Европскиот суд го признава правото на приговор на совеста
ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ во светот се познати по тоа што не се мешаат во политика и не заземаат страни во војните. Тие цврсто веруваат дека треба да ги „прековаат своите мечеви во плугови“ и ‚повеќе да не учат да војуваат‘ (Исаија 2:4). Сепак, не им се мешаат во одлуката на оние што сакаат да служат војска. Но, што ако совеста на еден Сведок не му дозволува да служи војска, а земјата во која живее го обврзува на тоа? Во таква ситуација се најде младиот Вахан Бајатјан.
Настани кои водеа до правна битка на Европскиот суд
Вахан е роден во Ерменија во април 1983 год. Во 1996 год., тој и други членови од неговата фамилија почнале да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. Кога имал 16 години, Вахан се крстил. Поради тоа што ја проучувал Библијата, стекнал големо ценење за учењата на Исус Христос, вклучувајќи ја и заповедта што им ја дал Исус на своите ученици — да не земаат оружје в рака (Матеј 26:52). Значи, само кратко време откако се крстил, Вахан се нашол пред важна одлука во животот.
Според законот на Ерменија, воената служба е задолжителна за мажите што имаат 18 години. Ако одбијат да одат во војска, можат да добијат затворска казна и до три години. Вахан немал ништо против да извршува служби за доброто на своите сограѓани. Сепак, во исто време не сакал да ја погази својата совест, која била обликувана според Библијата. Што направил?
Во 2001 год., штом се утврдило дека е способен за воена служба, Вахан почнал писмено да им се обраќа на властите во Ерменија. Во писмата навел дека со воената служба би ги погазил својата совест и своите верски убедувања. Но, ставил до знаење дека е спремен да извршува цивилна служба наместо да оди во војска.
Повеќе од една година Вахан продолжил да поднесува барања до властите да му го признаат правото да одбие воена
служба поради приговор на совеста. Меѓутоа, во септември 2002 год., Вахан бил уапсен, а подоцна бил обвинет за избегнување регрутација. Бил осуден на 18 месеци затвор. Но, обвинителот не бил задоволен со таа казна. Само еден месец по пресудата, тој поднел жалба до апелациониот суд, со која барал построга казна. Образложил дека тоа што Вахан одбил да служи војска од верски причини е „неосновано и опасно“. Апелациониот суд ја усвоил жалбата на обвинителот и му ја зголемил казната на Вахан на 30 месеци затвор.Вахан ја обжалил оваа пресуда до највисокиот суд на Ерменија. Во јануари 2003 год., Врховниот суд ја потврдил одлуката на апелациониот суд. Вахан веднаш бил одведен в затвор за да почне да ја издржува казната меѓу убијци, дилери на дрога и силувачи.
Пред Европскиот суд
Од 2001 год., Ерменија е членка на Советот на Европа. Според тоа, нејзините државјани имаат право да се жалат до Европскиот суд за човекови права откако претходно ќе ги исцрпат сите правни механизми во својата држава. Вахан одлучил да го искористи тоа свое право. Во жалбата образложил дека неговите верски убедувања, поради кои одбива да служи војска, се заштитени со Член 9 од Европската конвенција за човекови права. Побарал врз основа на тој член да му биде признаено правото на приговор на совеста — нешто што никогаш претходно не било земено како валиден аргумент.
На 27 октомври 2009 год., Европскиот суд донел пресуда. Судот одлучил дека, во врска со овој правен случај, правото на приговор на совеста за кое станува збор во Член 9 од Европската конвенција не ги штити правата на оние кои поради приговор на совеста одбиваат да служат војска.
Во тоа време Вахан веќе бил на слобода, се оженил и имал мало дете. Бил разочаран од пресудата. Морал да реши дали да ја прифати одлуката или да се жали до Големиот совет на Европскиот суд за човекови права. Одлучил да ја продолжи својата правна битка. Големиот совет прифаќа само исклучителни случаи, па затоа Вахан многу се израдувал кога советот одлучил да го разгледа неговиот случај.
Конечно, на 7 јули 2011 год., во Стразбур (Франција) Големиот совет на Европскиот суд изрече пресуда. Судот ја донесе својата одлука со 16 гласа за и 1 глас против. Според одлуката, Ерменија го прекршила правото на приговор на совеста
на Вахан Бајатјан кога го обвинила и го осудила заради тоа што одбил да служи војска. Само ерменскиот судија гласаше против.Зошто е значајна оваа одлука? Затоа што за првпат во историјата на Европскиот суд за човекови права, одбивањето да се служи војска поради приговор на совеста беше потполно заштитено со Член 9 од Конвенцијата. Судот сметаше дека, ако се казнуваат со затвор оние што одбиваат да служат војска поради приговор на совеста, се прекршуваат основните права во едно демократско општество.
Судот го кажа следново за ставот на Јеховините сведоци како лица што имаат приговор на совеста: „Судот нема причина да се сомнева дека лицето што поднесе жалба одбива да служи војска од верски причини, за кои цврсто се држи и кои се во сериозна и остра спротивност со неговата обврска да служи војска“.
Реакцијата на одлуката
Во изминатите две децении, во Ерменија беа осудени повеќе од 450 Јеховини сведоци поради приговор на совеста. Во периодот кога се подготвуваше оваа статија, во таа земја 58 млади мажи лежеа в затвор затоа што совеста им налагаше да одбијат да служат војска од верски причини. Пет од нив беа затворени откако беше донесена значајната одлука во случајот Бајатјан против Ерменија. * Во еден од тие случаи, кога еден млад човек поднесе молба во која бараше обвинителот да ја прекине постапката што се води против него како лице што одбива да служи војска заради совеста, обвинителот ја одби молбата. Во неговиот писмен одговор стоеше: „Пресудата на Европскиот суд во случајот Бајатјан против Ерменија, со датум од 7 јули 2011 год., не може да се примени во овој случај бидејќи е очигледно дека меѓу двата случаја нема никаква поврзаност“.
Зошто обвинителот имал таков став? Кога бил обвинет Вахан Бајатјан, сѐ уште не била воведена цивилна наместо воена служба. Владата на Ерменија тврди дека оттогаш донела закон со кој се воведува цивилна служба за оние што ја одбиваат воената обврска. Меѓутоа, овој закон е под надлежност на воените власти и не им оди во прилог на мнозина од оние што се регрутирани за воена служба а се изјаснуваат како лица со приговор на совеста.
Вахан Бајатјан е задоволен од значајната одлука што беше донесена во негова корист. Сега таа пресуда ја обврзува Ерменија да престане кривично да ги гони и да ги затвора лицата чии длабоко всадени верски убедувања не им дозволуваат да одат во војска.
Јеховините сведоци немаат намера да спроведуваат реформи во правниот систем на некоја држава. Меѓутоа, исто како што направил младиот Вахан Бајатјан, настојуваат да си ги остварат правата кои им се загарантирани со законите што постојат во нивните земји. Зошто? За да продолжат да живеат мирољубиво и слободно да можат да им бидат послушни на сите заповеди на нивниот Водач, Исус Христос.
^ пас. 17 Две лица беа осудени на 7 јули 2011 год., истиот ден кога Европскиот суд изрече пресуда.