Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Војна која го промени светот

Војна која го промени светот

Пред еден век, милиони млади луѓе ги напуштија своите домови и отидоа во војна. Заминаа со голем жар, понесени од бранот на патриотизмот што го зафати целиот свет. Во 1914 год., еден американски војник напиша: „Многу сум радосен и возбуден поради убавите денови што стојат пред нас“.

Сепак, за кратко време нивната одушевеност се претвори во горчина. Никој не предвиде дека огромните војски со години ќе останат заглавени во рововите во Белгија и Франција. Тогаш, оваа војна луѓето ја нарекуваа „Големата војна“. Денес, нам ни е позната како Првата светска војна.

Во оваа војна имаше огромен број загинати и ранети лица. Според некои проценки, животот го изгубија околу 10 милиони, а беа повредени околу 20 милиони лица. Војната беше последица на непромислени и избрзани потези. Политичките водачи во Европа не можеа да спречат затегнатите односи меѓу земјите да доведат до конфликт од светски размери. Што е уште поважно, „Големата војна“ остави трајни лузни врз сите луѓе. Таа го промени светот од корен. Овие промени влијаат и врз нас денес.

ГРЕШКИ КОИ ЈА ПОТКОПАА ДОВЕРБАТА

Првата светска војна изби поради погрешни проценки. Европските водачи беа како „месечари кои, за време на мирното лето во 1914 год., несвесно се спрепнаа на камен што ги одведе во пропаст“ (The Fall of the Dynasties—The Collapse of the Old Order 1905-1922).

За само неколку седмици, убиството на австрискиот надвојвода ги втурна сите големи европски сили во војна, која никој не ја посакуваше. Неколку дена откако започнаа борбите, на германскиот канцелар му беше поставено прашањето: „Како дојде до сето ова?“ Тој со жал одговори: „Ах, барем еден од нас да знаеше!“

Водачите кои ги донесоа кобните одлуки што водеа до војна не ни помислија на последиците. Но, суровата реалност многу брзо ја почувствуваа војниците на бојното поле. Ним им стана јасно како ден дека нивните политичари ги изневерија, нивните свештеници ги измамија и нивните генерали ги предадоа. Како?

Нивните политичари ги изневерија, нивните свештеници ги измамија и нивните генерали ги предадоа

Политичарите ветуваа дека оваа војна ќе го отвори патот за еден нов и подобар свет. Германскиот канцелар тврдеше: „Се бориме за економскиот напредок на нашата земја. Се бориме да ги зачуваме културата и традицијата оставени од нашите предци. Се бориме за нашата иднина“. Американскиот претседател Вудро Вилсон помогна да се создаде познатиот слоган според кој војната требаше да овозможи „демократијата да завладее во светот“. А во Британија, луѓето мислеа дека оваа „војна ќе им стави крај на другите војни“. Но, сите тие беа во заблуда.

Свештениците со голема одушевеност ја поддржаа војната. Во едно дело пишува: „Свештениците кои требаше да поучуваат за Божјата Реч, ги поттикнуваа луѓето да земат оружје в рака. Војната ја разгоре омразата во целиот свет“ (The Columbia History of the World). Наместо да ја смират ситуацијата, свештениците уште повеќе долеваа масло на огнот. „Верските водачи не можеа, а и голем број од нив не сакаа, да ја стават христијанската вера пред љубовта кон татковината“, пишува во книгата A History of Christianity. Во истата книга стои: „Многу свештеници го избраа полесниот начин и го изедначуваа патриотизмот со христијанството. Војниците кои припаѓаа на христијанските религии, беа поттикнувани да се убиваат еден со друг во името на својот Спасител“.

Генералите ветуваа брза и лесна победа, но тоа не се случи. За кратко време, сите војски се најдоа во ќорсокак. Милиони војници го доживеаја она што еден историчар го опишува како „најсуровото физичко и емоционално малтретирање кое луѓето некогаш го претрпеле“. И покрај тешките загуби, генералите продолжија безмилосно да ги фрлаат своите војници пред оградите од бодликава жица и пред непријателските куршуми. Затоа, не е ни чудно што голем број војници отворено одбиваа да ги слушаат наредбите на своите претпоставени.

Како Првата светска војна влијаеше врз општеството? Во едно историско дело се цитирани зборовите на еден воен ветеран кој рекол: „Војната... потполно ги промени размислувањето и однесувањето на една цела генерација“. Во виорот на таа војна исчезнаа цели народи. Овој трагичен судир беше почеток на најкрвавиот век во историјата на човештвото. Револуциите и протестите станаа нормален дел од секојдневното живеење.

Зошто војната го промени светот од корен? Дали таа беше последица на случајна грешка? Дали одговорите на овие прашања можат да ни откријат нешто за иднината?