Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Сети се на мене по добро, Боже мој!“

„Сети се на мене по добро, Боже мој!“

Приближи му се на Бог

„Сети се на мене по добро, Боже мој!“

„МИСЛЕВ дека Јехова, кој толку добро ме познава, никогаш нема да ме сака и никогаш нема да ме прифати.“ Ова го напишала една верна христијанка која се борела со чувства на ниска вредност. Дали и ти некогаш си се чувствувал така, мислејќи дека не заслужуваш Бог ни да те погледне, а камоли да ти обрне внимание? Ако да, зборовите од Неемија 13:31 можат многу да те охрабрат.

Неемија бил управител на Евреите во 5 век пр.н.е. и давал сѐ од себе за да му угоди на Бог. Тој предводел во обновувањето на ѕидовите на Ерусалим, иако непријателите жестокото се противеле. Го спроведувал Божјиот закон, се грижел за угнетените и се трудел да им ја зајакне верата на Израелците. Дали Бог ги забележал добрите дела на овој верен човек? Дали Неемија ја имал наклоноста од Јехова? Одговорот на овие прашања ќе го дознаеме од зборовите со кои завршува книгата што го носи неговото име.

Неемија се молел: „Сети се на мене по добро, Боже мој!“ * Дали се плашел дека Бог нема да ги забележи неговите добри дела или, пак, дека ќе го заборави? Не. Тој добро знаел што рекле библиските писатели за тоа колку е заинтересиран Јехова за своите верни слуги и за добрите работи што ги прават (2. Мојсеева 32:32, 33; Псалм 56:8). Тогаш, зошто ги кажал овие зборови? Во еден речник пишува дека хебрејскиот израз што е преведен како „се сеќава“ значи „нешто на кое мислиме со љубов, како и постапката што следи откако ќе помислиме на тоа“. Со целосна доверба во моќта на молитвата, Неемија барал од Бог со љубов да се сети на него и да го благослови (Неемија 2:4).

Дали Јехова ќе ја услиши молитвата на Неемија да се сети на него? На еден начин тој веќе ја услишил. Дозволил да се запише молитвата на Неемија и да биде дел од вдахновеното Свето писмо, што ни покажува дека со љубов се сеќава на него. Но, ‚оној што ги слуша молитвите‘ ќе направи и нешто повеќе за Неемија, кој од дното на душата му ги упатил тие молби (Псалм 65:2).

Јехова допрва ќе го награди Неемија за сѐ што направил за обожавањето на вистинскиот Бог (Евреите 11:6). Во праведниот нов свет што го ветил, Јехова ќе го благослови со тоа што ќе го воскресне од мртвите * (2. Петрово 3:13; Откровение 21:3, 4). Тогаш Неемија ќе може да живее вечно во рај на Земјата и ќе се увери дека Јехова навистина се сетил на него по добро.

Молитвата на Неемија потврдува колку се точни зборовите на Давид: „Ти, Јехова, ќе го благословиш праведникот. Како со голем штит ќе го закрилиш со својата милост“ (Псалм 5:12). Да, Бог ги забележува и ги цени нашите искрени напори да му угодиме. Сѐ додека верно му служиш, биди уверен дека тој со љубов ќе се сеќава на тебе и богато ќе те награди.

Читање на Библијата во февруари:

Неемија 1-13

[Фусноти]

^ пас. 3 Во оваа библиска книга, Неемија четири пати го молел Бог да ги благослови неговите верни дела. Ова е последната таква молба (Неемија 5:19; 13:14, 22, 31).

^ пас. 5 Нешто повеќе за Божјата намера со верните луѓе на Земјата можеш да прочиташ во поглавја 3 и 7 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.