Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА | МАРИЈА

Го издржала остриот бодеж на тагата

Го издржала остриот бодеж на тагата

МАРИЈА паднала на колена од неопислива болка. По часови измачување, нејзиниот син со силен извик ги изговорил своите последни зборови и издивнал. Тие зборови сѐ уште ѝ одѕвонувале во ушите. Небото се стемнило иако било пладне, а земјата силно се затресла (Матеј 27:45, 51). Можеби Марија си помислила дека Јехова сака да му покаже на светот дека смртта на Исус Христос него го заболела најмногу од сите други.

Кога попладневната светлина почнала да го растерува мракот што го обвивал местото наречено Голгота, или Место на черепите, Марија сѐ уште била таму, скршена од болка (Јован 19:17, 25). Во мислите ѝ се роеле сеќавања. Едно од нив било и она што се случило 33 години претходно. Таа и Јосиф отишле со нивното бебенце во храмот во Ерусалим, каде што бил и еден стар човек по име Симеон. Тој прорекол многу убави работи за Исус, но кажал и дека еден ден Марија ќе се чувствува како душата да ѝ ја прободел меч (Лука 2:25-35). Дури сега, во тој трагичен час, таа почувствувала колку биле точни тие зборови.

Смртта на Исус ја пробола Марија в срце

Смртта на детето е една од најтешките и најболни загуби. Смртта е страшен непријател и на секого од нас му нанесува болка на еден или на друг начин (Римјаните 5:12; 1. Коринќаните 15:26). Може ли да се застане на нозе по толку голема болка? Ако дознаеме нешто повеќе за животот на Марија од моментот кога Исус започнал со својата служба до времето по неговата смрт, ќе видиме како верата ѝ помогнала да ја поднесе жалоста.

„СЀ ШТО ЌЕ ВИ КАЖЕ, НАПРАВЕТЕ“

Да се вратиме три и пол години пред да биде погубен Исус. На Марија ѝ било јасно дека ќе се случи некаква голема промена. Дури и во нивното мало гратче Назарет, меѓу луѓето се зборувало за Јован Крстител, кој го повикувал народот да се покае. Марија можела да забележи дека, за нејзиниот најстар син, веста за Јован имала подлабоко значење. Таа била знак дека требало да започне со својата служба за Бог (Матеј 3:1, 13). Но, отсуството на Исус ќе значело огромна промена за Марија и за нејзиното семејство. Зошто?

Јосиф, сопругот на Марија, најверојатно повеќе не бил жив. Во тој случај, Марија добро знаела што значи да изгубиш некој од најблиските. * Во тоа време, Исус не бил познат само како „синот на дрводелецот“, туку и како „дрводелецот“. Очигледно го наследил занаетот на својот татко и го прехранувал целото семејство, во кое спаѓале уште најмалку шест негови помали браќа и сестри (Матеј 13:55, 56; Марко 6:3). Можеби Исус му го пренесувал занаетот на Јаков, веројатно следниот најстар син. И покрај тоа, за семејството воопшто не би било лесно да замине најстариот син. Марија веќе носела тежок товар. Дали се плашела од една таква промена? Можеби. Како и да е, едно друго прашање е уште поважно: Како ќе реагира кога нејзиниот син, Исус од Назарет, ќе стане Исус Христос, долгоочекуваниот Месија? Библијата ни помага да го дознаеме одговорот (Јован 2:1-12).

Исус отишол кај Јован за да се крсти и оттогаш станал Божји Помазаник, односно Месија (Лука 3:21, 22). Потоа почнал да ги избира своите ученици. Иако морал итно да го изврши своето дело, тој одвојувал време за да биде со семејството и пријателите. Еднаш, заедно со својата мајка, со учениците и со браќата, отишол на една свадба во Кана, ридско гратче оддалечено околу 13 километри од Назарет. За време на прославата, Марија забележала дека нешто се случува. Можеби некои од семејството на домаќините загрижено се погледнувале и си дошепнувале. Им снемало вино! Во тоа време, такво нешто било голем срам за домаќините и можело да ја расипе свеченоста. На Марија ѝ паднало жал за нив и затоа му се обратила на Исус.

„Немаат вино“, му рекла на својот син. Што очекувала да направи тој? Не знаеме. Сепак, била свесна дека нејзиниот син е голем човек кој ќе прави големи работи. Можеби си мислела дека дошло времето да направи чудо. На некој начин како да му рекла: „Сине, направи нешто!“ Одговорот на Исус сигурно ја изненадил. Тој ѝ рекол: „Што имам јас со тоа, жено?“ Овие зборови не значат дека Исус покажал непочитување кон својата мајка, како што тврдат некои. Сепак, неговите зборови содржеле благ прекор. Исус сакал да ја потсети својата мајка дека таа нема никаква улога во начинот на кој ја извршува службата, туку дека тоа право му припаѓа само на неговиот Татко, Јехова.

Марија брзо ги сфаќала работите и била понизна жена, па затоа го прифатила прекорот од својот син. На оние што служеле на свадбата едноставно им рекла: „Сѐ што ќе ви каже, направете“. Марија сфатила дека повеќе не е на место да му кажува на својот син што да прави. Напротив, таа и другите требало да добиваат упатства од него. Меѓутоа, исто како мајка му, Исус бил сочувствителен човек и сфатил во каква ситуација се нашле младоженците. Затоа го направил своето прво чудо, претворајќи ја водата во квалитетно вино. Како резултат на тоа, ‚неговите ученици поверувале во него‘. И Марија поверувала во Исус. За неа тој не бил само нејзин син туку и нејзин Господар и Спасител.

Денес родителите можат да научат многу од верата на Марија. Точно, никој друг немал дете какво што бил Исус. Но, колку и да е несовршено, кога едно дете ќе порасне и ќе стане возрасен човек, промената може да бара од родителите извесни прилагодувања. Можеби тие продолжуваат да се однесуваат со синот или ќерката како да се деца, иако тоа повеќе не е соодветно (1. Коринќаните 13:11). Како може еден родител да им помогне на своите возрасни деца? Еден начин е со тоа што ќе покаже искрена доверба дека неговиот син, или неговата ќерка, ќе продолжи да живее според библиските учења и затоа Јехова ќе го благослови. Ако родителите понизно им зборуваат на своите деца за својата вера и покажуваат доверба во нив, ќе им направат најголемо добро. Без сомнение, на Исус многу му значело тоа што Марија го поддржувала низ годините што следеле.

„НЕГОВИТЕ БРАЌА НЕ ВЕРУВАА ВО НЕГО“

Во евангелијата не читаме многу за животот на Марија во текот на оние три и пол години додека Исус ја извршувал својата служба. Но, да не заборавиме дека најверојатно била вдовица, а освен тоа и самохрана мајка која требало да се грижи за своите деца. Во тој случај, разбирливо е што не можела да оди со Исус додека проповедал низ родната земја (1. Тимотеј 5:8). Сепак, таа продолжила да размислува за духовните вистини што ги дознала за Месијата и да оди во синагогата, како што отсекогаш правело нејзиното семејство (Лука 2:19, 51; 4:16).

Зарем не е логично да заклучиме дека најверојатно и таа била меѓу присутните кога Исус зборувал во синагогата во Назарет? Сигурно била многу возбудена кога нејзиниот син објавил дека вековното пророштво за Месијата се исполнува на него! Од друга страна, колку мора да ја погодило тоа што жителите на Назарет не го прифатиле, па дури и се обиделе да го убијат! (Лука 4:17-30).

Не ѝ било лесно ни кога гледала како реагирале другите нејзини синови на она што го правел Исус. Од Јован 7:5 дознаваме дека четворицата браќа на Исус немале вера како нивната мајка. Таму пишува: „Неговите браќа не веруваа во него“. Исус имал и најмалку две сестри, но Библијата не кажува ништо за нив. * Како и да е, Марија почувствувала колку е тешко да живееш во семејство со различни верски убедувања. Од една страна требало да остане верна на Божјите вистини, а од друга страна не требало сосила да им ги наметнува своите верувања на останатите од семејството и да се расправа со нив.

Еднаш, кога Исус зборувал пред многу луѓе, неколку негови роднини, меѓу кои веројатно биле и неговите браќа, дошле за да го „одведат“ од таму. Всушност, тие рекле дека „се мрднал од умот“ (Марко 3:21, 31). Се разбира, Марија не мислела така. Сепак, и таа била со своите синови, можеби затоа што се надевала дека ќе дознаат нешто што ќе им помогне да имаат поголема вера. Дали тоа се случило? Иако Исус правел дела од кои застанувал здивот и ги поучувал луѓето за прекрасни вистини, другите синови на Марија сѐ уште не верувале во него. Можеби огорчено се прашувала што би можело да ги допре нивните срца.

Дали и во твоето семејство има некој што не му служи на Јехова? Од верата на Марија можеш да научиш многу. Таа не изгубила надеж дека нејзините роднини еден ден ќе поверуваат во Христос. Наместо тоа, оставила да видат колкава радост и мир ѝ носи верата. Од друга страна, на секој можен начин го поддржувала својот верен син. Дали Исус ѝ недостасувал? Дали понекогаш посакувала тој да биде дома со целото семејство? Дури и да било така, не дозволувала чувствата да ја надвладеат. За неа било чест да го храбри и да му помага додека ја врши службата. Можеш ли и ти да им помогнеш на своите деца да го ставаат Бог на прво место во животот?

„МЕЧ ЌЕ ТИ ЈА ПРОБОДЕ ДУШАТА“

Како гледал Јехова на тоа што Марија покажала вера во Исус? Јехова секогаш ги наградува верните, и Марија сигурно не била исклучок (Евреите 11:6). Замисли си како се чувствувала кога го слушала својот син додека поучува или кога другите ѝ го прераскажувале она што го слушнале од него!

Многу од споредбите на Исус покажуваат како го воспитувале Јосиф и Марија

Исус кажувал многу споредби. Дали во нив Марија препознала некои случки од неговото детство? На пример, Исус раскажал за една жена што почнала да ја мете куќата за да ја најде изгубената паричка, за една жена што мелела брашно за да измеси леб и за една жена што запалила светилка и ја ставила на високо место. Додека Марија ги слушала тие споредби, можеби мислите ѝ отишле на малиот Исус кој бил покрај неа додека ги вршела сите тие домашни работи (Лука 11:33; 15:8, 9; 17:35). Кога Исус рекол дека неговиот јарем е пријатен и неговиот товар е лесен, дали во мислите ѝ се вратиле пријатните попладневни мигови кога гледала како Јосиф го учи малиот Исус да изделка јарем што ќе му биде пријатен на животното? (Матеј 11:30). Марија сигурно чувствувала неискажливо задоволство кога ќе помислела на честа што ѝ ја дал Јехова — да го израсне и да го воспита синот што требало да стане Месија. Сигурно немало граници на нејзината радост кога го слушала Исус, најголемиот учител од сите луѓе, кој од најобични предмети и случки давал најдлабоки поуки!

И покрај тоа, Марија останала понизна. Нејзиниот син со ништо не покажал дека треба да ѝ се ласка, а камоли да биде издигната на ниво на божица! Во една прилика, кога Исус поучувал многу народ, една жена од мноштвото извикала дека неговата мајка е многу среќна жена штом родила син како него. Тој одговорил: „Не, туку среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат“ (Лука 11:27, 28). А во една друга ситуација, кога му рекле дека го викаат мајка му и неговите браќа, тој рекол дека негова мајка и негови браќа се оние што веруваат во него. Марија не само што не се навредила, туку добро разбрала што сакал да каже Исус — дека духовното семејство е многу поважно од телесното (Марко 3:32-35).

И покрај сѐ, болката што ја чувствувала Марија кога гледала како нејзиниот син умира на маченичкиот столб не може да се искаже со зборови. Апостол Јован, кој бил сведок на погубувањето на Исус, подоцна запишал дека Марија ‚стоела кај Исусовиот столб‘ цело време додека бил измачуван. Никој и ништо не можело да ја спречи оваа грижлива мајка да остане крај својот син до последниот миг. Исус ја видел и, иако секој здив му нанесувал огромна болка и со мака го кажувал секој збор, сепак проговорил. Грижата за својата мајка му ја доверил на својот сакан апостол, Јован. Бидејќи неговите телесни браќа сѐ уште не верувале во него, ја оставил Марија во рацете на еден свој верен следбеник, а не на некој од нив. Така покажал колку е важно секој вистински верник да се грижи за своите домашни, особено за нивните духовни потреби (Јован 19:25-27).

Кога по долго измачување Исус умрел, Марија се почувствувала како меч да ѝ ја прободел душата, како што било проречено долго време претходно. Тешко е да ја замислиме нејзината болка, но тешко е да ја замислиме и нејзината радост три дена подоцна! Марија чула за најголемото чудо — Исус воскреснал! А нејзината радост била дополнета и затоа што Исус подоцна му се појавил и на неговиот полубрат Јаков, без сомнение насамо (1. Коринќаните 15:7). Таа средба многу влијаела врз Јаков и врз другите полубраќа на Исус, така што и тие поверувале дека тој е Месијата. По некое време, заедно со својата мајка почнале да одат на христијанските состаноци (Дела 1:14). Двајца од нив, Јаков и Јуда, подоцна напишале по една библиска книга.

Марија била пресреќна што и нејзините други синови станале верни христијани

Последниот податок што во Библијата е кажан за Марија е дека, заедно со своите синови, одела на христијанските состаноци и се молела. Колку соодветна завршница на извештајот за Марија! Таа ни оставила многу убав пример. Бидејќи имала цврста вера, не дозволила да ја скрши ни најголемата болка од загубата на нејзиниот син. На крајот добила славна награда. Ако се угледаме на нејзината вера, и ние ќе успееме да ги пребродиме сите маки што со себе ги носи овој злобен свет и ќе доживееме поголеми благослови отколку што можеме да си замислиме.

^ пас. 8 Во евангелијата, Јосиф за последен пат се спомнува во една случка кога Исус имал 12 години. Оттогаш натаму се спомнуваат само Марија и нејзините други деца. Во една прилика Исус бил наречен „синот на Марија“, без воопшто да биде спомнат Јосиф (Марко 6:3).

^ пас. 16 Јосиф не му бил биолошки татко на Исус, што значи дека другите деца што ги имал со Марија му биле полубраќа и полусестри на Исус (Матеј 1:20).