во кој сѐ се одвива со брзо темпо, лесно е човек да си помисли дека е премногу безначаен за да има некаква вредност или за некој да му обрне внимание. Како што е проречено во Библијата, мнозина денес се толку преокупирани со себеси што повеќе не се интересираат за другите (2. Тимотеј 3:1, 2).

Без оглед на возраста, културата, јазикот или расата, сите луѓе имаат длабоко вкоренета потреба да сакаат и да бидат сакани. Според некои извештаи, нашиот нервен систем има неверојатна способност да чувствува љубов и нежност. Јехова Бог, оној што нѐ создал, разбира подобро од кој и да е друг дека имаме потреба да бидеме сакани и ценети. Како би се чувствувал ако те увери дека си му многу мил? Сигурно дека тоа многу би ти значело. Можеме ли да бидеме сигурни дека Јехова е заинтересиран за нас, несовршените луѓе? Дали се интересира за секој свој слуга лично? Како може некој да му стане мил на Бог?

Јехова се грижи за нас

Пред околу 3.000 години, еден богобојазлив псалмист бил исполнет со страхопочит додека во ноќите го гледал прекрасното небо распослано со ѕвезди. Тој воопшто не се сомневал во бескрајната величественост на Оној што ги создал безбројните ѕвезди. Кога размислувал за тоа колку е возвишен Јехова и колку е безначаен човекот, псалмистот се воодушевил од љубовта и грижата што ги покажува Јехова кон нас. Затоа рекол: „Кога ги гледам небесата твои, дело на твоите прсти, месечината и ѕвездите што си ги направил — што е смртниот човек, па да мислиш на него, и земниот човек, па да се грижиш за него?“ (Псалм 8:3, 4). Би било лесно да се заклучи дека Севишниот е премногу далеку или премногу зафатен за да им обрне внимание на несовршените луѓе. Сепак, псалмистот знаел дека, и покрај тоа што ние сме безначајни и кратковечни во споредба со Бог, човекот е вреден во негови очи.

Еден друг псалмист бил уверен во следново: „Јеховина радост се оние што се бојат од него, оние што ја чекаат неговата милост“ (Псалм 147:11). Мислата што е изразена во двата псалма е многу трогателна. Иако Јехова е недостижно возвишен, тој не само што мисли на луѓето туку и ‚се грижи‘ за нив и ‚им се радува‘.

Тоа е нагласено и во едно библиско пророштво каде што се опишани настани кои се случуваат во нашево време. Преку пророкот Агеј, Јехова покажал дека низ целиот свет ќе се проповеда добрата вест за Божјето Царство. Со каков резултат? „Ќе дојдат скапоценостите од сите народи, и ќе го наполнам овој дом со слава“ (Агеј 2:7).

Кои се тие ‚скапоцености‘ што се собираат од сите народи? Не би рекле дека станува збор за материјални скапоцености (Агеј 2:8). Она што навистина го радува Јеховиното срце не се среброто или златото. Тој им се радува на луѓето кои, и покрај тоа што се несовршени, му служат од љубов (Изреки 27:11). Тие се „скапоценостите“ што му носат слава. Бог многу ја цени нивната длабока оддаденост и ревносна служба. Дали и ти си меѓу тие скапоцености?

Можеби ќе ни се чини неверојатна мислата дека несовршените луѓе можат да бидат скапоцени во очите на Големиот Творец на вселената. Сепак, тоа е вистина, и таа мисла треба да нѐ мотивира да ја прифатиме неговата срдечна покана да му се приближиме (Исаија 55:6; Јаков 4:8).

„Ти си Божји љубимец“

Кога бил во длабока старост, на пророкот Даниел му се случило нешто необично. Додека се молел една вечер, неочекувано му дошол еден значаен посетител. Се викал Гавриел. Даниел веќе се имал сретнато со него и знаел дека е Јеховин ангел. Гавриел му ја објаснил причината зошто дошол така ненадејно: „Даниеле, дојдов за да спознаеш сѐ и да разбереш... Зашто ти си Божји љубимец“ (Даниел 9:21-23).

И во една друга прилика, еден Јеховин ангел му се обратил на Даниел со зборовите: „Даниеле, љубимецу Божји“. Потоа, за да го зајакне, ангелот му рекол: „Не плаши се, љубимецу Божји! Имај мир!“ (Даниел 10:11, 19). На Даниел трипати му било речено дека е „љубимец“. Изворниот хебрејски збор преведен со „љубимец“ може да значи и „многу мил“, „многу почитуван“, „омилен“.

Се разбира, Даниел веќе се чувствувал близок со својот Бог и сигурно му било јасно дека Јехова ја прифаќа неговата верна служба. Но, тој збор со кој преку ангелите-гласници Бог го уверил во својата голема љубов, сигурно многу го успокоил. Ништо чудно што Даниел одговорил: „Ме зајакна“ (Даниел 10:19).

Трогателниот извештај за Јеховините нежни чувства кон овој верен пророк е запишан во Божјата Реч за наша корист (Римјаните 15:4). Ако размислиме подлабоко за примерот на Даниел, ќе сфатиме зошто некој може да му биде толку мил на нашиот небесен Татко.

Редовно проучувај ја Божјата Реч

Даниел темелно го проучувал Светото писмо. Тоа го знаеме од зборовите што самиот ги напишал: „Го разбрав од книгите бројот на годините кои... требаше да се навршат над опустошениот Ерусалим“ (Даниел 9:2). Во тоа време веројатно ги имал вдахновените списи на Мојсеј, Давид, Соломон, Исаија, Еремија, Езекиел и други пророци. Можеме да си го замислиме Даниел со многубројните свитоци распослани околу него, потполно задлабочен во читањето и споредувањето на пророштвата поврзани со обновата на обожавањето на вистинскиот Бог во Ерусалим. Без да му пречи некој, веројатно во својата таванска соба, длабоко размислувал за значењето на тие библиски стихови. Таквото темелно проучување ја зајакнало неговата вера и го зближило со Јехова.

Освен тоа, проучувањето на Божјата Реч ја обликувало неговата личност и влијаело врз целиот негов живот. Библиските поуки што ги добил во детството сигурно му помогнале како млад човек цврсто да се држи за прописите за исхрана од Божјиот закон што важеле во тоа време (Даниел 1:8). Подоцна, бестрашно им ја објавувал Божјата порака на вавилонските владетели (Изреки 29:25; Даниел 4:19-25; 5:22-28). Бил познат по својата трудољубивост, чесност и доверливост (Даниел 6:4). Што е уште поважно, наместо да направи сѐ за да си го спаси животот, Даниел покажал потполна доверба во Јехова (Изреки 3:5, 6; Даниел 6:23). Не е ништо чудно што му бил ‚љубимец‘ на Бог!

Нам денес ни е полесно да ја проучуваме Библијата отколку што му било на Даниел. Наместо гломазни свитоци, денес имаме книги. Ја имаме и целата Библија, во која е вклучен извештајот за тоа како се исполниле некои пророштва што ги запишал Даниел. Исто така, имаме доволно публикации што ни помагаат да ја проучуваме Библијата и да истражуваме. * Дали вешто ги користиш? Дали редовно одвојуваш време да ја читаш Библијата и да размислуваш за она што ќе го прочиташ? Ако е така, тогаш тоа ќе влијае врз тебе исто како што влијаело врз Даниел. Ќе изградиш цврста вера и ќе станеш уште поблизок со Јехова. Божјата Реч ќе ти биде сигурен водич во животот и постојано ќе те уверува дека Бог те сака и се грижи за тебе.

Истрај во молитвата

Даниел бил човек што многу се молел. Тој го молел Бог за исправни работи. Како млад човек, се соочил со опасноста да биде погубен ако не му го протолкува сонот на цар Навуходоносор. Без да се двоуми, горливо го молел Јехова да му помогне и да го заштити (Даниел 2:17, 18). Со години подоцна, свесен дека е само несовршен човек, овој верен пророк го признал својот грев, како и гревот на својот народ, и го молел Јехова за прошка (Даниел 9:3-6, 20). Кога не ги разбирал работите што му биле кажани преку светиот дух, Даниел барал помош од Бог. Во една прилика, ангелот што отишол кај него за да му каже уште некои работи, потврдил: „Твоите зборови беа услишени“ (Даниел 10:12).

Но, во своите молитви до Бог, верниот Даниел не изнесувал само барања. Во Даниел 6:10 пишува дека ‚по трипати на ден го молел и го фалел својот Бог, како што го правел тоа редовно‘. Даниел наоѓал многу причини редовно да му благодари на Јехова и да го фали. Да, молитвата заземала важно место во неговото обожавање на Бог, и тоа толку важно што не можел да се откаже од неа дури ни по цена на својот живот. Сигурно дека поради својата постојаност му бил многу мил на Јехова.

Колку прекрасен дар е молитвата! Не дозволувај да помине ниту еден ден без да зборуваш со твојот небесен Татко. Не заборавај да му се заблагодариш и да го фалиш за сите добрини. Слободно искажи му ги грижите и проблемите што те мачат. Размислувај за тоа како ги исполнил твоите барања или молби и кажи му колку си му благодарен. Одвој си доволно време за да се молиш. Кога така му го отвораме срцето на Јехова, ја чувствуваме неговата љубов на посебен начин. Колку силна причина ‚да истраеме во молитвата‘! (Римјаните 12:12).

Прослави го Јеховиното име

Ниедно пријателство не може да опстане ако еден од пријателите мисли само на себе. Истото важи и за нашиот однос со Јехова. Даниел го знаел тоа. Размисли колку бил заинтересиран да го прослави Јеховиното име.

Кога Бог му одговорил на молитвата со тоа што му го открил сонот на Навуходоносор и неговото значење, Даниел рекол: „Нека е благословено Божјето име од века и до века, бидејќи негови се мудроста и моќта!“ Подоцна, кога му го толкувал на Навуходоносор сонот, Даниел постојано му оддавал признание на Јехова, нагласувајќи дека само тој „ги открива тајните“. Исто така, кога се молел за простување и избавување, Даниел велел: „Боже мој... твојот град и твојот народ го носат твоето име“ (Даниел 2:20, 28; 9:19).

Можеме многу да се угледаме на Даниел во поглед на молитвата. Кога се молиме, можеме да кажеме колку ни е важно ‚да се свети Божјето име‘ (Матеј 6:9, 10). Никогаш не би сакале поради нашето однесување да му се нанесе срам на Јеховиното свето име. Наместо тоа, секогаш да го славиме Јехова со тоа што ќе им ја кажуваме на другите добрата вест за неговото Царство.

Се разбира, во светот љубовта сѐ повеќе исчезнува и луѓето сѐ помалку се грижат за другите. Меѓутоа, може многу да нѐ утеши мислата дека Јехова се грижи за секој свој слуга. Како што рекол псалмистот: „Јехова му се радува на својот народ. Ги украсува кротките со спасение“ (Псалм 149:4).

[Фуснота]

^ пас. 18 Јеховините сведоци издаваат многу публикации што ќе ти помогнат да истражуваш за да можеш да извлечеш поголема корист од читањето и проучувањето на Библијата. Ако сакаш да ги добиеш, слободно побарај ги од нив.

[Истакната мисла на страница 21]

Бог покажал колку го сака Даниел со тоа што го испратил ангелот Гавриел да го зајакне

[Истакната мисла на страница 23]

Даниел длабоко проучувал и се молел, па затоа станал подобра личност и му бил мил на Бог