Трето прашање: Зошто Бог дозволува да страдам?
ТАТКО МУ на Јан бил тежок алкохоличар. Иако додека растел Јан бил згрижен во материјален поглед, ја немал емоционалната поддршка што копнеел да ја добие од својот татко. „Немав речиси никакви чувства кон него, главно затоа што пиеше и лошо постапуваше со мајка ми“, вели Јан. Кога пораснал, почнал да се прашува дали постои Бог. Јан размислувал: „Ако постои Бог, зошто дозволува луѓето да страдаат?“
Зошто да си го поставиме ова прашање?
Дури и ако во животот немаш многу проблеми, твоето чувство за правда може да биде повредено кога ќе видиш како страдаат невини луѓе. Но, прашањето за тоа зошто луѓето страдаат добива посебно значење ако и ти, исто како Јан, лично си погоден од некоја неволја или ако некој од твоите најблиски се разболи или умре.
Каков одговор даваат некои?
Некои мислат дека Бог ги допушта страдањата за да нѐ научи да бидеме понизни и сочувствителни. Други сметаат дека луѓето страдаат во овој живот за гревовите што ги направиле во некој претходен живот.
Што би значеле тие одговори?
Бог е бесчувствителен на човечкото страдање и затоа е тешко да го сакаме. Бог е суров.
Што вели Библијата?
Библијата отворено покажува дека Бог не е виновен за страдањата на луѓето. „Никој, кога ќе се најде во искушение, нека не вели: ‚Бог ме искушува‘. Зашто, Бог не може да се искуша со зло, а и тој никого не искушува со зло“ (Јаков 1:13). Всушност, идејата дека Бог е виновен за страдањата не е во склад со начинот на кој е опишан во Библијата. Како тоа?
Една од главните особини на Бог е љубовта (1. Јованово 4:8). За да го нагласи тоа, Библијата ни открива дека Бог има чувства слични на една мајка. „Може ли жена да го заборави своето доенче и да не му се смилува на синот на својата утроба?“, прашува Бог. „Ако таа и го заборави него, јас нема да те заборавам тебе“ (Исаија 49:15). Можеш ли да си замислиш една грижлива мајка намерно да го повредува своето дете? Напротив, еден родител што си го сака детето би направил сѐ за да му го олесни страдањето. Слично на тоа, ниту Бог не ги предизвикува страдањата на невините луѓе (1. Мојсеева 18:25).
Сепак, факт е дека страдаат невини луѓе. Затоа, можеби се прашуваш: ‚Ако Бог е заинтересиран за нас и ако е семоќен, зошто не ги отстрани сите причини за страдањата?‘
Има добри причини зошто Бог засега и понатаму ги допушта страдањата. Да спомнеме само една: Честопати луѓето се тие што им предизвикуваат страдања на другите. Многу од оние што им нанесуваат болка на другите не сакаат да се променат. Значи, Бог мора да ги уништи таквите луѓе за да отстрани една од главните причини за страдањата.
Еве на кој начин апостол Петар објаснил зошто Бог сѐ уште не ги уништил оние што прават лошо: „Јехова не доцни со исполнувањето на своето ветување, како што некои мислат дека доцни, туку е стрплив со вас бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9). Стрпливоста на Јехова Бог е израз на неговата љубов и милост.
Меѓутоа, наскоро Јехова Бог ќе ги преземе работите во свои раце. Тој ќе „им ја врати неволјата на оние што [им] нанесуваат неволја“ на недолжните. Оние што предизвикуваат неправедни страдања „ќе бидат казнети со вечно уништување“ (2. Солуњаните 1:6-9).
Јан, кој беше спомнат во почетокот, нашол задоволувачки одговор на своите прашања за страдањата. Она што го дознал му го сменило животот. Прочитај нешто повеќе за него на 13. страница од ова списание.