Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Боите и ткаенините во библиски времиња

Боите и ткаенините во библиски времиња

Боите и ткаенините во библиски времиња

ВО БИБЛИЈАТА често се спомнуваат различни стилови на облекување, бои и материјали од кои била направена облеката на луѓето што живееле пред многу векови.

Се разбира, целта на Библијата не е да ги опише модните стилови. Сепак, деталите што се спомнуваат во библиските извештаи ни помагаат живо да си ги претставиме настаните што ги читаме.

На пример, во неа читаме што направиле Адам и Ева за да ја покријат својата голотија — споиле лисја од смоква со кои си ги препашале колковите. Меѓутоа, Бог им дал други облеки — поиздржливи „долги облеки од кожа“ (1. Мојсеева 3:7, 21).

Исто така, во 2. Мојсеева поглавја 28 и 39 детално е опишано како изгледала одеждата што ја носел првосвештеникот во Израел. Таа се состоела од ленена долна облека, бела долга кошула, исткаен појас, сина туника без ракави, везен ефод и наградник, како и турбан со блескава златна плочка. Дури и самиот опис за тоа како биле искомбинирани многуте скапоцени материјали од кои била направена таа одежда ни помага да си замислиме колку убаво мора да изгледала (2. Мојсеева 39:1-5, 22-29).

Облеката на пророкот Илија била толку карактеристична што луѓето брзо го препознавале по описот на неговиот изглед: „Имаше наметка од влакна и кожен појас опашан околу половината“. Стотици години подоцна, некои луѓе си помислиле дека Јован Крстител е Илија, веројатно делумно затоа што носеле слична облека (2. Царевите 1:8; Матеј 3:4; Јован 1:21).

Ткаенините и боите. На многу места во Библијата можеме да прочитаме какви материјали се користеле за изработка на облека, какви бои и кои средства за боење се употребувале, и дека се предело, ткаело и шиело. * Најчесто се спомнуваат волната од домашни животни и платното што се добивало од ленот. За Авел пишува дека ‚чувал овци‘ (1. Мојсеева 4:2). Библијата не кажува дали Авел ги чувал овците заради волната. Финиот лен за првпат се спомнува во Библијата во 18 век пр.н.е., кога фараонот му ја облекол наметката на Јосиф (1. Мојсеева 41:42). Иако во неа не пишува дека за изработка на облека Евреите употребувале памук, тој уште од стари времиња се користел во земјите на Блискиот Исток.

И од ленот и од волната се добивале тенки влакна што се усукувале заедно за да се направат конци со различна дебелина. Од тие конци се ткаеле парчиња ткаенина. Конците и исткаеното платно се боеле во најразлични бои. Потоа, ткаенината се сечела по мерка на тој што требало да ја носи. Делови од облеката честопати се украсувале со вез, а во нив можело и да се вткајат конци во различни бои. Тоа многу го разубавувало нејзиниот изглед и ја зголемувало нејзината вредност (Судиите 5:30).

Во Библијата често се спомнува дека ткаенините биле боени со сина, пурпурна и црвена боја. На Израелците им било заповедано ‚над ресите на скутот да ставаат сина врвца‘ за да не заборават дека се во посебен однос со својот Бог, Јехова (4. Мојсеева 15:38-40). Хебрејските зборови текелет, нијанса на сина боја, и аргаман, кој обично се преведува како „пурпурна боја“, се боите во кои била направена облеката на првосвештеникот и другите украсни предмети во светиот шатор и во храмот.

Предметите во светиот шатор и во храмот. Во светиот шатор кој бил подигнат во пустината, а подоцна и во храмот во Ерусалим, Израелците го обожавале Бог. Затоа е сосема разбирливо што во Библијата се дадени многу детали за изработката на светиот шатор и на храмот и за изгледот на предметите што се наоѓале во нив. Освен што прецизно ги опишува материјалите и боите, таа содржи и детали во врска со ткаењето, боењето, шиењето и везењето на покривките и завесите.

Под водство на светиот дух, вештите мајстори Веселеил и Олијав, како и други мажи и жени, верно извршиле една посебна задача со тоа што направиле шатор за состаноци кој бил соодветен за во него да се обожава Јехова (2. Мојсеева 35:30-35). Во 26. поглавје од 2. Мојсеева, материјалите и изградбата на сите делови на светиот шатор се опишани во најситни детали. На пример, огромните и разнобојни платна на шаторот биле исткаени „од фин испреден лен, сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна и светлоцрвен материјал“. Повеќето од овие материјали Израелците најверојатно ги понеле со себе кога излегувале од Египет. Со посебно внимание била изработена тешката завеса на која биле извезени фигури на херувими и која ја одделувала „Светињата од Светињата над светињите“ во внатрешниот дел од шаторот (2. Мојсеева 26:1, 31-33). Слични детални упатства им дал цар Соломон на оние што биле задолжени да ги изработат ткаенините за храмот во Ерусалим (2. Летописи 2:1, 7).

Од деталите што се запишани во Библијата можеме да видиме дека древните Евреи покажале голема иницијатива и досетливост при користењето на материјалите што постоеле во тоа време. Од тие детали не добиваме слика за едно општество што едвај опстанувало и во кое луѓето носеле еднолични облеки од обични ткаенини, туку слика за народ што носел интересни стилови и облеки во живописни бои погодни за секакви пригоди, во зависност од годишното време и можностите на секое домаќинство.

Библијата ни кажува дека на Израелците им била дадена добра земја, ‚земја во која течеле мед и млеко‘ (2. Мојсеева 3:8; 5. Мојсеева 26:9, 15). Кога му служеле на Јехова, го имале неговиот благослов. Животот им бил убав, а луѓето биле среќни и задоволни. На пример, Библијата ни кажува: „Луѓето во Јуда и во Израел живееја без страв, секој под својата лоза и под својата смоква, од Дан до Вирсавеја, во сите денови на [цар] Соломон“ (1. Царевите 4:25).

[Фуснота]

^ пас. 7 Повеќе детали за овие постапки можеш да прочиташ во додатните рамки.

[Рамка/слики на страници 26 и 27]

Волна и лен

Во библиски времиња, овците се чувале главно заради млекото и волната. Само од неколку овци, сточарот добивал доволно волна за да го облече своето семејство. Ако имал многу овци, можел да им го продаде вишокот волна на локалните произведувачи на ткаенини. Некои градови и села имале свои текстилни здруженија. Уште од стари времиња, овците се стрижеле секоја година (1. Мојсеева 31:19; 38:13; 1. Самоилова 25:4, 11).

Лененото платно, кое многу се користело за изработка на облека, се правело од влакната на ленот (2. Мојсеева 9:31). Растението се собирало кога ќе станело зрело. Стебленцето се оставало да се исуши на сонце, а потоа се накиснувало во вода за да омекнат потврдите делови. По сушењето, растението се чукало, влакната се одвојувале, или сортирале, и се пределе во конци за ткаење. Членовите на царското семејство и високите службеници најмногу сакале да носат ленена облека.

[Слика]

Исушен лен пред да се накисне

[Рамка/слика на страница 27]

Предење

Само едно влакно — од лен, волна или коза — е претенко и прекусо за да се употреби за нешто. Затоа, повеќе такви влакна се испреплетуваат, односно се предат, за да се добие конец, или предиво со саканата дебелина и должина. За ‚вредната жена‘, Библијата вели: „Рацете ги протега кон фурката, во рацете свои го држи вретеното“ (Изреки 31:10, 19). Со овие зборови, всушност, е опишан процесот на предење со фурка и вретено, кои во основа претставуваат две едноставни стапчиња.

Во едната рака жената ја држи фурката, околу која лабаво се намотани влакната. Со другата рака повлекува неколку влакна и ги сука во конец, кој го прикачува за една кука, или вдлабнатина на едниот крај од вретеното. На другиот крај од вретеното има тешка плочка со кружна форма, која служи како замаец. Кога жената го пушта вретеното да виси и потоа го завртува, почнува да ги преде влакната во конец со потребната дебелина. Испредениот конец се намотува околу оската на вретеното, како на калем, и процесот одново се повторува додека сите влакна на фурката не станат еден долг конец, подготвен за боење или ткаење.

[Рамка/слики на страници 28 и 29]

Боење

Откако ќе се испреде и ќе се исчисти, волнениот и ленениот конец — или исткаеното платно — се бојат во најразлични бои. Ако ткаенината се потопи неколкупати во бојата, се добива потемна нијанса. Бидејќи бојата е скапа, вишокот се исцедува од ткаенината за повторно да се употреби откако материјалот ќе се извади од бурето. Избоената ткаенина потоа се распостила за да се исуши.

Бидејќи во тоа време немало синтетички бои, луѓето пронашле начин трајно да ги бојат ткаенините во зачудувачки голем број бои и нијанси од животинско и растително потекло. На пример, жолтата боја се правела од бадемови цветови и од кората на калинката, а црната боја се добивала од кората на дрвото на калинката. Црвената боја се вадела од корените на растението броќ или од хермесните инсекти. Сината боја доаѓала од цветот индиго. Со комбинирање на пигментите од различните видови на школката мурекс можеле да се добијат неколку бои и нијанси, од пурпурната што ја носеле царевите, до сината и темноцрвената боја.

Колку морски школки биле потребни за да се избои едно парче облека? Една школка излачува толку мало количество пигмент што, според едно истражување, биле потребни околу 10.000 школки за да се избои една облека или наметка во темноцрвена боја, соодветно наречена царски пурпур. Се вели дека, за време на владеењето на вавилонскиот цар Набонид, волната во пурпурна боја била 40 пати поскапа од волната во други бои. Со оглед на тоа што градот Тир бил надалеку прочуен по производството на оваа скапа боја, таа станала позната како тирски пурпур.

[Слики]

Черупка од морска школка

Буре за бојадисување во пурпурна боја од 2 или 3 век пр.н.е., пронајден во Тел Дор (Израел)

[Извор на слика]

Проектот во Тел Дор

[Рамка/слика на страница 29]

Ткаење

Разбојот се користи за да се исткае предивото во ткаенина со саканите димензии, од која потоа се шие облека и се изработуваат други предмети. Основата на ткаенината е збир на паралелно поставени предива по нејзината должина. Друго предиво, наречено јаток, минува под и над основните предива и се движи по ширината на ткаенината.

Разбојот во библиски времиња имал или хоризонтална рамка, поставена на подот, или висока, вертикална рамка. На вертикалните рамки понекогаш се прикачувале тегови на долните краеви на предивото што ја сочинува основата на ткаенината. Вакви тегови се пронајдени на многу археолошки наоѓалишта во Израел.

Ткаењето обично било домашна работа, но имало и цели села што се занимавале со овој занает. На пример, во 1. Коринќаните 4:21 се спомнуваат „семејствата на изработувачите на фино платно“, очигледно затоа што професионално се занимавале со таа работа.

[Слика на страници 26 и 27]

„Сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна“ (2. Мојсеева 26:1)