Дали природните катастрофи се доказ дека Бог е суров?
ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ: „Бидејќи Бог владее со светот, тој ги предизвикува природните катастрофи. Тоа сигурно значи дека е суров“.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Целиот свет е под власта на Злобниот“ (1. Јованово 5:19). Кој е „Злобниот“? Библијата вели дека тоа е Сатана (Матеј 13:19; Марко 4:15). Дали ваквото тврдење е претерано? Размисли за ова: Ако Сатана владее со светот, тогаш тој ги наведува луѓето да бидат себични, алчни и кусогледи како него. Зар тоа не објаснува зошто човекот не води сметка за планетата Земја? Голем број научници предупредуваат дека уништувањето на природната средина може да биде причина за природните катастрофи, да ги направи уште поразорни или да го зголеми бројот на настрадани.
Тогаш, зошто Бог му дозволува на Сатана да има толкаво влијание? За да дојдеме до одговорот, мора да се вратиме на самиот почеток од човечката историја, кога нашите прародители го отфрлиле Бог како свој владетел. Оттогаш наваму, повеќето луѓе не сакаат Бог да им биде владетел. Со таквиот избор, човештвото се ставило во рацете на Божјиот непријател, Сатана. Затоа, Исус го нарекол Сатана „владетелот на светот“ (Јован 14:30). Но, дали Сатана ќе владее засекогаш? Не!
Јехова * не е бесчувствителен на страдањата што ги предизвикува Сатана. Напротив, Бог е длабоко погоден од човечките страдања. На пример, во Библијата пишува дека, кога Израелците доживувале неволји, Бог ‚чувствувал болка‘ (Исаија 63:9). Бидејќи е милостив, тој наскоро ќе му стави крај на суровото владеење на Сатана. Власта над човештвото Бог му ја дал на својот Син, Исус Христос, кој ќе биде праведен Цар засекогаш.
КАКВА ВРСКА ИМА ОВА СО ТЕБЕ: Сатана како владетел не може да му пружи заштита на човештвото од природните катастрофи, но под власта на Исус ќе нема природни непогоди. Во една прилика, Исус ги спасил своите ученици од силна бура. Во Библијата пишува: „Тој... му се закани на ветрот и му рече на морето: ‚Смири се! Молкни!‘ И ветрот стивна, и настана потполна тишина“. Тогаш, учениците рекле: „Кој е овој кого дури и ветрот и морето го слушаат?“ (Марко 4:37-41). Овој настан нѐ уверува дека, кога ќе владее како Цар, Исус ќе ги заштити сите праведни луѓе (Даниел 7:13, 14).
^ пас. 5 Јехова е името на Бог, кое го дознаваме од Библијата.