Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

РАЗГОВОР НА БИБЛИСКИ ТЕМИ

Дали Јеховините сведоци веруваат во Исус?

Дали Јеховините сведоци веруваат во Исус?

Следи типичен разговор на еден Јеховин сведок со некој станар. Да речеме дека Стефан, кој е Јеховин сведок, отишол кај еден човек по име Мартин.

МНОГУ Е ВАЖНО ДА СЕ ВЕРУВА ВО ИСУС

Стефан: Здраво Мартин, како си денес?

Мартин: Добро, фала.

Стефан: Одлично. Ти ги носам најновите броеви на Стражарска кула и Разбудете се! Мислам дека ќе ти бидат интересни. Повели.

Мартин: Фала многу. Убаво што дојде, баш сакав да те прашам нешто.

Стефан: Слободно.

Мартин: Пред некој ден, со еден колега паднавме на муабет за списанијата што ми ги даде. Рече дека тој не ги чита вашите списанија затоа што Јеховините сведоци не веруваат во Исус. Точно ли е тоа? Му реков дека ќе те прашам кога ќе дојдеш.

Стефан: Добро си му рекол. Секогаш е најдобро да добиеш информации од прва рака, нели?

Мартин: Така е.

Стефан: Всушност, ние како Јеховини сведоци веруваме во Исус. И не само што веруваме, туку сметаме дека секој што сака да се спаси, мора да верува во него.

Мартин: Да ти кажам, и јас мислев дека верувате, ама не бев сигурен затоа што не сме разговарале со тебе на таа тема, па колегата малку ме замисли.

Стефан: Ако сакаш, можам да ти прочитам неколку библиски стихови што покажуваат колку е важно да веруваме во Исус.

Мартин: Може. Еве, седни овде.

Стефан: Прво да прочитаме нешто што го кажал лично Исус. Запишано е во Јован 14:6. Додека разговарал со еден од своите апостоли, Исус рекол: „Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене“. Значи, што не би било возможно без помошта од Исус?

Мартин: Да дојдеме кај Таткото.

Стефан: Така е. Тоа значи дека без Исус не можеме да бидеме блиски со неговиот Татко, односно со Бог. Јеховините сведоци цврсто веруваат во тоа. Затоа, секогаш кога го молиме Бог, му се обраќаме во името на Исус.

Мартин: Добро е да го знам ова.

Стефан: Еден друг стих што сакам да ти го покажам е Јован 3:16. Ако сето она што е запишано во Библијата за животот и службата на Исус треба да се каже со два-три збора — тоа ќе бидат овие. Ќе сакаш ли да ги прочиташ?

Мартин: Тука пишува: „Зашто, Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“.

Стефан: Убаво. Дали ти е познат овој библиски стих?

Мартин: Мислам дека го имам слушнато.

Стефан: Супер. Значи, Исус рекол дека благодарение на Божјата љубов, луѓето ќе можат да добијат вечен живот. Но, навел и еден услов за тоа. Како што прочитавме овде, тој рекол дека вечен живот ќе добие секој...

Мартин: ...секој што верува во него.

Стефан: Точно, секој што верува во единородниот Син, Исус Христос. За нас тоа е толку важно што дури го пишува на секое издание од Стражарска кула, списанието што ти го донесов. Во врска со целта со која се издава ова списание, на втората страница стои: „Нѐ поттикнува да веруваме во Исус Христос, кој умрел за да можеме да живееме вечно и кој сега владее како Цар на Божјето Царство“.

Мартин: Како не го знаев ова порано! Само ќе му го отворев списанието на колегата и готово!

Стефан: Еве, сега знаеш.

Мартин: Тогаш, не ми е јасно зошто луѓето велат дека не верувате во Исус?

Стефан: Има повеќе причини за тоа. Некои мислат дека е така затоа што слушнале од други луѓе. Или можеби тоа им го рекле свештениците.

Мартин: А можно е да ги збунува и една друга работа — тоа што се нарекувате Јеховини сведоци, а не, на пример, Исусови сведоци или така нешто.

Стефан: И тоа е можно.

Мартин: Тогаш, зошто толку зборувате за Јехова?

„ИМ ГО ОБЈАВИВ ТВОЕТО ИМЕ“

Стефан: Една причина е тоа што веруваме дека е многу важно да се користи Божјето лично име, Јехова. Истото го мислел и Божјиот Син, Исус. Види, на пример, што рекол тој кога во една прилика му се молел на својот Татко. Тоа е запишано во Јован 17:26. Ќе сакаш ли да прочиташ ти?

Мартин: „И им го објавив твоето име и ќе го објавувам за љубовта со која ме сакаше ти да биде во нив и јас во единство со нив“.

Стефан: Фала. Значи, Исус рекол дека го објавил Божјето име. Што мислиш, зошто го објавил?

Мартин: Хм... не знам.

За да се спасиме, мора да веруваме во Исус

Стефан: Ајде да видиме еден друг стих за да дојдеме до одговорот. Во Дела на апостолите 2:21 читаме: „Секој што ќе го повика името на Јехова, ќе биде спасен“. Тука јасно пишува дека луѓето мора да го повикуваат името Јехова за да се спасат. Сигурно Исус го знаел ова, нели?

Мартин: Би требало.

Стефан: Значи, спасението на неговите следбеници е една причина поради која Исус сметал дека е многу важно тие да го знаат и да го употребуваат Божјето име. А тоа е и една од главните причини зошто ние толку им зборуваме на другите за Јехова. Сметаме дека е многу важно луѓето да го знаат Божјето име за да можат да се спасат.

Мартин: Искрено, не гледам причина зошто мора да го знаеме и да го користиме името на Бог за да бидеме спасени. Се знае, еден е Бог.

Стефан: Можеби. Сепак, Бог ни го кажал своето лично име за да ни биде полесно да се зближиме со него.

Мартин: Како мислиш?

Стефан: Па, на пример, зар мораше да го знаеме личното име на Мојсеј? Можевме едноставно да го знаеме како човекот што ги разделил водите на Црвеното Море или како човекот што ги добил Десетте заповеди. Истото важи и за Ное. За него можело само да се рече дека е човекот што изградил една арка за да го спаси своето семејство и животните. Па дури и Исус Христос можел да биде познат само како човекот што дошол од небото и умрел за нашите гревови, нели?

Мартин: Во право си.

Стефан: Но, Бог сакал да ги знаеме личните имиња на сите тие луѓе. Кога го знаеме името на некој човек, ни станува некако поблизок. Иако никогаш не сме ги сретнале Мојсеј, Ное или Исус, со самото тоа што ги знаеме нивните имиња, тие ни стануваат пореални и поблиски.

Мартин: Никогаш не сум помислил на тоа, ама така е.

Стефан: Тоа е уште една причина зошто Јеховините сведоци толку многу го користат Божјето лично име. Ние сакаме да им помогнеме на луѓето да стекнат вера дека Јехова Бог е вистинска личност со која можат да бидат блиски. Во исто време, свесни сме дека Исус одиграл огромна улога во нашето спасение. Сакам да ти прочитам уште еден стих, ако не те задржувам.

Мартин: Не, во ред е.

Стефан: Пред малку видовме што пишува во Јован 14:6 — дека Исус е „патот и вистината и животот“. Сега да видиме што рекол Исус кратко пред тоа, во Јован 14:1. Ќе сакаш да го прочиташ последниот дел од овој стих?

Мартин: Овде пишува: „Верувајте во Бог и верувајте во мене!“

Стефан: Фала. Дали, според ова, треба да избереме само една од овие две работи — или да веруваме во Исус или да веруваме во Јехова?

Мартин: Не. Исус рекол дека треба да веруваме и во него и во Бог.

Стефан: Токму така. А сигурно се согласуваш и дека не е доволно само да речеме дека имаме вера во Бог и во Исус. Мора и да живееме во склад со она што го зборуваме.

Мартин: Секако.

Стефан: Ама, по што може да се види дали вистински веруваме во Бог и во Исус? За ова може да поразговараме некој друг ден. *

Мартин: Да, може.

Дали имаш прашање за кое сакаш да дознаеш каков одговор дава Библијата? Дали сакаш да дознаеш нешто повеќе за Јеховините сведоци и нивните верувања? Следниот пат кога ќе сретнеш некој од нив, слободно прашај го сѐ што те интересира. Сигурно со задоволство ќе ти одговори.

^ пас. 58 Нешто повеќе можеш да прочиташ во поглавје 12 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.